15 November, 2013

Пријава на инфраструктурен проблем: столбови на велосипедски патеки, 15.11.2013

Во врска со инфраструктурниот проблем појавен на велосипедската патека на бул. Партизански одреди, но и други локации, НаТочак достави дописи до Град Скопје и Општина Карпош.
------------------------------------------------

До: .....    

ПРИЈАВА
Почитувани,
На јужната страна на булеварот Партизански одреди, во близина на крстосницата со ул. Рузвелтова, пред автобуската постојка (спроти „Симпо“), деновиве се појави пречка на велосипедската патека.
Станува збор за метален столб со екран, зацементиран во самата велосипедска патека.



Имаме информации дека метални шипки за втемелување на вакви столбови се појавуваат и на други места во градот, токму врз велосипедските патеки.
Заинтересирани сме да дознаеме која е нивната намена и кој е надлежен за нивното поставување. Бараме градските институции да го искомуницираат меѓусебно проблемот, зашто поставените метални столбови по средината на патеките го поделуваат профилот на велосипедската патека на два дела кои не ги исполнуваат важечките стандарди. 
Во конкретниот случај, со својата поставеност и димензии (ширина 0.2 м) столбот го преполовува профилот на велосипедската патека на 2 потесни патеки: една со ширина од 1.36 м до работ на коловозот и една со ширина од 0.94 м до жардињерата кон внатрешната страна од велосипедската патека.
Според:  ПРАВИЛНИК ЗА СТАНДАРДИ И НОРМАТИВИ ЗА ПЛАНИРАЊЕ НА ПРОСТОРОТ вкупната широчина за еден ред велосипеди покрај сообраќајница со моторен сообраќај изнесува 2.00 м од кои: широчината за велосипедите изнесува 1.00м, заштитната широчина кон внатрешната страна изнесува 0.25м, а истата кон ивицата на возната лента изнесува 0.75м.
Бараме да се најде соодветно решение за поставување на овие (претпоставуваме) информативни знаци, кое нема да го попречи движењето на велосипедистите, т.е. ќе је овозможи планираната сообраќајна намена на патеката. Веруваме дека такво решение е можно.  
Дополнително, поради неутралната боја, столбот е незабележлив, особено навечер, а со тоа е и опасен. Во ситуациите каде поставувањето на ваквите столбови ги почитува стандардите, предлагаме да се обојат во впечатливи бои до соодветна висина.
Ве молиме за што поскора реакција во врска со појавениот проблем за да се оневозможи да се повтори и на други локации.


Со почит,
Неформална група на велосипедисти - На Точак                        natochak@gmail.com

15.11.2013
Скопје


*Овој документ е испратен во печатена и електронска форма до град Скопје и во електронска до општина Карпош и е објавен на блогот на На Точак: www.natochak.blogspot.com

Пријава на инфраструктурен проблем: дупка на мост Обединети Нации, 15.11.2013 [дополнето]

Во врска со инфраструктурниот проблем појавен на мостот Обединети нации, НаТочак достави дописи до Град Скопје, Општина Карпош и ЈП Улици и патишта.
Се надеваме на што поскора интервенција.
--------------------------------------------------------


До: ......


ПРИЈАВА
Почитувани,
На јужната страна на мостот Обединети Нации на бул. Партизански Одреди појавена е дупка на асфалтот по целата ширина на тротоарот со димензии 85 x 190 cm. Нејзината длабочина (во четвртина од површината на  оштетувањето е целосно отворена кон реката) претставува опасност по безбедноста на сите учесници во сообраќајот кои го користат тротоарот за да ја преминат реката во овој дел од градот: пешаци, велосипедисти, ролеристи, луѓе со детски колички, а особено луѓе кои се движат со помош на инвалидски колички.


Дупката е тешко забележлива, особено во ноќните часови. Исто така, и невозможно е да се избегне, поради тоа што е во целата ширина на тротоарот, а овој мост (заедно со Железничкиот) е единствената врска на луѓето кои се движат од западниот дел на градот кон централниот и обратно со велосипед или пешки. Поради сето ова сметаме дека потребно е итно да се санира.                
Ве молиме да се направи налог за санација на дупката за да се овозможи непречено сообраќање, во најкус можен временски рок.

Со почит,

Неформална група на велосипедисти - На Точак  
15.11.2013
Скопје



*Овој документ е испратен во печатена и електронска форма до град Скопје и во електронска форма до општина Карпош и ЈП Улици и Патишта и е објавен на блогот на На Точак: www.natochak.blogspot.com

--------------------------------------------------------

Епилог:



Проблемот е целосно решен на 18.11.2013, а интервенцијата е фотографирана на 19.11.2013, утрото. Новиот асфалт е солидно нивелиран со остатокот од патеката.

13 November, 2013

Втор допис за тарабите на плоштад Македонија, 13.11.2013

Во врска со проблемот кој го предизвикуваат поставените тараби на плоштад Македонија, НаТочак достави нови дописи до Општина Центар и Град Скопје.
---------------------------------------------------------------
До: ......
За: ......

Предмет:  Предлог за отстранување на пречка на велосипедската патека кај Плоштад Македонија

Почитуван Г-дин ................,
На северозападниот крај на плоштадот Македонија се поставени тараби кои го попречуваат движењето на велосипедистите, луѓето во инвалидски колички, бебешки колички, ролеристи и останати учесници во немоторниот сообраќај на тркала.
Тарабите се поставени врз рампата за совладување на висинската разлика, која е и дел од велосипедската патека.
Граѓаните кои се движат од кејот на Вардар до плоштадот Македонија (и обратно) се принудени да го прекинат своето природно движење и поради користење на скалите да ја подигнат количката или велосипедот, а на инвалидизираните лица, пак, целосно им е попречена слободата на движење во овој јавен простор.
Дополнително, се работи за градилиште околу кое не треба да се создава гужва и да нема задржување на минувачи од безбедносни причини.
На 25.10.2013 беше доставена пријава до надлежните институции од нас,  неформална  група на велосипедисти На Точак по што проблемот делумно се реши.
На 04.11.2013 поставен е премин во форма на мост кој што дозволува движење над источните скали, но не и над западните две скалила (до чешмата). 
Прилог - Фотографии.
Ве молиме да поставите  рампа над скалите, или некое друго решение за да се овозможи непречено сообраќање, во временските рокови кои се пропишани со одлуките и законите.

Со почит,
Неформална група на велосипедисти - НаТочак                                                                                                          13.11.2013,  Скопје

*Овој документ е испратен во печатена и електронска форма до град Скопје и до општина Центар и е објавен на блогот на На Точак: www.natochak.blogspot.com



12 November, 2013

Пријава на инфраструктурен проблем: тараби на плоштад Македонија, 25.10.2013

Во врска со проблемот кој го предизвикуваат поставените тараби на плоштад Македонија, НаТочак достави дописи до Општина Центар и Град Скопје.

-----------------------------------------------------



До:  Градоначалник на град Скопје
бул. “Илинден“ бр. 82

1000 Скопје



Пријава


Почитуван г-не Трајановски,
На северозападниот крај на плоштадот Македонија се поставени тараби кои го попречуваат движењето на велосипедистите, луѓето во инвалидски колички, бебешки колички, ролеристи и останати учесници во немоторниот сообраќај на тркала.
Тарабите се поставени врз рампата за совладување на висинската разлика, која е и дел од велосипедската патека. Со тоа граѓаните кои се движат од кејот на Вардар до плоштадот Македонија (и обратно) се принудени да го прекинат своето природно движење и поради користење на скалите да ја подигнат количката или велосипедот, а на инвалидизираните лица, пак, целосно им е попречена слободата на движење во овој јавен простор.



Ве молиме да се преземат мерки за дислокација на тарабите или правење на алтернативна патека, како би се овозможило непречено сообраќање, во најкраток можен временски рок.



Со почит,
Неформална група на велосипедисти - НаТочак
25.10.2013



*Истава пријава е поднесена и по електронски пат и доставена е и до Општина Центар и Градоначалникот Андреј Жерновски.

06 November, 2013

Трансформацијата на Љубљана во точакољупски град - лекции за Скопје - предавање на Андреј Клеменц

Овој четврток, со почеток од 19:00 часот во салата на Советот на Град Скопје ќе се одржи предавање за развојот на велосипедизмот и одржливата мобилност на градот Љубљана, Словенија. Предавањето за трансформацијата на Љубљана во точакољупски град ќе го води Андреј Клеменц, проектен менаџер за европски проекти за одржлива потрошна енергија и мобилност, кој ќе го пренесе искуството од Љубљана каде значително се подобрени условите во последните 6 години. 



Андреј Клеменц возеше со нас по Скопје. Вели дека Скопје е град на Балканот со најголем потенцијал за добра вело-инфраструктура, подобар од Нови Сад или Белград. "Со мала инвестиција, Скопје може да биде многу подобар за на точак!"

Aндреј вози точак од мал, педали вртел во Њујорк, Амстердам, Копенхаген, Будимпешта, Ротердам, Берлин и многу други градови. Учествува во трансформацијата на Љубљана во точакољупски град.

Андреј не’ кани сите на неговото предавање:




А после предавањето, со задоволство ќе ги одговори сите наши прашања!

Како што доликува, на предавањево ќе одиме со точаци :) 
Се собираме во 18:20 на плоштад Македонија, на страната до Камен Мост и ќе извозиме една мала рута:



View Возење до предавањето на Андреј Клеменц in a larger map


до Советот на Град Скопје во Градски парк каде ќе биде предавањето.

Се гледаме во четврток, на точак!


Линк до Facebook настанот.


-------------------------------------------------------------------------------------------------------
Настанот е организиран од Град Скопје, Регионалниот центар за животна средина (РЕЦ) и неформалната група на велосипедисти На Точак.


27 October, 2013

Критична маса #18: И во есен точакот ми е бесен!

Датум: 30.10.2013
Тргнување17:30, Паркинг пред базен Карпош
Крај (подигнување на точаците): пред МКЦ

--------------------------------------------------------------
Промотивни материјалилинк.
Facebook настанлинк.
Руталинк.
Известување до медиуми: линк.

--------------------------------------------------------------

постерот за КМ 18
Заврши летната и веќе започна есенската сезона, но не завршува сезоната за возење точак, ни па за возење на Критична маса :)

Еве пар совети за возење на ладно време. Слободно во коментари дополнете ваши совети и искуства.
Точак не е само рекреативно средство за во лето, точак е превозно средство за сите сезони.


  • Најважно е добро да ги заштитиш екстремитетите: раце со ракавици, стапала со топли обувки, глава со волнена капа... Најголем дел од топлината се губи преку нив.
  • Марама, шал, баклава, покривки за уши, очила за очи... користи додатна опрема според твоите потреби. 
  • Забележувај го редовно термометарот и која облека е соодветна за која температура. 
  • Носи повеќе слоеви за лесно да може да додаваш и одземаш при менување на температурите.
  • Додај си екстра минути до планираната дестинација, ќе ти требаат за менување слоеви :)
  • Облечи се топло, но не претерувај! По некое време, телото се загрева. најдобро си облечен кога чувствуваш дека ти е малку ладно при тргнување.
  • Ако стане ладно, вози побрзо, ако ти стане претопло, успори.
  • Возењето точак е аеробна активност и произведува топлина, Ќе се изненадиш колку не е ладно да возиш точак нa ладно време како што се мисли! 
  • Користи ветроотпорни и водоотпорни материјали за завршни слоеви и материјали кои не задржуваат влага за прв слој до телото. Времето во есен не е лошо. Ни треба само соодветна облека и опрема.
  • Имај бело светло за напред и црвено за назад цело време со себе. Помалку дневна светлина значи повеќе (не)предвидени возења во темница. Користи батерии на полнење за заштеда.
  • Вози по осветлени улици и пријавувај до одговорните доколку некаде има проблем.
  • Користи рефлектирачки ленти за подобра видливост.
  • За ладни услови, користи гуми со крампони и со поднамален притисок, особено при снег и мраз.
  • Постави си добри калници за заштита. Проблемот не доаѓа од дождот колку од водата по улиците. 

Лесно е еден велосипедист да се спреми за есенски услови, потешко е да се спреми градот.

Дојди на Критична маса 18, да покажеме дека не' има. И да се згрееме заедно.
Ќе возиме по следнава рута:

View Рута КМ18 in a larger map

Градот се сака, се дише и доживува преку цела година.
Исто и се вози точак. 


И во есен точакот ми е бесен!



паркингот пред базенот Карпош, местото на собирање

платото пред МКЦ, местото каде
ги подигнуваме точаците после пристигнувањето

--------------------------------
*** После возењето продолжуваме на велосипедскиот дел од Ехо - фестивалот.
*** Секој учесник вози на своја одговорност.

25 October, 2013

Промотивни материјали #КМ18

[дизајн: Fitz Feetz]


МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
(постери и флаери)


постер, А3, верзија за веб и печатење (jpg)
Флаери во боја, предна страна, 4 на А4, верзија за веб и печатење (jpg)
Флаери во боја, задна страна, 4 на А4, верзија за веб и печатење (jpg)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
(банери)
аватар, 180x180
веб-банер, 851 x 315 (FB cover)

Промотивните материјали од овој блог- пост може слободно да се споделуваат и печатат, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #18 и му благодариме на Fitz Feetz за дизајнот.