Еден ден нема да нагазуваме гас за побрзо да поминеме, туку ќе уживаме во градот.
Еден ден помалку луѓе ќе ни гинат на улиците.
Еден ден ќе бидеме мултимодални, секој ќе може да користи и точак и пешачење и јавен транспорт и кола. Ништо нема да биде срамота, ништо нема да биде за сиромашни или богати, сè ќе биде за сите во различни ситуации.
Еден ден...
Зашто ќе сфатиме дека булевари не можат да се шират бескрајно, така само привлекуваат нови коли, и дека тоа е грешка низ која поминале многу градови.
Дека зеленилото одземено тешко се надоместува.
Дека немаме веќе животи за губење, поради лош воздух или брзо возење, дека тоа не е судбина, туку нешто на кое влијаеме со нашите политики.
Дека 50 % од патувањата се помали од 5 км и можат да се прават пешки и со точак за што треба да се вложи.
Дека велосипедската инфраструктура е многукратно пoевтина од автомобилската, а носи многу повеќе бенефити за општеството: подобро здравје со умерената активност секој ден, почист воздух, помалку штета на озонот, помалку бука, помалку окупиран јавен простор, позадоволни лица во контакт со околината!
Ќе сфатиме дека луѓето во Скопје заслужуваат да живеат поквалитетно!
И дека грижата за планетата започнува локално, а локално значи и во Скопје.
Но дотогаш...
Дотогаш треба визија дека може и поинаку од она што е сега. Дека кола не е центар на светот, ниту треба да биде доминантен превоз на кој сè ќе му се подреди во градот.
Дотогаш треба свест дека квалитетот на животот (и животот!) е поважен од сè!
Дотогаш треба да искомуницираат меѓу себе сите сектори, да направат стратегија сите општини и градот.
Дотогаш треба отвореност во планирањето кон стручната јавност и велосипедската заедница.
Дотогаш треба волја да се реши проблемот со паркирањето.
Дотогаш треба да им се рече „не“ на сите кои поради ситни интереси ќе ги спречат инженерите да им постават столпчиња пред дуќанот или ќе изургираат да се постави билборд на велосипедска патека.
Дотогаш треба да се бдее над секој мајстор кој ќе го постави рабникот високо зашто е така научен.
Дотогаш не треба да има префрлување на топката туку заедничка работа на институциите.
И ова може да се случи поскоро, градови во Европа и низ светот покажуваат дека значајна промена се постигнува во само неколку години.
Не мора да чекаме да го допреме дното во безбедноста во сообраќајот, квалитетот на воздухот, окупацијата на јавен простор, па да учиме низ сопствени грешки.
Имаме многу примери од кои можеме да учиме. Можеме да ја почнеме промената СЕГА.
Не е тешко, не е ни скапо. Треба само свест.
Ние, луѓето кои го користиме точакот како превоз не ги правиме директно градските политики, не можеме да градиме инфраструктура, но можеме да ја подигнуваме свеста и тоа го правиме сите заедно во изминативе 3 години.
Испраќаме порака преку социјални и понекогаш мејнстрим медиуми, им досаѓаме на властите со постојани писма и пријави, и пред сè со заедничките масовни возења испраќаме порака дека постоиме, дека точак е сообраќај и дека треба да го земат предвид.
И тие со специфични одговорности и сите други наши сограѓани.
Мали, но значајни исчекори се направени во тие 3 години, не би ги набројувале сега, тоа е повеќе за некој извештај отколку за ваков собир, но чисто како илустрација: направени се промени во предлог Законот за безбедност, изработен (но сè уште неусвоен) е Правилник за планирање на велосипедски патеки, поправени се дел од пријавените инфраструктурни проблеми, променет е речникот на градските власти и сето тоа благодарение на нашето заедничко делување, на НаТочак со огромна поддршка од велосипедската заедница.
Веќе не зборуваат за нас како субкултурна група велосипедисти или за велосипедизмот исклучиво како спорт, туку и за велосипедски сообраќај за сите.
Многу наши сограѓани се инспирираат од своите пријатели, од Критична маса и започнуваат да го користат точакот како превоз.
Сè повеќе локали пројавуваат желба да постават паркинзи за точаци со цел да изразат поддршка на сите кои возат точак
Промената ќе продолжи, мора да продолжи.
Ние, сите што сме тука, знаеме дека еден ден и Скопје ќе биде велосипедски град.
Тоа е историска неизбежност.
Нека не ни биде криво зошто не сме почнале порано со промената.
Затоа сме тука, да инспирираме и притискаме заедно тоа да се случи поскоро, за добро на сите!
Честити 3 години Критична маса, Скопје!
Само критично и само храбро!