Честитки за новиот тип на одржлив јавен превоз во Скопје. Честитки за Градскиот воз!
ДО: 04.09.2026
Град Скопје
Министерство за транспорт
ЈП ЖРСМ Инфраструктура - Скопје
ЈП ЖРСМ Транспорт АД - Скопје
Јавно сообраќајно претпријатие - Скопје
ПРЕДМЕТ: Предлози за унапредување и интегрирање на градскиот железнички превоз во Скопје
Почитувани,
Најпрво сакаме да упатиме честитки за воспоставувањето на првиот крак од градскиот железнички превоз во Скопје.
Искрено сакаме Градскиот воз да успее и сметаме дека има огромен потенцијал да стане важен дел од одржливиот транспортен систем на Скопје, но и почеток на нова транспортна парадигма.
Токму затоа ги издвојуваме следните предлози:
1. Возот мора да биде дел од интегриран транспортен систем
За голем број граѓани почетната и крајната дестинација не се во непосредна близина на железничка станица. Затоа возот не треба да се гледа како самостојна линија, туку како дел од целото патување.
Потребно е:
воспоставување интегриран тарифен систем меѓу ЈСП и железницата, односно воз + автобус = едно патување и една карта;
усогласување на возните и автобуски редови за полесно префрлање;
дневни, неделни и месечни интегрирани билети;
јасни информации за врските, возниот ред и доцнењата.
Граѓанинот не треба да размислува кој оператор го вози кој дел од патувањето. За него треба да постои еден едноставен и финансиски достапен транспортен систем.
2. Воз + велосипед = многу поголема достапност
Велосипедот значително го зголемува радиусот на достапност на железничките станици и ги приближува до поголем број граѓани. За околу 10 минути со велосипед може да се помине приближно 2,5 km, што овозможува повеќекратно поголем опфат од пешачењето (за 10 минути пеш се поминуваат приближно 800 m).
Затоа е потребно да се овозможат:
превоз на велосипеди и тротинети во возовите, со јасно определен простор и правила;
безбедни и заштитени велосипедски паркинзи на станиците за сопствени велосипеди;
јавни велосипеди за изнајмување на железничките станици, но и на важни локации низ градот (во надлежност на Град Скопје, ЈСП или Македонски железници);
континуирано подобрување на велосипедската инфраструктура и смирување на сообраќајот до станиците.
Патувањето пеш → воз → пеш ќе функционира за многу мал број луѓе кои живеат блиску до станиците и работат/учат/патуваат блиску до станиците.
Додека пак, со Ваше реализирање на претходните 2 предлози се отвораат бројни комбинации кои ќе имаат опфат на поголема површина, а со тоа и поголем број граѓани. Комбинации како на пример:
сопствен велосипед (внесен во воз) → воз → сопствен велосипед
сопствен велосипед (оставен на станица) → воз → пеш
изнајмен велосипед (оставен на станица) → воз → автобус
минибус → воз → изнајмен велосипед
пеш → воз → изнајмен велосипед
пеш → воз → автобус
3. Станиците и возовите треба да нудат добро искуство
Брзината на возот не е доволна. За граѓанинот да го избере јавниот превоз, целото патување треба да биде безбедно, едноставно и пријатно.
Потребни се чисти и одржувани возови и станици, функционални тоалети, места за седење, сенка и заштита од временски услови, добро осветлување, јасни информации, слеани пристапни рампи за лицата со попреченост и други „тркала“ (велосипеди, детски колички итн.) и безбедни велосипедски паркинзи.
Станиците треба да се третираат како квалитетни јавни простори, со квалитетно поплочување (наместо асфалт кој создава топлотно острово), зеленило, дрвја, клупи, јавни чешми со вода и основни услуги, дури и комерцијални како киосци на поголемите станици - не само како места за чекање.
4. Возниот ред и мрежата мора да се развиваат според потребите
Возниот ред треба да биде жива материја, која ќе се следи и прилагодува според реалните потреби на граѓаните. Особено треба да се земат предвид најчестите работни распореди, како 7:30–15:30 и 8:00–16:00 часот, како и потребата од добри врски со автобускиот систем.
Перспективно треба да се анализираат и нови железнички станици на локации каде што развојот на градот создава доволна побарувачка.
На соодветни станици надвор од градското подрачје треба да се разгледа и Park & Ride, со цел автомобилите да се паркираат пред да влезат во градот и да се овозможи практичен јавен превоз за влез во него.
5. Железничките станици треба да бидат јазли на идниот транспортен систем
Секој иден развој на јавниот превоз - реорганизација на автобуски линии, БРТ или друг систем - треба да се планира во директна координација со железничката мрежа. Во сите идни анализи и студии тие не треба да се гледаат како 2 паралелни системи, без оглед на надлежноста, туку како еден.
Железничките станици треба да станат транспортни јазли каде лесно се префрлува меѓу воз, автобус, велосипед и пешачење.
6. Пакет мерки за одржлив транспортен систем
Истовремено, искуствата со развојот на одржливи транспортни системи од Европа и светот нѐ учат дека не е возможно да се развива јавниот превоз без да се спроведуваат во пакет и мерки за намалување на зависноста од автомобилите.
Не може да очекуваме успешен јавен превоз додека автомобилот има толку големи привилегии во јавниот простор - особено на сметка на тротоарите и пешачкото движење.
7. Квалитетен, пристепен и безбеден паркинг
За можно комбинирање на велосипедски со железнички превоз потребно е да се постават безбедни паркинзи за велосипеди, сокриени од временските услови. Бидејќи патниците најчесто ги оставаат своите велосипеди заклучени за време на работниот ден, тие би требало да бидат безбедни >8 часови. Тоа значи дека велосипедите треба да можат да се врзат на 2 места истовремено (рам и предно тркало), да бидат заштитени од елементите (сонце, дожд, снег, а можеби и мраз) преку поставување на паркинзи под стреи, да бидат поставени паркинзите на место блиску до перонот, лесно пристапно, без скали и на локација која не се скриена, по можност под надзор.
Наш совет за избор на квалитетен паркинг е да се следат насоките пропишани во идниот Правилник за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура, кој е во изработка во Министерството за Транспорт (5. Површини за паркирање велосипеди) во кој се пропишани бројот на паркинг места по железничка станица (10% од дневниот број патници), димензиите, критериумите кои треба да ги задоволат, локациите и урбаната опрема за површина за паркирање велосипеди.
Пред се, круцијално е да бидат велосипедски П-држачи – тип „шефилд“.
Ја поздравуваме изјавата на градоначалникот Орце Георгиевски на денот на пуштањето на Градскиот воз дека „Град Скопје дополнително ќе допринесеме со одредени станици велосипедски на местата секаде каде што ќе застануваат возовите за да можат веднаш штом ќе се симнат од возот да користат велосипед нашите сограѓани“. Веруваме дека со поставување на квалитететен велосипедски паркинг драстично би се зголемило користењето на Градскиот воз.
Сметаме дека дополнителен бенефит би имал Градскиот воз од можноста да се изнајмување градски велосипеди, со интеграција на железничките и велосипедските станици за изнајмување.
Заклучок
Сакаме градскиот воз да успее.
Но успешен воз не е само воз кој брзо патува од една до друга станица. Успешен воз е оној до кој лесно се стигнува, со кој лесно се продолжува патувањето, за кој се плаќа едноставно и кој е интегриран со целиот транспортен систем.
Не ни треба само нова линија. Ни треба систем.
Градскиот воз може да биде неговиот 'рбет - ако уште сега почнеме да го планираме Скопје како интегриран транспортен систем.
Со почит, 04.09.2026, Скопје
НаТочак
070367113
неформално здружение за урбан велосипедизам
За подобро вело - Скопје
e-mail: natochak@gmail.com
blog: natochak.blogspot.com
TW : twitter.com/NaTochak
------------------------------------------------------------------------------------------------------
Изненадени сме од ажурноста за реконструкција и пуштање на првата линија од Градскиот воз. Веруваме дека со малку инвестиција може да се привлечат многу корисници на кои тој би им бил примарно превозно средство. За таа цел ги покануваме гореспоменатите институции да соработуваат во имплементација на нашите предлози, а корисниците ги охрабруваме да го споделуваат своето искуство, како повеќе луѓе би се охрабриле да се превозуваат со Градскиот воз.



00:42
На Точак
0 comments:
Post a Comment