Showing posts with label улици и патишта. Show all posts
Showing posts with label улици и патишта. Show all posts

29 July, 2013

Средба со ЈП Улици и патишта

На 18-ти јули 2013 година неформалната група велосипедисти „НаТочак“, преку неколку претставници, оствари средба со раководството на ЈП „Улици и патишта“.

Средбата се одржа во просториите на ЈП УиП по претходно искажан интерес од страна на директорот Синиша Ивановски. Целта на оваа средба беше да се идентификуваат проблемите и да се разгледаат можностите за подобрување на условите за урбан велосипедизам во Град Скопје, во рамки на надлежностите на ЈП УиП.

Врз база на спроведената акција на мапирање на проблематични точки на булеварите „Партизански одреди“ и „Јане Сандански“, но и врз база на претходно обработените проблеми преку критичните маси (КМ7 и КМ14), анкетата спроведена минатата година и други пропратни акции, НаТочак приложи фото-документација со примери од најчестите проблеми на велосипедските патеки во Скопје, групирани во 5 категории:

  • Ненивелираност на велосипедски патеки (високи рабници, шахти, сливници)

  • Фиксни пречки на велосипедски патеки (сообраќајни знаци, семафори, билборди, корпи итн. поставени на несоодветни места)

  • Дотраеност или отсуство на маркација на велосипедски патеки (хоризонтална и вертикална сигнализација)

  • Организираност на велосипедски патеки со нагли свртувања и нелогични правци (цик-цак движење)

  • Оштетеност на велосипедските патеки (дупки, пукнатини, предели без асфалт, нерамен асфалт)


Фотографиите погоре се само за илустрација. Сите приложени фотографии од акцијата, означени на мапа, може да се погледнат: тукаа како листа од фотографии: тука.

На средбата бевме информирани дека постои план за нивелирање и маркација на велосипедските патеки кој треба да се реализира во блиска иднина. Подоцна би се фокусирале и на останатите проблеми. Беа разменети контакти и беше покажана обострана намера за соработка во иднина.

Се надеваме на поголемо внимание за потребите на велосипедистите при нови инфраструктурни зафати и реконструкции на улици во иднина. Како учесници во сообраќајот на точак, и понатаму будно ќе набљудуваме.