14 September, 2023

Допис за реконструкцијата на ул. Бледски договор во Карпош

На 14.09.2023 пративме допис до Град Скопје и Општина Карпош во однос на реконструкцијата која е во тек на ул. Бледски договор.


Дописот е во прилог:


Скопје, 14.09.2023

До: Град Скопје
      Општина Карпош
      Министерство за Транспорт и Врски
      Бауер БГ


Почитувани,


Би сакале навремено да посочиме за работењето на ул. Бледски Договор,
како при нејзината т.н. реконструкција ќе се подобрат условите за
движење на пешаци и велосипедисти.Оваа улица е важна артерија за пешаците кои се движат од автобуските
постојки на бул. Партизански одреди до болничкиот центар во кој се
наоѓаат Градска и Воена болница, како и приватната клиника Жан Митрев,
средношколци се движат до гимназијата Никола Карев,
а во продолжение на оваа улица е важен конектор на пешаците кои се
движат до спортскиот центар „Борис Трајковски“ кој во кратки периоди
врска е на бул. Партизански одреди. Многу важно, голем број од пешаците
се и лица на кои им е потребна медицинска помош, вклучително лица со
помагала, скршеници, постари лица итн. 
треба да прими илјадници пешаци за кои најчестата автобуска


Реакцијата ни е малку задоцнета бидејќи за жал, повторно дознаваме за реконструкцијата од терен бидејќи не беше истакнат планот за реконструкција пред да започнат градежните работи. Независно од тоа, се надеваме дека ги земете нашите забелешки предвид.


Имено, со овој допис сакаме да посочиме на можноста за поинакво решение на
улицата. Штом се вложуваат големи јавни средства, сметаме дека треба попатно
да има и подобрување на решението за сите учесници во сообраќајот, посебно
за ранливите групи (пешаци и велосипедисти), а не само промена на асфалтот
и/или проширување на коловозот што би довело до повеќе коли и небезбедно
возење во зона на болници и училиште. 


Моментално улицата има во секоја насока по 2 широки коловозни ленти, на
западната страна една широка мешана пешачко-велосипедска патека која минува
низ автобуска постојка и на која постојано има непрописно паркирани
автомобили. На источната страна има провизорен тротоар кој беше во ужасна
состојба, со кренати рабници, кој во моментов се копа, веројатно за проширување
на коловозот. 



За улица по која се движат илјадници посетители на болници и средно

училиште проширување на коловоз на сметка на тротоари не е праведен сооднос

на просторот и не соодветствува на заложбите за еднаквост, одржливост, безбедност.


Докажано е дека дизајнот на улиците е силен фактор за безбедно или небезбедно однесување многу повеќе од бројките за брзински ограничувања на сообраќајните знаци. Според студија направена во Токио и Торонто, потесните ленти резултираат со неагресивно возење и со можност да се сопре навреме и да се избегне судир, и истовремено не влијаат на намалување на капацитетот на улицата за примање коли, напротив. Додека на пошироките ленти, возачите се чувствуваат комотно да го надминат ограничувањето и почесто се случуваат сообраќајни судири со последици. Претпоставката дека пошироките ленти се побезбедни не важи за градска средина и тоа се потврдува со се повеќе емпириски податоци. 1, 2

Важно е на оваа улица да се овозможи безбедно движење за пешаци и

велосипедисти, а да не се дозволи колите да возат брзо и да ги загрозуваат

останатите учесници во сообраќајот.


Затоа сметаме дека решение за двата проблеми:
1. брзото возење на автомобилите
2. непостоење на издвоени велосипедски и пешачки патеки
ќе биде:

  • стеснување на автомобилските ленти од 3.5 на 3 метри;

  • добивање на 0.5метри повеќе кон секој тротоар;

  • можност за реорганизација на тротоарите со издвоени или мешани пешачко-велосипедски патеки, се разбира со зеленило. 

  • Според Регулацскиот план за З 05 (слика подоле) ул. Бледски договор е предвидена со профил од 21 метар, во кои коловозот е 7 метри, тротоари од 6 метри од едната страна (3 метри за пешаци и 3 метри за зеленило) и 8 метри од другата страна (1.5 м за велосипеди, 3.5 м за зеленило и 3 м за пешаци). Зошто плановите се почитуваат само за автомобилите? Ќе добиеме ли толкав простор за пешаци и зеленило во новата изведба? 

http://gisportal.skopje.gov.mk/GUP_sintezni/Z05.pdf


Со нашиот предлог нема ни да се намали капацитетот за примање на возила, туку само ќе се зголеми безбедноста на булеварот за сите учесници во сообраќајот.

Апелираме употребата на коловозни ленти со ширина од 3 метри или помалку, наместо 3 и пол метри да стане пракса во сите изградби на нови булевари и при реконструкција на постоечките булевари и сервисни улици. Просторот добиен со новата распределба (т.н. Road diet, патна диета), може да се користи за пешачки, велосипедски патеки или зеленило (намени кои недостасуваат и му се неопходни на градот, особено ако се стремиме тој да станува пријателски за велосипеди и пешаци климатски неутрален град) зависно од тоа што недостасува во

контекстот. 



Регулацски план за З 05 - ул. Бледски договор


Стеснување на лентите и слејување на рабниците се зафати кои треба да се прават при секоја реконструкција, додека решенијата кои влијаат на фукнционалноста мора да станат пракса.


Подолу можете да ги погледнете сликите од различните локации на кои предлагаме подобри решенија за успорување на сообраќајот и подобрување на условите за движење на пешаците и велосипедистите.


Генерални забелешки за оваа реконструкција:


  • Секоја раскрсница треба да има слеани рабници и кренати пешачки премини попречно на улиците кои се слеваат во Бледски договор.

  • Столпчиња треба да се постават за да се спречат коли непрописно да се паркираат и да ги узурпираат велосипедската и пешачката патека.

  • Зеленило треба да се засади онаму каде недостасува и дрвјата треба да се заменат онаму каде се исечени. Дрвја треба да се посадат на местата каде порано имало дрвја, а во последните 5 години се поставени бехатонки (сега пропаднати бидејќи земјата се има повлечено).

     

  • Дополнително на сите раскрсници сметаме дека треба да се прошират и продолжат тротоарите за да бидат под прав агол со мал радиус. Да се смени практиката на оставање широк радиус кој го имаат сите раскрсници на ул. Бледски договор во моментов. Широкиот радиус им дозволува на возачите на автомобили да влегуваат во кривините со поголема брзина, додека пешаците ги приморува да одат подолго на пешачките премини (по кои се вози со поголема брзина)

  • Да се постават централни пешачки острови онаму каде пешачкиот премин е поголем од 6м или пешаците поминуваат повеќе од две коловозни ленти.
    Овие острови не мора да се подигнати, може да бидат и со столпчиња.

https://denver.streetsblog.org/wp-content/uploads/sites/14/2017/12/DSC_0805.jpg

Пример од пешачкиот остров на бул. Кочо Рацин

  • Целата источна страна има супстандардни и непристапни пешачки и велосипедски патеки. Потребна е промена на подлогата и слејување на рабниците. Сите болници се на оваа страна на улицата.

  • Тротоарите на западната страна или се распукани онаму каде има асфалт (југозападниот дел од улицата) или пропаднати онаму каде има бехатонки 

  • Да се искористат багерите за вадење на десетиците стебла од исечени дрвја, некои од кои се исечени пред 5-10 години


Во продолжение посочуваме преку слики неколку локации каде во моментов се работи на кои може да се направат козметички корекции кои многу влијаат на пешаците и велосипедистите.



Тротоар на западната страна на ул. Бледски договор со бул. Илинден - потребно е асфалтирање на дупка и поставување на столпчиња


Северо-западната страна на раскрсницата на ул. Бледски Договор со ул. Драгиша Мишовиќ: Слејување на рабник / подигнување на пешачки премин и намалување на радиус


Поставување на столпчиња и ослободување на велосипедската и пешачката патека долж ул. Бледски Договор


Долж ул. Бледски договор:

Замена на исечените дрвја со нови возрасни дрва, пополнување на местата каде недостасуваат бехатонки / тие се пропаднати


Раскрсницата на ул. Бледски Договор со ул. Радика: Слејување на рабник / подигнување на пешачки премин и намалување на радиус

На раскрницата на ул. Бледски договор со ул. Карпошево востание:
Поставување на пешачки остров на средина на пешачкиот премин, подигнување на нивото на коловозот на самиот пешачки премин и намалување на широкиот радиус на тротоарите


На југо-западната страна раскрницата на ул. Бледски договор со ул. Карпошево востание, потребно е: слејување на рабник / подигнување на пешачки премин и намалување на радиус. Ова е радиус како за булевар, не како за станбена улица.



Северо-западната страна раскрницата на ул. Бледски договор со ул. Карпошево востание: Подигнување на пешачки премин и намалување на радиус. Ова е радиус како за булевар, не како за станбена улица.

За пофалба е тоа што тука е квалитетно слејан рабникот во овие недели, што е помалку добрата варијанта споредено со подигнување пешачки премин.



На југо-западната и северо-западната страна раскрницата на ул. Бледски договор со ул. Никола Русински: Слејување на рабници / подигнување на пешачки премин и намалување на радиус.

 

На раскрницата на ул. Бледски договор со ул. Никола Русински: да се размисли за микрокружен тек


На југо-западната и северо-западната страна раскрницата на ул. Бледски договор со најјужната сервисна улица: Слејување на рабници / подигнување на пешачки премин, обележување на пешачки премин и поставување пешачки остров/столпчиња на средина


На југоисточната страна - пристапот до Поликлиника Букурешт:
Слејување на северниот рабник по пример на јужниот/ подигнување на пешачки премин  и промена на асфалтот за пешаците и велосипедистите


На југоисточната страна - до Поликлиника Букурешт:
Промена на асфалтот за пешаците и велосипедистите



Северниот излез до Поликлиника Букурешт:
Слејување на рабниците за пешаците и велосипедистите / подигнување на пешачки премин 


Нова улица (продолжение на ул. Никола Русински): Слејување на рабниците / подигнување на пешачки премин и правење централен пешачки остров


Влез на паркинг (источно од СУГС Никола Карев): Слејување на рабниците / подигнување на пешачки премин и правење централен пешачки остров


Источниот тротоар од влезот на паркингот до приклучувањето со бул. Илинден: Да не се дозволи по копањето на тротоарот да се прошири коловозот на сметка на просторот кој порано им припаѓал на пешаците кои се движат накај клинички центри, замена на исечените дрвја


Влез на паркинг, продолжение на ул. Карпошево Востание): Слејување на рабниците / подигнување на пешачки премин и правење централен пешачки остров


Помошен влез на паркинг на Градска болница: Слејување на рабниците / подигнување на пешачки премин


Влез на паркинг на Градска Болница: Слејување на рабниците / подигнување на пешачки премин 

Паркинг на Градска Болница: Промена на подлогата на тротоарот


Излез од паркинг на Градска Болница: Слејување на рабниците и правење централен пешачки остров / подигнување на пешачки премин 


Пешачка патека на североисточната страна (од Градска болница до бул. Илинден): Промена на подлога и обновување на зеленилото




Улиците во Скопје треба да се дизајнираат да бидат безбедни и со градски, а не со автопатски карактер. 

Секоја реконструкција на било која улица треба да се искористи како шанса да се преосмисли дизајнот на улицата, да се направи побезбедна за сите учесници во сообраќајот, да се направи позелена, похумана и подостоинствена за луѓето, а не само да се смени асфалтот.



Со почит,
НаТочак
неформално здружение за урбан велосипедизам
За подобро вело - Скопје
e-mail: natochak@gmail.com



Референци:

1. Линк до статија: “Лентите широки 3 метри се побезбедни и сепак имаат капацитет за многу возила“ https://www.citylab.com/solutions/2015/07/10-foot-traffic-lanes-are-saferand-still-move-plenty-of-cars/399761/ 

2. Линк до Препораките за ширина на ленти на Националната агенција за градски транспорт на Америка: https://nacto.org/publication/urban-street-design-guide/street-design-elements/lane-width/ 


17 October, 2022

Што вети твојот градоначалник?

🚲 Што вети твојот градоначалник?
Помина точно една година од локалните избори кога Град Скопје и 10-те скопски општини добија нови градоначалници.
Во нивните изборни програми некои од нив ветуваа многу подобрувања, а некои не ветија ништо на тема вело-инфраструктура или про-велосипедски политики.
За секој од нив ги извадивме изборните ветувања поврзани со велосипеди, на вас е да кажете дали и колку од нив се сработени во првата година.
Скопје #НаТочак 👍 или 😡
  • Facebook албум со ветувањата на актуелните скопски градоначалници на следниот линк.
  • За потсетување: Блог-пост со 10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје 2025, посистематичен приод кон проблематиката направен од страна на НаТочак во очи локалните избори 2021, на следниот линк.

Што ни вети градоначалникот?
Тимчо Муцунски, Општина Аеродром

Што ни вети градоначалникот?
Дарко Костовски, Општина Аеродром

Што ни вети градоначалникот?
Горан Герасимовски, Општина Центар

Што ни вети градоначалникот?
Висар Ганиу, Општина Чаир

Што ни вети градоначалникот?
Бобан Стефковски, Општина Гази Баба

Што ни вети градоначалникот?
Александар Стојкоски, Општина Ѓорче Петров

Што ни вети градоначалникот?
Данела Арсовска, Град Скопје

Што ни вети градоначалникот?
Стевче Јакимовски, Општина Карпош

Што ни вети градоначалникот?
Орце Ѓорѓиевски, Општина Кисела Вода

Што ни вети градоначалникот?
Блерим Беџети, Општина Сарај

Што ни вети градоначалникот?
Курот Дудуш, Општина Шуто Оризари

 

09 September, 2022

Анкетен лист за ДУП СЗ 26 Блок 1 (населба Маврово покрај ул. Ацо Шопов) - Општина Карпош - Скопје

На јавната анкета за Градска четврт СЗ 26, Блок 01, Општина  Карпош Скопје, која траеше од 19.08.2022 до 09.09.2022 година, НаТочак согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.199/14, 45/15, 193/15, 31/16, 163/16, 64/18 и 168/18) достави анкетен лист со забелешки за предлог-планот преку системот е-урбанизам, за што добивме нотификација дека е успешно примен.


Содржината на анкетниот лист ја има во продолжение, а листот кој го прикачивме во системот е-урбанизам го има на линкот

За дополнителна сигурност, истиот анкетен лист го доставивме и до следните службени адреси во рамки на анкетниот рок: 
gradonacalnik@karpos.gov.mk,
kontakt@karpos.gov.mk,
zorica.kitanova@karpos.gov.mk,
vesna.stefanova@karpos.gov.mk


-------

АНКЕТЕН ЛИСТ за улици во рамки на ГЧ СЗ 26 Блок 1

Почитувани,

Би сакале да предложиме неколку точки каде сметаме дека може и треба да се подобри предлог-ДУП-от за СЗ 26, Блок 1, населба Маврово. 

Најпрво, свесни сме дека во урбанистички план, не се задаваат крајните сообраќајни решенија на улиците, но секако дека се тестираат. Односно се проверува и потврдува дали се задоволуваат стандардите за одредена категорија улици според Правилник, а исто така и во рамки на регулационата широчина планерот поставува некакво решение во рамки на дозволеното.

Со дефинирањето на регулационата широчина, планерот не го решава трајно просторот, но ги задава границите и овозможува или спречува одредени квалитетни решенија во иднина.

Затоа и самите детални урбанистички планови се многу важни за да се воспостави велосипедска мрежа на ниво на Скопје и затоа реагираме на јавни анкети секогаш кога сме во можност.

 

1.  ВЕЛОСИПЕДСКА МРЕЖА

 Нашата заложба како организација е сите улици од примарната мрежа во Скопје да добијат велосипедски патеки/ленти, но да добијат и дел од улиците од секундарната мрежа, кога улиците од примарната мрежа се на преголемо растојание.

Според PRESTO водичот од Европска унија (https://ec.europa.eu/transport/sites/transport/files/cyclingguidance/presto_policy_guide_cycling_infrastructure_en.pdf) препорачаната широчина на велосипедска мрежа (поточно максимално растојание меѓу паралелни велосипедски рути во урбана средина) изнесува 250 метри.



Според Холандски, Германски и други водичи, таа широчина изнесува максимум 400-500 метри, а препорачано е да биде помала, 200-300 метри.

За конкретниот случај на населбата Маврово и Водовод, односно Градска четврт СЗ 26 Блок 1, долга 650 метри и широка околу 400 метри според googlemaps, предлагаме целосно да се обиколи со велосипедски патеки по околната мрежа, но и да се “пробие“ со барем едно велосипедско поврзување север-југ спрема горните принципи.

 

1.1.   Околна мрежа околу Блокот 1:

 

  • Велосипедска патека по неизведениот бул. „Илинден“ е предвидена.
  • Треба да се предвидат велосипедски патеки и по ул. „Ацо Шопов“ и по ул. „Фјодор Достоевски“. 

Улица „Ацо Шопов“ да се испланира како во важечкиот ДУП, со поширок и подостоинствен профил, со квалитетни услови за пешаци и велосипеди. Бидејќи и јужната страна на Ацо Шопов е дел од Општина Карпош поточно населбата Влае, тоа проширување ќе може да се направи како  додатно на регулацискиот план.

Навистина жалиме што Град Скопје додека промовирал проекти како Скопје велоград, истовремено носел такви неквалитетни и непромислени регулациски планови со кои веќе постигнатото за велосипедскиот сообраќај во минатото детално планирање (на пример во ДУП за населба Маврово од 2001 се мислело повеќе на велосипедите!) го уназадувал, наместо да го унапредува.

И би сакале Општина Карпош да апелира до Град Скопје ова веќе да не се случува во иднина. Како и да е, не е забрането регулационите широчини да се прошируваат и тоа Општина Карпош  МОЖЕ и МОРА да го направи во овој случај.

Особено што многу од парцелите покрај ул. „Ацо Шопов“ се веќе во државна сопственост. Приликата за планирање на велосипедска патека по оваа улица и тротоар со дрвореди ќе го облагороди просторот, ќе го поврзе градот и ќе го зголеми квалитетот на живот на жителите.

Ацо Шопов (Пролетерска) со широк тротоар 3.5 метри со дрворед, велосипедски патеки од по 2.5 метри и коловоз 13 метри = 25 метри

Ацо Шопов со тротоари од по 2 метри, без велосипедски патеки, со коловоз 7 метри, т.е. вкупно 11 метри. Страшен пад во водењето грижа за јавниот простор.

 -   Слично, постојат многу добри услови за планирање на велосипедски патеки/ленти по текот на ул. „Фјодор Достоевски“, нема изградени објекти во близина на тротоарите и нејзината широчина може и мора да се прошири. Линиите што сега се повлекуваат, значат или заробување или чување на просторот за иднина. Ако Скопје и Карпош сакаат да имаат одржлив сообраќај и достоинствени услови за пешачки и велосипедски сообраќај, тоа мора да го направите.

1.2 Велосипедски патеки низ Блок 1:

  • Најважна подолжна улица низ блокот за поврзување запад-исток е улицата „4“ односно „Пролетерска“. Таа граничи со голема површина државно земјиште и нејзиното проширување нема да претставува проблеми. Таа треба да добие квалитетни тротоари со дрвореди и велосипедски пате,
  • Најважна и најреална улица за попречно поврзување север - југ е ул. „Петар Чајковски“ (кракот кој продолжува во улица 2) Како централна улица во потег долг 650 метри таа мора да обезбеди додатни велосипедски патеки/ленти и пошироки тротоари. По сега предвидената регулациона линија нема изградени објекти и нејзината широчина може и мора да се прошири. Се работи за обезбедување на јавниот интерес на идните генерации.
  • Улица 1, улица 2 и улица 3 треба да добијат пошироки и поквалитетни профили барем во делот над ул. „Пролетерска“ односно во делот од индустриската зона кој допрва ќе се гради со згради и кој е во огромна мера во државна сопственост. Во делот со куќите од нас. Маврово (јужно од ул. „Пролетерска“), доволно е да се смири сообраќајот на улиците за велосипедите безбедно да го користат коловозот заедно со автомобилите. Но и за ова треба да се пропишат текстуални услови во планот.

Би апелирале овој принцип за воспоставување на велосипедска мрежа на соодветно растојание, образложен тука, да се користи и во другите ДУП-ови.

 2.  ПРОШИРУВАЊЕ НА ТРОТОАРИ 

Она што најмногу го чини градот квалитетен се дефинирани јавни простори, квалитетни тротоари, дрвореди, велосипедски патеки. Кога тие би имале пристојни димензии, не би се чувствувале толку нападнати од новата градба.

Исцртувањето на регулационите линии е најзначајното нешто во еден план, зашто тоа дефинира дали во иднина еден простор може да се уреди квалитетно или не.

Во таа смисла е и оваа забелешка, односно да се предвидуваат тротоари со поголеми димензии од минималните секаде каде што е можно, зашто моментално се неупотребливи за пешаци. Димензиите од 1.5 метри до 2 метри се доволни за сместување на канделабри и контејнери и толку. Не се доволни за добро пешачко искуство. Поразително е за урбанистичкото планирање што во целосно нова населба сите тротоари до последен се широки 1.5-2 метри.

Дополнително, предлагаме да се пробијат пешачки патеки од сите слепи улици кон примарната мрежа. 

3.  ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ПАРКИНГ ЗА ВЕЛОСИПЕДИ 

Предлагаме да се воведе одредба во општите услови од планската документација која ќе побара сите новоизградени објекти да мораат да обезбедат паркинг за велосипеди во сопствена парцела, било во подрум, на приземје или во рамки на дворот. Добро е да има паркинг места за велосипеди и во затворена просторија (за долготрајно складирање) и во отворен простор (за кратко паркирање и брзо користење). Недостатокот на паркинг за велосипеди, го прави користењето велосипеди непрактично, луѓето мора да ги внесуваат во сопствените станови и тераси или да ги паркираат по ходници и огради од зградите што го блокира просторот и влијае на хигиената.

Предноста е што на 1 паркинг место за автомобили може да се паркираат 10-ина велосипеди во едно ниво, а ако има систем со монтажни држачи, дури и повеќе. Со оглед на малата просторна зафатнина, ова ќе претставува незначителен товар за инвеститорите, а ќе биде огромен бенефит за станарите и посетителите.

Би сакале да ве информираме дека Европската Комисија ја ревидираше директивата за енергетски перформанс на згради и според неа, сите нови или реновирани згради во ЕУ мора да обезбедат не само енергетски - ефикасни фасади и прозорци итн, туку да обезбедат услови и за енергетски најефикасниот транспорт – велосипедски, односно да обезбедат велосипедски паркинг. Минималното барање е 2 паркинг места по стан за секоја зграда за домување и 1 паркинг место за велосипеди на секое паркинг место за автомобили за сите нестанбени згради. Исто така препорачуваат и веќе изградените објекти, да прилагодат простор за велосипеди до 2027 година.

Општина Карпош може да биде втора Општина кај нас после Општина Центар која се раководи целосно или барем делумно по овие стандарди.




Со почит,

НаТочак

неформално здружение за урбан велосипедизам
 
За подобро вело - Скопје

e-mail: natochak@gmail.com 
blog: natochak.blogspot.com 
FB: facebook.com/NaTochak 
TW : twitter.com/NaTochak