26 February, 2026

Допис до Град Скопје за поставување неслеани рабници при обнова на патна инфраструктура во Скопје

Во изминатите седмици сведоци сме на најави за многу реконструкции на патна инфраструктура, асфалтирање, проширување булевари и сл. Можат да се видат багери и работници на многу улици низ целиот град. 


Но исто така може да се види дека не секаде се работи со истиот квалитет.


За таа цел, на 26.02.2026, НаТочак испрати допис до Град Скопје во кој го посочи проблемот за поставување неслеани рабници на една делница на која во моментов се работи. 


Целиот допис во продолжение и на овој линк (попрегледна верзија):


До: Град Скопје                     Датум:
Орце Ѓорѓиевски, Градоначалник на Град Скопје 26.2.2026
Даме Димитровски, Претседател на Совет на Град Скопје 


ДОПИС ЗА ПОСТАВУВАЊЕ НЕСЛЕАНИ РАБНИЦИ ПРИ ОБНОВА НА ПАТНА ИНФРАСТРУКТУРА ВО СКОПЈЕ

Почитувани,

Бидејќи ова е прв допис кој неформалната иницијатива „НаТочак“ го поднесува до Град Скопје за време на

мандатот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, би сакале најпрво да Ви честитаме и да Ви посакаме

успешна работа.


Во изминатите 14 години, НаТочак одржуваше континуирана комуникација со сите претходни градски власти преку вакви дописи, но и преку директни средби и состаноци. Овој пристап го користиме за да укажеме на конкретни проблеми од терен со кои се соочуваат граѓаните. Ваквите дописи ги сметаме за форма на соработка со цел да им помогнеме на градските служби во детектирање на состојбите, секогаш во интерес на подобрување на условите за живеење и движење во Скопје.

ПОСОЧУВАЊЕ НА ПРОБЛЕМ

Евидентно е дека во изминатите месеци со висок интензитет се работи на патната инфраструктура во Скопје, што е за секоја пофалба.

Сепак, со оглед на тоа што се работи на повеќе фронтови истовремено, принудени сме да реагираме на

забележаните пропусти. На дел од делниците забележуваме поставување на рабници кои се

несоодветни за граѓаните кои користат алтернативно превозно средство со тркала (велосипеди,

тротинети, детски и инвалидски колички).

Во изминатите 14 години, по барање на жителите и здруженијата како НаТочак, во праксата

на Градот и општините се воведе стандард за поставување целосно слеани рабници. Секоја друга форма претставува физичка пречка и го отежнува движењето. 

Правилата за пристапност се веќе дефинирани со важечкиот Правилник за начинот на обезбедување на непречен пристап, движење (хоризонтално и вертикално),

престој и работа на лица со инвалидност до и во градби со јавни и деловни намени, градби со намена

домување во станбени згради, како и градби со станбено-деловна намена (Службен В. на Р.М.

бр:17/2015)


Правилата се однесуваат и на проектирање на пристапни објекти и јавни простори вклучително и

пристапност на тротоари и велосипедски патеки. Тој правилник иако го имаме 11 години од 2015 година,

а слични правилници имало и децении наназад, многу малку се применува во пракса. 


Со цел да се надмине тој јаз, во Предлог Правилникот за планирање, проектирање, изградба и

одржување на велосипедска инфраструктура (кој е во фаза на усвојување во Министерството за

транспорт и за кој очекуваме Ваша поддршка), пристапноста на велосипедската (и пешачката)

инфраструктура не е дефинирана само текстуално и нумерички, туку е прикажана и графички преку

цртеж - технички детаљ. Тој детаљ, кој во многу ситуации е почитуван во праксата на Град Скопје, но

за жал не секогаш, го прикажуваме подолу во делот Решение


Сметаме дека е неприфатливо градските служби да прават чекор наназад со повторно инсталирање

рабници под агол, со што директно се нарушува континуитетот, удобноста, безбедностаи рамноправноста на движењето во Скопје. Еден подигнат рабник е како бездна, амбис, непремостлива

пречка за лицата со инвалидски колички. Повеќе подигнати рабници за нив значат исклученост од

општеството. 


ЛОКАЦИЈА

Во прилог Ви доставуваме фотографии од тековните активности на ул. „Никола Парапунов“ во Карпош 4

(западна страна). При реконструкцијата на пешачката патека започната во февруари 2026 година, забележавме дека на

местата каде што беа отстранети старите рабници, истите се заменуваат со подигнати рабници под агол, наместо со соодветно слеани премини. Дополнително, на одредени позиции воопшто не се интервенира

и оставени се старите, високи рабници.


Сакаме да укажеме на недоследноста во изведбата: на спротивната (источна) страна на истата улица,

пред пет години беше изведена велосипедска патека со правилно слеани рабници. Сметаме дека истиот стандард мора да се примени и на западната страна, без оглед на тоа што таму

не е предвидена посебна велосипедска патека.

Овие тротоари се клучни за движењето на лица со попреченост (корисници на инвалидски колички),

родители со бебешки колички, повозрасни граѓани и сите останати кои користат помагала со тркала.

Со оглед на тоа што источната страна е често блокирана со нелегално паркирани возила, западната

страна останува единствената функционална патека за граѓаните. Поставувањето на несоодветни рабници на оваа делница е недозволиво и директно ја

нарушува инклузивноста на јавниот простор.


Иако во овој допис споделуваме слики од ул. „Никола Парапунов“, важно е да се ревидира секоја локација на која во моментов се работи, вклучувајќи ги и бул. „Македонија“ (со секоја делница од бул. „11 Октомври“,

„Кочо Рацин“ и „Крушевска репубика“), бул. „Перо Наков“, ул.„ Фрањо Клуз“, ул. „Лазар Трповски“,

Момин Поток, ул. „Љубљанска“ и секоја наредна реконструкција. 


Правилата за пристапност мора да бидат почитувани и искомуницирани со сите вклучени во процесот: проектирање, изведба, надзор. 

РЕШЕНИЕ

Сметаме дека веднаш треба да се сменат рабниците, додека трае асфалтирањето. Како најлесно решение е ротирање на постоечките рабници, со што дното ќе

стане врв, а аглестиот дел кој сега е на виделина ќе стане дното на рабникот, закопано под земја.



Пример: Десно е моменталниот начин на поставување, лево е предлогот за да стане слеан рабник.

Истото треба да се направи на околу 20 локации, вклучувајќи ги и пешачките премини исток-запад, на кои

не се сменети рабниците и премините на бул. „Партизански Одреди“ и „Илинден“.

Уште еднаш, упатуваме пофалби за интензитетот со кој се пристапува кон обнова на патната

инфраструктура во Скопје. Сепак, искрено се надеваме дека секој проект ќе биде изведен со посебно

внимание и инклузивност на најранливите учесници во сообраќајот (пешаци, лица со попреченост, велосипедисти и сл.). Стандардите за пристапност и

непречено движење мора да се применуваат доследно, независно од локацијата или моменталната фреквенција на пешаци и велосипедисти. 

Секој иден проект треба да се гледа како шанса да се направи Скопје попристапен и поинклузивен град.

Како и досега, НаТочак стои на располагање за дополнителна комуникација, консултации или заеднички увид на терен, со цел изнаоѓање најдобри решенија за сите граѓани на Скопје.


Во прилог доставуваме слики од повеќе локации долж ископаниот дел на ул. „Никола Парапунов“.

Со почит,
НаТочак
неформално здружение за урбан велосипедизам
За подобро вело - Скопје
e-mail: natochak@gmail.com
Blog: natochak.blogspot.com
FB: facebook.com/NaTochak
TW: twitter.com/NaTochak

ПРИЛОГ - СЛИКИ ОД ТЕРЕН

Слики од нови рабници со прекршување, поставени под агол (прекршувањето не е дозволено со

правилата за пристапност) 





Слики од пешачки премини без сменети рабници  







Локација: Пешачки премин кај ул. Разловечко Востание

Локација: Пешачки премин кај Дом за стари лица / приватно училиште

На оваа локација предлог решение (за оваа или наредна реконструкција) е да се крене пешачкиот премин како замена за легнатите полицајци. Со тоа решение и пешаците добиваат полесен начин да преминуваат улица. Сметаме дека ова решение треба да се реплицира на секој пешачки премин, но на оваа локација евидентно е дека тоа е потребно поради постоечките легнати полицајци. Исто така, забележлива е потребата од поставување на заштитни столпчиња барем во широчина на пешачкиот премин, кои ќе го гарантираат пешачкото движење од едната до другата патека.


На оваа локација е оставен бетонски столб од ~10 cm. Истиот треба да се тргне.


Напомена:

На дел од сликите се гледа дека не секаде е променета подлогата. Онаму каде е оставена старата
(бехатонки) истата треба да биде мазна, без препреки и лесно проодна за пешаците, а рабниците
на пешачките премини треба да бидат слеани.

Слика од ниски рабници кај нелегално приклучување од новите згради во Карпош 4.

Слики од примери на слеани рабници на вело патеки.

Локација: ул. „Никола Парапунов“, вело патека на источната страна.

Иако овој рабник не е најдобро слеан поради висинската разлика меѓу коловозот и вело патеката

(потребно е да има кренат пешачки премин како успорувач на сообраќајот на коловозот), сепак

поради поставувањето на адекватни слеани рабници движењето со тркала е поглатко.

Локација: Вело патека на бул. ВМРО


Дополнително споделуваме локација на која во моментов се реконструира патната мрежа и

во која се поставуваат адекватни слеани рабници.

Фотографиите се од реконструкцијата на бул „Македонија“, конкретно бул 11 Октомври“ / „Борис

Трајковски“, на Рампа, Кисела Вода. 

Локација: Бул. „11 Октомври“ / „Борис Трајковски“, Рампа, Кисела Вода

Според сликите може да се види дека и на оваа локација се поставуваат рабници со мал агол/прекршување

(како посочените на ул. „Никола Парапунов“), но тие се ротирани спротивно, со рамниот дел нагоре, за

да не претставуваат проблем за луѓето кои се движат на тркала.


0 comments:

Post a Comment