25 October, 2014

Ветеруваме на точак! (час за велосипеди за најмалите + детска Критична маса)

Датумнедела, 26.10.2014
Почеток12:00, Влезот на Луна паркот (спроти паркот за кучиња во Градски Парк)
Facebook настанлинк

----------------------------------------
дизајн на банер: Ангела Маневска
Акцијата за улични средби со Ветерница ја заокружуваме онаму каде што ја почнавме, во Градскиот парк, но овој пат не доаѓаме сами туку со својот пријател велосипед, нагалено точак!

Колективот Ветерница во соработка со иницијативата НаТочак организира ДЕТСКА КРИТИЧНА МАСА со цел да ги возиме децата на точаци и да ги учиме од мали да возат.

Поводот е значењето на слободната улична детска игра која е особено загрозена од современото општество, но и последниот предлог - Закон за безбедност во сообраќајот каде се предвидуваат строги возрасни ограничувања и строга парична казна за родителите.
Веруваме дека со тоа се ускратува основното право на слободна детска игра и децата се оттуѓуваат од сопствениот град кој всушност е нивен дом, исто како и оној со покрив над главата. Со оваа иницијатива преземаме одговорност да продолжиме да ги учиме децата на вистински вредности на социјализација, чиста околина, здрав живот, па и големи предизвици за пат околу светот!
На точак велат: „Точакот не е обично превозно средство туку и вештино-учечко, социјализирачко, здраво, незагадувачко, расонувачко за на школо и сонувачко за животот“ 
Колективот Ветерница додава: „Точакот може да биде и најдобар другар ако знаеш да се грижиш за него...и исто како змејовите знае да чува тајни и исполнува желби...само ти посакај каде сакаш, веднаш ќе те однесе!“

Според истражувањата, возењето точак е индивидуална работа и зависи од способностите на детето, но повеќето деца се спремни да возат точак на 5 години, односно 3-4 години е период на развој на позначајните моторни вештини и во овој период децата можат да ги вртат педалите и да возат точак со помошни тркала, додека веќе откако ќе наполнат 5 години тие веќе имаат развиено чувство за баланс и координација и во зависност од времето кое им се посветува можат лесно да научат да возат точак без помошни тркала. Затоа Ветерница ги подржува коментарите за предлог законот за безбедност на сообраќајот на патиштата особено во делот за возрасно управување со велосипед каде се предвидува дете до 7 години смее да биде превезувано на велосипед, а дете над 10 години смее да вози велосипед на пат. 
Законот во ваква форма целосно ги исклучува од допир со велосипедот децата од 7 до 10 години. 
Исто така им оневозможува на децата до 10 години (возраст која е најсоодветна) да научат да возат велосипед. Повеќе можете да прочитате овде: http://natochak.blogspot.com/2014/10/blog-post_9.html
Предлози и коментари се добредојдени! 

А ние во меѓувреме, го користиме есенското сонце и преубавиот Градски Парк да другаруваме и ветеруваме, заедно со најмалите, на точак! 
Јавнете ги точаците и возрасните за раче :)) и се гледаме во 12:00 во недела на влезот од Луна Паркот.

Ќе учиме за деловите на точакот, како да му направиме брза проверка, ќе учиме за некои основни сообраќајни правила и знаци при возењето точак и ќе си ја извозиме првата детска Критична маса во Скопје :)
Ѕрн-ѕрн!

Со почит, 
Колектив Ветерница и НаТочак

21 October, 2014

Задолжителна опрема за велосипеди

Бидејќи кружат најразлични информации по медиумите во врска со задолжителната опрема за велосипедисти, решивме да ги истражиме досегашните законски прописи кои ја регулираат. 

Тоа се пред сè:

1. Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата: важечки пропис: линк, предложени измени: линк;
2. Законот за возила: линк
и неговиот поблизок пропис:
3. Правилникот за задолжителна опрема на возилото, велосипедот и запрежното возило: линк.

---------------------------------------------------

1. ЗАКОН ЗА БЕЗБЕДНОТ НА СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА

Во Законот за безбедност на сообраќајот (важечки пречистен текст од септември 2010) не е регулирана употребата на светла специјално за велосипеди, туку општо за возила и се бара да ги користат и дење и ноќе.
Во
новите предложени измени на овој закон само светлата и катадиоптрите се задолжителна опрема за велосипедИсто така, стои дека велосипедистите немаат обврска да имаат запалени светла дење, за разлика од другите возила. Ѕвонче и сопирачки не се спомнуваат во овој закон, но се спомнуваат во други прописи. Во продолжение извадокот од предлог Законот за безбедност кој се однесува на употреба на светла во сообраќајот.

14. Употреба на светла во сообраќајот

Член 86
(1) Во сообраќај на пат, дење и ноќе, за време на управување со возилото, возачот на возилото задолжително треба да ги има запалено најмалку соборените светла за осветлување на патот(2) Обврската од ставот (1) на овој член, не се однесува за возачите на запрежни возила и велосипедистите кога запрежното возило односно велосипедот го управуваат дење, освен во услови на намалена видливост. 
(5) На велосипедот задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна, како и катадиоптeр со црвена боја или рефлектирачка лента на задната страна и по еден катадиоптер со жолта или портокалова боја на секоја страна.
(9) Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на велосипедист кој постапува спротивно на одредбата од ставот (5) на овој член.
2. ЗАКОН ЗА ВОЗИЛА

Во друг закон, Законот за возила (Службен весник на РМ, бр.140, 6.11.2008) стои дека со посебни прописи ќе се регулира задолжителната опрема:

        Член 48
Прописи на министерот за внатрешни работи
(1) Министерот за внатрешни работи ќе донесе поблиски прописи за:
задолжителна опремам на возилото, велосипедот и запрежното возило за безбедно учество во сообраќајот на патиштата, како и на трактори за безбедно извршување на земјоделски односно шумски работи, согласно со членовите 46 и 47 од овој закон
А во член 46 има глоба за таа задолжителна опрема (регулирана со правилникот) која ако не ја почитува од велосипедистот - изнесува 100 евра:

Член 46
Велосипеди и запрежни возила
(1) Велосипед, велосипед со помошен мотор и запрежно возило, во сообраќајот на патиштата треба да имаат исправни пропишани делови и опрема согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
(2) Глоба во износ од 100 евра во денарска противввредност ќе му се изрече за прекршок на возач што постапува спротивно на одредбите од ставот (1) на овој член.

Тој пропис е:


3. ПРАВИЛНИК ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛНА ОПРЕМА НА ВОЗИЛОТО, ВЕЛОСИПЕДОТ И ЗАПРЕЖНОТО ВОЗИЛО ЗА БЕЗБЕДНО УЧЕСТВО ВО СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА, КАКО И НА ТРАКТОРИ ЗА БЕЗБЕДНО ИЗВРШУВАЊЕ НА ЗЕМЈОДЕЛСКИ, ОДНОСНО ШУМСКИ РАБОТИ
(Службен весник на РМ, бр. 31 од 03.03.2010) донесен од МИНИСТЕРСТВО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ врз основа на член 48 став 1 алинеја 1 од Законот за возила (Службен весник на РМ, бр. 140 од 6.11.2008)

Во
Правилникот за задолжителна опрема стои дека на велосипедот треба да се вградат: светла, катадиоптри, ѕвонче и сопирачки и набројана е т.н. друга опрема.

III. ОПРЕМА ЗА ВЕЛОСИПЕД, ВЕЛОСИПЕД СО ПОМОШЕН МОТОР

Светло за осветлување на патот и обележување на возилото
Член 18
(1) Едно светло за осветлување на патот на велосипеди и на велосипеди со
помошен мотор треба да биде поставено и прицврстено на предната страна на
возилото.
(2) Светлината што ја дава светлото од став 1 на овој член треба да биде во бела
боја, а оддалеченоста на светлечката површина на тоа светло од површината на
патот не треба да биде помала од 40 cm ниту поголема од 120 cm.
(3) Едно задно позиционо светло во црвена боја на велосипедите и на
велосипедите со помошен мотор треба да биде поставено и прицврстено на
задната страна на возилото.
(4) Оддалеченоста на светлечката површина на светлото од став 3 на овој член по
површината на патот не треба да биде помала од 25 cm ниту поголема од 90 cm.
(5) Светлото од став 3 на овој член може да биде поставено со катадиоптер.

Катадиоптери на велосипеди и велосипеди со помошен мотор
Член 19
(1) Еден катадиоптер во црвена боја на велосипедите и на велосипедите со
помошен мотор треба да биде вграден и поставен на задната страна на возилото,
а по еден катадиоптер во жолта или портокалова боја - на секоја страна на
педалот (од предната и задната страна).
(2) Оддалеченоста на рефлектирачката површина на катадиопетерот со црвена
боја на задната страна на возилото од површината на патот не треба да биде
помала од 25 cm ниту поголема од 90 cm.
(3) Рефлектирачката површина на катадиоптерот во црвена боја на задната
страна на возилото треба да биде најмалку осум cm.
(4) На бочните страни на предното и задното тркало на велосипедот и
велосипедот со помошен мотор треба да има рефлектирачки тела што
рефлектираат светлина во бела или жолта боја.

Сопирачки на велосипед и велосипед со помошен мотор
Член 20
Сопирачките на велосипеди и велосипеди со помошен мотор треба да бидат
вградени и поставени за секое тркало, и тоа најмалку по една сопирачка така што
да се меѓусебно независни, со тоа што сопирачката на предното тркало треба да
биде рачна.

Механичко или електрично ѕвонче
Член 21
Механичкото или електричното ѕвонче на велосипедите и велосипедите со
помошен мотор служи за давање звучни знаци и треба да биде вградено така за
да дава едноличен звук со непроменлив интензитет.

IV. ДРУГА ОПРЕМА ЗА ВЕЛОСИПЕДИ И ВЕЛОСИПЕДИ СО ПОМОШЕН МОТОР
Член 22
Друга опрема за велосипеди и велосипеди со помошен мотор со која се опремени
овие возилата е:
- брзиномер;
- циклокомпјутер и пулсметар;
- носач или ногарки за потпирање;
- пумпа, алат и прибор;
- калници;
- бидони и држач за бидони;
- багажник;
- кошница;
- клучалка, сајла со катинар;
- торбичка за ставање на резервен алат и
- седиште за деца.

---------------------------------------------------
Заклучок: Според предложениот Закон за безбедност  (октомври, 2014) задолжителна опрема за велосипеди се: предно, задно светло или катадиоптер и катадиоптри на страните и пропишаната глоба за нивно некористење ќе изнесува 50 евра.
Според важечкиот Правилник (март, 2010) кој е поблизок пропис на Законот за возила, задолжителна опрема за велосипеди се: предно светло, задно светло или катадиоптер и катадиоптри на педалите, ѕвонче и сопирачки и пропишаната глоба за нивно некористење изнесува 100 евра (задолжителната опрема дефинирана е во Правилникот со „треба“, а Законот за возила ја дефинира нејзината задолжителност и пропишува глоба).
 Другата опрема (брзинометри, кошници, калници, седиште за деца итн.) е само додатна, дозволена опрема за на велосипед, не е употребена формулацијата „треба“ во правилникот и следствено за неа не важат казнените одредби.
Овие одредби се стари и кај нив нема измени (со мала новост дека употребата на светла покрај во правилник се појавува и во закон). Апелираме велосипедистите да ги почитуваат за сопствена безбедност.

Клучните измени кои се подготвуваат во Законот за безбедност и за кои реагиравме во повеќе наврати до надлежните се однесуваат на регулирањето на употребата на заштитен шлем (кацига) и рефлектирачко елече.
Во предлог-Законот за безбедност за нивното користење е употребена формулацијата „треба“, но не се пропишани парични глоби. Сметаме дека тоа остава простор за натамошна измена од препорачливост во задолжителност и нивно толкување на штета на велосипедистите и со тоа нивното место не е во Законот, туку во Правилникот во Член 22 заедно со другата додатна опрема за велосипеди, т.е. за доброволно користење.
За штетноста од овие законски измени во однос на задолжителната употреба на кацигата прочитајте во блог-постовите на таа тема на линкот. Употребата на рефлектирачко елече доколку остане регулирана со законот сметаме дека има смисла да се препорачува надвор од населени места.
---------------------------------------------------
Ако имате да додадете нешто кон Точкарските закони во Република Македонија (листа на
линкот), пишете ни на: natochak@gmail.com или како коментар на овој блог-пост. 

09 October, 2014

Коментари за предлог - Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата


Можеби веќе го видовте предлог-Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.
За симнување, достапен е на линкот.
НаТочак со поддршка и совети од ТетовоНаТочак, ГостиварНаТочак, ПрилепНаТочак, БитолаНаТочак и неколку правници денес испрати неколку коментари на https://ener.gov.mk (Единствен национален електронски регистар на прописи на Република Македонија).
На сајтот на ЕНЕР може да отворите ваш кориснички профил и да ги поддржите овие коментари или да оставите ваши. Исто така, може да ни пишете предлози и нам.
Благодариме однапред!
Да придонесеме сите за подобри законски рамки за поголема безбедност на велосипедистите, развој на велосипедскиот сообраќај и велосипедската култура.

Подолу е сумарен текст со сите коментари кои ги остави НаТочак и кои скоро би требало да се појават на сајтот во делот за коментари.
--------------------------------------------

Почитувани,
 

Ви се обраќаме во врска со предлог - Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата во име на неколку неформални здруженија на граѓани кои се занимаваат со велосипедизмот како начин на транспорт: НаТочак (Скопје), ТетовоНаТочак, ГостиварНаТочак, БитолаНаТочак и ПрилепНаТочак.
Доставуваме забелешки во врска со ново-предложените измени и предлози во врска со постоечки членови кои се важни за безбедноста и унапредувањето на велосипедскиот сообраќај.
Сметаме дека е важно законот да ги заштити велосипедистите како ранливи учесници во сообраќајот и покрај поединечните измени кои ги предлагаме, да обезбеди поголема рамка за поголема заштита на велосипедистите од изложеноста на моторен сообраќај. Заштитата, како што советува и Европската велосипедска федерација, докажано најдобро се постигнува преку издвоена велосипедска инфраструктура која ќе се користи исклучиво за велосипедисти или преку мерки за намалување на брзините на возилата онаму каде што велосипедистите мора да сообраќаат заедно со моторните возила.
Преку обезбедувањето на побезбедни услови за користење на велосипедот како превозно средство не само што ќе се намалат жртвите, туку и ќе се направи поволна клима за негово помасовно користење што би било во прилог на целите на нашата држава за намалување на загадувањето, намалување на влијанието кон климатските промени, подобрување на здравствената состојба на населението, заштеди во здравството итн.
За остварување на тие цели законот треба да овозможи простор за развој на велосипедската култура со тоа што: ќе го направи задолжително сообраќајното образование и практичните вештини за управување велосипед за сите деца во основно и средно образование; ќе им овозможи на децата од најмали нозе да го совладаат велосипедот и безбедно да го користат во местата каде живеат; ќе им овозможи на родителите да ги превезуваат децата на велосипед и во приколки на велосипед; ќе овозможи превезување на товар на велосипед и нема да воведува мерки кои го намалуваат бројот на велосипедисти, како велосипедската кацига (шлем).
Велосипедот и велосипедот со помошен мотор како возила со помала моќ и возила кои не развиваат брзини поголеми од 25 km/h, не треба да подлежат на истата регулатива како моторните возила и треба што почесто да се раздвојуваат од мопедите, мотоциклите и другите моторни возила при дефинирањето на некои членови.
Се надеваме ќе ги земете предвид нашите забелешки.

Со почит,
НаТочак

Нашите конкретни забелешки ги поделивме во 5 теми:
 
А. ПРЕСТИГНУВАЊЕ И ОБИКОЛУВАЊЕ
Б. ЗАШТИТНИ ШЛЕМОВИ И РЕФЛЕКТИРАЧКИ ЕЛЕЧИЊА
В. ПРЕНЕСУВАЊЕ ТОВАР СО ВЕЛОСИПЕД
Г. ПРЕНЕСУВАЊЕ НА ЛИЦА СО ВЕЛОСИПЕД
Д. ВОЗРАСНО ОГРАНИЧУВАЊЕ ЗА УПРАВУВАЊЕ НА ВЕЛОСИПЕД

А. ПРЕСТИГНУВАЊЕ И ОБИКОЛУВАЊЕ

Член 50
(1) Престигнување и обиколување возачот смее да врши само ако тоа не го попречува нормалното движење на возилата што доаѓаат од спротивната насока и ако на патот има доволно простор за безбедно изведување на тие дејствија.
(2) Возачот не смее да врши престигнување и обиколување, кога со тоа, со оглед на карактеристиките во сообраќајот и на постојните околности на патот и во сообраќајот или со оглед на техничките својства на возилото со кое управува, ги загрозува другите учесници во сообраќајот.

ПРЕДЛОГ ДОПОЛНИТЕЛЕН СТАВ : Возачот не смее да врши престигнување и обиколување на велосипедист кој вози на коловозот ако поради условите на патот не може да го испочитува безбедносното странично растојание од велосипедот од: минимум 1 m за дозволена брзина на патот до 60 km/h и 1.5m над 60 km/h.

Член 57
(1) Возачот не смее да престигнува друго возило, освен велосипед, мопед и мотоцикл без странична приколка, непосредно пред крстосница или непосредно пред и на премин на патот преку железничка или трамвајска пруга на ниво без браник или полубраник

ПРЕДЛОГ ДОПОЛНИТЕЛЕН СТАВ: Возачот смее да престигнува  велосипед, мопед и мотоцикл без странична приколка во случајот од став (1) само доколку обезбеди безбедносно странично растојание од велосипедот, мопедот и мотоциклот од: минимум 1 m за дозволена брзина на патот до 60 km/h и 1.5m над 60 km/h.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ ЗА ЧЛЕН 50 И ЧЛЕН 57:
Треба да се потенцира потребата од безбедносно растојание на возилото од велосипедистот при заобиколување и претекнување.
Регулирањето на безбедносното растојание кое возачот е должен да му го отстапи на велосипедистот при претекнување кога велосипедистот се движи на коловоз ќе ја зголеми свеста на возачите за потребите и ранливоста на велосипедистите што реално може да го намали бројот на судири меѓу возила и велосипедисти. Растојанијата од минимум 1 m за ограничување на брзина на патот до 60 km/h и 1.5m над 60 km/h се растојанија кои возачите во многу држави препорачано или задолжително треба да ги почитуваат како безбедносни растојанија.
Велосипедистите се често жртви на невнимателен однос на возачите и треба да се работи на подигање на свеста на возачите за отстапување од просторот кој е заеднички и третирање на велосипедистите како легитимни и рамнoправни учесници во сообраќајот.


Б. ЗАШТИТНИ ШЛЕМОВИ И РЕФЛЕКТИРАЧКИ ЕЛЕЧИЊА

Член 99
(1) Возачот и лицата кои се превезуваат со велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл, трицикл, лесен четрицикл и четирицикл задолжително носат заштитен шлем на главата за време на возењето на патот.
(2) Возачот и лицата кои се превезуваат со велосипед, треба да носат заштитен шлем на главата за време на возењето на патот.
(3) Возачот и лицата кои се превезуваат со велосипед ноќе и во услови на намалена видливост треба да носат рефлектирачки елек за време на возењето на патот.
(4) Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска согласно ќе му се издаде, на возачот и лицата кои постапуваат спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член.
(5) Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на родителот односно старателот на дете кое постапува спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член. 

ПРЕДЛОГ ИЗМЕНА НА ЧЛЕН 99: Предлагаме став (2) да се тргне целосно

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ ЗА СТАВ (2):
Иако сметаме дека носењето на заштитен шлем (кацига) при користење на велосипедот како превозно средство треба да биде само на доброволна основа и нерегулирано со закон, сметаме дека е одлично што предлагачот на законот имаше слух за ставовите на велосипедската заедница и направи поместување од предложената построга варијанта на предлогот за задолжителна употреба на кацигата кон поблага варијанта за препорачлива употреба. Бидејќи и покрај добрите вести, ваквата формулација „треба“ остава простор за толкување на овој член на штета на велосипедистите и развојот на велосипедскиот сообраќај при собраниското автентично толкување на законот, ги приложуваме уште еднаш нашите ставови поткрепени со препораките на Европската велосипедска федерација. Се надеваме дека ќе наидеме на отвореност кон овие факти за тема која е нова и недоволно истражена за нашето поднебје и за која посериозно треба да ги разгледаме искуствата од позитивните и негативните примери во светот (кои мерки се во прилог на безбедноста на велосипедистите, а кои не се). Во прилог доставуваме 4 документи (овие) кои опфаќаат истражувања во прилог на тврдењето дека воведувањето на задолжителна употреба на кацига или нејзиното големо промовирање прави штета на велосипедскиот сообраќај и поради ефектот „Safety in numbers” исто така и на безбедноста. Превод од писмото кое ЕВФ го испрати до надлежните министерства и РСБСП има на следниот линк: http://natochak.blogspot.com/2014/10/support-from-ecf-regarding-mandatory.html

ПРЕДЛОГ ИЗМЕНА НА СТАВ (3):
(3) Возачот и лицата кои се превезуваат со велосипед надвор од населено место ноќе и во услови на намалена видливост треба да носат рефлектирачки елек за време на возењето на патот.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ ЗА СТАВ (3):
За велосипедистот веќе се задолжителни предно, задно светло и катадиоптри кои се доволни за негово забележување (Член 86, став 5). Дополнително, во населени места постои и улично осветлување и оваа одредба сметаме дека треба да важи само надвор од населени места каде видливоста е намалена.

В. ПРЕНЕСУВАЊЕ ТОВАР СО ВЕЛОСИПЕД

Член 77
(1) Со велосипед, велосипед со помошен мотор и мопед во сообраќај на пат може да се влече приклучно возило со две тркала, под услов да не се загрозува неговата стабилност.
(2) Прилучното возило од ставот (1) на овој член не може да биде пошироко од 80 сантиметри, а вкупната маса не може да биде поголема од 50 kg и задолжително треба да има по еден катадиоптер со жолта или портокалова боја на секоја страна

ПРЕДЛОГ ДОПОЛНИТЕЛЕН СТАВ: Кога товарниот дел е интегрален дел од велосипедот, вкупната маса не може да биде поголема од 250 kg, кога приклучното возило е опремено со кочници, вкупната маса не може да биде поголема од 100 kg, а кога нема кочници - масата не смее да надминe 60kg.
*** базирано на  пропис од Република Австрија


Член 100
(1) Во сообраќај на патот велосипед, велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл,  трицикл, лесен четирицикл и четирицикл, смее да влече приколка со две тркала, под услов да биде така прицврстена да не се намалува стабилноста на возилото.
(2) Приколката од ставот (1) на овој член, не смее да биде поширока од 1 m, а на задната лева страна задолжително треба да има катадиоптери, пропишани за приклучно возило.

ПРЕДЛОГ ИЗМЕНА НА СТАВ (2)
(2) Приколката од ставот (1) на овој член, не смее да биде поширока од 1,25 m, а на задната лева страна задолжително треба да има катадиоптери, пропишани за приклучно возило.
ПРЕДЛОГ ДОПОЛНИТЕЛЕН СТАВ: Велосипедистот смее да ја користи велосипедската патека доколку ширината на приколката не надминува 80 cm. Во случаи кога ширината на приколката е поголема од 80 cm, велосипедистот е должен да го користи коловозот.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ ЗА ЧЛЕН 77 И ЧЛЕН 100:
Во прилог на целите за намалување на загадувањето и сообраќајните гужви, треба да се стимулира превезување на товар во „последниот километар“ (=до врата) со велосипед што ќе го намали користењето на возила и закрчувањето на урбаните центри за мали дотури на роба. Законската рамка треба да овозможи примена на различни товарни (карго) велосипеди.
Член 77 и Член 100 предвидуваат користење на приклучно возило и приколка со велосипед, велосипед со помошен мотор и другите лесни моторни возила: мопед, мотоцикл,  трицикл, лесен четирицикл и четирицикл, но Дефинициите  76 и 77 од Член 2  за  „Приклучно возило“ и „приколка“ се однесуваат само на моторни возила. Сметаме дека треба да се допрецизираат опфаќајки го и велосипедот или да  се воведе нова дефиниција за товарни (карго) велосипеди кои вклучуваат: приколки за велосипеди, но и специјални велосипеди оспособени за пренесување на товар.


Г. ПРЕНЕСУВАЊЕ НА ЛИЦА СО ВЕЛОСИПЕД

Член 183
(1) На велосипед, велосипед со помошен мотор, мопед, трицикл, лесен четирицикл и четирицикл, смее да се превезува дете до седумгодишна возраст, ако на возилото е вградено посебно седиште пред возачот.
(2) На велосипед со помошен мотор, мопед и мотоцикл, смее да се превезува дете над седумгодишна возраст, ако го опчекорило посебното седиште и за време на возењето ги држи нозете на посебни држачи.

ПРЕДЛОГ ИЗМЕНА НА ЧЛЕН 183:
Исфрлање на зборот велосипед и велосипед со помошен мотор од став (1)
(1) На мопед, трицикл, лесен четирицикл и четирицикл, смее да се превезува дете до седумгодишна возраст, ако на возилото е вградено посебно седиште пред возачот.
(2) На велосипед со помошен мотор, мопед и мотоцикл, смее да се превезува дете над седумгодишна возраст, ако го опчекорило посебното седиште и за време на возењето ги држи нозете на посебни држачи.

ПРЕДЛОГ ДОПОЛНИТЕЛЕН СТАВ:
(1): На велосипед и велосипед со помошен мотор смеат да се превезуваат деца до седумгодишна возраст, ако на возилото е вградено едно или повеќе посебни седишта пред или зад возачот.


ОБРАЗЛОЖЕНИЕ ЗА ЧЛЕН 183:
Бидејќи карактеристиките (моќ и брзина) на велосипедот и велосипедот со помошен мотор од една страна и мопедот, трициклот и четирициклот од друга страна се различни, постои потреба од раздвојување на овие возила во овој член во различни ставовие.
Според европските стандарди за специјални седишта за пренесување на мали деца на велосипед, заедните седишта за деца можат да носат потешки деца (до 22 кг)  кои предните седишта не можат (до 15 кг) поради оптеретувањето на рачките за управување. Постојат и седишта кои може да се постават меѓу возачот на велосипедот и рачките и сите опции треба да бидат дозволени.
Предноста на предните седишта е што возачот има подобар увид на детето кога е пред него, но предноста на задните седишта е поголемата безбедност. (помала веројатност за судир и подобра позиција на центарот на гравитиција на целокупната маса: велосипед + возач + дете)
Превезувањето на треба да биде ограничено на само едно дете.


Член 184
(1) На приколка што ја влече или потиснува велосипед, велосипед со мотор, мотоцикл, трицикл, лесен четирицикл и четирицикл, како и во товарен сандак на велосипед, велосипед со мотор, мотоцикл, трицикл и лесен четирицикл и четирицикл, не смеат да се превезуваат лица.

ПРЕДЛОГ ИЗМЕНА НА ЧЛЕН 184:
Исфрлање на зборот велосипед и велосипед со помошен мотор од став (1)
(1) На приколка што ја влече или потиснува мотоцикл, трицикл, лесен четирицикл и четирицикл, како и во товарен сандак на мотоцикл, трицикл и лесен четирицикл и четирицикл , не смеат да се превезуваат лица.
ПРЕДЛОГ ДОПОЛНИТЕЛЕН СТАВ:
На приколка што ја влече или потиснува велосипед или велосипед со мотор, како и во товарен сандак на велосипед или велосипед со мотор, смее да се превезуваат лица, само ако приколката е оспособена за пренесување на лица.


ОБРАЗЛОЖЕНИЕ ЗА ЧЛЕН 184:
Да се овозможи поширока законска рамка за превоз на лица (особено деца и повозрасни кои не се во можност да возат велосипед), важно за развој на велосипедска култура, социјализација, здравје, престој во отворен простор.

Д. ВОЗРАСНО ОГРАНИЧУВАЊЕ ЗА УПРАВУВАЊЕ НА ВЕЛОСИПЕД

Член 230
(1) Велосипед на пат може да управува лице кое наполнило десет години возраст.
(2) Прекршочен платен налог со глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на родителот односно старателот на лицето од ставот (1) на овој член, кое постапува спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член.

ПРЕДЛОГ ИЗМЕНА НА ЧЛЕН 230:
(1) Велосипед на пат самостојно може да управува лице кое наполнило десет години возраст.
(2) Лице до 10 години може да управува самостојно велосипед на станбени улици и во зони на смирен сообраќај.
(3) Лице до 10 години може да управува велосипед на други сообраќајници, различни од тие во став (2) на кои е дозволено возење велосипед, во придружба на лице над 16 години.
(4) Лица до 12 години може да управуват велосипед и на пешачки патеки.


ОБРАЗЛОЖЕНИЕ ЗА ЧЛЕН 230:
Разбирлива е грижата за учеството на мали деца во сообраќај, но тоа може да се регулира со тоа што ќе се побара децата до 10 години при возење на велосипед да имаат придружба од повозрасен (над 16 години).
Доколку законот остане ваков каков што е предложен: дете до 7 години смее да биде превезувано на велосипед, а дете над 10 години смее да вози велосипед на пат.
Законот во ваква форма целосно ги исклучува од допир со велосипедот децата од 7 до 10 години.
Исто така им оневозможува на децата до 10 години (возраст која е најсоодветна) да научат да возат велосипед.
Во зоните на смирен сообраќај и на станбените улици на кои децата играат, не смее да им се забрани да користат и велосипед, тоа е повеќе дел од нивната игра отколку учество во сообраќај. На децата не смее да им скрати правото на игра, а на јавните простори не треба им ја одземеме живоста која им ја даваат децата.
Затоа сметаме дека овие улици / зони не треба да имаат регулација за минимална возраст. Според дефиницијата 52 од член 2. од Законот во зоните на смирен соообраќај нема ограничувања на играта за деца. Детската игра е суштински дел од развојот на децата, а користењето на јавните простори (улиците) за игра е богатство кое нашите градови и села не треба да го изгубат. Место да им се забранува на децата да возат велосипед на станбените улици, треба да се овозможат услови за смирување на сообраќајот во станбените зони. (различни пречки и предупредувања кои ќе ги забават автомобилите и кои ќе ги информираат возачите дека треба повеќе да внимаваат. Зони со ограничување на брзината до 30 km/h и 20 km/h ја зголемуваат не само безбедноста, туку и квалитетот на живот и се воведуваат насекаде низ светот).
Според примерите од други држави (на пр. во Бугарија до 12 години и во Белгија до 9 години), предлагаме да се дозволи децата до 12 годишна возраст за возење велосипед да можат да ги користат и пешачките патеки, бидејќи со својата брзина не го попречуваат движењето на пешаците. Дополнително, тоа е побезбедна зона за нив.
Велосипедот е првото превозно средство на децата. Им овозможува да бидат самостојни во движењето на помала возраст, далеку пред да имаат законска можност да ја добијат возачката дозвола.
За да се зголеми безбедноста на децата не треба да им се забрани да возат велосипед, туку да им се зголемат вештините и познавањето на сообраќајните правила и прописи  преку задолжителни сообраќајни едукативни програми за основното и средно образование (регулирано со Член 10 од Законот).

04 October, 2014

Поддршка од ЕВФ во врска со законот за задолжителна велосипедска кацига / Support from ECF regarding Mandatory bicycle helmet law

The English text is below.

После писмото кое НаТочак го прати до Европската велосипедска федерација (достапно на линкот: http://natochak.blogspot.com/2014/09/possibility-of-compulsory-helmet-law.html) барајќи поддршка во случајот со потенцијално воведување на задолжителна кацига (шлем) за сите велосипедисти, добивме брз одговор дека ќе ја добиеме неопходната поддршка за борба против овој закон.
На барање на НаТочак, ЕВФ пиша писмо за поддршка на нашиот обид да го спречиме донесувањето на оваа законска измена, адресирано до секој министер лично од релевантните министерства: Министерство за транспорт и врски (г. Миле Јанакиески), Министерство за здравство (г. Никола Тодоров) и Министерсвто за внатрешни работи (г. Гордана Јанкулоска), како и до Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.
Подолу е интегралниот текст од писмото кое овие институции го добија од ЕВФ по електронска пошта.
Pdf-верзија од писмото без контакт-деталите е достапна на следниот линк.

Писмото ги потенцира некои од најголемите проблеми поврзани со легислативата за задолжителност на велосипедска кацига.
---------------------------------------------------------------------------------

ECF
Европска велосипедска федерација


Брисел, 1 октомври 2014


Реакција во врска со иницијативата за законски задолжително носење кациги за велосипедистите


Почитуван Министре,

Замолени сме од страна на “НаТочак” да Ви се обратиме во врска со иницијативата на Вашата администрација за законски задолжително носење кациги за велосипедистите. Би сакале да Ви го изнесеме ставот на Европската велосипедска федерација поддржувајќи ја организацијата “НаТочак” во однос на прашањето и законската регулатива за носењето кациги за велосипедистите.


Законска регулатива за кацигите

Европската велосипедска федерација е категорично против тоа сите велосипедисти да бидат принудени да носат кациги. Единствената потврдена последица на законите за задолжително несење кациги е значително намалување на бројот на велосипедистите. Се покажа дека намалувањето на бројот на велосипедистите го зголемува ризикот за секој поединечен велосипедист. Велосипедистите по правило живеат подолго и поздраво; сериозни повреди на главата кај нив се ретки, а аргументите во прилог на носењето кациги и законите за кациги се слаби. Главниот ефект на законите за кациги не е зголемување на безбедноста на велосипедистите, туку обесхрабрување на луѓето да возат велосипед, со што се поткопува здравствената и друга корист.

ECF се залага за унапредување на возењето велосипед и на безбедноста на патиштата и затоа е против законската регулатива за задолжително носење кациги, од следните причини:

• Во земјите каде што се воведени мерки за задолжително носење кациги вообичаено доаѓа до намалување на бројот на велосипедистите од 20-30%.

Поради огромната корист од секојдневното возење велосипед за здравјето, секаква интервенција од аспект на безбедноста на патиштата што го намалува или негативно влијае врз бројот на велосипедистите секогаш доведува до штета по јавното здравје, токму спротивно од целите на таа интервенција (de Jong 2012).

• Разни студии покажуваат дека во земјите каде што се поттикнува возењето велосипед и каде што има голем број луѓе кои одат на работа со велосипед се забележува "безбедност поради многубројноста" (т.е. колку е поголем бројот на велосипедистите – толку е поголема безбедноста за секој поединечен велосипедист). На тој начин, со намалувањето на бројот на велосипедистите поради законската регулатива за задолжително носење кациги се зголемува ризикот за преостанатите велосипедисти (Jacobsen 2003).

• Законите за задолжително носење кациги го обесхрабруваат возењето велосипед прикажувајќи го како абнормално опасно, иако податоците потврдуваат дека веројатноста да загинете возејќи велосипед е помала отколку ако го поминете истото растојание одејќи пеш (Wardlaw 2002).

• Помала е веројатноста од повреда на главата кај велосипедист отколку кај повреден пешак или човек што се вози во кола (ONISR 2005).

• Велосипедските кациги се предвидени само да штитат од помали удари и контакти, а не од судир со моторни возила; ова јасно може да се види од стандардите на ЕУ.

• Земјите во кои се воведени закони за задолжително носење кациги не успеаја да ги намалат стапките на повреди на главата и покрај зголемувањето на стапките на носење кацига (Cameron, Heiman and Neiger, 1992; Smith and Milthorpe, 1993; Scuffham and Langley, 1997).


Подобри мерки за безбедност

Ја повикуваме Вашата администрација да се фокусира на успешно докажани мерки за унапредување на возењето велосипед и за доброто на велосипедистите, на пример:

• Намалување на брзината. Ова е еден од најдобрите начини за намалување на бројот на жртвите меѓу велосипедистите (и другите корисници на патиштата). Прекумерната брзина е директно одговорна една петина од сите судири и една третина од сите смртни случаи на патиштата. Се проценува дека намалувањето на просечната брзина на сообраќајот од 10% доведува до намалување од 37,8% во бројот на смртните случаи (Elvik, R et al, 2004). За споредба, се проценува дека намалувањето од 10% на “возењето ноќе” или “возењето под дејство на алкохол” доведува до намалување на бројот на смртните случаи од 1,7%, односно 1,0%.

• Издвоена инфраструктура. Онаму каде што не може да се намали брзината или обемот на сообраќајот, велосипедистите треба физички да се одделат од сообраќајот на моторни возила. Постојат голем број добри примери за планирање на инфраструктурата во целиот свет, на пример во земји како што се Холандија, Данска или Германија.


Заклучок

• Носењето кацига не треба да биде задолжително; велосипедистите треба да имаат право на избор дали ќе носат кацига или не. Забраната за возење велосипед без кацига секогаш ќе има лоши последици во однос на јавното здравје.
• Постојат многу подобри интервенции од задолжителното носење кациги преку законска регулатива. Најважна меѓу нив е намалувањето на брзината на моторните возила.


Д-р Бернхард Енсинк 
Генерален секретар,

Европска велосипедска федерација
---------------------------------------------------------------------------------

 After the letter NaTochak sent to the European Cyclists federation (available at this link: http://natochak.blogspot.com/2014/09/possibility-of-compulsory-helmet-law.html) to ask for support in the case of possible introduction of mandatory helmet for all cyclists, we got a quick response that we are going to get all the support we need to fight against this law.
On the request of NaTochak the ECF wrote a letter of support for our attempt to prevent the adoption of this amendment addresed to each minister from the relevant ministries: Ministry for Transport and Communicatin (Mr. Mile Janakieski), Ministery of health (Mr. Nikola Todorov) and Ministry of interior (Gordana Jankuloska), and as well to the National Council for Road Traffic Safety.
Bellow is the integral text of the letter that was sent to by ECF to the relevant institutions.
Pdf-version without the contact details is available at this link.

The letter highlights some of the major problems associated with Mandatory Bicycle Helmet Legislation.
---------------------------------------------------------------------------------
ECF
European Cyclists' Federation
Minister of Interior
Gordana Jankuloska,
St. Dimce Mirchev No.9
1000 Skopje
  
Brussels, 01 October 2014
Re:      Response to an initiative to impose bicycle helmet legislation 
Dear Minister Jankuloska,
We have been asked to write to you by NaTochak concerning an initiative by your administration to impose bicycle helmet legislation. We would like to offer the position of the European Cyclists’ Federation in support of NaTochak with regards to the issue of bicycle helmets and bicycle helmet legislation.
Helmet legislation
The European Cyclists’ Federation is very much opposed to an all-encompassing coercion of helmet wearing for cyclists. The only really known effect of helmet compulsion laws is that it causes a large reduction in the number of cyclists. A reduction in the number of cyclists has shown to increase the risk to each individual cyclist. Cyclists typically live longer and healthier lives; serious head injuries are rare and the evidence in favour of helmet wearing and helmet laws is weak. The main effect of helmet laws has not been to improve cyclists’ safety but to discourage cycling, undermining its health and other benefits.
ECF promotes cycling and road safety, we therefore oppose mandatory helmet laws because:
        Countries that have introduced mandatory helmet measures have commonly seen a reduction in cycling numbers of 20-30%
        Because of the huge health benefits of everyday cycling, any road safety intervention that reduces or impedes the number of cyclists will always bring about a public health disbenefit, the very opposite of the aims of the intervention (de Jong 2012)
        Studies show that countries that promote cycling and that have many cycling commuters, experience "safety in numbers" (i.e. the larger the number of cyclists – the safer it is for each individual cyclist). Reduced cycling through mandatory helmet legislation thus increases the risk of injury to remaining cyclists (Jacobsen 2003)  

        Mandatory helmet laws discourage cycling by portraying it as abnormally dangerous, although evidence shows that you are less likely to be killed in a mile of cycling than in a mile of walking (Wardlaw 2002)

        Injured cyclists are less likely to have head injuries than injured pedestrians or car occupants (ONISR 2005)

        Bicycle helmets are only designed to withstand minor knocks and bumps, not being hit by motor vehicles; this is made clear in the EU standard

        Countries that have introduced mandatory helmet laws, have failed to reduce head injury rates despite increased helmet wearing rates (Cameron, Heiman and Neiger, 1992; Smith and Milthorpe, 1993; Scuffham and Langley, 1997)  

Better safety measures 

We call upon your administration to focus on well-established measures to promote cycling and cyclists' well-being, for example;

·         Reducing speed – this is one of the best ways of reducing cycling (and other road user) casualties. Excessive speed is a direct factor in about a fifth of all collisions and is a major contributory factor in a third of all road deaths. It has been estimated that a 10% reduction in the mean speed of traffic will result in a 37.8% reduction of the number of fatalities (Elvik, R et al (2004). To put this in perspective it was estimated that a 10% reduction in “Exposure to darkness” and “Drink-driving” gives a reduction in fatalities of 1.7% and 1.0% respectively.

·         Separate infrastructure – Where speed or volume of traffic cannot be reduced cyclists should be physically separated from motorised traffic. There is a large amount of good examples of infrastructure design from around the world, from countries such as the Netherlands, Denmark, and Germany for example.

In Conclusion;

·         Bicycle helmets should not be mandatory, cyclists should have the choice as to whether they want to wear a helmet or not. Banning cycling without a helmet will always result in a public health disbenefit  

·         There are many better safety interventions than helmet legislation. The major one being a reduction in motor vehicle speed

Dr Bernhard Ensink 
Secretary General
European Cyclists’ Federation