Showing posts with label инфраструктурни проблеми. Show all posts
Showing posts with label инфраструктурни проблеми. Show all posts

25 August, 2015

Пријава на инфраструктурен проблем - прекин на велосипедска патека - спроти Систина

Изминатите години на различни места во градот се појавуваат прекини на велосипедски (и пешачки) сообраќај поради изведба на градежни работи. Сметаме дека треба да биде правило (особено на многу фреквентни локации) да се обезбедат привремени алтернативни патеки / мостови /премини за да се овозможи безбедно сообраќање додека траат градежните работи. 
Во очи на Критична маса #40 која е посветена на пристапноста на Кејот на Вардар за велосипеди, испративме две пријави до Град Скопје. 

-------------------------------


До:                         Град Скопје

Сектор за уредување и просторно планирање

Предмет: Пријава на инфраструктурен проблем: прекин на велосипедската патека на Кејот на Вардар спроти Систина


ПРИЈАВА

Почитувани,
Пред точно еден месец на кејот на Вардар во близина на мостот кај Александар Палас забележан е прекин на велосипедскиот сообраќај. Поставена беше табла на која пишуваше задолжително да се користат скалите на кои не постои рампа ни за туркање на велосипедот, а уште помалку за возење. 





После еден месец состојбата е следна:



И покрај импровизираниот знак, велосипедистите не ги користат скалите туку земјениот дел од кејот. Не е ни за очекување децата или други физички помалку спремни лица да ги подигаат велосипедите во раце. Не сите кои се дојдени на кеј можат да подигнуваат велосипеди, но имаат еднакво право да ги возат.
Пријавуваме непостоење на безбедно велосипедско поврзување при прекинот на велосипедската патека поради изградбата на мостот кон Систина.

Со оглед на тоа што градежните работи на оваа локација ќе продолжат уште барем година-две, бараме:
·         ако постои опасност по велосипедистите, градилиштето подобро да се обезбеди, огради и означи;
·         да се обезбедат рампи за движење на велосипедистите со соодветен наклон за возење (една за качување, една за спуштање, една кај мостот кај Александар Палас, а една после новиот  мост) со кои велосипедистите ќе можат да го заобиколат градилиштето, а кои би ги направиле овие два моста пристапни за велосипеди додека трае изведбата и во иднина штом завршат работите.

Велосипедската патека по левиот брег на реката Вардар завршува токму на ова место од другата страна на реката и правењето на мостот пристапен за велосипеди, би го направиле и самиот мост покорисен за граѓаните зашто би го поврзале завршетокот на патеката од левата страна со пофреквентната десна страна. Со тоа и левата страна би била покористена.
                                                                                                     
Ве молиме за најитно решавање на овој проблем за да се овозможи безбедно сообраќање во најкраток можен временски рок.

Апелираме на местата на кои се прекинуваат велосипедските и пешачките патеки поради изведба на градежни работи да се обезбедува алтернативна патека. Апелираме со соодветни правила за обезбедување алтернативен пристап да се оневозможи да се повторува проблемот во иднина.


Со почит,
Неформална група на велосипедисти НаТочак  
natochak@gmail.com

25.08.2014


Скопје
-------------------------------

Документот кој е испратен до град Скопје е достапен на линкот.

29 March, 2015

Поуки за функционални велосипедски патеки од Карлсруе, Германија

Пред неколку дена објавивме check-листа за функционална велосипедска патека (точките се однесуваат на функционална единечна патека, а за функционална мрежа треба нови точки) на социјалните мрежи (facebook пост, facebook пост 2 и пост на twitter). 



 
Поттикнат од неа, а уште повеќе инспириран од градот во кој живее, Karlsruhe, Германија, наш редовен и конструктивен неофицијален дописник :), Александар Иванов, ни прати и нови фотографии од велосипедските патеки во Karlsruhe со негов коментар. Ги проследуваме и се надеваме дека Скопје ќе примени некои од искуствата.
-------------------------------------
Почитувани,


Како што денес преку фејсбук ви напоменав се обидов да направам неколку фотографии кои според мене опфаќат дел од барањата кои ги имате во плакатот кој го изработивте по повод денешната велосипедска тура. Се работи за фотографии од патеките во градот Karlsruhe, Германија.


Фотографија 1 и 2: ниски рабници, без ударни препреки. Овде е битно да се каже дека тротоарот и улицата се слиени. Кај нас (се мисли на Скопје, н.з.) се
уште се користи еден елемент за да се надмине голема висина. 
 

Фото 1



Фото 2
Фотографија 3 и 4: на патеките нема знаци, столбови, корпи за отпадоци и слично. Најчесто се на средина помеѓу пешачката и велосипедската зона, но ако веќе мора да биде на една страна, тогаш е на страна на пешаците (но ова решение е доста ретко). Патем кажано, столбовите и знаците се обележани со црвено-бели траки.


 
Фото 3
 
Фото 4
 
Фотографија 5: семафори за велосипеди. Велосипедите не смеат да поминуват преку пешачки семафори на кои нема означено велосипедски знак. Во тој случај преминувањето на раскрсницата е решено како на фотографијата 6.
 

Фото 5
 

Фото 6


 

Фотографија 7: велосипедот најчесто има предност кога вкрстува со споредни улици а тоа е соодветно означено со испрекината бела линија.

  
Фото 7
 
 
Фотографија 8: оваа фотографија се однесува на квалитетот на површината но и ШИРИНАТА на велосипедските патеки. Ширината е многу битен момент зошто дава чуство на слободно движење и остава простор за маневар. 

Фото 8
 
Како споредба, на фотографија 9 е даден дел од булеварот кој се наоѓа паралелно со патеката на фотографија 8 може да се забележи дека велосипедската патека на моменти е дури и поширока од онаа за автомобилите иако се работи за булевар. Патем на фотографираниот дел од булеварот е дозволено и паркирање на автомобили.
 

Фото 9
 
За крај го оставив вашиот коментар дека патеките треба да бидат со препреки одвоени од останатиот сообраќај. Со оваа констатација не се согласувам во целост. Јасно ми е дека во моментов нашата сообраќајна култура е на ниско ниво. Но сепак мислам дека решението е во подигањето на сообраќајната култура место подигање на препреки. Како пример за интегрирани велосипедски патеки (поточно ленти, н.з.) се фотографиите 10, 11 и 12.
 
 
Фото 10
 

Фото 11
 

Фото 12
 
На последната фотографија 13 можеби и најдобро се гледа статусот кој велосипедот го има во сообраќајот. Се работи за решение за вртење на лево на семафор. Ова решение не е возможно ако велосипедот не се интегрира со улицата. Патем кажано со овие решенија покрај другото се регулира и моторниот сообраќај затоа што велосипедите по автоматизам значат и поголема будност на останатите учесници во сообраќајот.


Фото 13

  
Се надевам дека преку фотографиите успеав и сликовито да ги претставам вашите денешни барања за подобри патеки. Кога ќе имам време ќе направам и фотографии од централното градско подрачје. Решенија кои според мене треба да се применат и во Скопје. Се надевам дека на овој начин успевам да помогнам во заложбите за повелосипедско Скопје.Секое добро и срдечни поздрави,Александар

07 August, 2014

Пријава на инфраструктурен проблем - билборд на велосипедска патека, 7.08.2014

Во врска со инфраструктурниот проблем забележан на мешаната велосипедско - пешачка патека на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов во Скопје, НаТочак достави дописи до Град Скопје и ЈП Улици и патишта.
Се надеваме на што поскора интервенција.
Линк до испратениот документ.

--------------------------------------------------------

До:                     Град Скопје 
                            Г. Коце Трајановски, Градоначалник на Град Скопје
Предмет:         Пријава на инфраструктурен проблем – билборд на патека на бул. Метрополит Теодосиј Гологанов (кај пералните кај ТЦ Беверли Хилс)


ПРИЈАВА

Почитуван г. Трајановски,

На датум 07.08.2014 на патеката за пешаци и велосипедисти на булевар Метрополит Теодосиј Гологанов е забележен билборд со димензии на столб 0,5 м х 0.2м, на средината на патеката – оддалечен 0,8м од зеленилото, што претставува опасност за велосипедистите, пешаците, луѓето во инвалидски колички, со бебешки колички и останати учесници во сообраќајот кои се движат по оваа патека. Поради поставеноста на столбот од билбордот во профилот на самата патека, профилот за движење се намалува и со тоа е неупотреблив за планираната намена: паралелно движење на пешаци и велосипедисти. Остатокот од патеката не е доволен да се разминат 2 лица на велосипед и пеш.
                               


Ве молиме за санација на овој проблем за да се овозможи непречено сообраќање, во најкус можен временски рок.
Апелираме со соодветни правила за поставување на билборди да се оневозможи да се повторува проблемот во иднина.

Со почит,
Неформална група на велосипедисти – НаТочак
natochak@gmail.com
07.08.2014
Скопје


*Овој документ е испратен во печатена форма до Град Скопје и електронска форма до ЈП Улици и Патишта.

07 April, 2014

Пријава на инфраструктурен проблем - слегнат асфалт на бул.Ј.Сандански, 07.04.2014

Во врска со инфраструктурниот проблем забележан на велосипедскаа патека на бул. Јане Сандански во Аеродром, НаТочак достави дописи до Град Скопје, ЈП Улици и патишта и Општина Аеродром.
Се надеваме на што поскора интервенција.

--------------------------------------------------------

До:                            Град Скопје, ЈП Улици и Патишта, Општина Аеродром 
Предмет:                 Пријава на инфраструктурен проблем: слегнат асфалт на бул. Јане Сандански


ПРИЈАВА

Почитувани,


На ден 03.04.2014 на велосипедската патека на јужната страна на бул. Јане Сандански во општина Аеродром во делот спроти ТЦ Скопјанка забележана е дупка, поточно слегнат асфалт од приближно 1 м2 што претставува опасност за велосипедистите кои се движат по оваа патека.



Истовремено, забележано е дека хоризонталната сигнализација на патеката е обновена (полни и испрекинати линии без симболи) и прекинува токму кај оваа пречка.
Сигнализацијата со конзистентен изглед е многу важна за препознавање на просторот наменет за велосипедисти од страна на сите учесници во сообраќајот. Но пред да се пристапи кон обновување на сигнализацијата сметаме дека треба да се пристапи кон санирање на дупките, пукнатините, нерамнините, високите рабници и било какви пречки на патеките. 
Ве молиме да се направи налог за санација на овој проблем за да се овозможи непречено сообраќање на конкретната локација, во најкус можен временски рок.
Исто така, Ве молиме да се запази редоследот на активности: санирање па сигнализација, како правило при секоја идна ситуација. Прво патеката да се доведе во добра возна состојба, па потоа преку симболи да се поканат соодветните учесници безбедно и непречено да ја користат.



Со почит,
Неформална група велосипедисти - НаТочак                       
natochak@gmail.com

07.04.2014
Скопје



*Овој документ е испратен во печатена форма до град Скопје и во електронска форма до одговорните лица од Град Скопје, од ЈП Улици и патишта и до општина Аеродром и е објавен на блогот на НаТочак: www.natochak.blogspot.com.

15 November, 2013

Пријава на инфраструктурен проблем: столбови на велосипедски патеки, 15.11.2013

Во врска со инфраструктурниот проблем појавен на велосипедската патека на бул. Партизански одреди, но и други локации, НаТочак достави дописи до Град Скопје и Општина Карпош.
------------------------------------------------

До: .....    

ПРИЈАВА
Почитувани,
На јужната страна на булеварот Партизански одреди, во близина на крстосницата со ул. Рузвелтова, пред автобуската постојка (спроти „Симпо“), деновиве се појави пречка на велосипедската патека.
Станува збор за метален столб со екран, зацементиран во самата велосипедска патека.



Имаме информации дека метални шипки за втемелување на вакви столбови се појавуваат и на други места во градот, токму врз велосипедските патеки.
Заинтересирани сме да дознаеме која е нивната намена и кој е надлежен за нивното поставување. Бараме градските институции да го искомуницираат меѓусебно проблемот, зашто поставените метални столбови по средината на патеките го поделуваат профилот на велосипедската патека на два дела кои не ги исполнуваат важечките стандарди. 
Во конкретниот случај, со својата поставеност и димензии (ширина 0.2 м) столбот го преполовува профилот на велосипедската патека на 2 потесни патеки: една со ширина од 1.36 м до работ на коловозот и една со ширина од 0.94 м до жардињерата кон внатрешната страна од велосипедската патека.
Според:  ПРАВИЛНИК ЗА СТАНДАРДИ И НОРМАТИВИ ЗА ПЛАНИРАЊЕ НА ПРОСТОРОТ вкупната широчина за еден ред велосипеди покрај сообраќајница со моторен сообраќај изнесува 2.00 м од кои: широчината за велосипедите изнесува 1.00м, заштитната широчина кон внатрешната страна изнесува 0.25м, а истата кон ивицата на возната лента изнесува 0.75м.
Бараме да се најде соодветно решение за поставување на овие (претпоставуваме) информативни знаци, кое нема да го попречи движењето на велосипедистите, т.е. ќе је овозможи планираната сообраќајна намена на патеката. Веруваме дека такво решение е можно.  
Дополнително, поради неутралната боја, столбот е незабележлив, особено навечер, а со тоа е и опасен. Во ситуациите каде поставувањето на ваквите столбови ги почитува стандардите, предлагаме да се обојат во впечатливи бои до соодветна висина.
Ве молиме за што поскора реакција во врска со појавениот проблем за да се оневозможи да се повтори и на други локации.


Со почит,
Неформална група на велосипедисти - На Точак                        natochak@gmail.com

15.11.2013
Скопје


*Овој документ е испратен во печатена и електронска форма до град Скопје и во електронска до општина Карпош и е објавен на блогот на На Точак: www.natochak.blogspot.com

Пријава на инфраструктурен проблем: дупка на мост Обединети Нации, 15.11.2013 [дополнето]

Во врска со инфраструктурниот проблем појавен на мостот Обединети нации, НаТочак достави дописи до Град Скопје, Општина Карпош и ЈП Улици и патишта.
Се надеваме на што поскора интервенција.
--------------------------------------------------------


До: ......


ПРИЈАВА
Почитувани,
На јужната страна на мостот Обединети Нации на бул. Партизански Одреди појавена е дупка на асфалтот по целата ширина на тротоарот со димензии 85 x 190 cm. Нејзината длабочина (во четвртина од површината на  оштетувањето е целосно отворена кон реката) претставува опасност по безбедноста на сите учесници во сообраќајот кои го користат тротоарот за да ја преминат реката во овој дел од градот: пешаци, велосипедисти, ролеристи, луѓе со детски колички, а особено луѓе кои се движат со помош на инвалидски колички.


Дупката е тешко забележлива, особено во ноќните часови. Исто така, и невозможно е да се избегне, поради тоа што е во целата ширина на тротоарот, а овој мост (заедно со Железничкиот) е единствената врска на луѓето кои се движат од западниот дел на градот кон централниот и обратно со велосипед или пешки. Поради сето ова сметаме дека потребно е итно да се санира.                
Ве молиме да се направи налог за санација на дупката за да се овозможи непречено сообраќање, во најкус можен временски рок.

Со почит,

Неформална група на велосипедисти - На Точак  
15.11.2013
Скопје



*Овој документ е испратен во печатена и електронска форма до град Скопје и во електронска форма до општина Карпош и ЈП Улици и Патишта и е објавен на блогот на На Точак: www.natochak.blogspot.com

--------------------------------------------------------

Епилог:



Проблемот е целосно решен на 18.11.2013, а интервенцијата е фотографирана на 19.11.2013, утрото. Новиот асфалт е солидно нивелиран со остатокот од патеката.

13 November, 2013

Втор допис за тарабите на плоштад Македонија, 13.11.2013

Во врска со проблемот кој го предизвикуваат поставените тараби на плоштад Македонија, НаТочак достави нови дописи до Општина Центар и Град Скопје.
---------------------------------------------------------------
До: ......
За: ......

Предмет:  Предлог за отстранување на пречка на велосипедската патека кај Плоштад Македонија

Почитуван Г-дин ................,
На северозападниот крај на плоштадот Македонија се поставени тараби кои го попречуваат движењето на велосипедистите, луѓето во инвалидски колички, бебешки колички, ролеристи и останати учесници во немоторниот сообраќај на тркала.
Тарабите се поставени врз рампата за совладување на висинската разлика, која е и дел од велосипедската патека.
Граѓаните кои се движат од кејот на Вардар до плоштадот Македонија (и обратно) се принудени да го прекинат своето природно движење и поради користење на скалите да ја подигнат количката или велосипедот, а на инвалидизираните лица, пак, целосно им е попречена слободата на движење во овој јавен простор.
Дополнително, се работи за градилиште околу кое не треба да се создава гужва и да нема задржување на минувачи од безбедносни причини.
На 25.10.2013 беше доставена пријава до надлежните институции од нас,  неформална  група на велосипедисти На Точак по што проблемот делумно се реши.
На 04.11.2013 поставен е премин во форма на мост кој што дозволува движење над источните скали, но не и над западните две скалила (до чешмата). 
Прилог - Фотографии.
Ве молиме да поставите  рампа над скалите, или некое друго решение за да се овозможи непречено сообраќање, во временските рокови кои се пропишани со одлуките и законите.

Со почит,
Неформална група на велосипедисти - НаТочак                                                                                                          13.11.2013,  Скопје

*Овој документ е испратен во печатена и електронска форма до град Скопје и до општина Центар и е објавен на блогот на На Точак: www.natochak.blogspot.com



12 November, 2013

Пријава на инфраструктурен проблем: тараби на плоштад Македонија, 25.10.2013

Во врска со проблемот кој го предизвикуваат поставените тараби на плоштад Македонија, НаТочак достави дописи до Општина Центар и Град Скопје.

-----------------------------------------------------



До:  Градоначалник на град Скопје
бул. “Илинден“ бр. 82

1000 Скопје



Пријава


Почитуван г-не Трајановски,
На северозападниот крај на плоштадот Македонија се поставени тараби кои го попречуваат движењето на велосипедистите, луѓето во инвалидски колички, бебешки колички, ролеристи и останати учесници во немоторниот сообраќај на тркала.
Тарабите се поставени врз рампата за совладување на висинската разлика, која е и дел од велосипедската патека. Со тоа граѓаните кои се движат од кејот на Вардар до плоштадот Македонија (и обратно) се принудени да го прекинат своето природно движење и поради користење на скалите да ја подигнат количката или велосипедот, а на инвалидизираните лица, пак, целосно им е попречена слободата на движење во овој јавен простор.



Ве молиме да се преземат мерки за дислокација на тарабите или правење на алтернативна патека, како би се овозможило непречено сообраќање, во најкраток можен временски рок.



Со почит,
Неформална група на велосипедисти - НаТочак
25.10.2013



*Истава пријава е поднесена и по електронски пат и доставена е и до Општина Центар и Градоначалникот Андреј Жерновски.