28 May, 2015

Еден ден и Скопје ќе биде вело-град!

 
фото: Никола Спасеноски

Пораката со која ја завршивме Критична маса #37 одбележувајќи 3 години заедничко делување за промена.

-----------------------------------------------------------


Еден ден и Скопје ќе биде вело-град.

Ќе може да стигнеш од запад до исток, од север до Водно по супер брзи велосипедски магистрали со зелен бран за точаци. Кејот ќе биде повторно непрекинат и вграден во мрежата. Голем процент од луѓето задоволни ќе избираат точак зашто е најбрзо, најздраво, најлесно, зашто нема пречки. Децата повторно ќе одат на училиште со точак или пешки.

Еден ден и Скопје ќе дише.
Еден ден ќе имаме повеќе зеленило и велосипедски патеки, место широки автомобилски ленти.
Еден ден нема да нагазуваме гас за побрзо да поминеме, туку ќе уживаме во градот.
Еден ден помалку луѓе ќе ни гинат на улиците.
Еден ден ќе бидеме мултимодални, секој ќе може да користи и точак и пешачење и јавен транспорт и кола. Ништо нема да биде срамота, ништо нема да биде за сиромашни или богати, сè ќе биде за сите во различни ситуации.
Еден ден...
 
Зашто ќе сфатиме дека булевари не можат да се шират бескрајно, така само привлекуваат нови коли, и дека тоа е грешка низ која поминале многу градови.
Дека зеленилото одземено тешко се надоместува.
Дека немаме веќе животи за губење, поради лош воздух или брзо возење, дека тоа не е судбина, туку нешто на кое влијаеме со нашите политики.
Дека 50 % од патувањата се помали од 5 км и можат да се прават пешки и со точак за што треба да се вложи.
Дека велосипедската инфраструктура е многукратно пoевтина од автомобилската, а носи многу повеќе бенефити за општеството: подобро здравје со умерената активност секој ден, почист воздух, помалку штета на озонот, помалку бука, помалку окупиран јавен простор, позадоволни лица во контакт со околината!
Ќе сфатиме дека луѓето во Скопје заслужуваат да живеат поквалитетно!
И дека грижата за планетата започнува локално, а локално значи и во Скопје.

Но дотогаш...
Дотогаш треба визија дека може и поинаку од она што е сега. Дека кола не е центар на светот, ниту треба да биде доминантен превоз на кој сè ќе му се подреди во градот.
Дотогаш треба свест дека квалитетот на животот (и животот!) е поважен од сè!
Дотогаш треба да искомуницираат меѓу себе сите сектори, да направат стратегија сите општини и градот.
Дотогаш треба отвореност во планирањето кон стручната јавност и велосипедската заедница.
Дотогаш треба волја да се реши проблемот со паркирањето.
Дотогаш треба да им се рече „не“ на сите кои поради ситни интереси ќе ги спречат инженерите да им постават столпчиња пред дуќанот или ќе изургираат да се постави билборд на велосипедска патека.
Дотогаш треба да се бдее над секој мајстор кој ќе го постави рабникот високо зашто е така научен.
Дотогаш не треба да има префрлување на топката туку заедничка работа на институциите.

И ова може да се случи поскоро, градови во Европа и низ светот покажуваат дека значајна промена се постигнува во само неколку години.
Не мора да чекаме да го допреме дното во безбедноста во сообраќајот, квалитетот на воздухот, окупацијата на јавен простор, па да учиме низ сопствени грешки.
Имаме многу примери од кои можеме да учиме. Можеме да ја почнеме промената СЕГА.
Не е тешко, не е ни скапо. Треба само свест.
Ние, луѓето кои го користиме точакот како превоз не ги правиме директно градските политики, не можеме да градиме инфраструктура, но можеме да ја подигнуваме свеста и тоа го правиме сите заедно во изминативе 3 години.
Испраќаме порака преку социјални и понекогаш мејнстрим медиуми, им досаѓаме на властите со постојани писма и пријави, и пред сè со заедничките масовни возења испраќаме порака дека постоиме, дека точак е сообраќај и дека треба да го земат предвид.
И тие со специфични одговорности и сите други наши сограѓани.

Мали, но значајни исчекори се направени во тие 3 години, не би ги набројувале сега, тоа е повеќе за некој извештај отколку за ваков собир, но чисто како илустрација: направени се промени во предлог Законот за безбедност, изработен (но сè уште неусвоен) е Правилник за планирање на велосипедски патеки, поправени се дел од пријавените инфраструктурни проблеми, променет е речникот на градските власти и сето тоа благодарение на нашето заедничко делување, на НаТочак со огромна поддршка од велосипедската заедница.
Веќе не зборуваат за нас како субкултурна група велосипедисти или за велосипедизмот исклучиво како спорт, туку и за велосипедски сообраќај за сите.
Многу наши сограѓани се инспирираат од своите пријатели, од Критична маса и започнуваат да го користат точакот како превоз.
Сè повеќе локали пројавуваат желба да постават паркинзи за точаци со цел да изразат поддршка на сите кои возат точак

Промената ќе продолжи, мора да продолжи.
Ние, сите што сме тука, знаеме дека еден ден и Скопје ќе биде велосипедски град.
Тоа е историска неизбежност.
Нека не ни биде криво зошто не сме почнале порано со промената.
Затоа сме тука, да инспирираме и притискаме заедно тоа да се случи поскоро, за добро на сите!
 
Честити 3 години Критична маса, Скопје!
Само критично и само храбро!

26 May, 2015

Промотивни материјали КМ #37: 3 години борба за Скопје вело-град!

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за  Критична маса #37. Огромна благодарност до Ласко Џуровски за дизајнот.


МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • постери и флаери 
-Постер (А3, во боја) верзија за печатење: линк (pdf)
-Флаер (4 на А4) верзија за печатење: предна и задна страна, црно-бело: линк (pdf)

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • постер

  • флаер

  • банери
300x250

500x500

980x100
 
990x80
twitter cover

facebook cover
 
 
 

22 May, 2015

Критична маса #37: 3 години борба за Скопје вело-град

ДатумСреда, 27.07.2015
Почеток17:30, паркингот пред Зоолошка

Крај: Роденденски пикник
---------------------------------------------------------------------
Facebook настанлинк

Промотивни материјалилинк
РутаРоденденска

---------------------------------------------------------------------


Постер за КМ #37
Пред точно три години ја започнавме авантурата наречена „Критична маса“. Оттаму произлезе и неформалното здружение НаТочак. Во него влеговме со искрени намери и огромни амбиции. Сонувавме големо. Сакавме да го смениме градот. Посакувавме да видиме повеќе луѓе кои ќе користат велосипед низ улиците на Скопје. Се боревме да ги подобриме условите за возење.

Но сѐ започна со таа Критична маса, една среда во мај, пред три години. Не бевме сигурни како на сето тоа ќе реагираат нашите сограѓани. Ќе има ли одзив? Каква ќе биде поддршката? Ќе имаме ли истомисленици?
Реакцијата на Скопјани беше одлична. На првата Критична маса се појавија стотици луѓе. По ова движењето продолжи да се развива и шири. Наредниот месец следеше нова Критична маса а по неа уште една и уште една...

Се обидувавме да го кренеме нивото на вело-култура во нашата средина. Организиравме десетици акции со кои реагиравме на многубројните проблеми од оваа област.  Многу често наидувавме на пречки во институциите. Се изнаслушавме фрази од типот “може”, „ќе биде“, “ќе видиме“, „тешко тоа“, „невозможно“ и сл. Но во ниеден момент не се откажавме. Крутоста и затвореноста на надлежните ги сфативме како предизвик за понатамошна борба. Продолживме со постојан притисок кон институциите. И ќе продолжиме!

3 години вртиме за промена, 3 години посочуваме и 3 години сме на важи.

Но еден ден и Скопје ќе биде вело-град. Тоа е историска неизбежност.
И на сите ќе ни криво зошто не сме почнале порано со промената.
Наше е да возиме, на одговорните е да бидат одговорни кон иднината на градот.

Гледаме дека низ Скопје има сѐ повеќе луѓе кои се на точак. Но нашата борба ни одблизу не е завршена. Треба уште многу да се работи за да дојдеме до ниво кое ќе биде прифатливо за сите. Ќе ја бараме инфраструктурата која ја заслужуваме! Проблеми има уште многу и затоа продолжуваме понатаму. Веќе нема враќање назад. Решени сме Скопје да го направиме вело град! Не чека уште многу работа. Но, најмногу од било кога ни е потребна е и твојата поддршка.

Дојди со нас да прославиме 3 години вртење за промена.

3 години критична маса за Скопје велосипедски град!
Скопје не може да биде веле-град без најпрво да стане вело-град. Затоа продолжуваме понатаму. Среќен 3-ти роденден Скопје НаТочак!


--------------------------------------------------------------

Потребна ни е и твојата поддршка. Придружи ни се за да ги промениме работите заедно. Приклучи се во НаТочак да помогнеш да извршиме притисок врз надлежните.

Се гледаме во среда 27-ми мај со почеток од 17:30 часот на паркингот пред Зоолошка.

Ѕрн ѕрн! 


*** Секој учесник вози на своја одговорност. 
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 36 пати возеа масовно по скопските улици, на 36 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 37-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца! Приклучи се! Ангажирај се! Може да нé има повеќе! И Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

25 April, 2015

Критична маса #36: Скопје ние сме спремни, а ти?

ДатумСреда, 29.04.2015
Почеток17:30, паркингот зад НЛБ и
Рамстор

Крај: Град Скопје
---------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк

Промотивни материјалилинк
Рута: линк

---------------------------------------------------------------------

Постер за КМ #36
 
Скопје врие од точаци, граѓаните избираат педали.
Граду, како ќе ја дочекаш навалата на точаци што незапирливо расте? Гостите дојдоа, но каде планираш да ги пречекаш драгите точакољупци?
Не прифаќаме изговори за неангажирање за промена. Скопје, потребна е одговорност, храброст и визија. Ја бараме велосипедската инфраструктура која ја заслужуваме! Зарем нема да бидеш и ти Скопје посреќно така?
Примерите од светот покажуваат дека за да се постигне промена, треба  брзо да се изгради поголема мрежа, поединечни патеки немаат ефект. Скопје има  60-тина км патеки со кои нон стоп се фали, но никако да ги доведе ни нив во добра состојба, камоли пак да изгради нови.

Во Скопје освен рекреативните вело-патеки покрај Вардар, поголеми НОВИ велосипедски потези не се направени со децении. Проблемите се многу пати споменати. Сметаме дека за град со големина и буџет како Скопје, треба да се изврши целосна ревитализација на овие патеки во период од 1 година и недозволиво е да е одолговлекува во период од 3 години. Нови и подобри решенија, дуплирање на километражата на патеките, воведување на зони 30, велосипедски патеки со зеленило, итно решавање на проблемот со паркирани возила, тоа е она за кое треба да размислуваме во меѓу време.



Граѓаните стануваат се посвесни за придобивките од користењето на точакот. На потег е градската администрација да покаже дека не е чекор назад во таа тенденција, дека нема само да чека да се побуниме и да ги решава проблемите на кои ќе посочиме, туку дека може да отиде и чекор понапред: да обезбеди услови со кои ќе привлече и нови точакољупци!

Скопје бира да врти, овозможи му!
Бараме најитно да се донесе правилникот за велосипедските патеки, да се направат јавни дебати, да се повикаат професионалци кои ќе дадат свој придонес за Скопјани што побрзо да ги добијат оние услови кои им следуваат.
Сакаме промена, сакаме да живееме здраво, сакаме и Скопје да биде здрав. Свеста расте, но паралелно не и условите!


Зошто возиме Критична маса? Возиме за ТАА промена, возиме да се ИЗБОРИМЕ за подобри услови за велосипедскиот транспорт, возиме затоа што е најлесно на точак. 
Граду, точакољупците предолго чекаат на тебе. Реагирај, инвестирај и стимулирај паметен транспорт!

 
Скопје ние сме спремни, а ти?
--------------------------------------------------------------

Потребна ни е и твојата поддршка. Придружи ни се за да ги промениме работите заедно. Дојди на Критична маса за заедно да пратиме порака Градот да нѐ пречека спремен, приклучи се во НаТочак да помогнеш да извршиме притисок врз надлежните.

Се гледаме во среда 29-ти април со почеток од 17:30 часот на паркингот зад НЛБ и Рамстор.
Возиме по следнава рута: http://bit.ly/1OSiskS


Ѕрн ѕрн! 



*** Секој учесник вози на своја одговорност. 
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 35 пати возеа масовно по скопските улици, на 35 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 36-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца! Приклучи се! Ангажирај се! Може да нé има повеќе! И Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

Промотивни материјали КМ #36: Скопје ние сме спремни, а ти?

[дизајн: Јана Мишева]
Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за  Критична маса #36. Огромна благодарност до Јана Мишева за илустрирањето на неповолната Скопска вело состојба наспроти големиот број на точаци низ градот.
Скопје бира да врти, надлежни овозможете му!

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • постери и флаери 
-Постер (А3, во боја) верзија за печатење: линк (pdf).
-Флаер (4 на А4) верзија за печатење: предна страна (линк)(pdf) и задна страна (линк)(pdf).

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • постер
постер за КМ #36: Скопје ние сме спремни, а ти?


  • банери


500x500

300x250

300x250 - 2

facebook cover

twitter cover
980x100


990x80


29 March, 2015

Поуки за функционални велосипедски патеки од Карлсруе, Германија

Пред неколку дена објавивме check-листа за функционална велосипедска патека (точките се однесуваат на функционална единечна патека, а за функционална мрежа треба нови точки) на социјалните мрежи (facebook пост, facebook пост 2 и пост на twitter). 



 
Поттикнат од неа, а уште повеќе инспириран од градот во кој живее, Karlsruhe, Германија, наш редовен и конструктивен неофицијален дописник :), Александар Иванов, ни прати и нови фотографии од велосипедските патеки во Karlsruhe со негов коментар. Ги проследуваме и се надеваме дека Скопје ќе примени некои од искуствата.
-------------------------------------
Почитувани,


Како што денес преку фејсбук ви напоменав се обидов да направам неколку фотографии кои според мене опфаќат дел од барањата кои ги имате во плакатот кој го изработивте по повод денешната велосипедска тура. Се работи за фотографии од патеките во градот Karlsruhe, Германија.


Фотографија 1 и 2: ниски рабници, без ударни препреки. Овде е битно да се каже дека тротоарот и улицата се слиени. Кај нас (се мисли на Скопје, н.з.) се
уште се користи еден елемент за да се надмине голема висина. 
 

Фото 1



Фото 2
Фотографија 3 и 4: на патеките нема знаци, столбови, корпи за отпадоци и слично. Најчесто се на средина помеѓу пешачката и велосипедската зона, но ако веќе мора да биде на една страна, тогаш е на страна на пешаците (но ова решение е доста ретко). Патем кажано, столбовите и знаците се обележани со црвено-бели траки.


 
Фото 3
 
Фото 4
 
Фотографија 5: семафори за велосипеди. Велосипедите не смеат да поминуват преку пешачки семафори на кои нема означено велосипедски знак. Во тој случај преминувањето на раскрсницата е решено како на фотографијата 6.
 

Фото 5
 

Фото 6


 

Фотографија 7: велосипедот најчесто има предност кога вкрстува со споредни улици а тоа е соодветно означено со испрекината бела линија.

  
Фото 7
 
 
Фотографија 8: оваа фотографија се однесува на квалитетот на површината но и ШИРИНАТА на велосипедските патеки. Ширината е многу битен момент зошто дава чуство на слободно движење и остава простор за маневар. 

Фото 8
 
Како споредба, на фотографија 9 е даден дел од булеварот кој се наоѓа паралелно со патеката на фотографија 8 може да се забележи дека велосипедската патека на моменти е дури и поширока од онаа за автомобилите иако се работи за булевар. Патем на фотографираниот дел од булеварот е дозволено и паркирање на автомобили.
 

Фото 9
 
За крај го оставив вашиот коментар дека патеките треба да бидат со препреки одвоени од останатиот сообраќај. Со оваа констатација не се согласувам во целост. Јасно ми е дека во моментов нашата сообраќајна култура е на ниско ниво. Но сепак мислам дека решението е во подигањето на сообраќајната култура место подигање на препреки. Како пример за интегрирани велосипедски патеки (поточно ленти, н.з.) се фотографиите 10, 11 и 12.
 
 
Фото 10
 

Фото 11
 

Фото 12
 
На последната фотографија 13 можеби и најдобро се гледа статусот кој велосипедот го има во сообраќајот. Се работи за решение за вртење на лево на семафор. Ова решение не е возможно ако велосипедот не се интегрира со улицата. Патем кажано со овие решенија покрај другото се регулира и моторниот сообраќај затоа што велосипедите по автоматизам значат и поголема будност на останатите учесници во сообраќајот.


Фото 13

  
Се надевам дека преку фотографиите успеав и сликовито да ги претставам вашите денешни барања за подобри патеки. Кога ќе имам време ќе направам и фотографии од централното градско подрачје. Решенија кои според мене треба да се применат и во Скопје. Се надевам дека на овој начин успевам да помогнам во заложбите за повелосипедско Скопје.Секое добро и срдечни поздрави,Александар