22 March, 2015

Критична маса #35: Скопје, што е со патеките?

ДатумСреда, 25.03.2015
Почеток17:30, паркингот спроти Холидеј Ин

Крај: Парк Капиштец
---------------------------------------------------------------------
Facebook настанлинк

Промотивни материјалилинк
Рута: линк

---------------------------------------------------------------------

Постерот за КМ 35
Денес ќе возам точак, си велиш. Излегуваш со насмевка на лицето и му се радуваш на прекрасниот сончев ден. Од дома понесуваш добро расположение. Возиш по велосипедска патека. Но по десетина метри пред тебе се испречува билборд. Вешто го избегнуваш  и се трудиш да останеш насмеан. Но само што си го минал билбордот налетуваш на отворена шахта заради која едвај успеваш да се додржиш на седиштето. На твоето лице веќе нема радост. Продолжуваш да возиш понатаму и возењето ти го прекинуваат неколку автомобили кои се оставени насреде патеката. Сопствениците ги паркирале тука и сега си пијат кафе во блиското кафуле. Веќе си намрштен додека се обидуваш да ги заобиколиш без да ги изгребеш. Успеа некако да се извлечеш, но сега пред тебе се појавува автобуската станица. Веќе си видно лут и возиш слалом низ луѓето кои го чекаат својот автобус. Некако успеваш да се извлечеш и од оваа мешаница, но веќе си избезумен. И во моментот кога мислиш дека ништо повеќе не може да те изненади наидуваш на лимена тараба: некој ја узурпирал велосипедската патека за да си го прошири градилиштето, а не обезбедил алтернативна патека. Го земаш точакот во раце и се спушташ долу на улицата од високиот рабник. И додека крај тебе со огромна брзина фрчат автомобили и ти свират, веќе ти е сеедно.


Ова не е некоја измислена басна, ова е типична скопска приказна од нашето секојдневие. Многумина кои пробале да возат точак се обесхрабруваат поради ова, а најголем дел не ни пробуваат!

За чудо и среќа има и такви на кои иако ова им се случува постојано, не се откажуваат, свесни за сите придобивки од ова превозно средство и за промената која треба да се случи. Повеќе луѓе на точак придонесуваат градот да е поубаво место за живеење: загадувањето се намалува, има помалку бучава, помалку гужви, а повеќе здрави и активни луѓе и насмеани лица. Повеќе простор за зеленило и луѓе, а помалку узурпиран од коли. Поголемо уживање во градот и поопуштено движење. Поубаво Скопје. Но до тоа нема да дојде додека условите во градот драстично не се променат.

Возиме точак зашто сакаме Скопје да стане град поквалитетен за живот, не зашто уживаме во сиот тој слалом и непријатните ситуации со возачите на автомобили и пешаците, искрено повеќе би ни годела добра велосипедска инфраструктура. Велосипедска мрежа која ќе го поврзе целиот град.

Во Скопје има некаква мала мрежа на велосипедски патеки, но таа не е доволна.
Во Скопје се реконструираат дел од патеките, но тоа се врши бавно и со повторување на проблемите. Повторно неслеани рабници место рампи, повторно нерамна брановидна подлога, повторно патеки кои минуваат низ автобуски постојки!
Не бараме многу, само она што ни припаѓа во сообраќајот: проодни велосипедски патеки. Бараме поскоро и поквалитетно реконструирање на постоечката велосипедска мрежа, па да почне да се проширува и со нови патеки!
Бараме донесување на Правилникот и проектирање и изведба  на велосипедските патеки по стандарди.
Бројот на луѓето кои веќе возат точак и на оние кои чекаат пристојни услови за да почнат да возат, Градот не може да ги пресретне. Скопје, сети се на твоите точкари кои не ти наштетуваат со издувни гасови, кои го сакаат секое твое делче, сети се дека има уште многу повеќе кои едвај чекаат нормални велосипедски патеки за да ги јавнат точаците. Граѓаните сакаат промена. Ти си на потег.
Скопје, што е со патеките?
--------------------------------------------------------------
Со Критична маса #35 која ќе биде прва во т.н. „пролетна сезона“ ќе го скренеме вниманието на Градот кон потенцијалниот проблем кој го насетуваме (премногу точаци, а необезбедени услови) и ќе му порачаме што поскоро да ги оспособи патеките и кога веќе ги реконструира, да го направи тоа како што треба.
Будно ќе следиме.Потребна ни е и твојата поддршка. Придружи ни се за да ги промениме работите заедно. Дојди на Критична маса за заедно да пратиме порака Градот да нѐ пречека спремен, приклучи се во НаТочак да помогнеш да извршиме притисок врз надлежните.
Се гледаме на 25. март со почеток од 17:30 часот на паркингот спроти Холидеј Ин.
Возиме по следнава рута:



Ѕрн ѕрн! 



*** Секој учесник вози на своја одговорност. 
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.
Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата.До овој момент, скопјани 34 пати возеа масовно по скопските улици, на 34 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 35-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца! Приклучи се! Ангажирај се! Може да нé има повеќе! И Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------
 

Промотивни материјали КМ #35

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за  #Критична маса #35. Огромна благодарност до Дејан Ханџиски за дизајнот на материјалите со кој ја илустрира состојбата на велосипедските патеки во Скопје.
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • постери и флаери 
-Постер (А3, во боја) верзија за печатење: линк (tiff).
-Флаер (4 на А4, црно-бело) верзија за печатење: линк (tiff).

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • постер


постер за КМ 35, верзија за веб
  • банери


веб-банер 300x250



веб-банер 500x500
 


веб-банер 980x100


веб-банер 990x80


веб-банер 851x315 (Facebook cover)

веб-банер 1500x421 (Twitter cover)
 


 
 

04 March, 2015

Интервју со Општина Центар - Субвенции за велосипеди (2014)

Општина Центар е една од ретките општини кои започнаа иницијатива за поддршка на урбаниот велосипедизам, во случајов преку субвенционирање на велосипедите на жителите од оваа општина.

Во јавноста за оваа мерка имаше позитивни реакции (затоа што општината го поддржува велосипедизмот), но и реакции во однос на условите за возење велосипед кои треба да бидат приоритет за решавање, а се голем проблем во оваа и други општини. Главните булевари не се во надлежност на општината (тие се во надлеженост на Градот), но споредните улици се. Таму општините може да воведат „зони 30“, да ги слеат високите рабници од тротоарите на преодот кон коловозт во рампи , да делуваат кон решавање на проблемот со непрописно паркирани возила итн. Има голем простор за подобрување.
-----------------------------------------
На Точак направи интервју со Општина Центар за првото субвенционирање на точаци во 2014-та година и еве што велат тие:

1.  Разбравме дека субвенциите за нови точаци се исплатени прилично експедитивно, колкава беше заинтересираноста за оваа акција?

Општина Центар е задоволна од реализацијата на проектот “Цел Центар на точак”. 870 жители на општина Центар добија субвенции за набавување на нов велосипед. Речиси за еден месец беше исполнета квотата за планираните субвенции. Половина од заинтересираните беа припадници на женскиот пол. Имаше заинтересираност и за набавка на велосипеди и за деца.


 2.  Дали се планира повторување на акцијата?

Оваа акција ќе се реализира и наредната година. Во буџетот за 2015 година ќе бидат предвидени средства и тоа повеќе од годинава за набавка на нови велосипеди.


 3.  Дали Општина Центар планира некои други акции поврзани со стимулирање на велосипедизмот во скоро време, пример подобрување на инфраструктурата, поставување на паркинзи за точаци на повеќе места, нови велосипедски патеки и воведување на зони 30?

На сите новоизградени скверови или реконструирани улици општина Центар поставува паркинзи за велосипеди. Тоа ќе биде практика и во иднина, исто како и за новите велосипедски патеки. Градоначалникот на општина Центар најави дека се планира воведување на зони 30 во Дебар маало заради поголема безбедност во сообраќајот.


 4.  Еден од начините да се мотивираат граѓаните во еден град да возат велосипед е токму вработените од државните институции да го прават истото. Дали планирате (континуирано) да ги стимулирате вашите вработени да доаѓаат на работа со велосипед?

Дел од вработените веќе доаѓаат на работа со велосипед. Заложба на општината е што поголем број жители, меѓу нив и вработените да го користат велосипедот бидејки со тоа ќе се придонесе за намалување на загаденоста и ќе се растерети сообраќајната гужва во општина Центар. И вработените како и сите граѓани доколку се жители на општина Центар може да аплицираат за купување на нови велосипеди.
-----------------------------------------

Коментар: Паркинзите за велосипеди кои ги поставува Општина Центар ги задоволуваат потребите на велосипедистите да го заклучат велосипедот и за рамот и очекуваме и другите општини да ја следат таа пракса. Дополнително, очекуваме Општина Центар, но и останатите да делуваат во насока на подобрување на дизајнот на улиците за пешаци и велосипедисти и станување на похумани места за живеење.

23 February, 2015

Критична маса #34 „Човек на точак, не точак на човек!“

ДатумСреда, 25.02.2015
Почеток17:30, Плоштад Македонија

Крај: Сквер Јадран

---------------------------------------------------------------------
Facebook настанлинк

Промотивни материјалилинк
Рута: линк

---------------------------------------------------------------------
 
Facebook cover за КМ 34
 
Високи рабници на кои при искачување се напнуваш да го поткренеш тркалото, а при симнување си треснуваш; непрописно паркирани возила и нелогично поставени автобуски постојки поради кои мораш да се спушташ на коловоз сред опасни брзаци; лошо поставени знаци, билборди и светилки поради кои возиш слалом; нелогично прекинати патеки поради кои мораш да го креваш точакот во раце - се реалноста со која се соочува секој кој се обидува да вози точак во Скопје. 
Во Скопје возењето точак е поистоветено со спорт и тоа е суштинската причина зошто Скопје не е пријателски град за точаци.
Перцепцијата на точакот единствено како спорт (од граѓаните, од луѓето вработени во општинските администрации, па се до највисоката власт), како нешто кое го користат само оние кои сакаат да развијат мускули, само младите, само вештите, само мала група граѓани, прави моменталните услови во Скопје да се прифатат како нормални: „па ќе го кренеш малку, и тоа е вежбање“.
Превезувањето со точак е лесна физичка активност која многу годи по здравјето. Тоа е аргумент велосипедскиот сообраќај да се вброи во категоријата здрав транспорт, но не е аргумент да се избрише од транспорт и да се вброи како спорт!  


Точак не е само спорт, точак е и транспорт! 
Кога точакот се смета како транспорт, тогаш мора да имаат можност и услови да го користат сите! И младите и постарите и децата! И вештите и помалку вештите! И оние кои сакаат да спортуваат, но и оние кои сакаат само безбедно да стигнат од една до друга точка без никакви пречки! 

Според истражување на Европската комисија, најголем мотиватор (дури за 70 % од луѓето) за изборот на превозно средство е постоењето на соодветна инфраструктура и погодности за користење на тоа превозно средство. 
Во каква инфраструктура вложуваме, таков сообраќај и добиваме.

На точак не загадуваме, не правиме бука и метеж, на точак градиме почист град, поведар, подобар. Затоа точакот како сообраќај заслужува повисоко место во градските политики! 
Од нас зависи да кренеме глас, од Град Скопје да ги реши проблемите, за да биде возможно секој, баш секој, кога ќе посака и ќе има потреба да  може да се превезува со точак, еднакво како што има услови да се превезува со кола.
Да возиме, посочуваме, критикуваме, бараме. Скопје треба да добие функционална мрежа на велосипедски патеки низ целиот град, да се интегрираат во неа патеките покрај Вардар, да се заменат сите рабници со рампи, да се отстранат сите пречки. Возењето точак треба да е возможно за сите генерации и способности, да е издвоено од автомобилски сообраќај или решено со зони на смирен сообраќај, да биде безбедно и удобно, да биде прифатено од сите како нешто нормално и почитувано. 

Точаци се за возење, не се за кревање! 
Човек на точак, не точак на човек!
 

 
Се гледаме на Критична маса #34 на 25. февруари со почеток од 17:30 часот од Плоштад Македонија, да порачаме дека точак е за возење и точка.
 
Ѕрн ѕрн!

 
*** Секој учесник вози на своја одговорност. 
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.
Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата.
До овој момент, скопјани 33 пати возеа масовно по скопските улици, на 33 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 34-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца! Приклучи се! Ангажирај се! Може да нé има повеќе! И Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------
 

17 February, 2015

Пријава на инфраструктурен проблем - Поставување на билборди на велосипедски патеки

Од јануари 2015 год, активисти на групата НаТочак забележаа масовно поставување на нови билборди на неколку локации низ градот Скопје, позиционирани на дел од велосипедските патеки. 
Со дописот во прилог реагираме на оваа појава која го води градот чекор назад во неговите заложби да прерасне во велосипедски град. Секоја пречка на велосипедските патеки го стеснува и онака малиот и нестандарден простор за непречено движење со велосипед. 
 
Проблемот се појавува и кога пречката (во случајов билборд) е поставена на пешачка патека, бидејќи проблемот се прелева, пешаците избегнувајќи ја истата, се движат по велосипедската патека и доаѓа до конфликт во движењето меѓу пешаци и велосипедисти.
 
Бараме отстранување на поставените постаменти од вело- патеките и изнаоѓање трајно решение за истите. Во оваа насока, повторно потсетуваме за донесување на Правилникот за стандардизација при изработка на велосипедски патеки, со кој засекогаш ќе се реши овој проблем.
Како и досега, очекуваме конструктивност и изнаоѓање прифатливо решение.
 
Интегралниот текст од допсиот го има во продолжение, а пријавата која ја испрати НаТочак до релевантните тела на Град Скопје, достапна е на линкот.
----------------------------------------------------
 

       До: Град Скопје
Сектор за сообраќај
Сектор за планирање и уредување на просторот

Предмет: Допис

Почитувани,
Сакаме да Ве известиме за појавата на нови недоследности на велосипедските и пешачките патеки на повеќе локации низ градот Скопје. Имено, во јануари 2015 год. забележавме поставување на нови билборди на велосипедските и пешачките патеки. Конкретно, во продолжение приложуваме слики од локации од неколку булевари.
   Партизански Одреди / Никола Парапунов     М. Теодосиј Гологанов / Веро 2 (прв)
  М. Теодосиј Гологанов / Католичка Црква      М. Теодосиј Гологанов / Веро 2 (втор)
 
Како што се гледа од сликите, оние билборди кои се поставуваат на велосипедските патеки, го попречуваат нормалното движење на велосипедистите, а оние билборди кои се поставуваат на пешачките патеки, им попречуваат на пешаците и ги принудуваат да се движат на велосипедските патеки. Во секој случај, се појавува проблем во нормалното движење на велосипедистите и пешаците со нивното мешање и со дополнителното стеснување на веќе тесниот простор оставен за нивно движење.

Пред една година се соочувавме со сличен проблем. Поставеноста на контејнерите на велосипедските патеки го попречуваа движењето на велосипедистите. НаТочак, овој проблем го пријави на надлежните во градот, на што наидовме на разбирање. За кратко, контејнерите беа отстранети од велосипедските патеки. Го поздравуваме тој потег.

Се надеваме дека и со оваа пријава, проблемот со билбордите ќе биде решен. На поставувањето на билборди и слични фиксни објекти треба да се посвети особено внимание. Со нивното поставување речиси трајно се узурпира јавниот простор и затоа треба трајно да се заштити просторот за движење на граѓаните. Долгорочно решение за овој и сличните проблеми, НаТочак предложи пред околу една година, со тоа што иницираше изработка на Правилник за стандардизација при изработка на велосипедски патеки. Во Правилникот се уредени сите аспекти при планирањето и изведбата на велосипедските патеки, по утврдени стандарди со што ваквиот тип на проблеми долгорочно би се спречил.
Според нашите сознанија, Правилникот за планирање и изведба на велосипедски патеки, моментално е во процедура на донесување, чека потпис во Министерството за транспорт и врски, каде што се наоѓа закочен повеќе од една година. Со дописов, освен што известуваме за билбордите, апелираме за откочување на процесот и за што поскоро донесување и имплементирање на терен на Правилникот, со што ќе се спречат овие недоследности во иднина.
Очекуваме одговор и се надеваме на разбирање.
Со почит,
НаТочак - За подобро вело Скопје, до подобар град!
17.02.2015, Скопје

12 February, 2015

Bike kitchen / Вело - кујна (13.02.2015)

Facebook настан: линк.

Како надоврзување на Winter Bike to Work Day -
акцијата, во недела ќе има зимска работилница во стилот на Bike Kitchen, баш Вело - кујна :)


Во недела, 15.февруари, од 12:00 до 15:00, дојдете во АКСЦ, да си споделиме совети и DIY идеи за возење точак во зима, оние кои знаат - да демонстрираат основни поправки на точакот, оние кои не знаат - да научат. Ќе има и топла супа, да се згрееме ;)



Сергеј (Лежипед) ќе ни објасни за штитниците за раце кои сам си ги има направено за точакот од пластични шишиња, некој од НаТочак ќе објасни за DIY гумата со штрафчиња за на мраз, ќе научиме да лепиме и менуваме гума и затегнуваме кочници, ќе решиме некој мал проблем на точаците на присутните. 
Ако имате нешто за поправање - дојдете! Ако имате алат - донесете! Ако имате нешто интересно да споделите или само сакате да се подружите со точакољупци и да си м’цнете супа…Тогаш се гледаме во недела, на точак! 

Автономниот културно социјален центар се наоѓа во Железничарската зграда, зад ТЦ Буњаковец: http://bit.ly/aksc-mapa

07 February, 2015

Winter Bike to Work Day - Skopje


Winter Bike to Work Day (оваа година е во петок, 13-ти февруари) е годишен настан кој го слави превезувањето со точак во зима.
Започнал во Канада ред 3 години, а годинава се одбележува во повеќе десетици градови во светот.


За првпат го одбележуваме и во Скопје (Facebook настан на линкот).
Што треба да направиме?
Треба само да се обврземе дека ќе се превезуваме на точак на 13-ти февруари до работа, до школо, до факултет, каде и да одиме; без оглед дали возиме или не возиме точак во зима, без оглед какви ќе бидат временските услови тој ден. Само на еден ден.
Ајде да пробаме! :)
Замислете свеж зимски ден со многу луѓе на точак низ градот и тоа се случува синхронизирано во светот! 

Ако веќе возите во зимa, охрабрете ги пријателите да пробаат, макар на ден. Кажете им дека тоа за првпат го прават и други илјадници луѓе како нив во светот!

И регистрирајте се на сајтот:
http://winterbiketoworkday.org/#commit
Дајте збор дека ќе возите точак на 13-ти февруари.
Да го исполниме Скопје со снегулки на мапата, а со точаци на улиците!



П.С. До 7.02.2015, 18:30 часот, има 26-мина регистрирани од Скопје на официјалниот сајт.