13 November, 2018

Согледувањата и барањата од 5-тата Детска Критична маса „Орце на Орце“


Во саботата, на 10-ти ноември, се одржа 5-тата по ред Детска Критична маса со наслов “Орце на Орце“. Објавата на настанот ја има на линкот и во Facebook настанот, а целиот албум со фотографии, тука.
Благодарноста до сите кои помогнаа ја изразивме тука
Десетици деца и нивните родители имаа ретка можност безбедно да возат точак по улиците низ Дебар Маало и во околината.

Кога се собиравме на почетната точка и кога ги прашавме децата дали се чувствуваат безбедно секојдневно на улица, ни рекоа дека не. А кога ги прашавме дали се чувствуваат безбедно денес и тука, ни рекоа:
-Дааа!
-Зошто?
-Зашто нема коли и зашто има полиција.

Претпоставуваме не е убаво чувството да се биде одговорен градоначалник, советник, вработен во полиција или градска администрација во град во кој децата не се чувствуваат безбедно во секојдневието, во кој безбедноста во сообраќајот е последна на листата на приоритети, а активното детско движење е неважно во споредба со комоцијата на автомобилите.
Да го промениме тоа! 
Зошто општините да не ги отворат улиците барем еднаш месечно за безбедна и слободна детска игра?
Зошто да не обезбедат безбеден сообраќај, слободни тротоари и слободни велосипедски патеки за децата низ целиот град, за користење секој ден?

Во текот на возењето често запиравме на некои точки. Дискутиравме со децата за она што го гледаме во околината и ги прашувавме дали ги познаваат сообраќајните знаци и правилата во сообраќајот. Одлично ги познаваа! Многу повеќе од сите возрасни паркирани на тротоари и од службите кои исцртале “легални“ паркинг места врз јавните површини по кои овие деца треба да пешачат и да го искусуваат за првпат овој град!
Свесни ли се одговорните дека ваквата состојба во сообраќајот во која доминира автомобилот над правото на безбедно движење на луѓето, ги држи децата затворени дома и ги прави целосно зависни од родителите во движењето? А особено децата и лицата со атипичен развој, со пречки во видот, слухот и движењето, лицата кои се движат со помош на колички? И градот место сцена за толку важните прошетки за сите нив и за бебињата во бебешките колички, станува огромна кочница во детскиот развој, во движењето и социјализацијата? Скопје, тоа сакаш ли да бидеш? Град пријателски за деца или град кочница за нормален детски развој? 




На бул. Климент Охридски полицијата ни го ослободи целиот потег (сите коловозни ленти) за безбедно да поминеме. Но сакавме да ги научиме децата како треба да возат секојдневно и ги упатувавме да возат по велосипедската лента. Треба да го цениме она малку добро што го имаме. Но и да бидеме критични за да стане подобро. Родителите возеа покрај нив, по коловозната лента, зашто велосипедската лента е претесна за паралелно безбедно возење на двајца. Нашите планери и тоа треба да го имаат на ум: патеките треба да се доволно широки за да обезбедат паралелно возење на децата и нивните родители! 


Потоа ги упативме децата по велосипедската патека по бул. Партизански одреди. Овој сегмент со сите маани кои може да се најдат е еден од попристојните во градот: наспроти окупацијата со возила во остатокот од просторот, патеката по Партизанска е претежно слободна, За жал, бидејќи не постои ревносно казнување и нема комунални служби или полиција кои ќе се грижат за јавниот простор, мора да се користат столпчиња за да се спречи паркирање на возила.
Исто така, тука
има простор и за пешаци и за велосипеди и автобуската постојка е заобиколена како што треба за да не доаѓаат во конфликт велосипедистите со патниците. Редок случај. Децата баш се радуваа кога го користеа заобиколувањето
! 

Патеката ни заврши во т.н. Зона 30, зона на смирен сообраќај која постои само во одлука на општина Центар, само на хартија и на знаци, а не и со соодветни физички мерки во просторот кои ќе ја направат побезбедна, кои ќе ја смират брзината на возилата до 30 km/h, како соодветни стеснувања на лентите, издигнувања или искривувања на коловозот, мини кружни текчиња…Правилот е дека ако нема доволно простор на една улица да се издвојат велосипедски патеки/ленти, тогаш сообраќајот мора да се смири за безбедно коегзистирање со возилата. И маалските улици се за точаци. Децата во Скопје го заслужуваат тоа! 

„Јас живеам на улица која нема тротоари“ - рече Идриз Амети. 

Добивме солидарна музичка поддршка од жителите и музичарите од ул. 4-ти Јули (Сецко, Идриз, Сашко), воедно и борци за нивната улица да стане побезбедна. Нивните барања од минатата година ги има тука.

И така со музика и игра го продолживме нашето “Орце на Орце“...

Почнавме со Критична маса (орце од точачиња) и завршивме со “орце“ на улица: улични игри, ластик, народна, хулахоп, цртање со креди...


Улицата беше затворена за моторен сообраќај, но беше отворена за многу повеќе: за пешачење, возење точак, улични игри и дружење. Уживавме во улицата ослободена од возила, метеж, брмчење, бучава, барем на неколку часа. Имавме вистински и самоорганизиран Ден без автомобили. Игравме и муабетевме. Улицата на неколку часа беше отворена за луѓето! 

Децата цртаа и пишуваа цртежи по желба и пораки со креди на улица и со фломастери на хартија...


Децата сакаат повеќе велосипедски и пешачки патеки, почисто Скопје, поголема хигиена, почитување на правилата, внимавање во сообраќајот...
А ние? А вие? А надлежните? Какво детство им обезбедуваме на децата во нашиот град?

Во меѓувреме возрасните се потпишуваа на петицијата чија содржина ја има во продолжение.
------------------------------------------

Со настанот на ул. Орце Николов во саботата поврзавме две општини.
Ние, жителите на општина Центар и општина Карпош, како и нивните сограѓани од остатокот од Скопје, од овие општини бараме да се заштити човечкиот живот во сообраќајот и да се подигне квалитетот на живот на граѓаните преку исполнување на следните:


Барања

·         Да се создаде визија за општината со нови поинакви вредности, визија во која животот на ранливите е поважен од брзината на возилата и визија во која безбедноста на децата во сообраќајот е на прво место.

·         Во склад со таа визија, во сообраќајните проекти, да не се посветува внимание само на автомобилското, туку и задолжително и на пешачкото и велосипедското движење.

·         Да се обезбедат тротоари чијашто широчина не смее да падне под одреден минимум по цела должина на улиците, а ќе се тежнее и кон оптимална широчина. Улиците се пред се за движење. Останатите функции (како тераси од кафулиња) се второстепени.

·         Тротоарите, особено во коридорите околу школите, да се заштитат и со физички бариери.

·         Обележаното “легално“ паркирање на возила да се организира така што нема да го загрозува пешачкото движење.

·         Да се реши проблемот со нелегалното паркирање.

·         Да се обезбедат велосипедски патеки или ленти секаде каде што може, а онаму каде што не може, да се создадат услови за безбедно споделување на коловозот меѓу велосипедите и автомобилите .

·         Да се создадат зони 30 во вистинска смисла на зборот, не само со збор и само со знак, туку и со физички мерки:  

-со искривување на текот на коловозот (со алтернирачко, де на една де на друга страна поставување на зеленило, алтернирачки паралелен паркинг, места за контејнери итн), со шикани

-со подигнати пешачки премини
-со подигнати крстосници при вкрстување со попречни улици

·         Да се продолжи со праксата за регулирање на сообраќајот во зоните околу школите во утринските и попладневните часови од волонтери.

·         Да се возобнови сообраќајната едукација во образованието од најмала возраст и велосипедските полигони во школите.

·         Повремено (еднаш неделно, еднаш месечно) барем на неколку часа да се ослободуваат улици во општината за детски улични игри и соседска социјализација, за правилен развој на децата и за здраво живеење во заедница на сите.


*Иако општините немаат директна надлежност за некои од наведените барања, во склад со својата визија (ако ја создадат) може и треба да ги искомуницираат надлежните институции 




07 November, 2018

Детска Критична маса #5: Орце на Орце

Facebook настан: линк
Рута: линк
-------------------------------


Image may contain: bicycle

Улиците се место за луѓето. 
Автомобилите треба да се гости, а не домаќини, особено на маалските улици. 
А предност имаат децата, нивните чекори и нивната слободна игра. 

Затоа, ние од иницијативата на Детска критична маса во која сме НаТочак - NaTochak Колектив Ветерница Никулец Креатива и Едукација и Педала Ве покануваме на оваа 5-та по ред детска критична маса која ја возиме во срцето на градот и завршуваме во Дебар маало – гнездото на скопските автомобили! 

ПОЧЕТОК: 11:30 пред Центар за странски јазици и Ветерница

Затоа што на улиците не е доволно само да се стави знак за Зона 30, или знак за Зона школо или Зона на смирен сообраќај. Треба да се ослободат тротоарите од возила и некаде и да се прошират, да се воведат велосипедски ленти секаде каде што може и да се смират брзините на автомобилите, со соодветни издигнувања, искривувања на коловозот, мини кружни текчиња…
Начини има, но треба да се такви и вредностите. 
Да се стави приоритет на БЕЗБЕДНОСТА И ЗАШТИТАТА НА ДЕЦАТА.

Децата на Скопје се чини како да немаат право на безбедно движење дури ни до школите, а не па нешто повеќе. 
Овој град (тоа ги вклучува сите општини, институциите и граѓаните) се грижи да има повеќе бесплатни места за паркирање, отколку: простор за здрави навики, движење со пешачење и возење точак, имање здраво детство. 
Скопје не е град пријателски за деца, но ние тоа сакаме да стане и веќе 5-та година по ред преку одржување на детската Критична Маса и пропратни активности ја промовираме таа заложба. 

Овој петти настан е инспириран од проблемите по текот на ул.Орце Николов, низ Дебар Маало, низ Центар и Карпош, но истите проблеми се однесуваат и на многу други делови од градот: брз моторен сообраќај, окупирани тротоари, небезбедност, скратено право на движење на ранливите учесници во сообраќајот.

Со овој настан сакаме да истакнеме и оживееме 2 заборавени функции на улиците:
-улиците како место за безбедно пешачење и возење точак за сите генерации, за движење на децата, повозрасните, за детски колички
-улиците како место за социјални контакти, за безбедно среќавање, безбедно преминување, за живеење маалски…

Ќе возиме точачиња со децата на Детска Критична маса, ќе пишуваме пораки за безбедност, ќе играме улични игри и ќе се едуцираме.

Ги повикуваме сите комшии од маалото, но и од пошироко да ни се придружат во нашето „орце“ со точачиња на Орце. 

Засега резервирајте го терминот, а попрецизни информации, наскоро ;)

Агенда:


11:30 пред Центар за странски јазици и Ветерница (за оние со точачиња)

-Подготовки за Критична маса, изработка на ветерници


12:00 по предвидена рута (за оние со точачиња)
-Детска Критична Маса #5

13:00 околу „Јас и ти“ во срцето на Дебар Маало (за сите)
-едукација за проверка на точакот
-дискусија со дечињата за сообраќајот
-детски улични игри
-пишување и цртање за безбедност
-потпишување иницијатива за безбедна улица
-маалска дружба
*музичка поддршка од:
-Сецко и Идриз Амети (со неколку песни од Exic - So many loves)
-Сашо Митревски (Миллко)

29 October, 2018

Критична маса #78: Автоцентризмот не е мртов

Датум: среда, 31.10.2018
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали: линк
--------------------------------------------------------------------

Низ која перспектива го гледаме, креираме, користиме градот?
Низ перспективата на луѓето или автомобилите?

И покрај наталожените проблеми со: метежот, загадувањето на воздухот, бучавата, небезбедноста во сообраќајот, зависноста од автомобилите, недоволната физичка активност, немањето на независна мобилност кај ранливите категории граѓани (деца, возрасни лица, лица со пречки во движењето, категории на граѓани кои не поседуваат автомобил), и покрај преплавеноста на градот со автомобили и нападот на јавните простори, и покрај претвореноста на градот во сеопшт паркинг, на булеварите во автопати, на маалските улици во складишта за коли, и покрај неразвиениот јавен превоз, неразвиената мрежа на велосипедски патеки и пешачки зони, сепак, во политиките на Градот и општините - автомобилот е сè уште приоритет, врвот на сообраќајната пирамида. 
За жал, АВТОЦЕНТРИЗМОТ НЕ Е МРТОВ.
постерот за КМ 78  

Со оваа Критична маса ќе посочиме некои конкретни автоцентрични практики кои ги гледаме низ градот, ќе ја истакнеме потребата од промена на визијата на Скопје во поглед на сообраќајот и ќе побараме нова градска визија за сообраќајот. --------------------------------------------------------------------
Некои примери каде е согледлива автоцентричната перспектива на планерите и донесувачите на одлуки. Слободно дополнете.
  • На што се мисли кога велат дека ќе ги чистат улицата? Дека ќе го чистат предимно коловозот, па дури откако ќе завршат со него можеби ќе почнат со тротоарите...Што е за нас поимот улица? Само местото каде се движат автомобили?
  • Што значи кога велат дека ќе ја реконструираат улицата? Дека само ќе сменат асфалт на коловозот, а ќе го остават распаднат тротоарот? Дека ќе го задржат истото решение со 3 ленти за автомобили со 3.5m автопатска широчина кои поттикнуваат големи брзини или ќе ја предизајнираат улицата, ќе ги стеснат лентите и со тоа ќе ја направат побезбедна за сите, а ќе се ослободи и простор за пошироки пешачки и велосипедски патеки. Нели РЕ-конструираме?
  • Што значи кога велат дека ќе креираат нов булевар? Ќе постават максимален број ленти за возила со средишно зеленило од корист за возилата и ќе остават трошки за пешаци и велосипеди без зеленило каде што најмногу е потребно?
  • Што значи кога зборуваат за проточност на сообраќајот? Дали мислат на зголемување на брзината на возилата, а истовремено ги држат заглавени автобусите со по 100 луѓе во колоните возила со по 1 човек и покрај потребата, не им обезбедуваат ни една лента. Дали мислат на совршено мазен асфалт за возилата без милиметар висински разлики, а премините од пешачките и велосипедските патеки ги прават со високи рабници со тоа отежнувајќи ја проточноста на еден друг сообраќај? Дали мислат на издвојување на посебни ленти за вртење лево, за право, за вртење десно на возила и на улици од ранг за кој не е потребно тоа, а не им текнува да ги издвојат пешаците и велосипедите во посебни “ленти“ околу автобуските постојки или на местата каде се чека семафор, пред пешачките премини, доведувајќи ги во постојани конфликти и непријатни ситуации.
  • Што значи кога велат дека ќе прават нови поврзувања на градот? Дека ќе го поврземе градот само за оние помалку од половина граѓани со лични возила, со големи скапи мостови со широки ленти кои ќе овозможуваат големи брзини и бучава, кои како брзи реки ги раздвојуваат соседствата? А човекот во таа приказна го нема. Зошто не се посвети еднакво внимание и средства за поврзувања ЗА ЛУЃЕ? За мостови со задолжителни пешачки и велосипедски патеки, за пешачко велосипедски мостови кои ќе имаат смисла и ќе бидат по текот на силни и брзи пешачко-велосипедски поврзувања? Патем, пешачките и велосипедските патеки не ги раздвојуваат, туку ги поврзуваат заедниците и ќе бидат вистинско поврзување на градот, на повеќе нивоа.
  • Како ги фотографираат реконструираните улици? Дали од позиција на автомобилот или од позиција на човекот? Кога градските власти се фалат со реконструкции на булевари, фотографирани се автомобилските ленти или пешачките и велосипедските патеки? Што сугерираат тие слики? Исправени широки ленти за коли со ветување за брзина или безбеден градски амбиент пријатен за луѓе со ветување за квалитетен живот?
  • Што значи кога велат дека го решаваат хаосот во населбите? Дали поплочуваат тревни површини за паркинзи и претвораат пешачки патеки во места за паркирање, намалуваат безбедност на пешаците со позиционирање на паркингот од внатрешна страна на пешачката патека или пак наоѓаат механизми за луѓето да ги користат своите гаражи, а оние кои немаат да платат за користење на соодветно проектиран јавен простор? Со што автомобилите заслужиле бесплатно обезбедување на јавен простор, а децата не го заслужиле за одење на школо и независно и безбедно движење? Како е ова решавање, а не продолжување на хаосот?
  • Што се мери во Центарот за управување и контрола на сообраќајот? Како се оптимизира сообраќајот? Земени ли се предвид пешаците и велосипедистите при програмирањето на семафори како фактор? Зошто се само возилата?
  • Што сметаме под поимот метеж? Само кога куп метални кутии со по 1 човек внатре се нагомилани по улиците? Зошто не сметаме за метеж кога куп луѓе ќе се насоберат на семафор чекајќи со минути да се отвори за пешаци? Зошто не сметаме за метеж кога нема доволно автобуски линии и автобусите се преполни и внатре не се дише?
  • Како го решаваме метежот од премногу автомобили? Со креирање на нови улици, нови ленти, нови можности за движење со автомобил и со тоа поттикнување на поголем број луѓе да го користат автомобилот и за поголем број патувања? Или со креирање на нови можности за јавниот, велосипедскиот, пешачкиот сообраќај и поттикнување на повеќе луѓе нив да ги користат, место автомобилот?
  • Низ која перспектива го гледаме Градот? Низ која перспектива сонуваме? Кои се нашите вредности?
Од она што го гледаме на улиците на Скопје (со мали исклучоци кои се основа за некаква надеж за подобро), за жал, уште доминираат конзервативните вредности во транспортните политики кои во фокус го ставаат автомобилот. За голема жал на сите нас, на безбедноста, на здравјето, на квалитетот на живот, АВТОЦЕНТРИЗМОТ НЕ Е МРТОВ. --------------------------------------------------------------------
Скопје заслужува современа визија за сообраќајот, визија за поинаква модална распределба, визија за одржлив транспорт, визија за зелен град, за поголемо учество на јавниот, велосипедскиот и пешачкиот сообраќај во вкупниот, а помала на автомобилот. Визија која ќе предвиди ефикасен јавен превоз со висок капацитет (bus rapid transit или трамвај), која ќе ја прошири велосипедската мрежа низ целиот град, која ќе даде предност на пешаците како врв на транспортната пирамида, која ќе тежнее кон нула жртви во сообраќајот (Vision Zero) и ќе ја гарантира безбедноста преку физички мерки, стеснување на коловозни ленти, смирување на сообраќај со подигнувања... 
Мораме да признаеме дека има некакви проекти во позитивна насока: изградба и реновирање на велосипедски патеки, ослободување на дел од пешачките и велосипедските патеки од паркирани возила, но тие се само на градско, а не и општинско ниво, и се во недоволен обем за да влијаат на големата слика. Големата слика во сообраќајните и урбаните политики на Скопје е сè уште конзервативна, базирана на концептите од 70-тите, од т.н. транспортно темно доба. 
Живееме во ново време, сознанијата се нови, предизвиците се нови, појавени се нови проблеми кои претходно не биле предвидени со ветувањето за “слободата“ на автоцентричното планирање. Покрај набројаните проблеми (со метежот, загадувањето, здравјето, безбедноста, независната мобилност) се соочуваме и со предизвикот климатски промени кон кои огромно влијание има транспортот. 
Автомобилот во некои случаи е корисна алатка, но просторот во градот е ограничен и последиците од неговото привилегирање како превозно средство се големи. Затоа не смееме да планираме така што и најкратките и најдолгите патувања ќе се најбрзи со автомобил и со тоа да поттикнуваме прекумерно користење. Треба да планираме за негово рационално користење, кратките патувања до 5 km да ги направиме побрзи и попријатни пешки и со точак, а долгите побрзи и попријатни со јавен превоз. 
Треба да планираме за град за луѓе, а не за автомобили.
Живееме во ново време и вредностите треба да ни се прогресивни. Да учиме од позитивните примери во светот, да креираме нови концепти.
Новите проблеми не се решаваат со стари решенија.


Со оваа Критична маса #78 ќе повикаме и на усогласена визија за одржлив транспорт на Град Скопје со општините и заедничко работење кон истата цел: за мултимодално планирање и за крај на автоцентризмот
.

Се гледаме во среда и возиме по следнава рута:



--------------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.
 
Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 77 пати возеа масовно по скопските улици, на 77 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 78-ми пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------------