Со сериозни проблеми како загаденоста на воздухот и со очаен стил на возење,
италијанскиот град Милано не може да се пофали со солидна вело култура, но
радикалните мерки кои се планира да се преземаат, најавуваат дека наскоро тоа
ќе се промени.
Извор: Гардијан
Позната по Веспи, мали „Фиќовци“ и возачки стил кој е вон правилата,
Италија не е земја која поседува добра култура за урбан велосипедизам.
Додека метрополите во северна Европа инвестираат во иновативни решенија да ги поттикнат
нивните жители да возат точак, таа останува престолнина на возачите на автомобили.
Но, италијанскиот мотор на економијата - Милано, бара начин да го врати
точакот на улиците, плаќајќи им пари на жителите за да го користат велосипедот
за превоз до работа. Овој потег е донесен по соопштението во декември во кое се
објавува дека од државниот буџет ќе се одвојат 35 милиони евра како фонд за
одржливи мобилни решенија, откако во Милано и во други делови на земјата се
достигнаа опасни нивоа на загадување.
Во наредните неколку недели, локалните власти низ целата земја ќе почнат да
се борат за пари од државниот фонд, а миланскиот советник за мобилност,
Пјерфранческо Маран, се надева дека ќе биде прв на листата. Веќе постои движење
за овој град да се претвори во велопријателски град, како на пример постоењето
на успешна функционална мрежа на изнајмување на велосипеди, но тој верува дека
може да се направи уште повеќе и да се оди чекор подалеку.
"Треба да се наградат со пари тие што доаѓаат на работа со точак, слично
како во Франција. Французите што одат со точак на работа добиваат по 25 центи
на километар. Направивме ист пилот проект со 50 луѓе во Масароса, мал град во Тоскана.“
Во Милано бројките ќе бидат поголеми и поради тоа Маран предлага да се
користи мобилна апликација за да се собираат податоци за луѓе кои одат со точак
на работа. Софтверот постои, не е 100% точен, но од друга страна, пак, не се планира
ниту да се издвојат големи суми за награди. Маран побарал и помош од Миланскиот
политехнички универзитет, со менаџерот на мобилност на Институтот, Елеонора
Перото, која го советувала околу креирањето на планот за овој потег.
Една таква идеја вклучува систем што ја мониторира брзината на
велосипедистот, за да провери дали навистина вози до работа, иако во Милано со гужвите
во сообраќајот и тоа би претставувало предизвик. Во градот, оние кои патуваат
со точак се малку побрзи од оние со кола, вели Перото. Таа го поддржува овој
потег како начин за да се промовира велосипедизмот во Милано, но и признава
дека таа самата не вози точак до работа поради тешкотијата и должината на
нејзината рута. Нејзината изјава рефлектира една клучна мана во предлогот да се
исплаќаат луѓето кои возат точак до работа, да тоа е дека самите пари не се
доволен мотив. Францускиот проект имаше просечни резултати, со неколку стотици
луѓе кои редовно се регистрираа од повеќе од 8,000 кои ги исполнуваа условите,
а за неколку месеци ќе биде јасно колку жителите на Масероса ја прифатија
идејата.
Амерканскиот професор за урбано планирање на универзитетот Вирџинија Тек,
Ралф Булер, вели дека платежниот план мора да е придружуван од други слични
мерки за велосипедизмот да стане реална опција за превоз. Тој цитира едно
американско истражување според кое 60% од популацијата се заинтересирани, но не
и премногу заинтригирани за велосипедизмот. Достапноста на велопатеки, безбедни
паркинзи и тушеви на работа се фактори кои влијаат на волјата на еден работник
да користи велосипед до работа. Леснотијата на возењето
автомобил е исто така фактор, иако Булер предупредува дека е тешко да се
преземат мерки кои ќе дестимулираат автомобили, без да се средат претходно
другите опции за превоз.
„Искуството покажува дека може да се дестимулира автомобилскиот превоз, но
политички е полесно ако има други опции: добри услови за велосипеди, добар
јавен транспорт или пешачка мрежа.“
Дури и со достапноста на сите овие решенија, луѓето тешко дека ќе се
одлучат за велосипед, ако истовремено има и подеднакво добри услови за
автомобил. Холгер Хауболд, одговорен за фискалната и економска политика во
Европската велосипедска федерација вели дека програмата во Белгија со која им
се плаќа на луѓето кои одат со велосипед на работа се покажала како успешна. Оние
компании кои спроведуваат ваква политика, имаат многу повеќе активни урбани
велосипедисти во редовите, отколку оние кои не ја спроведуваат. Но и тој, исто
како и Булер, вели дека добрата велосипедска инфраструктура е основен постулат
за успешноста на овој проект.
Во Копенхаген, кој е град со најдобра инфрастуктура во светот, малкумина
користат велосипед само затоа што е поефтин превоз од автомобилот (само 6%).
Главниот мотив во Копенхаген е брзината и леснотијата на ваквиот превоз (56%) и
физичката активност (19%). Само 1% рекле дека тоа го прават од еколошки
причини, за разлика од Милано каде главната мотивација за овој проект потекнува
од загадувањето. Напротив, лошиот воздух ќе ги демотивира луѓето да возат
велосипед. Ако воздухот е загаден, да се натераат луѓето да бидат на велосипед
на отворено е малку смешно.
x
0 comments:
Post a Comment