14 March, 2018

Извештај од акцијата „Национален ден на немање безбедна патека при градба“


Со жив штит или тнр. „човечки столпчиња“, триесетина „славеници“ на „Националниот ден на немање безбедна патека при градба“ успешно покажавме на кој начин треба да постави и обезбеди алтернативен премин за велосипедисти и пешаци, во случај кога патеката наменета за нив е блокирана поради градежни зафати или други причини.

Акцијата, која беше најавена со објавување на настан неколку дена претходно ја започнавме во 17 часот на крстосницата на бул. Партизански Одреди со бул. 8 Септември, во близина на ГУЦ „Здравко Цветковски“ каде веќе подолго време се изведуваат градежни работи и е отворена длабока дупка пришто велосипедската патека е блокирана од страна на изведувачите. Облечени со флуересцентни елечиња и со поставување на импровизиран дрвен слеан рабник на тротоарот, создадовме безбеден премин на велосипедстите во дел од крајната коловозна лента кој го заштитивме со нашите тела испраќајќи порака до надлежните дека негативната пракса на блокирање на патеките без да се понуди алтернатива за преминување на ваквите критични места претставува дополнителен ризик во движењето на сите кои ги користат - пешаци, велосипедисти, инвалидизирани лица, родители со бебешки колички...



Спротивно на светските пракси во градовите со развиена велосипедска инфраструктура, на овој потег надлежните и покрај пријавите, подолго време немаа направено услови за пренасочување на пешачкиот и велосипедски сообраќај, на тој начин принудувајќи ги овие категории на учесници да мораат да се симнат на коловозот на крајно небезбеден начин кој сериозно ја загрозува нивната безбедност. Како реакција на најавите за акцијата преку социјалните мрежи и објавите во повеќе медиуми еден ден претходно, неколку часови пред одржување на акцијата, на местото на настанот беше поставен сообраќаен знак кој ги предупредува и пренасочува велосипедистите кон пешачката патека, како минимално решение кое е далеку од идеално и многу задоцнето. 

Половина час подоцна, акцијата ја продолживме неколку метри подолу, односно, во близина на крстосницата на бул. Илинден со бул. 8 Септември каде има ист случај на раскопување на патеката без притоа да се постави знак дека патеката е оштетена и да се пренасочат пешаците и велосипедистите на тој потег. На ова место, на истиот начин, заеднички го обезбедувавме импровизираниот премин до 18 часот, на тој начин создавајќи не само безбедно решение за велосипедистите, туку и за автомобилите кои имаа видливо предупредување пред свртувањето и беше избегната можноста да дојде до неочекувано пресретнување со велосипедист во коловозната лента во која се движат.



Целта на акцијата беше да се крене свеста за ваквата долгогодишна негативна пракса и да запре игнорирањето на безбедносните пракси и препораки при вакви случаи. Се надеваме дека надлежните ќе ја сфатат сериозно потребата да овозможат непрекинато одвивање на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај, наместо да го парализираат на одредени потези секојпат кога треба да се интервенира со градежни зафати. „На Точак“ и понатаму ќе реагира на ваквите лоши примери и ќе инсистира на овозможување на максимална безбедност на сите учесници во сообраќајот, во секое време.

Во продолжение се приложени фотографии од акцијата.









12 March, 2018

Национален ден на немање безбедна патека при градба

Датум: среда, 14.03.2018
Време: 17:00 - 18:00
Локација: крстосница бул. Партизански Одреди со бул. 8-ми Септември (агол кај ГУЦ)
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Примери на безбедни патеки при градба: линк
--------------------------------------------------------------------


Во среда, 14-ти март, се слави националниот празник на немање безбедна патека при градба. 

По тој повод, ги повикуваме сите славеници: пешаци, велосипедисти, родители со детски колички, лица кои се движат со помош на колички да се собереме и заеднички да го одбележиме.

Нашата држава нема регулатива (правилници) за тоа како се обезбедуваат, пренасочуваат и означуваат пешачките и велосипедските патеки кога се зафатени со градежни работи, сеедно дали се работи заради изградба на објекти, заради промена на инсталации или заради дефект. 
Нема регулатива ни за насочување на автомобилскиот сообраќај во случај на градежни работи, но сепак во најголем број случаи се поставуваат барем знаци и насочувачи. Најверојатно бидејќи автомобилскиот сообраќај го сметаат за единствениот тип копнен сообраќај, за разлика од погоре набројаните (пешачки, велосипедски итн) кои веројатно ги сметаат за воздушен сообраќај.

Затоа, секогаш кога ненајавено ќе наидеме на прекопана патека преку која не може да се премине, ја имаме таа среќа да воскликнеме од изненадување. И да посакаме да имаме крилја!
Нашето движење низ градот е превозбудливо и преполно со вакви изненадувања. Нашиот град многу добро се грижи да не ни биде досадно, да мора цело време да бидеме на штрек и да ја преобмислуваме нашата патека. Да не знаеш дали да се враќаш назад до првата крстосница или да се симнуваш долу на коловоз каде се вози и со 100 на саат, изборот е навистина адреналински. Особено е интересно ако сте со некакви тркала, па треба да треснувате од рабникот врз небезбедниот коловоз, па по одминувањето на дупката да треба да се качувате горе преку висок рабник пак.

Во слава на овој голем празник, повелете на одбележување на 14-ти март на крстосницата бул. Партизански одреди - бул. 8-ми Септември, од страната на средното училиште ГУЦ.

Оваа дупка е избрана како место на славјето зашто и покрај сите пријави во последните 5 месеци да се обележи местото со соодветна сигнализација и навреме да се пренасочи велосипедскиот сообраќај, за да биде безбедно за сите, градските служби достоаја цврсто на своите заложби за Скопје адреналински вело-град исклучиво за највештите велосипедисти, а не за сите граѓани од сите генерации и можности.
Исто така, на просторот на велосипедската патека се поставуваат инсталации за некаков објект кој дополнително ќе ни го разигра движењето при свртувањето на кривината.
Едвај чекаме да си возиме слалом!

Слободно донесете и своја рачно напишана “честитка“ за овој празник.

--------------------------------------------------------------------
Планираната акција ќе изгледа отприлика вака:


Cyclists Become "Human Bollards" to Protect 2nd Ave Bike Lane from STREETFILMS on Vimeo.

Со тоа што ние нема да ја штитиме патеката од нелегално паркирање, туку ќе обезбедуваме алтернативна патека за време на градба како дел од коловозот.

Дел од елечињата ќе ги обезбедиме и ние, но доколку имате, понесете си свое флуоресцентно елече и за час престорете се во човечко столпче на еден час кое ќе ги заштити минувачките велосипедисти од моторниот сообраќај кога ќе треснуваат од рабникот во реката возила.
Ќе покажеме како треба да се обезбедуваат патеки за време на градба!
Доколку не можете да бидете столпче, а патеката на движење ви минува од овој дел од градот, слободно искористете го тајмингот 17:00-18:00 за безбедно да поминете на овој потег и да ја поздравите акцијата. 

04 March, 2018

Пари за велосипедистите? Милано ќе исплаќа пари за оние што доаѓаат со велосипед на работа


Со сериозни проблеми како загаденоста на воздухот и со очаен стил на возење, италијанскиот град Милано не може да се пофали со солидна вело култура, но радикалните мерки кои се планира да се преземаат, најавуваат дека наскоро тоа ќе се промени.

Извор: Гардијан


 Фото: Ropi/Alamy Stock Photo

Позната по Веспи, мали „Фиќовци“ и возачки стил кој е вон правилата, Италија не е земја која поседува добра култура за урбан велосипедизам. Додека метрополите во северна Европа инвестираат во иновативни решенија да ги поттикнат нивните жители да возат точак, таа останува престолнина на возачите на автомобили. 

Но, италијанскиот мотор на економијата - Милано, бара начин да го врати точакот на улиците, плаќајќи им пари на жителите за да го користат велосипедот за превоз до работа. Овој потег е донесен по соопштението во декември во кое се објавува дека од државниот буџет ќе се одвојат 35 милиони евра како фонд за одржливи мобилни решенија, откако во Милано и во други делови на земјата се достигнаа опасни нивоа на загадување.

Во наредните неколку недели, локалните власти низ целата земја ќе почнат да се борат за пари од државниот фонд, а миланскиот советник за мобилност, Пјерфранческо Маран, се надева дека ќе биде прв на листата. Веќе постои движење за овој град да се претвори во велопријателски град, како на пример постоењето на успешна функционална мрежа на изнајмување на велосипеди, но тој верува дека може да се направи уште повеќе и да се оди чекор подалеку.

"Треба да се наградат со пари тие што доаѓаат на работа со точак, слично како во Франција. Французите што одат со точак на работа добиваат по 25 центи на километар. Направивме ист пилот проект со 50 луѓе во Масароса, мал град во Тоскана.“

Во Милано бројките ќе бидат поголеми и поради тоа Маран предлага да се користи мобилна апликација за да се собираат податоци за луѓе кои одат со точак на работа. Софтверот постои, не е 100% точен, но од друга страна, пак, не се планира ниту да се издвојат големи суми за награди. Маран побарал и помош од Миланскиот политехнички универзитет, со менаџерот на мобилност на Институтот, Елеонора Перото, која го советувала околу креирањето на планот за овој потег.

Една таква идеја вклучува систем што ја мониторира брзината на велосипедистот, за да провери дали навистина вози до работа, иако во Милано со гужвите во сообраќајот и тоа би претставувало предизвик. Во градот, оние кои патуваат со точак се малку побрзи од оние со кола, вели Перото. Таа го поддржува овој потег како начин за да се промовира велосипедизмот во Милано, но и признава дека таа самата не вози точак до работа поради тешкотијата и должината на нејзината рута. Нејзината изјава рефлектира една клучна мана во предлогот да се исплаќаат луѓето кои возат точак до работа, да тоа е дека самите пари не се доволен мотив. Францускиот проект имаше просечни резултати, со неколку стотици луѓе кои редовно се регистрираа од повеќе од 8,000 кои ги исполнуваа условите, а за неколку месеци ќе биде јасно колку жителите на Масероса ја прифатија идејата.

Амерканскиот професор за урбано планирање на универзитетот Вирџинија Тек, Ралф Булер, вели дека платежниот план мора да е придружуван од други слични мерки за велосипедизмот да стане реална опција за превоз. Тој цитира едно американско истражување според кое 60% од популацијата се заинтересирани, но не и премногу заинтригирани за велосипедизмот. Достапноста на велопатеки, безбедни паркинзи и тушеви на работа се фактори кои влијаат на волјата на еден работник да користи велосипед до работа. Леснотијата на возењето автомобил е исто така фактор, иако Булер предупредува дека е тешко да се преземат мерки кои ќе дестимулираат автомобили, без да се средат претходно другите опции за превоз.

„Искуството покажува дека може да се дестимулира автомобилскиот превоз, но политички е полесно ако има други опции: добри услови за велосипеди, добар јавен транспорт или пешачка мрежа.“

Дури и со достапноста на сите овие решенија, луѓето тешко дека ќе се одлучат за велосипед, ако истовремено има и подеднакво добри услови за автомобил. Холгер Хауболд, одговорен за фискалната и економска политика во Европската велосипедска федерација вели дека програмата во Белгија со која им се плаќа на луѓето кои одат со велосипед на работа се покажала како успешна. Оние компании кои спроведуваат ваква политика, имаат многу повеќе активни урбани велосипедисти во редовите, отколку оние кои не ја спроведуваат. Но и тој, исто како и Булер, вели дека добрата велосипедска инфраструктура е основен постулат за успешноста на овој проект.

Во Копенхаген, кој е град со најдобра инфрастуктура во светот, малкумина користат велосипед само затоа што е поефтин превоз од автомобилот (само 6%). Главниот мотив во Копенхаген е брзината и леснотијата на ваквиот превоз (56%) и физичката активност (19%). Само 1% рекле дека тоа го прават од еколошки причини, за разлика од Милано каде главната мотивација за овој проект потекнува од загадувањето. Напротив, лошиот воздух ќе ги демотивира луѓето да возат велосипед. Ако воздухот е загаден, да се натераат луѓето да бидат на велосипед на отворено е малку смешно.

x

25 February, 2018

Инфографик од анкетата: Украдени точаци 2018

Благодарност до сите точакољупци кои одговорија на анкетата за украдени точаци.
Во периодот од 19-ти до 23-февруари на онлајн анкета одговорија дури 2006 испитаници. Браво!

Некои од поинтересните резултати од примарната анализа ги издвоивме во инфографикот на линкот или во продолжение под текстот.
Дополнително, ќе направиме подетални анализи и целосниот извештај ќе го објавиме наскоро, ова е само најава. 

П.С. Не заборавајте на Критична маса #70 “Имаш сериозна врска?“ која е посветена токму на оваа тема. Се гледаме во среда на 28-ми февруари. 


Промотивни материјали за КМ #70: Имаш сериозна врска?

[дизајн: Александра Филипоска - Fitz]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #70, која ја посветуваме на подигнување на свеста за проблемот со украдените точаци, а ја користиме и како уште еден потсетник да внимаваме каде и како го паркираме нашиот превоз!
На Александра ѝ благодариме што ни направи прекрасен топол дизајн за последниот зимски месец кој ја рефлектира љубовта и грижата кон нашиот миленик.

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за печатење: линк (.jpg)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ

постер, верзија за веб


Facebook cover (820 x 310) 


Facebook event cover (1920 x 1080)




Twitter cover


Банер 300x250px


Банер 500x500px


Банер 980x100px


Банер 990x80px


Критична маса #70: „Имаш сериозна врска?“

Датум: среда, 28.02.2018
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: Депо на МВР
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Руталинк
Промотивни материјали линк
Инфографик од анкета за украдени точаци: линк 
--------------------------------------------------------------------


постерот за КМ 70
Што претставува за тебе точакот?

Можеби за некои е заменливо парче метал и две гуми. Но за поголемиот дел од нас точакот е нешто повеќе од бездушен предмет. За некои од нас тој е сеќавање на нашето детство. За други тој е добро друштво за до работа или факултет.- За некои е здраво тело, а за некои е филозофија, борба за поубав град. За некои сето тоа заедно. И тие работи се врзани со конкретниот точак, со спомените креирани со него, средбите, љубовите, турите, критичните маси. Рачно осликаното ѕвонче, дизајнерската торбичка или довлечканата специјална корпа, багажникот со кој мајсторот долго се мачеше да го монтира...грижливо собираните налепници и неспретно направените гребаници, искривените калници. Твои си се, со нив ги љубиш улиците на градот.

Веројатно колку повеќе вртиме со педалите, толку повеќе градиме поврзаност со нашиот точак и токму затоа боли кога ќе ни го украдат. Затоа што не украле само парче метал и гуми, туку украле и дел од нас.

Тогаш дали имате сериозна врска? Врска која нема да дозволи вашиот точак да биде украден.

Оваа Критична маса, 70-та по ред ја посветуваме на безбедноста на нашите точаци. Ќе возиме под слоганот „Имаш сериозна врска?“, затоа што секоја „сериозна врска“ со нашиот точак повлекува и сериозна грижа за него во периодот помеѓу две возења и сериозно добар систем на заклучување. Факт е дека велосипедите се лесна жетва за крадците, а за жал бројот на најдени и вратени точаци по кражба е сѐ уште мал.

Секогаш кога треба да го оставите некаде велосипедот, потсетете се на овие златни совети:

-Секогаш заклучувајте го точакот за објект кој е цврст, не може да се уништи лесно и е неподвижен.
-Велосипедот заклучувајте го за неговата рамка задолжително и дополнително за едно тркало доколку сте во можност, а никогаш само за тркалото.
-Заклучувајте го на места каде има голема фреквенција на луѓе
-Внимавајте на локацијата - таа секогаш треба да биде осветлено место и доколку има можност, заклучете го на место во домет на камера за надзор
-Одберете систем за заклучување кој е побезбеден (од најбезбедно до најнебезбедно): U-lock, лептир (folding lock), ланец/синџир (chain lock), сајла (cable lock)

И не заборавајте, не постои 100% безбедна комбинација која ќе го заштити вашиот велосипед од кражба.

Ако треба да го оставите велосипедот на подолго време, тоа нека биде во затворен или добро контролиран простор.
За градско возење и чести и долги оставања на отворено користете поевтин градски велосипед.

Во среда, на последниот ден од последниот зимски месец (28 февруари) ќе возиме за да ја покренеме свеста за проблемот со украдените велосипеди, да се едуцираме како да не останеме без нашиот миленик на две тркала, да го повикаме МВР да воведе регистар за велосипеди, како и да покаже посериозен и поодговорен пристап кон пријавените случаи. Исто така, повикуваме и секој на кој му бил украден велосипедот, да пријавува веднаш во полиција, бидејќи иако статистиката е демотивирачка, дел од велосипедите кои се украдени, сепак го наоѓаат својот пат назад до сопственикот. 

--------------------------------------------------------------------
Негуваме сериозна врска не само со нашите точаци, туку и со скопските улици.
Па се гледаме во среда, на плоштад Македонија, во 17.30 часот да ја извозиме заедно 70-тата јубилејна Критична маса.

Ќе возиме по следнава рута:



Се гледаме во среда, на точак!

--------------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 69 пати возеа масовно по скопските улици, на 69 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 70-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
-------------------------------------------------------------- 



19 February, 2018

Анкета за украдени точаци

Во пресрет на Критична маса #70 која ќе биде посветена на проблемот со безбедноста на велосипедите, НаТочак подготви анкета која има цел да собере информации од велосипедската заедница за отсликување на моменталната ситуација и ставовите на луѓето во врска со украдените точаци.

Без разлика дали некогаш ти бил украден точакот или не, оваа анкета е за тебе!
Нема да ти одземе повеќе од 5 минути, а одговорите нам ни се многу значајни.

Анкетата може да ја одговориш тука, а потоа можеш да ја споделиш и со твоите пријатели, бидејќи секој одговор е важен.

Благодариме!