27 November, 2017

Промотивни материјали за Критична маса #67

[дизајн: Синиша Илијески, портфолио I, портфолио II]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #67, за тоа што заедно преку личниот пример покажуваме дека и во Скопје се може поинаку освен сам во кола, а преку здружната акција бараме тоа да биде институционално поддржано и да стане возможно и преферирано за сите. 
На Синиша му благодариме за прецизниот дизајн и успешната комуникација.

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за печатење: линк (.pdf)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • Постер, верзија за веб:


  • Facebook cover:


  • Facebook event cover:






Критична маса #67: Во Скопје можеш! За почист град избери: ....

Датум: среда, 29.11.2017
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: 19:00, Плоштад Автокоманда

--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали линк

--------------------------------------------------------------------
постерот за КМ #67


За да видиме значителни резултати во намалување на ПМ честичките во воздухот на Скопје, треба да се преземат мерки во сите 4 критични области (затоплување, сообраќај, прашина и индустрија). Дури и целосното сузбивање на загадувањето од само еден извор никогаш нема да значи драстично подобрување.

Оваа Критична Маса е посветена на загадувањето кое го произведува сообраќајот во Скопје.

Сите ние сме сообраќајот во Скопје. Досадна стана веќе: You are not stuck in traffic - you are traffic! Личната одговорност е онаа која ги поместува работите од статус квото, па макар и во несовршени услови како скопските. Скопје нема совршени услови, но исто така не е точно ни дека воопшто нема услови за превезување на друг начин освен кола, знаеме зошто секојдневно возиме и гледаме луѓе кои секојдневно возат велосипед во Скопје.

Повикуваме, сите кои можат, да го остават автомобилот или барем да го споделуваат превозот. Но да не останеме само на личната одговорност, туку да повикаме на институционална промена за почист воздух, почист сообраќај, поквалитетен град за живот за сите!

Кога се повикува само на лична одговорност во однос на изборот на превозни средства, се игнорираат условите кои институциите ги создале:

-улици со голем број ленти за автомобили, без специјални ленти за јавен превоз, без велосипедски патеки, со блокирани пешачки патеки
-автомобилот е најбрз, најкомотен и најбезбеден начин на превоз во таквите услови, а на луѓето брзината, комоцијата и безбедноста им се поважни фактори при изборот на превоз од животната средина, не само кај нас, туку и насекаде низ светот.

Затоа, за да ги поттикнат граѓаните да се грижат за животната средина, одговорност и на институциите е да ги направат пешачењето, користењето велосипед побрзи на кратки патеки од автомобилот, а јавниот превоз на подолги патеки. Да ги направат незагадувачките (или помалку загадувачките) начини на превоз покомотни и побезбедни, да ги зголемат можностите за незагадувачките начини на превоз и да им дадат предност пред автомобилот за тие да бидат ПРВ ИЗБОР на најголем дел од населението.
Промената треба да се случи во двете области.

Во Скопје има и други опции освен сам во кола!
Во Скопје и сега можеш пеш, на точак, со јавен превоз, со споделен превоз со кола! Направи го тоа и поттикни и други. Побарај да се подобрат условите!
Во Скопје треба тие начини да се унапредуваат (а автомобилот да се депривилегира) и да станат прв избор на граѓаните!

За тоа да се случи потребно е да побараме поместување на статус квото од институциите!

Како и да се превезуваш, ако поддржуваш Скопје кое ќе ги зајакне овие незагадувачки, здрави транспортни опции, приклучи ни се на Критична маса #67.


Ќе возиме по следнава рута (6.6km):


На крајната точка ќе се дружиме со топол чај.

--------------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.



Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 66 пати возеа масовно по скопските улици, на 66 различни темa поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 67-ми пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------



05 November, 2017

Првиот точак на Бела

Како за неделна вечер, споделуваме една топла татко-ќеркинска точакољупска приказна која ја добивме во инбокс
Многу е интересно што речиси сите деца си ги паметат првите точачиња и по некоја приказна поврзана со нив.
Да создадеме град на чии улици децата ќе градат убави спомени, но исто така и град каде радоста на возењето точак ќе може да ја практикуваат цел живот.
Во продолжение, приказната (вистинита
)

-----------------------------
ПРВИОТ ТОЧАК НА БЕЛА

Беше сабота. Ден пред Велигден.
Тие денови Бела (6 години) ептен почна да ми зборува дека сака да научи да вози точак, па ај викам ќе го земам од кај моите точакот од внуката што не го вози веќе.
Демек да не фрлам пари за нов.
Бидејќи беше многу нетрпелива, сакаше да учи да вози точак токму тој ден, ѝ кажав дека ќе одам со кола да го земам. Кога стигнав таму, татко ми го вади точакот од подрум и сфаќам дека е премал за Бела.
Се враќам со премалиот точак, а таа ме чека на врата. Се разочара.
Ѝ викам ај ќе одиме пеш до продавница "X" да видиме нов точак ама со предупредување дека ако не ни се допаѓа ниеден или ако се скапи нема да купиме. А баш неколку дена претходно една колешка ми кажа дека од некаде купила нов точак за ќерка ѝ за 3000 денари.
Одиме ние во продавница "X" и точациве околу 8-9000 денари. Точакот што ѝ се допадна
на Бела беше 8000. “Слушај“ ѝ викам ајде да размислиме малку, да побараме и на друго место, да не брзаме“. И се враќаме накај дома, а она разочарана што не купивме точак. Јас се обидувам да ја развеселам и да ѝ објаснам дека ќе најдеме некој друг поубав. Не ми поминува муабетот. Разочарено чекори покрај мене.
И во еден момент она ми вика "Тато, види
! Пари". И гледам јас пари паднати на земја пред влезот од една зграда. На 5 чекори од нас.
Ги земам јас
парите и гледам дека се неколку илјадарки. Ги бројам. 8000 денари. Во себе си викам “Па добро, па како можеше да се токму 8000?“ Се свртев наоколу за да видам дали некој бара пари.
И ѝ викам "Бела ов
а се точно пари колку за твојот точак, но ова не се наши пари". Ѝ објаснив дека на некој можеби му требаат. Размислувајќи што да правам со парите, продолживме да чекориме накај дома со парите во рака. Ја чувствувам како се крши во себе помеѓу желбата да има точак и моето “ова не се наши пари, на некому можеби му требаат “. Срамејќи се да дали и како да каже, во еден момент не издржа и на глас извика “Тато, ми доаѓа да го купиме точакот!“. Убаво ја смисли оваа реченица. Да не звучи дека со тие пари треба да купиме, да не звучи дека треба да го направиме тоа, туку само да каже дека сака да го купиме точакот.
Отидовме со кола и од друго место најдовме поевтин и поубав точак, а на зградата каде што ги најдовме
парите залепивме ливче дека најдени се изгубени пари и оставив телефон.
И не поминаа ни 20 минути ми се јави еден човек.
Го прашав колку пари изгубил за да сум сигурен дека е навистина тој.
Одма рече 8000.
И му ги однесов.
Му кажав дека ќерка ми ги најде, а тој извади илјадарка и ми ја поддаде за да сум ѝ купел нешто за Велигден. Му се заблагодарив, но не ги земав парите.
Најважно ми беше што Бела научи една лекција
, а купивме и точак. Сега има и точак и убава приказна за првиот точак.


*првото пуштање на Бела сама и прославувањето по повод тоа

23 October, 2017

Промотивни материјали за КМ #66: Нови градоначалници. Стари проблеми. Тука сме!

[дизајн: Александар Савески - Че]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #66 и за тоа што сме заедно ТУКА за поздраво, поведро и поубаво Скопје, а на Че му благодариме за ефикасната и успешна комуникација и реализација на идејата на оваа Критична маса.

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за печатење: линк (.pdf)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • Постер, верзија за веб:




  • Facebook cover:

  • Facebook event cover:






22 October, 2017

Критична маса #66: Нови градоначалници. Стари проблеми. Тука сме!

Датум: среда, 25.10.2017
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: 19:00, МКЦ

--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали линк

--------------------------------------------------------------------


Постерот за КМ 66



Нови градоначалници. Стари проблеми. Тука сме.
Имаше мали подобрувања низ годиниве додека постоиме, на тоа се радуваме.
Но големите проблеми се сè уште тука.
Нелегално паркирање, град заробеник на автомобилите, жртви во сообраќај, жртви од загадување, седечки начин на живот, недостиг од активен транспорт, недостиг од специјалeн простор за јавен превоз, велосипеди и пешаци, метеж, бучава, хаос, непристапност, неквалитетна средина за живеење.
Затоа - тука сме!
Да покажеме дека луѓето може да се движат и поинаку, а не цело време и не само со кола. Тука сме.
Да побараме мултимодално, а не автоцентрично планирање. Тука сме.
Да побараме поодговорно планирање, планирање за заштита на човечки животи и пријатно живеење, наместо планирање за големи брзини. Тука сме.
Да ги поддржуваме добрите политики и да ги критикуваме лошите. Тука сме.
Да пријавуваме проблеми и да се радуваме на малите победи. Тука сме.
За безбедни улици, тука сме.
За велосипедска мрежа низ цел град, тука сме.
За град кој се движи на незагадувачки и активен, здрав начин, тука сме.

Во среда на плоштад Македонија од 17:30. Таму сме ;)
Возиме низ Аеродром, завршуваме пред МКЦ и продолжуваме на Ехо фестивал.


Борбата продолжува, придружете ни се како учесници на Критична маса и како активни граѓани за поубаво Скопје. Тука да сме!


--------------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 65 пати возеа масовно по скопските улици, на 65 различни темa поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 66-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

15 October, 2017

Меморандум за соработка : НаТочак - Петре Шилегов

На 13-ти октомври 2017-та година НаТочак потпиша меморандум за соработка со кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов. Меморандумот е достапен како документ на следниот линк, а како текст во продолжение. Очекуваме негово доследно почитување. ---------------------- Во пресрет на локалните избори во Град Скопје на 15.10.2017 година, а во однос на идното управување со градот, иницијативата #НаТочак и кандидатот за Градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ, г. Петре Шилегов, по иницијатива на кандидатот, го потпишуваат следниот


МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА


1. Двете страни се обврзуваат во добри односи заеднички да го промовираат велосипедот во Скопје како здраво, евтино и чисто превозно средство.
2. Новата градска администрација ќе ја напушти автоцентричноста како принцип во сообраќајот и ќе работи на постепено приоритизирање на пешачењето, велосипедскиот сообраќај и јавниот превоз како и поставување на велосипедска инфраструктура во сите делови од градот во соработка со останатите градоначалници. Ќе тежнее процентуалниот удел на овие типови сообраќај да расте од година во година, а на автомобилот да опаѓа
3. Новата градска администрација се обврзува да вклучи задолжителни велосипедски простори и патеки во секое идно проектирање на нова улица, булевар или мост.
4. Новата градска администрација се обврзува секоја идна реконструкција на булевар или поважна улица да вклучува и велосипедско решение во просторот. Потесните улици да имаат решение за успорување на возилата за безбедно заедничко споделување на просторот (Зони 30).
5. Новата градска администрација се обврзува во рок од една година да постави велосипедски паркинзи пред секоја градска установа, канцеларија или позначаен јавен простор во надлежност на Градот Скопје.
6. Новата градска администрација се обврзува да ги вклучи граѓанските здруженија и иницијативи во процесите на креирање политики од нивно значење. Тие процеси ќе бидат темелни, инклузивни и транспарентни, а #НаТочак ќе има свое столче на масата каде ќе се одлучуваат велосипедските политики на Град Скопје.
7. Итно деблокирање на постоечките велосипедски патеки кај плоштад Македонија, патеката на кејот на Вардар и Стоковна Куќа Мост, создавање на повеќе рампи за приклучување кон патеката на кејот како и нејзино продолжување накај Сарај и Јурумлери.
8. Итна изградба на задоцнетите рути од проектот Скопје Вело-град (Чаир-Центар (Рута 3) и Кисела Вода - Ѓорче Петров (Рута 4), 7те конектори Север-Југ и корекции на веќе изведената инфраструктура)
9. Град Скопје и #НаТочак заедно ќе работат на едукативни и безбедносни програми за унапредување на велосипедизмот во Скопје.
10. Новата градска администрација се обврзува да постави цели за намалување на бројот на   жртви од сообраќај на скопските улици преку соодветни инфраструктурни мерки и соработка со други институции (МВР, РСБСП, ЈСП, МЖ...) за зголемување на безбедноста на велосипедскиот сообраќај.
11. Новата градска администрација се обврзува на проактивна соработка со полицијата за дислоцирање на бесправно паркираните автомобили.
12. Формирање на одделение (Координативно тело) за унапредување на немоторизираниот транспорт (пешачки и велосипедски) на ниво на град Скопје и сите општини.
13. Новата градска администрација се обврзува на создавање на посебен буџет за вело-инфраструктура
14. Новата градска администрација се обврзува на создавање модерен систем за изнајмување на велосипеди


Скопје, 13.10.2017


Во свое име,
Петре Шилегов
Кандидат за Градоначалник на Скопје
(потпис)

Во име на иницијативата #НаТочак
(потпис)