27 August, 2013

Извештај од средбата со Град Скопје

После упатените барања за подобрување на постоечката велосипедска инфраструктура до сите скопски општини и Градот Скопје, првиот одговор го добивме од администрацијата на Град Скопје после што беше договорена средба. 

Средбата се оствари на 20.08 од 10:00 до 11:00 часот во просториите на Град Скопје каде присуствуваа претставници од На Точак и претставници од Секторот за планирање и уредување на просторот и од Одделението за спорт. За 
жал, на средбата немаше претставник од Секторот за сообраќај, но присутните ветија дека ќе им ги пренесат заклучоците на своите колеги.

На средбата подетално им ги презентиравме веќе упатените барања и целата наша заложба за промовирање на велосипедот како транспортно средство и за подобрување на условите за негово користење. 

Вработените од Град Скопје, од кои сите (помалку или повеќе) корисници на велосипедот, беа согласни дека се работи за реални проблеми со кои се соочуваат велосипедистите и за реално остварливи барања, кои ќе може постапно да се решаваат. 

Најмногу се задржаа околу првото барање: Подобрување на состојбата на постоечките велосипедски патеки кое е најдиректно во надлежност на Град Скопје и е поле на кое веќе работат со заменување на високите рабници со ниски. Ние им укажавме дека ниските рабници се во секој случај подобри од високите, но најдобро решение се рампи, и за велосипедските патеки и за пешачките кои треба да бидат пристапни и за лица во инвалидски колички. Состојбата со одржувањето на асфалтот на патеките им е јасна, но досега приоритетите биле насочени кон реконструкција на коловозите за моторен сообраќај.


Во врска со второто барање: Овозможување на континуирано движење по велосипедските патеки ни беше објаснето дека во некои случаи е невозможно да се дислоцираат веќе поставени објекти како семафори и сл. поради инфраструктурните поврзувања, но секако дека во иднина може да се планира подобро. Проблемот со автобуските постојки и судирот на велосипедскиот со пешачкиот сообраќај им е јасен и ќе мора да се пристапи кон нови сообраќајни решенија кои ќе ги издвојат овие 2 типа сообраќај, како и соодветно обележување на патеките и поставување на сообраќајни знаци кои ќе ја подигнат свеста на граѓаните за постоењето на велосипедските патеки. Проблемот со паркирани возила е во надлежност на МВР и најмногу што може да направи Град Скопје е да постави столпчиња, онаму каде што е можно, кои ќе спречат нерегуларно паркирање на возила на велосипедски и пешачки патеки, како и да го искомуницираат проблемот на повисоко ниво. 


Третото барање за Зголемување на бројот на паркинг места за велосипеди, им го претставивме како задолжителен потег на сите јавни институции со кој ќе изразат поддршка кон сите вработени и посетители кои го користат велосипедот како превозно средство. Од Град Скопје рекоа дека ќе преземат иницијатива оние институции кои се во нивна надлежност (беа спомнати средните училишта како пример) да се снабдат со ваков вид паркинзи. Стана збор и за издвојување на едно до две паркинг места за автомобили на секој јавен паркинг и нивно пренаменување во паркинг места за велосипеди. Така тие места ќе добијат и соодветен надзор и заштита од крадење.


Им ги понудивме резултатите од нашите мапирања и од претходно спроведени акции (претставени и на средбата со ЈП Улици и патишта) како база за согледување на проблемите. Ветија дека ќе пратат екипи кои ќе направат увид на терен и во зависност од буџетот ќе одредат приоритети за решавање.

За дел од проблемите им доставивме позитивни примери од светот како можен начин на решавање, а за останатите проблеми стоиме на располагање за консулатација како секојдневни корисници на велосипедот како превозно средство.


Град Скопје веќе работи на некои проекти за спортски велосипедизам, но урбаниот велосипедизам, велосипедот како начин на транспорт низ градот, заклучивме дека е запоставен и долго време се нема направено ништо во Скопје на таа тема. Добивме уверување дека постоењето на ваква иницијатива сигурно ќе направи мало поместување на приоритетите. Постои волја за подобрување, но бидејќи и решенијата треба да се долгорочно применливи, не треба да очекуваме резултати веднаш.  


Може да сметаме дека Град Скопје е известен со какви проблеми се соочуваме при секојдневното сообраќање низ градот. Наше е да очекуваме конкретни мерки за нивно решавање и да реагираме секогаш кога ќе забележиме дека нешто што не е во ред, како нашиов сограѓанин (или тука). 
Со зголемено комуницирање на одредена тема, надлежните ќе сфатат дека им е важна на навистина голем број граѓани. Да продолжиме да реагираме. Велосипедот како транспортно средство треба да го добие местото во градските политики кое го заслужува .

21 August, 2013

Критична маса #16: Локално разладување против глобално затоплување

Датум: 28.08.2013
Тргнување: 17:30, пред парк за кучиња, Градски парк

Дружба и пикник на крај: ~19:00, СРЦ Сарај

Промотивни материјали: линк.
Facebook настан: линк.
Рута: линк.

Известување до медиуми: линк.

постерот за КМ 16

Сте почувствувале ли како чади скопскиот асфалт под влијание на директното загревање од возилата?
Индиректно стакленичките гасови го параат озонот, а тоа дополнително ни се враќа преку нестабилно време, екстремни температури, еколошки и социјални последици...

Истовремено, постои едно превозно средство кое не согорува фосилни горива при користењето, редуцира CO2, работи на наш погон, подобрува кондиција! 

За велосипеди и велосипедска инфраструктура  во споредба со другите превозни средства се трошат помалку енергија и ресурси и помалку се загадува при: производство, трговија, изведба, користење, одржување.
Велосипедските патеки и паркинзи зафаќаат помалку место и оставаат повеќе простор за „дивина“, повеќе сенки и кислород за природна климатизација, помалку загревање на улици на сметка на вештачко ладење.

Со коли по асфалт е пеколно, на точак под дрвја е пријатно...
Ајде на точак! Ајде заедно!

Со Критична маса 16 ќе поврземе два паркови по булевари по кои (треба да) има велосипедски патеки и дрвореди. Придружи ни се да бидеме побројни и повидливи.
Да инспирираме возењето точак како превозно средство да дојде на дневен ред во животите на нашите сограѓани и во сликата за Скопје на одговорните!

Ќе се движиме по следнава рута: 


View Предлог КМ16 in a larger map

и ќе поминеме 11км заедно низ скопските улици.

Секојдневните патувања на најголем дел од граѓаните во Скопје се многу помали и тука постои огромен потенцијал за користење на велосипедот како превозно средство.
Не ни е позната статистиката кај нас, но европскиот просек вели дека: 30% од патувањата се до 2км, а 50% до 6км. Изборот на автомобилот за превоз на овие кратки дестинации понекогаш е ирационален. Проширувањето на улици со цел да се намали сообраќајната гужва, а невложувањето во вело-инфраструктура е исто така ирационално, особено во денешните услови на глобално затоплување.

Никоја локална заедница не може сама да направи ништо. Но нема да почне промената се’ додека локалната заедница не направи нешто. Не можеме да ги спречиме климатските промени, но место да ги помагаме, можеме сериозно да ги ублажиме ако, меѓу другото, го сфатиме велосипедот како сериозно превозно средство. CO2 најлесно може да се редуцира со менување на приоритетите во сообраќајот во споредба со други области, и до 14 %.


Се гледаме на Критична маса #16!

Ширинката на која се чекаме во парк (десно на фотографијата),
меѓу паркот за кучиња и дискотеките

Паркингот пред општина Сарај,
местото каде ги подигнуваме точаците,
пред да се упатиме на пикник во паркот

*Секој учесник вози на своја одговорност.
*Понесете си работи за пикник.
*Oрганизирано враќање до центар ~20:30.

Промотивни материјали - #КМ16

[дизајн: Гоце Митевски]

Постер, А3:

постер, верзија за веб (jpg)
Постер, линк до верзија за печатење, во боја, А3 (pdf)

Флаер, А6:
Флаери, линк до верзија за печатење, црно-бело, 4 на А4 (pdf)
флаер, А6, верзија за веб, предна страна, b&w
флаер, А6, верзија за веб, задна страна, b&w
флаер, А6, верзија за веб, предна страна

флаер, А6, верзија за веб, задна страна


Банери:

веб-банер 300x250
веб-банер 980x750
веб-банер 900x800
веб-банер 980x100
веб-банер, 851 x 315 (FB cover)
аватар, 180x180
Промотивните материјали од овој блог- пост може слободно да се споделуваат и печатат, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред благодариме на помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #16.

15 August, 2013

Барања за подобрување на постоечката инфраструктура за урбан велосипедизам во Град Скопје

Веќе 15 месеци возиме заедно по улиците на град Скопје и покажуваме дека во Скопје има многу граѓани кои се превезуваат на точак, дека велосипедскиот сообраќај е важен и перспективен дел од сообраќајот и дека за негово безбедно и удобно одвивање мора да се обезбедат соодветни услови.

Она што досега го имаме забележано како проблем со постоечката инфраструктура преку секојдневното возење велосипед низ Скопје, преку анкетата спроведена минатата година, преку искуствата споделени од наши сограѓани на профилите на НаТочак на социјалните мрежи и мини-истражувањето кое го направивме за средбата со ЈП Улици и патишта, го систематизиравме во неколку барања за подобрување на условите.

Неколку активисти со своите велосипеди минатите денови ги обиколија сите скопски општини и градот Скопје и го доставија документот со барањата во печатена верзија. Единствено во општина Шуто Оризари поради годишните одмори не можеа да добијат печат, па писмото е доставено преку пошта. 
Исто така, документот е доставен до сите општини и во електронска форма.
Во прилог се линкови до писмото со заверен архивски печат доставени до општините:


Целосна верзија на писмото може да се погледне во текстот подолу или во верзија на документ на следниот линк.
Се надеваме на позитивен одговор од страна на надлежните институции преку конкретни мерки.



До:
Општина _____________,
г/г-ѓа _____________, Градоначалник на општина _____________
Предмет:
Предлог за подобрување на постоечката инфраструктура за урбан велосипедизам во Град Скопје


Почитуван/а г/г-ѓа _____________,

Велосипедскиот сообраќај претставува високо-ефикасен начин на урбан транспорт. Тенденцијата на раст на велосипедски сообраќај долгорочно придонесува за зголемена економска, здравствена и еколошка корист. Бројот на велосипедисти во Скопје континуирано расте, а со тоа се зголемуваат и потребите за подобра инфраструктура.

Од месец мај 2012 година, секој месец се одржува настанот „Критична маса“ каде ние, група велосипедисти, возиме заедно по скопските улици со цел актуализација на проблеми со кои секојдневно се среќаваме. Вкупно околу 3700 велосипедисти или во просек по 245 велосипедисти месечно возиме на секоја „Kритична маса“.

Граѓаните кои возат велосипед се учесници во сообраќајот. Како такви имаат потреба за соодветен простор во рамки на улиците. Градот Скопје веќе располага со одредена велосипедска инфраструктура. Со нејзиното подобрување и оспособување за користење ќе се зголеми безбедноста и удобноста во движењето на активните корисници и ќе се мотивираат нови корисници на велосипедот како превозно средство.
Врз основа на претходни анализи, воочени се проблеми во велосипедскиот сообраќај за кои сметаме дека постои можност за нивно решавање.

Бараме да се подобрат условите за возење велосипед во град Скопје преку:

1.    Подобрување на состојбата на постоечките велосипедски патеки
Редовно одржување на велосипедските патеки во поглед на санација на дупки, пукнатини и нерамнини на патеките. Систематско нивелирање на патеките преку порамнување на рабници, шахти и одводни канали (сливници) со цел овозможување глатко движење. Обновување на хоризонтална и вертикална сигнализација и поставување нова каде што отсуствува, со конзистентен изглед. Обележувањето на патеките треба да го следи природниот тек на движење и да се избегнуваат нагли свртувања, особено на крстосниците.

2.    Овозможување на континуирано движење по велосипедските патеки
Дислоцирање или заобиколување на мобилни и фиксни пречки од патеките како што се: паркирани возила, контејнери, билборди, семафори, сообраќајни знаци и автобуски постојки. Потребно е редовно чистење на патеките од отпад, стакло, трње, мраз, снег, трева и виснати гранки. Справување со проблемот каде пешаците ги користат велосипедските патеки.

3.    Зголемување на бројот на паркинг места за велосипеди
Обезбедување видливи и функционални паркинг места за велосипеди под надзор пред јавни институции и на јавни простори.

Сметаме дека подобрувањето на постоечката инфраструктура е неопходна основа за понатамошен развој на велосипедскиот сообраќај.

Во перспектива на долгорочен и одржлив развој на велосипедскиот сообраќај, би можеле да се следат позитивните практики од развиените градови:

     проширување на велосипедската мрежа преку градење нови велосипедски патеки, следејќи ги стандардите за изградба на истите
     воведување зони на намалена брзина на движење на моторните возила, онаму каде што нема просторни услови за нови велосипедски патеки,  со цел безбедно заедничко сообраќање на возачите на моторните возила и велосипедите
     континуирано одржување, подобрување и проширување на јавниот систем за изнајмување велосипеди
     интегрираност на велосипедскиот со јавниот транспорт за овозможување на комбинирани патувања што ќе го зголеми користењето и на велосипедот и на јавниот транспорт за патувања за кои вообичаено не би се користеле
     воведување статистика за следење на учеството на велосипедскиот во вкупниот сообраќај во градот итн.

Постоечката велосипедска инфраструктура во Скопје не е доволно искористена поради состојбата во која се наоѓа. Нејзиното подобрување треба да биде приоритет. Развојот на велосипедскиот сообраќај креира многубројни позитивни ефекти кои имаат влијание врз целокупното урбано живеење.

Неформалната група „НаТочак” се залага за подобрување на условите во велосипедскиот транспорт во град Скопје. Ги идентификуваме конкретните проблеми со кои се среќаваме и укажуваме на истите со цел нивно надминување. Од општ интерес е да се пресретнат потребите на учесниците во велосипедскиот сообраќај.

Благодариме на вниманието. Се надеваме на позитивен одговор на барањата преку конкретни мерки.


Со почит,
Неформална група велосипедисти - наТочак


*Овој документ е испратен во печатена и електронска форма до општина Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир, Шуто Оризари и до Град Скопје.