Датум: среда, 24.09.2025
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: 18:30, Школка, Градски парк
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали: линк
10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје: линк
----------------------------------
----------------------------------
Идни градоначалници, доста беа лепенки! Време е за нова гума!
Постерот за КМ #92
[дизајн: Игор Делов]
[дизајн: Игор Делов]
Скопје се ближи кон нова шанса за промена и чувствуваме порив повторно да излеземе заедно на неговите улици, на точак и да го повториме она што го зборуваме и бараме веќе 13 години.
Се обидуваме да не се фокусираме на она што не чини, туку на можноста тоа да се промени. Да потсетиме уште еднаш на придобивките за градот и неговите жители кога тој се крои по мерка на човекот, а не на лимена кутија.
Не сакаме да викаме дека Скопје е лош град, затоа што тоа не е карактеристика на градот, туку на оној кој го обликува. Тука не спаѓаат исклучиво градоначалниците и советниците, туку и сите институции кои се занимаваат со проблеми како безбедност, загадување и квалитет на живот.
Не сакаме да бидеме напорни сега кога од сите страни ќе се слушаат кампањи, сакаме само да покажеме колку Скопје може да биде убаво кога ќе ги наполниме улиците со точаци, а воздухот со ѕрн-ѕрн.
А тоа може да се претвори во секојдневна ситуација, доколку тоа е визијата на следниот градоначалник. Многу пати до сега сме го користеле овој збор - визија, која дефинитивно им фали на нашите кројачи на политики. Визија значи цел која не произлегува од плукни-залепи решенија на моменталните проблеми, туку нивно решавање на друго, долгорочно ниво, гледање на големата слика. Како сакаме градот да изгледа за одреден временски период и континуирано делување во различни сфери за постигнување на целта.
Често првите чекори за исполнување на ваквите визии се непопуларни кај народот бидејќи разултатот не е моментален, но со текот на времето луѓето ги препознаваат и уживаат квалитетите. Да се има визија и план за нејзино постигнување вклучува донесување одлуки кои не само што го менуваат градот, туку и навиките на луѓето, а токму во тоа е и умешноста. Фактот што Скопје во моментот е автоцентричен град не значи дека таков треба да остане засекогаш. Проблемите кои произлегуваат од автоцентричноста не се решаваат со одлуки кои повеќе ја утврдуваат. Решенијата плукни-залепи носат политички поени, но не создаваат безбеден и квалитетен град.
Кандидатите за градоначалници сега конкурираат за нивното следно работно место, па ајде да им го поставиме прашањето со кое се среќава секој кандидат за работа при интервју - Каде се гледате за 4 години, или подобро, каде го гледате градот за 4 години?
Ние се гледаме во смирено Скопје, без жртви во сообраќајот, се гледаме како возиме точак на густа и поврзана вело мрежа со сенки и уживаме и пешачиме на слободни јавни простори. Имаме мноштво на транспортни опции за движење низ градот и околината: имаме систем за изнајмување велосипеди, имаме регуларни автобуси, но и брз јавен превоз во свои ленти и активиран железнички прстен. Го искусуваме градот на различни начини (не само од автомобил) и сите го сакаме повеќе.
А, имаме и конкретни предлози за исполнување на оваа визија, кои ги испративме до сите политички партии кои ќе учествуваат на локалните избори. Нашите предлог-чекори до пешачко и велосипедско Скопје се резултат на секојдневно возење точак, анализирање и следење практики во блиски и подалечни градови. Истите предлози беа испратени и пред 4 години до тогашните кандидати, но за жал се уште се актуелни.
Вело-град е квалитетен град. Придобивките од вело-град не се задржуваат само на оние кои го користат точакот како превозно средство, туку преминуваат на сите. Промената на сообраќајната хиерархија ќе го направи пешакот (она што сите сме примарно) достоинствен и ќе поттикне повеќе пешачко движење кое е најздравата препорачана навика. Горливиот проблем со безбедноста нé направи анкциозни при движење и преминување на улица. Визија 0 и зона 30 се однесуваат на коренот на безбедноста на улиците, односно на системско намалување на можностите за случување на сообраќаен судир со жртви преку дизајнот на улиците. Вело инфраструктурата и нејзините елементи како слеаните рабници се пријателски кон се што вклучува тркала, односно детски колички, колички за лица со попреченост и разни помагала, што ќе го направат градот пристапен за сите, а не само за оние кои се во пикот на физичката спремност. Со надградување на јавниот превоз на квалитетно ниво и негово интегрирање со велосипедската мрежа и слободните тротоари за движење истиот ќе му стане конкурент на автомобилот. Па така, проблемите со паркинг и гужва на улиците не се решаваат со повеќе паркинг места и ширење улици, туку со менување навики преку подобрување на условите за алтернативен сообраќај, односно со правење на јавниот превоз и возењето велосипед толку практично и безбедно што потребата од возење автомобил ќе се намали. Со тоа ќе се намали загадувањето на воздухот, луѓето на точак попатно ќе практикуваат дневна рекреација која е здрава за телото и умот и веќе преминуваме на индиректните последици како намалување на ризик од срцеви заболувања и намалување на товарот на здравството. Во индиректните последици спаѓаат и локалните економски придобивки, поточно користењето на локални продавници и услуги попатно, бидејќи од точак многу е полесно да здогледаш нешто и да застанеш да си испазариш. Одржлив начин на превоз од секој аспект.
Точак, едноставна направа, а толкава моќ за трансформација.
Вело-град се бира секој ден, со секоја одлука. Во изминатите години видовме како се изведува вело лента на постоечка улица, а истовремено се гради нова улица без велосипедска патека и со субстандартен тротоар со улични светилки на средина. Се реконструира велосипедска патека, а потоа на истата се поставуваат контејнери. Последиците од лошите прилепени решенија остануваат долго после четирите години мандат. Затоа бараме обмислени програми со конкретни решенија за постигнување на долгорочна визија за безбедно и убаво Скопје. Не лепенки, туку нова гума!
Скопје на точак и единствена грижа да ни биде временската прогноза и како да се облечеме.
Не, од каде да возам за да не ме удри кола.
Не, од каде да возам за да не паднам поради неслеан рабник.
Не, каде да паркирам, дали е безбедно.
Не, каде да го чувам точакот а, да не го носам во раце по скали.
Не, која рута да ја бирам за да не чекам на семафори на сонце на 40 степени по 5 минути.
Не, од каде да возам за да не ме удри кола.
Не, од каде да возам за да не паднам поради неслеан рабник.
Не, каде да паркирам, дали е безбедно.
Не, каде да го чувам точакот а, да не го носам во раце по скали.
Не, која рута да ја бирам за да не чекам на семафори на сонце на 40 степени по 5 минути.
Последната среда од месецот, 24.09.2025, во 17:30 од Плоштад Македонија, а во пресрет на локалните избори, возиме 92-ра Критична Маса за да покажеме дека нѐ има многу кои секој ден бираме точак и сме свесни за неговиот потенцијал да разубави градови и денови.
*Секој учесник вози на своја одговорност.
0 comments:
Post a Comment