Немаме лек, но имаме превентива - со здрави улици во борба против здравствената и климатската криза
Велосипедот е silent hero во борбата со корона вирусот. Секој еден човек на точак повеќе е еден човек помалку во полн автобус или еден автомобил помалку во сообраќајниот метеж.
Ковид пандемијата ги раздрма сите аспекти на нашето општество, во голема мера ни ги промени секојдневните навики, меѓу кои и оние како се движиме низ нашиот град. Ги намаливме непотребните излегувања, а за оние задолжителните побаравме алтернативи. Возењето во полн автобус, такси или кола со повеќе луѓе станаа неприфатливи. Многу од граѓаните како најпрактично превозно средство го одбраа велосипедот, а тоа се забележа преку зголемената продажба на велосипеди насекаде низ светот споредено со претходните години. Па ако си дозволиме да кажеме дека оваа криза има и позитивни исходи, тие секако ја вклучуваат преродбата на велосипедот на градските улици.
Ваквата ситуација отвори можност за да се покаже дека велосипедот е здравствено најбезбеден и практичен начин на урбан транспорт. Европските и светските градови започнаа со брзи и значајни, често планирани како привремени промени во нивната инфраструктура со цел да се задоволи новата побарувачка за место за движење на две тркала, но и да се олесни гужвата во јавниот превоз. Нивната градска администрација, како дел од мерките за справување со корона вирусот започна со зголемување на просторот посветен на граѓаните со велосипед, а како тој се зголемуваше така побројни станаа и корисниците. Во Европа повеќе од 1 милјарда евра се потрошени на инфраструктура наменета за велосипеди, а се направени околу 2300km нови велосипедски ленти и патеки откако започна пандемијата. Веднаш по lockdown-от во градовите преку ноќ никнаа таканаречените POP UP велосипедски патеки, обезбедувајќи им го на граѓаните просторот кој им е потребен.
Без задршка ќе речеме дека ова е велосипедска револуција!
37 од 94-те најголеми градови во ЕУ најавиле или имплементирале велосипедски анти-корона мерки, 17 од 47 европски главни градови. Во моментов Скопје не е вметнат во мапата на Европска велосипедска федерација со 294 градови со вакви мерки.
На мапата се прикажани само дел од градовите со интервенции #ПросторАнтиКорона низ Европа. Oригиналната интерактивна мапа можете да ја погледнете на линкот. |
За издвоени примери од нив, можете да прочитате на линкот ↓
[Дел 2: #ПросторАнтиКорона трансформации низ Европа]
Таму издвоивме дузина разнолики интервенции кои го овозможија враќањето на велосипедот. Бидејќи овие решенија им овозможуваат на граѓаните простор по кој ќе можат да се движат безбедно, на отворено и со запазување на препорачаната дистанца, резултатот кој се добива од нив оправдано се нарекува простор анти корона. Тој не се однесува само на велосипедските патеки и ленти, туку и на пешачките патеки и урбани простори кои овозможуваат престој и движење со запазување на мерките за заштита од корона вирусот. Позитивното влијание на ваквите промени не застанува тука, луѓето се физички поактивни, со тоа си го подобруваат целокупното здравје и придонесуваат кон почист воздух.
Целиот свет се сврте кон похумани улици и урбан простор
Вакви прекрасни промени се забележуваат насекаде низ светот. Меѓу подалечните градови кои значително ја зголемија својата вело-инфраструктура и ги подобрија условите за пешачење и возење велосипед на некаков начин се бројат: Мексико Сити, Бруклин (Масачусетс), Далас, Окланд, Торонто, Ванкувер, Монтреал, Богота, Лима и Калао (Перу), Кампала, Сиднеј, Тел Авив и многу други. Според некои евиденции над 294 града низ Европа и над 880 града во светот можат да се пофалат со некакви мерки во стилот Простор анти корона.
А што се случува кај нас?
На 22 април оваа година на заедничка иницијатива на НаТочак и Здружение на граѓани Одржливи иницијативи, како и со поддршка од 40 формални и неформални организации, беше испратено отворено писмо со наслов “Простор анти корона“ до надлежните институции и медиумите. Со писмото се предлагаат низа на мерки, по примерот од градовите низ светот, за подобрување на условите за пешачење и возење велосипед во оваа криза на сметка на просторот за автомобили (ленти за возење и паркирање) како и со предлози за смирен сообраќај.
Од сите надлежни институции (министерства и локална самоуправа) добивме само еден одговор од Министерство за животна средина и просторно планирање кој беше позитивен и со препорака локалните самоуправи и Градот Скопје да обезбедат проширување на велосипедската мрежа со цел промоција на користењето велосипеди и други алтернативни методи за транспорт, односно да се обезбеди непреченото пешачење почитувајќи ги препораките за физичка дистанца.
Градот Скопје во мај најави акција за отстранување на 240 билборди и ситилајти од јавни површини, под мотото “Простор против корона“, со цел обезбедување повеќе простор за безбедно пешачење и возење велосипед низ градот. Ова е дефинитивно чекор во вистинската насока, но мислиме дека Скопје може многу повеќе. Градот и оваа година субвенционираше купување на нов велосипед и електричен тротинет, мерка која беше искористена од многу граѓани. Сега на сите тие им е потребен простор на градските улици повеќе од кога било. Во овој период се изведоа велосипедските ленти по бул.Кочо Рацин, бул.Св.Кирил и Методиј и ул. Никола Карев како брзи интервенции со патни диети, но тие се дел од редовните вложувања во велосипедска инфраструктура, дел од проектот Скопје велоград, започнат уште во 2014 година. Покрај неговото спроведување и убрзување, сега се потребни итни додатни интервенции во време на криза и добивање одеднаш на значителна мрежа или брзо дополнување на линковите кои фалат во постоечката за да се даде сериозна алтернатива на дел од корисниците на јавниот превоз.
За време на првата фаза од пандемијата, кога беа воспоставени полициските часови, луѓето повторно ја открија радоста на пешачењето и престојот на отворено, ценејќи ги прошетките до маркет или со своето милениче кои беа едни од ретките можности за напуштање на домот.
Како што се развива ситуацијата, станува јасно дека пешачењето со пријатели, возењето велосипед или посетата на парковите ќе бидат единствената форма на социјалност надвор од дигиталниот свет во догледно време. И зачувувањето на менталното здравје во вакви периоди на неизвесност е навистина тешко, па затоа треба да се превземат сите мерки кои ќе ни помогнат да си ја подобриме психолошката состојба. Научно е докажано дека луѓето кои пешачат или возат велосипед помалку страдаат од депресија и анксиозност. Пешачењето и возењето велосипед го зголемуваат протокот на крвта, ослободуваат ендорфин и го намалуваат вкупниот стрес. Голем број на граѓани кои беа затворени во своите домови без дворови, ја осетија на своја кожа потребата од природа, движење и интеракција со надворешната околина. Потребен ни е простор за престој на отворено на кој ќе можеме да држиме безбедна дистанца. Примерот за пешачки викенди од Шпанија, или смирувањето на сообраќајот како во Виена и Брисел и пешачките зони во Лондон се совршени за справување со овој проблем и недостатокот на јавен простор во градовите.
Активното движење ни го подобрува и физичкото здравје, не прави отпорни на кардио-васкуларни болести, а со тоа ни ги подобрува шансите во борба против корона вирусот доколку се заразиме. Дополнително, велосипедот во споредба со моторните возила, прави 0 емисии и придонесува кон почист воздух, кој пак е докажан дека ја намалува смртноста од корона вирусот.
Листата на позитивни влијанија е долга!
Актуелната ковид пандемија ни го одвлече вниманието од кризата со климатските промени која се уште постои и претставува голема закана. Личните автомобили со испуштањето на јаглерод диоксид и други штетни гасови се голема причина за глобалното затоплување, читај, голема причина за да ги промениме нашите навики.
Причините се бројни, резултатите позитивни од секоја страна, а на нашите Градови им останува да ги поканат граѓаните на точак на градските улици и конечно човекот да биде ставен на врвот на сообраќајната пирамида. Времето за промени е сега!
Oвој период и Скопје како и целиот свет забележа велосипедски бум, многу повеќе луѓе на точак од претходните години, продавниците снемаа точаци, на раскрсниците беше претесно.
Ваков сличен бум имало и за време на нафтeната криза во 1970-тите низ светот.
Но она што може да научиме од тој бум е дека луѓето лесно може да се вратат на старите навики, а градовите и на поголема автоцентричност од претходно.
Ден на планетата Земја во САД во 1970 |
Ова е еднаш во генерации шанса за да ги редизајнираме нашите градови за тие да бидат подобри за велосипедистите и пешаците. Пандемијата е момент кога сите локални власти можат да ги променат своите градови. Во време кога моторниот сообраќај е намален возможно е улиците да се реорганизираат. Брзото создавање на простор за возење велосипед и пешачење ја дава можноста за тестирање на различни решенија, нивна проценка и адаптација. Ова е одлична можност да се покаже како град со сеопфатна велосипедска мрежа може да изгледа и функционира.
Времињата на кризи се и време за промислување и прогресивни чекори.
На поле на сообраќајот, гледаме дека многу градови во светот ја користат оваа криза за прогресивни чекори за кои не се осмелувале во “нормални“ услови.
А зарем е нормално да сме робови на автомобилите?
Наместо да брзаме да се вратиме “во нормала“, да го искористиме времето да размислиме кои делови од нормалното се вредни за враќање.
Заглавеноста во автомобили? Стресот? Загадувањето? Бучавата?
Да ја искористиме оваа можност за креирање на ново нормално! Можеме да почнеме од улици кои се побезбедни, поздрави и погодни за социјализација. Помалку автомобили за да можеме да ги слушнеме птиците. Почист воздух за децата. Градови за луѓе.
Вистинската еколошка и климатска заложба за сообраќајот е просторна.
Таму се бориме да ги видиме промените. И поради тоа во следните денови ќе прикажеме неколку примери за можни просторни интервенции во Скопје.
Овој текст е напишан од страна на Одржливи иницијативи и НаТочак во рамки на проектот „Да зборуваме за климатските промени“. Него го имплементираат Еко-свест, CNVP Македонија и ДЕМ, а е финансиран од Европската Унија. Содржината на овој документ е одговорност исклучиво на авторот и во ниеден случај не може да се смета дека ги отсликува ставовите на Европската унија.