24 November, 2015

Промотивни материјали за заедничка КМ „Здрав транспорт за здрави градови“ / КМ #43 во Скопје

[Дизајн: Никола Настовски]

Промотивните материјали од овој блог-пост може
слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #43 во Скопје и критичните маси во другите градови. А на Никола му благодариме за дизајнот.


МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ 
  • постер
 
-Постер (А3, во боја) верзија за печатење: линк (pdf)

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • постер
 
  • банери

веб-банер 300x250
веб-банер 500x500
веб-банер 990x80

веб-банер 980x100
Twitter cover

Facebook cover
 
 

23 November, 2015

Критична маса #43: Здрав транспорт за здрави градови!

Датум: среда, 25.11.2015
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: Драмски Театар
---------------------------------------------------------------------
Facebook настанлинк
Промотивни материјалилинк
Рута: линк

---------------------------------------------------------------------
Сите настани на FB:

Facebook настан Битола: линк
Facebook настан Гостивар: линк

Facebook настан Прилеп: линк
Facebook настан Скопје: линк
Facebook настан Штип: линк
Facebook настан Струмица: линк
---------------------------------------------------------------------
Постерот за КМ #43
FB cover - сите градови сосе Струмица
 
Градовите не се само имиња и слики, тие се и начини на функционирање, на движење, тие се начини на дишење.

Со плановите на еден град, не се предвидува само што каде ќе се гради, туку и како ќе дишат неговите граѓани.


Соочени со енормно загадување од различни извори (затоплување, сообраќај, индустрија) и со други пропратни проблеми од авто-центричното планирање (покрај загадувањето и небезбедност и неактивност) ноемвриската Критична маса: БитолаНаТочак, НаТочак - Гостивар, ПрилепНаТочак , НаТочак - Скопје, ТетовоНаТочак, ШтипНаТочак и СтрумицаНаТочак ја посветуваат здружно на ЗДРАВИОТ ТРАНСПОРТ.


Активистите во секој град ќе си извозат засебно Критична маса во својот регуларен ден, ќе си направат сопствени акции, активности, но темата ни е заедничка.


Сакаме заедно да порачаме до одговорните градски администрации во нашите градови, но и до сите одговорни на национално ниво, до сите планери професионалци, но и донесувачи на одлуки и кројачи на буџети, дека ни е потребна темелна промена на урбаните политики:

-Од политики на планирање на сообраќајници со фокус на коли и маргинализирање на пешачкото и велосипедското движење кон мултимодални политики: обезбедување простор за сите начини на транспорт (пешачење, возење велосипед, јавен превоз, автомобил), со предност на одржливите начини на транспорт.

-Од политики за проширување сообраќајници и освојување нов јавен и зелен простор за загадувачки индивидуален транспорт кон политики за овозможување на повеќе опции и побрзо стигнување со незагадувачкиот здрав транспорт (пешачење, возење точак) и јавниот транспорт.
-Тоа не значи целосно да се откажеме од планирањето за автомобили, тоа значи само да ги промениме приоритетите во корист на здравјето на сите.

Како иницијативи го промовираме точакот како превозно средство, кое го обединува незагадувањето и здравствениот аспект на пешачењето од една страна и брзината од моторизираните начини на транспорт од друга страна. Но свесни сме дека само точак не е решение за транспортот во градот. Спојот меѓу: пешачењето и  велосипедот како начини на превоз за кратки дистанци, јавниот превоз на подолги дистанци и за лица кои не можат на точак, и автомобилот за ситуации кога е неопходен, е она што сакаме да го видиме во нашите градови.
Сакаме да видиме безбедни и пријатни услови за пешачење и возење точак, за граѓаните да бидат привлечени кон овие нештетни (ни по здравјето, ни по природата) начини на транспорт.

Во таков град, секој граѓанин би бил умерено физички активен преку начинот на патување, во таков град не би се гинело на улиците од премногу простор и брзина за автомобили, во таков град и воздухот би ни бил почист!
Сето ова значи ЖИВОТ и ЗДРАВЈЕ, за секој лично, но и општествено значи поздрава средина и помалку здравствени трошоци.

Сакаме градови кои од здравје ќе бујат, место на чад да трујат.
Сакаме градови со активни, здрави и среќни граѓани.
Сакаме живи, не црни бели
дробови.
САКАМЕ ЗДРАВ ТРАНСПОРТ ЗА ЗДРАВИ ГРАДОВИ!


Дојдете на Критична маса 43 во Скопје или на критичните маси во другите градови во поддршка на оваа идеја.
Во Скопје ќе возиме по следнава рута:




*** Секој учесник вози на своја одговорност. 

--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.


Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 42 пати возеа масовно по скопските улици, на 42 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 43-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца! Приклучи се! Ангажирај се! Може да нé има повеќе! И Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

20 November, 2015

Бел точак за спомен

Бел точак за спомен е поставен на влезот од Градски парк за да не' потсетува на Давид кој во близина невино загина во сообраќај пред 2 месеци.
Бели точаци (white cycle или ghost bikes) се ставаат насекаде по светот во близина на места каде велосипедист бил убиен во сообраќај во спомен и чест на загинатиот, но и како потсетник за возачите кои минуваат покрај него дека и велосипедистите се рамноправен дел од сообраќајот и дека мора да внимаваат на нив и да им отстапуваат дел од патот, да ги пропуштаат на премин, да ги почитуваат, да им го заштитат животот.
Истовремено, тие се потсетник и за властите да ги преиспитаат политиките во однос на планирањето на сообраќајот, акциите на полицијата итн.
Браво за оние кои го спремиле точакот (треба сите да се активираме на начин на кој можеме), се надеваме ќе опстане.
Но нека не се повтори!
Нека нема потреба од поставување од вакви споменици.
Секој може да остави, цвеќе, свеќа, порака за Давид...







Соборците за побезбедни улици од NaТochak Gostivar подготвија статија на македонски на Википедија за “Бел велосипед споменик“, ја преведоа и додадоа фотографија од Скопје. Браво.
Случувањата во Скопје, губењето на животи од најобично пешачење и возење точак, не се без ефект во останатите градови. Но не смееме да дозволиме да се шири страв, треба да се шири свест! Овој точак споменик и слични акции се надеваме дека ќе помогнат.
Мора сите заедно да делуваме да се подобрат условите!
И за да ги заштитиме човечките животи кои се поважни од сè и за да го унапредиме и популаризираме возењето точак поради сите поволности кои ги има за нашите градови и за нашето здравје.

09 November, 2015

Записник од одржан состанок помеѓу претставници од Општина Центар и претставници од НаТочак

ЗАПИСНИК
 
од одржан состанок на тема можности за унапредување на урбаниот велосипедизам во Општина Центар


Состанокот е одржан на 21.10.2015 година од 10.00ч – 11.00ч. часот во кабинетот на Градоначалникот на Општина Центар

На состанокот присуствуваа:
•Андреј Жерновски, Градоначалник на Општина Центар
•Дамјан Момировски, Сектор за урбанизам при Општина Центар
•претставник од Сектор за комуникации на Градоначалникот
•двајца преставници од неформалното здружение ”НаТочак”

Поканата за состанок беше иницирана од Градоначалникот, кој изрази желба за соработка во врска со сите активности на темата урбан велосипедизам и побара да ги слушне предлозите и барањата што НаТочак ги изготви како основа за зголемување на безбедноста во сообраќајот. Бидејќи предлозите и барањата се однесуваат на соработка, односно се испреплетуваат надлежности на повеќе институции, разговаравме за конкретните надлежности на Општина Центар и како тие да се надополнат на надлежностите на останатите општини и надлежни институции.

На состанокот од страна на претставниците на неформалното здружение „На Точак“ беа изнесени предлози и барања за унапредување на велосипедската инфраструктура при што беше дискутирано за следното:

•моменталниот статус на изработениот Правилник за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура кој има најава дека ќе се донесе во најкраток можен рок со цел избегнување на импровизации при проектирањето;

•запознавање на Градоначалникот со проектниот документ за проектот „Скопје вело - град“ и неговите детали, во насока на континуитет на проектот на сообраќајните површини во надлежност на Општина Центар;

•задолжително планирање на велосипедска инфраструктура при изградба и реконструкција на сообраќајните површини како и обезбедување на велосипедска инфраструктура на сите изградени сообраќајни површини без велосипедска инфраструктура;

•отстранување на сите пречки на велосипедските патеки со цел обезбедување на непречено и безбедно одвивање на велосипедскиот сообраќај;

•од преставниците од НаТочак е укажана новата законска можност да се исцрта велосипедска лента на коловоз;

•воведување зони 30 на улиците во Општина Центар;

•соработка со сообраќајната полиција;

•заштита на велосипедските патеки/ленти од моторни возила.

Од страна на претставниците на неформалното здружение „На Точак“ беа доставени и конкретни предлози и барања за зголемување на безбедноста на велосипедистите и другите ранливи учесници во сообраќајот во пишана форма.

На состанокот беа донесени следниве согласности по однос на предлозите и барањата:

•Градоначалникот информираше дека во процес е поставувањето на знаци за обележување на улиците во зона 30, зона на смирен сообраќај. Планираат кампања во која ќе ги информираат граѓаните за воведувањето на зона 30 и воедно повик до Министерството за внатрешни работи за соработка при информирањето на граѓаните

•Градоначалникот изрази подготвеност со свој пример, да ги повика граѓаните да го користат велосипедот како секојдневно превозно средство, со тоа што кога е во можност самиот ќе го користи велосипедот за да допатува до/од своето работно место

•по донесувањето на Правилникот, во комбинација со постоечкиот Закон кој одобрува велосипедска лента исцртана на коловоз, од Општина Центар ќе се подготви Проектен план за велосипедски патеки/ленти на улиците кои се во надлежност на општината, истиот јавно ќе биде презентиран и отворен за коментари/забелешки

 •констатирана е потребата од поголема соработка меѓу соседните општини со цел постигнување на континуитет во поглед на планирањето и изградбата на велосипедската инфраструктура. Патеките мора да имаат континуитет низ целиот град и мрежата да е координирано планирана

•компетентни претставници од Општина Центар и Градоначалникот заедно со претставници на неформалното здружение „На Точак“ ќе возат велосипед по постоечките површини низ Општина Центар со цел на терен да се согледаат проблемите. За увидените проблеми ќе се состави Записник и за истите ќе се дискутираат решенија
 
•во врска со паркингот кој е во надлежност на Општина Центар, спроти Фонтана, Градски парк, разговарана е можноста дел од паркингот да се пренамени за велосипедска патека која е во рамки на Рута 1 (конекција населба Автокоманда до населба Карпош 4, во рамки на проектот Скопје Вело Град 2017) со цел велосипедската патека да не менува неколку пати страна на булеварот, поради недостаток на простор со постоечката состојба. Со отстапувањето на простор од паркингот за велосипедска патека од јужната страна на бул.Илинден ќе се обезбеди континуитет на велосипедското движење, поголема удобност и безбедност за велосипедистите.

Скопје, 21.10.2015

27 October, 2015

Критична маса #42: Просветли се! Велосипедистите можат да бидат слабо видливи

Датум: среда, 28.10.2015
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: Ѓорче Петров
---------------------------------------------------------------------
Facebook настанлинк
Промотивни материјалилинк
Рута: линк

---------------------------------------------------------------------

Нема ништо поубаво од вечерно возење велосипед. Сѐ е смирено, улиците се празни, а гужвите завршени: само вие и градот! Уживате во тишината и чистиот ноќен воздух. Воопшто не ви недостига дневната врева, мешаницата во сообраќајот и издувните гасови. Се враќате кон дома на велосипед по долгиот ден на работа или одите на кафе со пријателите или, едноставно, заради задоволство само сте излегле да свртите неколку крукчиња околу населбата. 

Но, токму овие вечерни возења се најризични за велосипедистите. Ноќе, кога видливоста е намалена се зголемува опасноста од судири. Дел од сообраќајниците во градов (улици, булевари, велосипедски патеки, тротоари) не се добро осветлени, а понекогаш, дури и во случаите кога има светлосна инфраструктура, таа не работи, се случува да е затскриена зад нешто итн. Тоа е причина за мала видливост што го зголемува ризикот од сообраќаен судир или непријатна ситуација во која најчести жртви се оние кои возат велосипед.
Со ова не сакаме да ја префрлиме вината на жртвите, на ранливите. Свесни сме дека најчеста причина за намалено видно поле и непрегледност на возачите е брзото возење и против тоа се бориме, но паралелно на тоа треба да научиме да преземаме сѐ што е во наша моќ да го намалиме ризикот.
Ние, велосипедистите, сме дел од градскиот сообраќај. Ние сме само алка од еден поголем систем во кој рамноправно учествуваме. Тоа подразбира и одговорност која ја имаме кон останатите учесници во сообраќајот, но и кон самите себе. Учеството во тој систем значи дека треба да ги почитуваме неговите правила. Кога возите точак ноќе ризикот е поголем. Затоа треба повеќе да се обрне внимание на безбедноста заради отежнатите услови за движење. Велосипедот кој го возите треба да биде соодветно осветлен за да биде приметлив за останатите учесници во сообраќајот. Неопходно е секој од вас на својот велосипед да има предно бело светло, заден црвен катадиоптер или црвено светло или трепкачка лента и катадиоптри (мачкини окца) на тркалата. Сите овие светлечки елементи се и задолжителна опрема за возење велосипед според Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Постерот за КМ 42

Добар дел од велосипедистите во овој град веќе користат вакви светла при ноќното возење, но сепак, некои од нас сѐ уште немаат навика. Светлата, пред сѐ, се наменети за наша безбедност. Нивното инсталирање е брзо и едноставно, а нема ниту да ве чини многу. Неодговорноста во сообраќајот не е одлика само на другите (возачите на автомобили и пешаците). Бидете одговорен. Им се лутите на возачите кога не ги почитуваат правилата, а и самите не го правите тоа. Им замерувате на пешаците за неодговорност, а и самите понекогаш сте неодговорени. Користењето на коловозт од велосипедистите е разбирливо со оглед на непостоењето велосипедска инфраструктура. Но некористењето на светла не е!
Малку е потребно за да се случи судир, а уште помалку тој да се избегне. Вклучувањето на задниот трепкач треба да ви стане навика пред излегувањето од дома на точак ноќе, исто онака како што ви е навика да проверувате дали ви се меки гумите.

Учесниците во сообраќајот треба да се третираат како еднакви: треба да им се обезбедат услови според нивните способности и според безбедноста на сите, особено ранливите: пешаци и велосипедисти. Точно е дека одговорноста станува поголема како што расте големината на возилото, но тоа не значи дека ако сме на точак правилата не важат за нас. Во поглед на употребата на задолжителна опрема, како светла, не треба да сме привилегирани. Со тоа ќе ја зголемиме сопствената видливост и пред возачите и пред пешаците и пред другите велосипедисти кога се разминуваме. Свесни сме дека инфраструктурата не е добра, но поради непредвиденото движење со таква инфраструктура има уште поголема потреба да бидеме видливи. Не можеме да зборуваме за сообраќајна демократија без и самите да дадеме сопствен пример. Бидете одговорен велосипедист. Сите заедно да го направиме градов побезбеден за возење велосипед.
Ставете светла на вашите точаци. Нашето семејство на велосипедисти секојдневно се зголемува. Со возењето на велосипед ние веќе му донесовме светлина на Скопје! Ајде сега сите заедно да ги осветлиме ноќите на градот!
Просвлетли се!

20 October, 2015

Записник од одржан состанок помеѓу претставници од Град Скопје и претставници од НаТочак

После упатените барања за зголемување на безбедноста на велосипедистите во сообраќајот до Град Скопје и другите надлежни институции, групата НаТочак беше повикана на состанок во Град Скопје, од кој произлезе следниот записник кој го изработи Град Скопје и го одобри НаТочак.
Изготвувањето и објавувањето на записници беше една од работите кои НаТочак ги побара од Градот, со цел потранспарентно информирање на јавноста, можност за нејзино вклучување со сугестии, како и подобро следење на динамиката на реализација на договорените цели.

На состанокот му беа презентирани барањата на Градоначалникот и заедно со претставниците на засегнатите сектори се дискутираа проблемите на велосипедистите и можностите за нивно решавање во Скопје. Дел од темите и проблемите се отворија и попродлабочено дискутираа на овој состанок, дел ќе останат за следните.


НаТочак покрај тоа што посочува на поединечни проблеми (опасни дупки, конкретен висок рабник или билборд на сред патека) пред се' се залага за темелно и долгорочно решавање на проблемите со соодветни закони и правилници, а потоа и посветеност на градските служби.

Во изминатите 2 години комуникација со градската администрација забележуваме напредок во разбирањето на проблемите на велосипедскиот сообраќај и очекуваме тоа да се одрази во пракса, преку квалитетна изведба на проектот Скопје вело-град, но и преку реализација на останатите барања. 
Во продолжение, записникот.


ЗАПИСНИК
од одржан состанок помеѓу Град Скопје и неформално здружение „На Точак“ во врска со унапредување на велосипедската инфраструктура во Скопје
Состанокот се одржа на 05.10.2015 година од 12.15 – 14.00 часот во кабинетот на Градоначалникот на Град Скопје
На состанокот присуствуваа:
•Коце Трајановски, Градоначалник на Град Скопје
•Синиша Ивановски, Директор на ЈП Улици и патишта
•претставници од: Сектор за поддршка на Градоначалникот, Сектор за планирање и уредување на просторот, Сектор за сообраќај и Сектор за одржување и изградба на сообраќајници
•2 претставници од неформално здружение „На Точак“


Состанокот го отвори градоначалникот на Град Скопје при што им посака добредојде на претставниците на неформалното здружение „На Точак“ и им се заблагодари за соработката и активностите што ги преземаат за поттикнување на користењето на велосипед.

На состанокот од страна на претставниците на неформалното здружение „На Точак“ беа изнесени предлози и барања за унапредување на велосипедската инфраструктура и безбедноста на велосипедистите при што беше дискутирано за:

•донесување на правилник за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура во најкраток можен рок со цел избегнување на импровизации при проектирањето

•споделување на проектниот документ за проектот „Скопје вело – град“ со цел запознавање со деталите и изнесување забелешки од страна на „На Точак“

•задолжително планирање на велосипедска инфраструктура при проширување и изградба на сообраќајниците како и обезбедување на велосипедска инфраструктура на сите изградени сообраќајници без велосипедска инфраструктура

•отстранување на сите пречки на велосипедските патеки со цел обезбедување на непречено и безбедно одвивање на велосипедскиот сообраќај

•соработка со РСБСП со цел спроведување на кампања за возење на велосипед за време на зимскиот период, паралелно комплетирање на рута 1, на почеток на зимска сезона, со цел промоцијата да се одвива на рута 1

•предвидување на велосипедска патека за одвивање на велосипедски сообраќај при времена измена на режимот на сообраќај при градба на објекти со можност за уредување во законска рамка

•при статистичка обработка на податоци да се земат предвид податоци за поседувањето и користењето на велосипед

•соработка со сообраќајната полиција

•заштита на велосипедските патеки од моторни возила со поставување на столбчиња посебно на бул. Партизански одреди

Од страна на претставниците на неформалното здружение „На Точак“ беа доставени и конкретни предлози и барања за зголемување на безбедноста на велосипедистите и другите ранливи учесници во сообраќајот во пишана форма.

Градоначалникот на Град Скопје истакна дека Град Скопје интензивно работи на унапредување на велосипедската инфраструктура и потенцираше дека во моментов се изведуваат градежни активности на рутата 1 од акциониот план односно на дел од ул. Александар Македонски, ул. Беласица и булевар Илинден за што се ангажирани три компании и дека во најкраток можен рок ќе започнат и градежни активности на бул. Гоце Делчев. 

Целта е да бидат запазени роковите дефинирани во акциониот план односно рутата бр. 1 да биде готова до крајот на оваа година. Притоа треба да се има предвид дека овој проект е започнат пред 1 година и е во развој, така што е во фаза на инволвирање на сите засегнати страни. Формирано е координативно тело кое ја  реализира и следи целата реализација на патеките, но постојат можности да се надополнува со други институции и субјекти, со цел подобрување на резултатите кон кои сме насочени.

На состанокот беа донесени следниве заклучоци по однос на предлозите и барањата:

•повторно да се консултира неформалното здружение „На Точак“ пред усвојување на правилникот за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура, кој е предаден во Министерство за транспорт и врски и се чека на негово одобрување.

•да се организира состанок со неформалното здружение „На Точак“  со членови на координативното тело со цел запознавање на неформалната група „На Точак“ со проектниот документ за проектот „Скопје вело - град“ и неговите детали.

•членови на координативното тело заедно со претставници на неформалното здружение „На Точак“ заедно да возат велосипед по велосипедските патеки со цел да се согледаат проблемите на истите

•да се испрати барање од Градоначалник на Град Скопје до Директорот на државниот завод за статистика за во статистичката обработка да се земат предвид податоци за поседувањето и користењето на велосипед

•најмалку еднаш месечно координативното тело да одржува состаноци со претставници на неформалното здружение „На Точак“

•градот Скопје ќе оствари соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата за осмислување и спроведување на кампања за возење на велосипед во зимски услови

•да се продолжи со поставување на столбчиња по должина на бул. Партизански одреди со цел заштита на велосипедската и пешачката патека од нелегално паркирање на моторни возила

•да се изгради времена велосипедска патека на потегот од Мостот Гоце Делчев до ул. Филип II Македонски. (додека траат градежните работи до Стоковна Куќа Мост, н.з.)

•по донесување на измената на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање која се однесува на намалување на ширината на сообраќајните ленти која беше по барање на Град Скопје, да се пристапи кон изработка на проектна документација за воведување на велосипедски ленти на бул. Климент Охридски со цел обезбедување на простор за велосипедски сообраќај, бидејќи во новиот закон за безбедност во сообраќајот се предвидени велосипедски ленти.


Скопје, 05.10.2015

28 September, 2015

Промотивни материјали КМ #41

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #41. 
 

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ 
  • постер
-Постер (А3, во боја) верзија за печатење: линк (pdf)

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • постер

Постерот за КМ 41
 
Facebook cover за КМ 41