28 December, 2017

Барање за средба со градоначалниците на скопските општини по повод буџетот и програмите за 2018-та година

На 19-ти декември НаТочак упати честитка до новите градоначалници на скопските општини за стапувањето на функција и барање за средба во врска нивните вело-планови за наредната година и на подолг рок.
Во продолжение го споделуваме текстот од е-mail-oт. 


Кон пораката беа прикачени 2 документи. 

  • Првиот документ - меморандумот кој НаТочак го потпиша со моменталниот градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов (тогаш кандидат) во кое една од заложбите е : 

2. Новата градска администрација ќе ја напушти автоцентричноста како принцип во сообраќајот и ќе работи на постепено приоретизирање на пешачењето, велосипедскиот сообраќај и јавниот превоз како и поставување на велосипедска инфраструктура во сите делови од градот во соработка со останатите градоначалници. Ќе тежнее процентуалниот удел на овие типови сообраќај да расте од година во година, а на автомобилскиот да опаѓа.  

Потпишаниот меморандум го има на овој линк. 
  • Вториот документ - Барање за приклучување на општините кон проектот Скопје Вело Град. Содржината ја има на овој линк, како и после текстот од e-mail-от. 
------------------------

  • Содржина на Е-mail испратен до:
    Општина Центар, Општина Карпош, Општина Ѓорче Петров, Општина Сарај, Општина Кисела Вода, Општина Аеродром, Општина Чаир, Општина Гази Баба.

Почитувани градоначалници на 10-те скопски општини, 

Најпрво, Ви честитаме за стапувањето на функција и Ви посакуваме успешно раководење со општините на кои сте градоначалници и подобрување на животот на граѓаните.

НаТочак е неформална група која работи на развојот на урбаниот велосипедизам, речиси 6 години. 

Ви се обраќаме со барање за средба со Градоначалникот на Општината и надлежни лица за оваа проблематика околу можностите за унапредување на условите за велосипедски сообраќај во рамки на Општината.

Пред 4 години слично се обративме до сите скопски општини и до Градот Скопје, по што одговор добивме само од Град Скопје и од Општина Центар.

На овој линк: http://natochak.blogspot.mk/2013/08/blog-post.html можете да го видите дописот од 2013-та, а слично ќе го објавиме и овој допис.
После тој допис, започна комуникацијата со Град Скопје и Општина Центар. Град Скопје го разви проектот Скопје вело-град (изградба и реконструкција на велосипедски патеки по текот на булеварите), а општина Центар започна со поставување велосипедски паркинзи, субвенционирање на велосипеди и воведување зона 30. 
Предизборно, на иницијатива на сегашниот Градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, потпишавме меморандум за соработка за развој на урбаниот велосипедски сообраќај во Скопје, со кој се обврзавме на активности поделени во 14 точки. Во прилог e меморандумот.

Во таа насока, веќе имавме предизборни средби со некои од Вас, тогашните кандидати за градоначалници на неколку скопски општини (сегашни градоначалници), со цел презентирање на големата слика за Скопје Вело-Град, која е под водство на Градот, но секако е невозможна без активно учество на сите општини. На тие средби кандидатите се заложија за поинаков, поодржлив развој на сообраќајот во нивните општини.

Идејата на првиот состанок после Вашето стапување на функција е да се запознаеме (со оние со кои не сме се запознале), да разговараме за плановите на Вашата општина на ова поле за следната година, но и на подолг рок, а исто така да дадеме осврт на досегашната наша соработка со останатите општини и создавање простор за наша идна соработка. 

Во прилог е и нашето согледување на потребата од издвојување посебен буџет за 2018-та за проекти во оваа насока. 

Очекуваме одговор. 

Со почит,

НаТочак

П.С. Поради неможност да ги најдеме официјалните контакти од општина Бутел и Општина Шуто Оризари, доколку ги имате, Ве молиме да ни ги проследите.



------------------------

·                     Содржина на вториот прикачен документ 

Почитувани градоначалници на 10-те скопски општини,


НаТочак Ви го честита стапувањето на функција и Ви посакува да ги реализирате
предизборните ветувања за поквалитетен живот на граѓаните во Вашата општина.
Убедени сме дека го делиме мислењето дека квалитетен живот во една општина значи, меѓу другото и: слобода на движење, безбедни и удобни услови за пешачење и возење велосипед.
Веруваме дека сте запознати дека поттикнувањето на користењето на велосипедот како превоз има и други позитивни ефекти по квалитетот на живот на граѓаните: поголема физичка активност меѓу населението (подобро здравје), помали сообраќајни гужви поради намаленото користење на автомобил, помала бучава, почист воздух, поголема безбедност,попријатни јавни простори.
Познато е дека дизајнот на градовите влијае на луѓето дали ќе користат автомобил и за кратки патувања или ќе пешачат и возат точак...
Оттаму, општините во рамки на своите надлежности за донесување детални урбанистички планови, како и сообраќајни решенија за споредните улици (кои не се во надлежност на Град Скопје) имаат моќ да влијаат на начинот на движење на луѓето и да им овозможат повеќе и
поздрави опции за движење низ градот.
Очекуваме да се приклучите кон визијата за Скопје вело-град и да овозможите и во рамки на вашата општина услови за безбедно и удобно возење точак како секојдневен превоз.
Град Скопје пред 2 години започна со изградба и реконструкција на велосипедските патеки по текот на булеварите. (линк)
Новиот градоначалник, Петре Шилегов, се обврза да го продолжи и унапреди тој проект. Со него предизборно потпишавме меморандум кој е во посебен прилог на e-mail-от.
Очекуваме и општините во рамки на своите надлежности и во заедничка координација со Градот и меѓу себе да ја прошират велосипедската мрежа со нови патеки и ленти на улиците во нивна надлежност, нови зони 30, велосипедски паркинзи.
При сите планирани реконструкции на улици да се води сметка да се применат современи безбедни решенија за ранливите учесници во сообраќајот.
Општина Карпош веќе најави дека има желба да се приклучи кон Скопје вело-град проектот (линк) и дека ќе намени дел од буџетот за велосипедски проекти (линк).
Се разбира, НаТочак дава предност на инфраструктурните пред промотивните активности.
Очекуваме и останатите општини да издвојат посебен буџет за 2018-та за активности на тој план.
Ви стоиме на располагање за средба и разговор на овие теми.


Со почит,
НаТочак
Скопје, 19.12.2017

0 comments:

Post a Comment