10 September, 2020

Прашање и реакција во врска со реконструкцијата на ул. Македонско-Косовска бригада

Денес, 10.09.2020, испративме допис до град Скопје со прашање во врска со реконструкцијата на ул. Македонско-Косовска бригада, но и со реакција за потребата од работење на сеопфатна велосипедска мрежа на ниво на Град Скопје, како и со потсетување на потпишаниот меморандум.

Дописот како документ е достапен на следниот линк, а како текст во блог-постот во продолжение.
---------------------
До: Град Скопје, Градоначалник на Град Скопје, Сектор за планирање и уредување на просторот, Координативно тело за велосипедски сообраќај

Предмет: Прашање и реакција во врска со реконструкцијата на ул. Македонско-Косовска бригада

 

Почитувани, 

На 08.9.2020 година, Град Скопје на официјалната веб страница објави соопштение за медиуми (https://skopje.gov.mk/mk/) во кое се најавува реконструкцијата на улицата Македонско-Косовска бригада на потегот кој ги поврзува булеварот Никола Карев и улицата Втора Македонска бригада. Според соопштението, ќе се реконструираат коловозот и тротоарите во должина од 1700 метри, но не е најавена промена на решението на улицата со кое би се вовеле и велосипедски патеки/ленти. Ќе се менуваат и атмосферската и фекалната канализација, а знаеме колку е ограничувачко поставувањето на сливници за идните промени на решението. Поради тоа, сметаме дека оваа реконструкција требало да се искористи за сосем поинакво решение.

Како една од главните најавени цели што треба да се постигнат со реконструирањето на оваа улица е “подобрувањето на урбаното живеење“. За какво подобрување на урбаното живеење зборуваме ако граѓаните кои сакаат да користат точак мора да го споделуваат коловозот со возилата? 

Сакаме да напоменеме дека делницата која ќе се реконструира баш поврзува 2 улици кои имаат каква-таква велосипедска инфраструктура (бул.Никола Карев и ул.Втора Македонска Бригада), меѓу нив се наоѓа ул. Џон Кенеди на која исто така се планирани велосипедски патеки. Дополнително, улицата припаѓа на примарната мрежа и е сосем логично и таа да вклучи велосипедски патеки/ленти.




Со сегашните решенија (постоечките и најавените велосипедски патеки се означени со црвено) жителите на Чаир можат да се движат само во правецот запад-исток низ својата населба и не се поврзуваат на ниеден начин со Центар и остатокот од Градот. Граѓаните на Чаир и Бутел се директно дискриминирана во однос на своите сограѓани од Карпош и Аеродром, на пример.

На местата означени со сини линии (по текот на бул. Македонско Косовска бригада и бул.Цветан Димов) мора да се спроведат велосипедски решенија, за градот да биде поврзан и за велосипеди, не само за автомобили. Дотолку повеќе, што ни овие поврзувања не го задоволуваат препорачаниот минимум за растојание на велосипедска мрежа. Растојанието меѓу бул. Македонско-Косовска бригада е 1.3 километри.
Според тоа, тие се уште повеќе неопходни. 

Според PRESTO водичот од Европска унија (https://ec.europa.eu/) препорачаната широчина на велосипедска мрежа (поточно максимално растојание меѓу паралелни велосипедски рути во урбана средина) изнесува 250 метри.

Според Холандски, Германски и други водичи, таа широчина изнесува меѓу 400 и 500 метри, со тоа што во централни подрачја може да биде и погуста. Според Space Syntax анализи, прифатливото растојание меѓу паралелни велосипедски рути изнесува: 300 метри за централно градско подрачје, 500 метри за градската средина надвор од центарот и 1.000 метри за предградијата. 

Доколку спроведете велосипедско решение по текот на бул. Македонско Косовска бригада и на бул. Цветан Димов растојанието меѓу мрежата од бесконечно ќе го сведете на 1.3 километри, што е соодветно за ретко населени преградија, а не за густа речиси централна населба.

Поради тоа, во идните планови препорачуваме да испланирате барем уште две (означени со жолто) или оптимално 3 паралелни велосипедски рути помеѓу Македонско Косовска бригада и Цветан Димов. 

Во овој контекст, би сакале да ве потсетиме на точки 2, 3 и 4 од Меморандумот кој го потпишавме со сега градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. (цел меморандум е достапен тука:  http://natochak.blogspot.com/2017/10/blog-post_15.html )

2. Новата градска администрација ќе ја напушти автоцентричноста како принцип во сообраќајот и ќе работи на постепено приоритизирање на пешачењето, велосипедскиот сообраќај и јавниот превоз како и поставување на велосипедска инфраструктура во сите делови од градот во соработка со останатите градоначалници. Ќе тежнее процентуалниот удел на овие типови сообраќај да расте од година во година, а на автомобилот да опаѓа

3. Новата градска администрација се обврзува да вклучи задолжителни велосипедски простори и патеки во секое идно проектирање на нова улица, булевар или мост.

4. Новата градска администрација се обврзува секоја идна реконструкција на булевар или поважна улица да вклучува и велосипедско решение во просторот. Потесните улици да имаат решение за успорување на возилата за безбедно заедничко споделување на просторот (Зони 30).

Оваа реконструкција се однесува на улица од примарната мрежа, се изведува во 2020-та година и заслужува попрогресивно решение од она што е најавено на медиумите.  

Поради сето набројано погоре, сметаме дека оваа улица задолжително треба да има велосипедско решение. 
Ве молиме да нè информирате дали сообраќајното решение за улицата предвидува безбедно движење на велосипеди и издвоена велосипедска инфраструктура, и ако да, од каков тип е таа.

Остануваме отворени за соработка за остварување на целите од меморандумот. 

 

Со почит,
НаТочак

10.09.2020

 

НаТочак

неформално здружение за урбан велосипедизам   

За подобро вело - Скопје

e-mail: natochak@gmail.com

blog: natochak.blogspot.com

FB: facebook.com/NaTochak

TW : twitter.com/NaTochak

21 August, 2020

Прашање и реакција во врска со пробивањето на улица Есенинова

Денес, 21.08.2020, испративме допис до град Скопје со прашање во врска со пробивањето на ул.Есенинова, но и со реакција за потребата од работење на сеопфатна велосипедска мрежа на ниво на Град Скопје, како и со потсетување на потпишаниот меморандум.
Дописот како документ е достапен на следниот линк, а како текст во блог-постот во продолжение.
-----------

До:
Град Скопје, Градоначалник на Град Скопје, Сектор за планирање и уредување на просторот, Координативно тело за велосипедски сообраќај 
Предмет: Прашање и реакција во врска со пробивањето на ул. Есенинова

Почитувани,

На 20.08.2020 година, Град Скопје на официјалната веб страница објави соопштение за медиуми ( https://skopje.gov.mk/mk/ ) во кое се најавува отпочнувањето со работи за пробивање и изградба на улицата Есенинова која ќе ги поврзе Центар, Кисела Вода и Аеродром. Според соопштението, улицата ќе содржи коловозни ленти и тротоари за пешаци, но не е наведено дали во решението за неа е предвидена и велосипедска инфраструктура.

Како една од главните најавени цели што треба да се постигнат со пробивањето на оваа нова улица е да се зголеми бројот на поврзувања помеѓу булеварите Борис Трајковски и 3-та Македонска Бригада, а со тоа и да се намали кружењето при движењето помеѓу Кисела Вода и Аеродром. Со оглед на тоа дека ваквото кружење е уште подемотивирачко при употреба на велосипеди затоа што времето на патување значително се зголемува, ваквите напречни поврзувања помеѓу булевари би требало задолжително да имаат и велосипедска патека/лента.

Дополнително, имаме информација дека е планирана реконструкција на ул. Никола Карев (паралелно на трасата на железницата) со што таа би добила велосипедски патеки/ленти. Во тој случај, уште повеќе сметаме дека е логично патеката по ул. Никола Карев која ќе ги поврзува велосипедските патеки на бул.Кузман Јосифовски Питу и бул. 3-та Македонска Бригада, да продолжи до пешачко- велосипедската патека на бул. Борис Трајковски преку ул. Есенинова.
Во овој контекст, би сакале да ве потсетиме на точки 2, 3 и 4 од Меморандумот кој го потпишавме со сега градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. (цел меморандум е достапен тука: http://natochak.blogspot.com/2017/10/blog-post_15.html )  

2. Новата градска администрација ќе ја напушти автоцентричноста како принцип во сообраќајот и ќе работи на постепено приоритизирање на пешачењето, велосипедскиот сообраќај и јавниот превоз како и поставување на велосипедска инфраструктура во сите делови од градот во соработка со останатите градоначалници. Ќе тежнее процентуалниот удел на овие типови сообраќај да расте од година во година, а на автомобилот да опаѓа 
3. Новата градска администрација се обврзува да вклучи задолжителни велосипедски простори и патеки во секое идно проектирање на нова улица, булевар или мост. 

4. Новата градска администрација се обврзува секоја идна реконструкција на булевар или поважна улица да вклучува и велосипедско решение во просторот. Потесните улици да имаат решение за успорување на возилата за безбедно заедничко споделување на просторот (Зони 30).

Оваа улица е сосема нова, се пробива во 2020-та година и заслужува попрогресивно решение од она што е најавено на медиумите.

Исто така, би сакале да ви посочиме на потребата од дизајнирање на соодветна и сеопфатна велосипедска мрежа.

Според PRESTO водичот од Европска унија (https://ec.europa.eu/) препорачаната широчина на велосипедска мрежа (поточно максимално растојание меѓу паралелни велосипедски рути во урбана средина) изнесува 250 метри.
Според Холандски, Германски и други водичи, таа широчина изнесува меѓу 400 и 500 метри, со тоа што во централни подрачја може да биде и погуста. Според Space Syntax анализи, прифатливото растојание меѓу паралелни велосипедски рути изнесува: 300 метри за централно градско подрачје, 500 метри за градската средина надвор од центарот и 1.000 метри за предградијата
Моментално попречните велосипедски врски во овој дел од градот по текот на бул. Борис Трајковски се дури на 3.1 километри (велосипедски ленти / патеки има на бул. Кочо Рацин и следно на бул. Србија) што е три пати повеќе од растојанието предвидено за предградија, и дури шест пати повеќе од потребното за градска средина каква што има на овој потег.

Поради сето набројано погоре, сметаме дека оваа улица задолжително треба да има велосипедско решение. Ве молиме да нè информирате дали сообраќајното решение за улицата предвидува безбедно движење на велосипеди и издвоена велосипедска инфраструктура, и ако да, од каков тип е таа.

Остануваме отворени за соработка за остварување на целите од меморандумот.

Со почит, 
НаТочак

21.08.2020

НаТочак
неформално здружение за урбан велосипедизам

За подобро вело - Скопје

14 August, 2020

Анкетен лист за ДУП Градска четврт Ц06 Стара железничка станица

За ДУП Градска четврт Ц06 Стара железничка станица кој се наоѓа на јавна анкета до 14.08.2020, Општина Центар ја има објавено целата документација на линкот.

















Синтезен приказ на планот може да се погледне во документацијата на линкот или на следната слика:

НаТочак денес испрати свое мислење и сугестии преку анкетен лист.

Содржината е во продолжение како текст и како pdf на линкот.
ЗАБЕЛЕШКА:
Имаме неколку едноставни, но суштински забелешки:

1. ПРЕКИН НА ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ ПО ПРИМАРНА МРЕЖА
Добро е што речиси целата примарна мрежа добива велосипедска инфраструктура. Булевар Кирил и Методиј од двете страни, булевар Кочо Рацин од двете страни, кружниот тек на Мајка Тереза од двете страни. Чудно е што улицата Јордан Мијалков добива велосипедска патека само во една половина и само од јужната страна?! Па како велосипедистите ќе се движат од исток кон запад по оваа улица? Очекуваме дека ќе ни одговорите слично како Град Скопје што ни одговорија за Димитрие Чуповски: дека ДУП-от не е финално сообраќајно решение, само покажува што е возможно. Дека сообраќајните решенија се разработуваат со посебни проекти и дека тие може да вклучат велосипедски патеки иако немало тука. Да речеме дека ќе биде така. Во тој случај, што би жртвувале? Пристапот кон објектите = улица C7 (профил на коловоз 6 метри) или цела лента од улица Јордан Мијалков (профил на коловоз 9.8 метри =3 коловозни ленти)? Очигледно е дека ова решение мислело на комотен пристап со автомобил кон објектите во комплексот, но не и за велосипедскиот сообраќај.
Сте им подариле дури 6 метри (*веројатно 600 метри должина = 3600 м2) бесценет јавен простор за автомобилска комоција на само 2-3 парцели, а сте ставиле тротоар од 2 метри и никаква велосипедска патека?! Ако ДУП не покажува финално решение, тогаш зошто во ДУП не се намали бројот на коловозни ленти, а да се додаде велосипедска патека?
Предлагаме или овој пристап да биде еднонасочен (3 метри) и потесен, или да се одземе лента од Јордан Мијалков, или објектите да добијат пристап со попречни улици или да се помести регулационата линија до самите објекти за да се добие велосипедска патека по цела должина. Според Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај на Град Скопје
(https://skopje.gov.mk/media/4370/predlog-plan-za-unapreduvanje-na-velosipedski-soobrakaj-2019-2021.pdf) усвоен лани во септември, треба да се преврти сообраќајната пирамида и приоритет да добијат пешаците и велосипедите во новите решенија.
Во вакво решение не само што не добиваат приоритет, туку и не постојат.
Бараме барем да фигурираат некако и секако не на сметка на зеленилото, туку на сметка или на коловозот или на експропријација на парцелите.
Во спротивно, овој план е автоцентричен и води сметка само за приватните интереси на неколку парцели, а не на илјадници граѓани кои ќе го користат просторот.

И не води сметка за здравата мобилност во градот.
2. ВЕЛОСИПЕДСКА МРЕЖА НИЗ БЛОКОТ
Според PRESTO водичот од Европска унија (https://ec.europa.eu/transport/sites/transport/files/cycling-guidance/presto_policy_guide_cycling_infrastructure_en.pdf) препорачаната широчина на велосипедска мрежа (поточно максимално растојание меѓу паралелни велосипедски рути во урбана средина) изнесува 250 метри.


Според Холандски, Германски и други водичи, таа широчина изнесува меѓу 400-500 метри, со тоа што во централни подрачја може да биде и погуста. Според Space Syntax анализи, прифатливото растојание меѓу паралелни велосипедски рути изнесува: 300 metres for the inner city, 500 metre for the semi central locations and 1 000 meters in the outer city.
Предлагаме комплексот долг дури 900 метри според googlemaps да се “пробие“ со барем едно велосипедско поврзување спрема горните принципи. А пожелно со 2 или 3.
Но едно е задолжително. Во спротивно, велосипедистите ќе треба да возат цел километар додека не наидат на велосипедска патека и можност за поврзување.
Ваквиот комплекс повеќе наликува на субурбана средина и индустриска зона, а не на хумано централно градско подрачје. Цртежот во прилог има намера да послужи како скица, илустрација на нашата идеја, а не решение. Не ги знаеме доволно добро условите и можностите, но ја доловуваме поентата.
Би апелирале овој принцип да се користи и во другите ДУП-ови.


3. ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАРКИНГ
Добро е што стои оваа одредба:
Уредување на јавен простор: 
34. При изработка на проектна документација за уредување на земјиштето за општа употреба задолжително да се обезбеди паркинг простор за велосипеди.

Сметаме дека истото треба да е задолжително и за објектите кои не се изградени (да обезбедат паркинг на затворено), а за објектите кои се изградени или се почнати по проекти, да се обезбеди во рамки на просторот околу објектите.

Редовно има недостаток на паркинг за велосипеди кај комерцијалните објекти (на пример Рамстор) и велосипедите се врзуваат за огради, дрвја итн.

4. БЕЗ КОМЕНТАР
Нехуманото решение со огромни кружни текови во најцентралното градско подрачје не заслужува коментар и знаеме дека не е предмет на овој ДУП.

01 August, 2020

Пријава на инфраструктурен проблем – уништена велосипедска патека поради работа со тешка машинерија

На 22.јули испративме пријава до Град Скопје и до ЈП Улици и патишта за уништување на велосипедската патека на Партизанска поради невнимателна работа со тешка машинерија.
Пријавата како .pdf документ е достапна на линкот, а како текст во продолжение. 

Подетален и посликовит опис на проблемот има во албумот на Facebook, достапен на овој линк. Албумот е објавен на 31. јули, откако 9 дена после пријавата, уништувањето на патеката продолжи.

-------------------------

До:                          Град Скопје
 
Сектор за уредување и просторно планирање
 
Предмет: Пријава на инфраструктурен проблем – уништена велосипедска патека поради работа со тешка машинерија
 
 
 
ПРИЈАВА
 
Почитувани,
 
На ден 22.07.2020 год. пријавуваме уништување на велосипедска патека од тешка машинерија, која моментално работи на бул. Партизански Одреди, од бул. Френклин Рузвелт до ул. Никола тесла. Сликите се од пред поранешно Симпо во Карпош 1.
 
Во прилог слики:



Бараме итен прекин на работата со тешка машинерија и санација на настанатите дупки, која освен ако не се копа целосно од почеток до крај на потегот на кој се работи, никогаш нема да може да се врати во првобитната состојба.
Понатаму, на овој потег е потребно да се направи заобиколување на автобуската постојка која е веднаш до местото на кое сега се работи. Предлагаме сега да се искористи можноста за изведување на потребното заобиколување и санација на уништениот асфалт на велосипедската патека.
 
 
 
Со почит,
Неформална група на велосипедисти НаТочак
natochak@gmail.com
22.07.2020
 
Скопје
*Овој документ е испратен во електронска форма до Град Скопје и ЈП Улици и Патишта.