30 October, 2019

Пријава на инфраструктурен проблем – Локации на новите контејнери

НаТочак испрати допис до Град Скопје како реакција на новопоставените контејнери на главните велосипедски рути. Документот е достапен на линкот, а содржината исто така и во продолжение.
___________________


Скопје, 30.10.2019

До:                         Град Скопје

Сектор за планирање и уредување на просторот

Предмет: Пријава на инфраструктурен проблем – Локации на новите контејнери

Почитувани,

Со проектот Скопје Велоград во изминативе неколку години конечно видовме позитивни промени во урбаната мобилност во градот. Беше реконструирана дел од постоечката вело-инфаструктура, беше додадена нова и дел од просторот за пешаци и велосипеди беше ослободен и заштитен со столпчиња. Еден од најчесто посочуваните проблеми на патеките ослободени од возила, останаа фиксните пречки: лошо позиционирани семафори, билборди, како и лошиот дизајн на точките на среќавање со другиот сообраќај, автобуските постојки, местата каде пешаците чекаат на семафор и крстосниците. Во сите овие случаи, не поради другите учесници во сообраќајот, туку поради недоосмислените и неспроведени решенија, движењето со велосипед станува некомотно, од праволиниско, станува слаломско.

Поради тоа, во следната фаза кон унапредување на велосипедскиот сообраќај, овие слаби точки требаше да се решат, движењето со велосипед да стане уште подиректно и покомотно, а не да се креираат нови. Во Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021 стои: “Добрата и квалитетната инфраструктура за велосипедски сообраќај е клучна за зголемување на користењето на велосипедот. Мерките од оваа област треба да резултираат со насоки и стандарди за велосипедска инфраструктура, обезбедување на висококвалитетна, безбедна, комфорна и добро поврзана велосипедска мрежа“.

Во 2019 година, како дел од напорите за подобрување со управувањето со отпад, беа набавени нови, поголеми контејнери. Проблемот со оваа набавка се покажа веднаш штом тие контејнери беа поставени на „нивните“ локации.  Поради тоа што се статични, тие имаат функционална ограниченост, и мораат да се постават на локации лесно пристапни за камионите што ги празнат - што во случајов се токму главните велосипедски рути што беа неодамна реконструирани и ослободени. Нивната поставеност сега го намалува просторот за движење и предизвикува сериозни проблеми во мобилноста на пешаците, велосипедите, лицата со ограничена мобилност и лицата со инвалидитет (слики на стр. 3 и 4). Сето ова е спротивно на целите од Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021, укажува или на конфликти помеѓу различните плански документи при нивната реализација или на непочитување на стандарди, но и на недоволна комуникација меѓу надлежните сектори и лица.

За да се лоцираат причините за новонастанатата состојба, а со цел да се поттикне нејзиното решавање, ги имаме следните прашања:


  1. Кое тело/сектор/лица одлучувале за набавката на контејнери, видот на контејнери што ќе се набавуваат и локациите каде што ќе се поставуваат?
  2. Дали локациите на контејнерите се испланирани пред или после набавката? По кои критериуми се бирани? Дали може да цитирате релевантни одлуки, одобренија и документи? Дали е одобрен елаборат за поставување на урбана опрема и кој стои позади него, кој го изработил и кој го одобрил?
  3. Кои стандарди за урбанистичко планирање и уредување на просторот се користени при изборот на локации на контејнерите, особено оние врз велосипедски патеки?
  4. Дали пред да се донесе одлуката за локациите и типовите на контејнери се консултирани лица од Секторот за сообраќај, Секторот за урбанизам, СВР Скопје и други засегнати страни што работат на проектот „Скопје Велоград и кои?
  5. Со оглед на тоа дека веќе има сериозни реакции од граѓаните, дали се планира ревизија на избраните локации? Доколку не се планира ревизија, дали за ваквото решение, кое што значително ја менува инфраструктурата и безбедноста во сообраќајот, се побарани и одобрени изменети сообраќајни проекти за булеварите и улиците каде што се поставени контејнерите?
Ви благодариме на одговорот.
 *Известуваме дека овој допис ќе го објавиме јавно, исто така и вашите одговори штом ги добиеме.

Благодарност за соработката и развојот на концептот Скопје Велоград,
НаТочак
неформално здружение за урбан велосипедизам

За подобро вело - Скопјe  


TW twitter.com/NaTochak

слика 1

слика 2
слика 3

слика 4
                               

0 comments:

Post a Comment