Денес, 10.09.2020, испративме допис до град Скопје со прашање во врска со реконструкцијата на ул. Македонско-Косовска бригада, но и со реакција за потребата од работење на сеопфатна велосипедска мрежа на ниво на Град Скопје, како и со потсетување на потпишаниот меморандум.
Предмет: Прашање и реакција во врска со реконструкцијата на ул.
Македонско-Косовска бригада
Почитувани,
На 08.9.2020 година, Град Скопје на официјалната веб страница објави соопштение за медиуми (https://skopje.gov.mk/mk/) во кое се најавува реконструкцијата на улицата Македонско-Косовска бригада на потегот кој ги поврзува булеварот Никола Карев и улицата Втора Македонска бригада. Според соопштението, ќе се реконструираат коловозот и тротоарите во должина од 1700 метри, но не е најавена промена на решението на улицата со кое би се вовеле и велосипедски патеки/ленти. Ќе се менуваат и атмосферската и фекалната канализација, а знаеме колку е ограничувачко поставувањето на сливници за идните промени на решението. Поради тоа, сметаме дека оваа реконструкција требало да се искористи за сосем поинакво решение.
Како една од главните најавени цели што треба да се постигнат со реконструирањето на оваа улица е “подобрувањето на урбаното живеење“. За какво подобрување на урбаното живеење зборуваме ако граѓаните кои сакаат да користат точак мора да го споделуваат коловозот со возилата?
Сакаме да напоменеме дека делницата која ќе се реконструира баш поврзува 2
улици кои имаат каква-таква велосипедска инфраструктура (бул.Никола Карев и
ул.Втора Македонска Бригада), меѓу нив се наоѓа ул. Џон Кенеди на која исто
така се планирани велосипедски патеки. Дополнително, улицата припаѓа на
примарната мрежа и е сосем логично и таа да вклучи велосипедски патеки/ленти.
Со сегашните решенија (постоечките и најавените велосипедски патеки се означени
со црвено) жителите на Чаир можат да се движат само во правецот запад-исток низ
својата населба и не се поврзуваат на ниеден начин со Центар и остатокот од
Градот. Граѓаните на Чаир и Бутел се директно дискриминирана во однос на своите
сограѓани од Карпош и Аеродром, на пример.
На местата означени со сини линии (по текот на бул. Македонско Косовска бригада
и бул.Цветан Димов) мора да се спроведат велосипедски решенија, за градот да
биде поврзан и за велосипеди, не само за автомобили. Дотолку повеќе, што ни
овие поврзувања не го задоволуваат препорачаниот минимум за растојание на
велосипедска мрежа. Растојанието меѓу бул. Македонско-Косовска бригада е 1.3
километри.
Според тоа, тие се уште повеќе неопходни.
Според PRESTO водичот од Европска унија (https://ec.europa.eu/) препорачаната
широчина на велосипедска мрежа (поточно максимално растојание меѓу паралелни
велосипедски рути во урбана средина) изнесува 250 метри.
Според Холандски, Германски и други водичи, таа широчина изнесува меѓу 400 и 500 метри, со тоа што во централни подрачја може да биде и погуста. Според Space Syntax анализи, прифатливото растојание меѓу паралелни велосипедски рути изнесува: 300 метри за централно градско подрачје, 500 метри за градската средина надвор од центарот и 1.000 метри за предградијата.
Доколку спроведете велосипедско решение по текот на бул. Македонско Косовска бригада и на бул. Цветан Димов растојанието меѓу мрежата од бесконечно ќе го сведете на 1.3 километри, што е соодветно за ретко населени преградија, а не за густа речиси централна населба.
Поради тоа, во идните планови препорачуваме да испланирате барем уште две (означени со жолто) или оптимално 3 паралелни велосипедски рути помеѓу Македонско Косовска бригада и Цветан Димов.
Во овој контекст, би сакале да ве потсетиме на точки 2, 3 и 4 од
Меморандумот кој го потпишавме со сега градоначалникот на Скопје, Петре
Шилегов. (цел меморандум е достапен тука:
http://natochak.blogspot.com/2017/10/blog-post_15.html )
2. Новата градска администрација ќе
ја напушти автоцентричноста како принцип во сообраќајот и ќе работи на
постепено приоритизирање на пешачењето, велосипедскиот сообраќај и јавниот
превоз како и поставување на велосипедска инфраструктура во сите делови од
градот во соработка со останатите градоначалници. Ќе тежнее процентуалниот удел
на овие типови сообраќај да расте од година во година, а на автомобилот да
опаѓа
3. Новата градска администрација се
обврзува да вклучи задолжителни велосипедски простори и патеки во секое идно
проектирање на нова улица, булевар или мост.
4. Новата градска администрација се
обврзува секоја идна реконструкција на булевар или поважна улица да вклучува и
велосипедско решение во просторот. Потесните улици да имаат решение за
успорување на возилата за безбедно заедничко споделување на просторот (Зони
30).
Оваа реконструкција се однесува на улица од примарната мрежа, се изведува во 2020-та година и заслужува попрогресивно решение од она што е најавено на медиумите.
Поради сето набројано погоре, сметаме дека оваа улица
задолжително треба да има велосипедско решение.
Ве молиме да нè информирате дали сообраќајното решение за улицата предвидува
безбедно движење на велосипеди и издвоена велосипедска инфраструктура, и ако
да, од каков тип е таа.
Остануваме отворени за соработка за остварување на целите од меморандумот.
Со почит,
НаТочак
10.09.2020
НаТочак
неформално
здружение за урбан велосипедизам
За
подобро вело - Скопје
e-mail:
natochak@gmail.com
blog: natochak.blogspot.com
TW
: twitter.com/NaTochak