13 October, 2017

Дел 1: Вело-анализа на програмите на кандидатите за градоначалник на Скопје, Локални избори 2017

Дел 1:

Вело-анализа на програмите на кандидатите за градоначалник на Град Скопје, Локални избори 2017

По повод претстојните локални избори направивме анализа на достапните програми на кандидатите за градоначалник за град Скопје (анализата на програмите за скопските општини е достапна тука: Дел 2: Вело-анализа на програмите на кандидатите за градоначалници на скопските општини, Локални избори 2017).
Цел на анализата беше да одговори на прашањето дали во изборните програми се опфатени теми во врска со велосипедски сообраќај, да се класифицираат во соодветни категории:

1. Велосипедски патеки, ленти, мрежа за вело-сообраќај

2. Спортски, рекреативен велосипедизам и туризам
3. Велосипедски паркинг
4. Систем за изнајмување велосипеди
5. Ден без автомобили
6. Комбинирање на велосипедски со јавен превоз
7. Промотивни мерки за користење велосипед


како и да се даде критика на начинот на кој се третираат проблемите во сообраќајот поврзани со метежот, (не)безбедноста, загадувањето и здравјето на граѓаните, поточно дали сообраќајните решенија се третираат автоцентрично или мултимодално, дали на прво место се луѓето, квалитетот на нивниот живот или возилата.


Општата оценка е дека има големо подобрување во поглед на третманот на велосипедот како превозно средство споредено со програмите за изборите во 2013-та година, квантитативно има поголем број спомнувања на вакви проекти и квалитативно поиздржани од аспект на велосипедски сообраќај.

Овојпат  (споредено со 2013-та) покрај квантитативното издвојување (цитирање) на проектите со предзнак “вело-“, направивме обид и за квалитативна анализа, поточно коментар на другите предложени сообраќајни политики.


Општиот впечаток е дека во начинот на кој се третираат проблемите во сообраќајот има мал исчекор кон мултимодален пристап (подобрување на условите за пешачење и возење велосипед, специјални ленти за јавен превоз), но нема експлицитна заложба за промена на сообраќајната структура. Се планира за зголемен, а не постои визија за намалување на автомобилскиот сообраќај (и пораст на велосипедскиот, јавниот превоз итн.) кај ниту една партија, сè уште доминираат автоцентричните политики (ставање на примат на автомобилот при решавање на сообраќајот, метежот, загадувањето), буџетот е наклонет кон проекти за автомобилскиот сообраќај итн.


Сепак, мораме да ја поздравиме позитивната промена во споредба со 2013-та.
Речиси постои консензус меѓу кандидатите за продолжување со работа и проширување на проектот Скопје Вело-град, изградба на велосипедски паркинзи, разработување на системот за изнајмување велосипеди, субвенционирање на купувањето велосипеди и Водно без автомобили. Од некои партии има поддршка и за Денови без автомобили и интегрирање на велосипедскиот и јавниот превоз.

Се надеваме дека програмите не се фиксни и ќе има уште поголемо подобрување во ôд.

Во анализата ги користевме програмите на кандидатите за градоначалници на Град Скопје достапни онлајн преку сервисот mojotizbor.mk




Список на политички партии чии кандидати беа опфатени во оваа анализа (по азбучен редослед):


ВМРО-ДПМНЕ – Внатрешно македонска револуционерна организација – Демократска партија за македонско национално единство, кандидат Коце Трајановски, линк до програма
ЛЕВИЦА - кандидатка Марија Јонес, линк до програма
НДМ – Народно движење за Македонија, линк до програма
СДСМ – Социјал-демократски сојуз на Македонија, линк до програма


За останатите кандидати: Беким Фазлиу (ДПА), Наим Бајрами (Алијанса на Албанците), Ванчо Шехтански (ТМРО), Нафие Селмани (БЕСА) не беше достапна електронска верзија од програмата.

Целта на оваа анализа е да даде одговор на прашањето дали и колку во изборните програми се опфатени велосипедските теми, какви проекти за велосипедски сообраќај се предложени (цитирани се извадоци кои споменуваат проекти со предзнак “вело-“).

Онаму каде што во програмската точка не беше наведено експлицитно дека станува збор за велосипеди, таа точка беше изоставена од анализата. На пример, доколку програмата предвидува проширување на булевар, без при тоа експлицитно да биде наведено дека заедно со коловозот ќе се изгради велосипедска патека, таа програмска точка не беше земена предвид.

Друга цел на оваа анализа преку коментарите и оцените на сообраќајните политики, oценети со + (позитивно), - (негативно) или +/- делумно позитивно, е да им даде подлога на граѓаните за критички однос кон одредените визии за градот. 

Оваа анализа нема за цел да издвојува најдобри велосипедски програми или кандидати, туку повеќе да едуцира критички однос на граѓаните кон политиките без оглед на исходот од изборите.
Исто така има за цел да воспостави временска референца: до каде била политиката со сфаќањата во однос на сообраќајот во 2017-та година. 


За тоа каде би сакале да бидеме, погледнете ја програмата на Вела Точкаровска.




------------------------------------------------------------------------------------------------------
1. КОЦЕ ТРАЈАНОВСКИ, ВМРО-ДПМНЕ
линк до програма

А. Конкретни велосипедски проекти


1. Велосипедски патеки, ленти, мрежа за вело-сообраќај


  • ПРОЕКТ : ИЗГРАДБА НА ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ ВО СКОПЈЕ Опис: Продолжување со реализација на нови вело-патеки во Скопје. Нови 20 км вело-патеки по булеварите и улиците во Град Скопје. Изградба на 3. рута (од К. Вода преку Центар и Карпош до Ѓ.Петров) и 4.рута (од Бутел преку Чаир до Центар). Покрај тоа, ќе се изградат вело-патеки на улиците што ги поврзуваат овие рути. Вредност: 80 милиони денари Рок: 2017-2021 година

  • ПРОЕКТ: РЕКОНСТРУКЦИЈА И ПРОШИРУВАЊЕ НА БУЛ. „НИКОЛА КАРЕВ“ (ПЛАСТИЧАРСКА)
    Опис: Булеварот ќе се реконструира и прошири со 4 коловозни ленти, со пешачки патеки и велопатеки. Во должина од 1 200 м од надпатникот на бул. „Цветан Димов“ до Американската амбасада.
    Вредност: 100 мил. Денари

  • ПРОЕКТ: РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЛ. „БЛАГОЈА СТЕФКОВСКИ“
    Опис: Градот Скопје ќе изврши реконструкција на ул. „Благоја Стефковски“ во должина од 1 500 метри, на потегот од раскрсницата со ул. „15. корпус“ (кај Задругата „Напредок“) до киното Маџари. При овој зафат ќе се изврши замена на постојниот асфалт со нов, како и изградба на патеки за пешаци и за велосипеди и поставување на соодветна сообраќајна сигнализација.
    Вредност: 60 мил. денари Рок: 2021 година

  • ПРОЕКТ: ПРОШИРУВАЊЕ НА БУЛ. „АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ“ НА ВЛЕЗОТ НА СКОПЈЕ
    Опис: Градот Скопје ќе изврши проширување на булеварот „Александар Македонски“ со изградба на уште една коловозна лента, со велосипедска и пешачка патека во должина од 1 км на потегот од Агросервис до АСУЦ. Со овој проект ќе се овозможи побрз и полесен пристап на сите возила кои доаѓаат од источниот влез на Скопје и населбите во овој дел од градот и ќе се намали сообраќајниот метеж.
    Вредност: 180 мил. денари Рок: 2020 година

2. Спортски, рекреативен велосипедизам и туризам


  • ПРОЕКТ: ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА ЗА ЕКСТРЕМЕН СПОРТСКИ ВЕЛОСИПЕДИЗАМ НА ВОДНО
    Опис: Во насока на развој на спортскиот туризам, Градот Скопје, ќе направи велосипедска патека за екстремен спортски велосипедизам на планината Водно. Патеката ќе биде изработена по европски стандарди за натпревари во екстремен велосипедизам.
    Вредност: 2 милиони денари Рок: 2020 година

  • ПРОЕКТ: ИЗГРАДБА НА ПЕШАЧКА И ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА ПО КЕЈОТ НА РЕКАТА ВАРДАР ОД НАСЕЛБА ХРОМ ДО НАСЕЛБА НЕРЕЗИ
    Опис: Градот Скопје во соработка со Општина Ѓорче Петров ќе изгради пешачка и велосипедска патека на кејот на реката Вардар на потегот од населеното место Хром до населеното место Нерези. Со ова ќе се овозможи на граѓаните од овој дел на градот да можат да пешачат, да возат велосипед, да се рекреираат и да спортуваат во соодветни услови.
    * Реализацијата на овој проект е условена од решавање на имотно-правните односи на трасата на новопредвидените патеки

    Вредност: 20 милиони денари Рок: 2020 година


3. Велосипедски паркинг


  • ИЗГРАДБА НА 100 НОВИ ПАРКИНЗИ СО ДРЖАЧИ ЗА ВЕЛОСИПЕДИ
    Опис: Со цел да се зголеми употребата на велосипедот како превозно средство Градот Скопје има намера да го зголеми капацитетите за паркирање на велосипеди во градот. За таа цел ќе постави паркинзи за велосипеди на 100 нови локации во градот. Исто така ќе се стимулираат сите ресторани, продавници и фирми да постават паркинзи за велосипеди пред нивните објекти.
    Вредност: 12 мил. денари Рок: 2017-2021 година


4. Систем за изнајмување велосипеди

  • ПРОЕКТ: СИСТЕМ ЗА САМОИЗНАЈМУВАЊЕ НА ВЕЛОСИПЕДИ (BIKE SHARE SYSTEM)
    Опис: Градот Скопје ќе го унапреди проектот за изнајмување велосипед, со технолошки посовремен проект на само- изнајмување. Секоја година на 5 локации ќе се поставуваат станици за самоизнајмување. Годишно ќе се инвестираат по 10 милиони денари за да се подигне степенот на патувања со велосипед и намалување на аерозагадувањето, подобрување на психофизичкиот развој на граѓаните и искористување на сите можни форми за алтернативно движење/патување во градот. Вредност : 40 мил. денари Рок: 2018- 2021 година


5. Ден без автомобили


  • ПРОЕКТ: ЕДЕН ДЕН ВО МЕСЕЦОТ БЕЗ МОТОРЕН СООБРАЌАЈ
    Опис: Градот Скопје во насока на промовирање на здрави животни навики и обезбедување на простор наменет за пешаците и другите учесници во сообраќајот во градот, ќе започне со проект за поттикнување на пешачењето и други форми на мобилност. Ќе започне со еден ден во месецот без моторен сообраќај, во зависност од сообраќајната расположливост, на една рута во централно подрачје на која ќе биде забранет сообраќај, а која ќе има за цел да го мотивира населението да го остави својот автомобил, и да бара алтернативен превоз или движење. Со тоа ќе се постигне поголема пешачка мобилност и подобрување на сопственото здравје и на почиста околина.
    Рок: 2018-2021 година


6. Комбинирање на велосипедски со јавен превоз

  • ПРОЕКТ: СКОПЈЕ СИТИ КАРД (SKOPJE CITY CARD) Опис: Целта на овој проект е со една интегрирана картичка да може да се користат голем број од услугите на Град Скопје во јавниот превоз, паркинг-услуги, изнајмување на велосипеди, влез во зоо, музеј, кино и сл.
    Вредност: 5 милиони денари Рок: 2021 година


7. Промотивни мерки за користење велосипед


  • ПРОЕКТ: СУБВЕНЦИЈА ЗА НАБАВКА НА 10.000 НОВИ ВЕЛОСИПЕДИ ЗА ГРАЃАНИТЕ
    Опис: Во следните 4 години граѓаните на Скопје ќе добијат субвенција за набавка на нови 10.000 велосипеди. Субвенцијата ќе биде до 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 4.000 денари за еден велосипед.
    Вредност: 40 милиони денари
    Рок: 2018 - 2021 година


Б. Коментари на предложените политики во однос на: приоритен сообраќај, безбедност во сообраќајот, загадување кое потекнува од сообраќајот и автоцентрични vs. мултимодални решенија


- се согледува проблемот со загадување од возилата со погон на фосилни горива (и постојат мерки за промена на погонот), но не и од структурата на сообраќајот (доминантно автомобилски)

+ постои заложба за пристапување кон Европската мрежа на здрави градови и размена на искуства и политики со цел поздрава животна средина (очекувано е ова го опфати и сообраќајот).

+/- се предлага ул. Димитрија Чуповски да стане пешачка улица, но условено со проширувањето на ул. Даме Груев
+ забрана за движење на приватни возила на Водно за време на викендите
+ постои мерка за издвојување на посебни ленти за јавниот превоз (на места и со физички делинеатори) и постои согледување дека давањето на поголемо значење на јавниот превоз ќе го намали метежот и загадувањето, што е чекор кон мултимодални решенија.
+/- постои проект за осовремнување на сообраќајната сигнализација, но без објаснување во која насока
+ постои проект за изработка на катастар на сообраќајна сигнализација
- постои проект за поставување прекинувачи за пешаци на пешачки премини со очекуван резултат зголемување на безбедноста и зголемување на брзината на возилата, што е контрадикторно
- постои проект за изградба на нови паркинзи за автомобили како поддршка на општините, без дополнителни објаснувања дали со тоа се зголемува капацитетот за паркирање на општините или се префрлаат возилата од едно место на друго и бројот на паркинг места не расте (на пример од обележани места на тротоари на паркинг)
- постојат проекти за поддршка на електричната мобилност, но не и намалување на загадувањето преку експлицитна заложба за промена на сообраќајната структура (намалување на автомобилски сообраќај, а пораст на други типови сообраќај)
+ постои проект за географско лоцирање (ГИС)  на сообраќајна инфраструктура и проблемите во врска со неа
- често реконструкцијата на улици се разгледува само преку промена на горен слој на асфалт, а не како шанса да се преосмисли обликувањето на улиците
- метежот најчесто се третира преку додавање нови ленти за автомобили или пробивање нови улици за автомобили, наместо преку промена на сообраќајната структура (намалување на автомобилски сообраќај, а пораст на други типови сообраќај)
-се планира проширување со нови ленти за автомобили на бул.Даме Груев во најцентралното градско подрачје
-не постои согледување за влијанието на обликувањето на улиците врз безбедноста во сообраќајот
- не постои визија за промена на структурата на соообраќајот и согледување на нејзиното влијание врз безбедноста, загадувањето, метежот и здравјето


------------------------------------------------------------------------------------------------------

2. МАРИЈА ЈОНЕС (ЏОНС), Левица
линк до програма
А. Конкретни велосипедски проекти

1. Велосипедски патеки, ленти, мрежа за вело-сообраќај
  • Унапредување на велосипедската култура • Воспоставување на нова, подобрување и тековно одржување на постоечката велосипедска инфраструктура.
  • Поправање на кејот „13 Ноември“ по целата негова должина и повторно поврзување и обновување на велосипедската и ролерска патека на потегот од Ново Лисиче до Влае

2. Спортски, рекреативен велосипедизам и туризам
  • Трасирање на посебни патеки за планински велосипедизам на Водно и околните планини

3. Велосипедски паркинг


  • Поставување на пунктови за паркирање велосипеди на повеќе локации во градот

4. Систем за изнајмување велосипеди
  • Повторно воведување на можноста за изнајмување велосипеди од страна на граѓаните

7. Промотивни мерки за користење велосипед
  • Субвенционирање на купувањето велосипеди

Б. Коментари на предложените политики во однос на: приоритен сообраќај, безбедност во сообраќајот, загадување кое потекнува од сообраќајот и автоцентрични vs. мултимодални решенија


+/- постои согледување дека Скопје е град со недозволиво висока стапка на смртност во сообраќајот, но не и лоцирање на причината и предлог-решенија
+/- постои заложба за модернизирање на јавниот превоз, но не и приоритизација на одржливите начини на превоз
+/- постои согледување на проблемот со нелегално паркирање, се предлага мерка - повисоки тротоари како превентива место столпчиња
- загадувањето кое потекнува од сообраќајот се третира само преку замена на погонот на автомобилите, а не промена на сообраќајната структура (намалување на автомобилскиот и пораст на другите типови сообраќај)
+ се предлага забрана за автомобилски сообраќај на Водно  
- не постои визија за промена на структурата на соообраќајот и согледување на нејзиното влијание врз безбедноста, загадувањето, метежот и здравјето

------------------------------------------------------------------------------------------------------ 

3. ЃОРЃИ ТОДОРОВ, НДМ
линк до програма

А. Конкретни велосипедски проекти

Нема спомнато „вело“ во својата програма.

Б. Коментари на предложените политики во однос на: приоритен сообраќај, безбедност во сообраќајот, загадување кое потекнува од сообраќајот и автоцентрични vs. мултимодални решенија





- се предлагаат скапи двонивовски сообраќајни решенија без согледување на последиците од нив
- се предлагаат речиси исклучиво автоцентрични проекти
- постојат заложби за зголемување на брзината на возила без согледување на опасноста од брзината во градска средина, па макар се изградиле натпатници на секоја крстосница
+ постои заложба за безбеден пристап кон градинките и училиштата со што влезовите задолжително ќе им бидат од споредни улици
- постои заложба за забрзување на сообраќајот на крстосници со одредени градежни корекции, наспроти современите тенденции на градежни корекции на успорување на сообраќајот на крстосници
+ предлог да се реорганизираат линиите на Јавниот градски превоз со цел да се достапни на максимум 5-6 минути пешачење од секоја дестинација
+ повисоко ниво на улична хигиена
- не постои визија за промена на структурата на соообраќајот и согледување на нејзиното влијание врз безбедноста, загадувањето, метежот и здравјето

------------------------------------------------------------------------------------------------------


4. ПЕТРЕ ШИЛЕГОВ, СДСМ
линк

А. Конкретни велосипедски проекти


1. Велосипедски патеки, ленти, мрежа за вело-сообраќај

  • СКОПЈЕ ВЕЛО-ГРАДВЕЛОСИПЕДОТ – ОСНОВНО ПРЕВОЗНО СРЕДСТВО!Проектот „Скопје вело-град“ го враќаме назад, на врвот на приоритетите на градот. Ќе ги изградиме незапочнатите рути од Кисела Вода кон Карпош и Ѓорче Петров, од една страна, и од Бутел, низ Чаир, до Центар. Проектот ќе го надградиме со нови помали спојувачки патеки помеѓу главните вело-рути. Ќе направиме соодветна сигнализација и физичко одвојување на патеката за велосипедисти.
  • Градиме рампи за пристап со велосипеди до недостапните јавни простори.
  • Левиот кеј ќе добие нови содржини, велосипедски патеки, осветлување, спортски реквизити и друга урбана опрема, а десниот – реновиран и ослободен од препреките за велосипедистите, рекреативците и пешаците. Новата велосипедска патека, што ќе води од реката Вардар, нагоре, по нејзината притока Лепенец, ќе им овозможи брз вело-пристап на жителите на населбите „Ѓорче Петров“, „Даме Груев“, „Ново село“, „Кисела јабука“ и Волково, до Карпош и другиот дел од градот.
  • ПЕШАЧКИ МОСТ ЌЕРАМИДНИЦА – АЕРОДРОМ ЗА МОБИЛНОСТ МЕЃУ СОСЕДИТЕ! Одговараме на барањето за граѓаните на „Ќерамидница“, за нивно поврзување со Аеродром, преку реката Вардар. Градиме мост за пешаци и велосипедисти по највисоки стандарди.
  • Го третираме проблемот на безбедноста на пешаците и на велосипедистите од „Автокоманда“. Со општината Гази Баба ќе избереме соодветно решение и ќе изградиме функционален натпатник. Спроведуваме безбедни решенија.
  • Железничкиот надвозник во населбата „Даме Груев“ е единствена, но несоодветна врска за поврзување со правецот Ново село – Никиштани. Тесен и критичен, особено во текот на зимскиот период. Градиме нов надвозник, со зголемен капацитет, велосипедска и пешачка патека.
  • Ја поврзуваме општина Кисела Вода со соседната општина Аеродром, со нова врска, преку пругата за Велес. Оваа врска треба да им овозможи на граѓаните побрз пристап до образовните, здравствените и до другите јавни институции во тој дел на градот. Спојувајќи ги „3 ударна бригада“ и „Првомајска“ кај Расадник, врската ќе ја премине пругата зад фабриката „Раде Кончар“ и ќе содржи функционални пешачки и велосипедски патеки.

2. спортски, рекреативен велосипедизам и туризам
  • ЗЕЛЕН КОРИДОР ПО ЛЕПЕНЕЦ
    ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА И РЕКРЕАТИВНА ЗОНА
    Во склопот на проектот, на жителите од овој дел од градот им обезбедуваме и пешачка и современа велосипедска патека.


3. Велосипедски паркинг

  • Вело-паркинзи, пред секоја градска институција.

4. Систем за изнајмување велосипеди

  • ...градот ќе инвестира во нов интегрален систем за изнајмување, за управување со јавниот вело-превоз и во паркинзи за велосипеди.

5. Ден без автомобили
  • Започнуваме со пробни денови без автомобили во Центар

6. Комбинирање на велосипедски со јавен превоз
  • КОМБИНИРАН ЈАВЕН ПРЕВОЗ
    СВРТИ ГО ГРАДОТ БЕЗ АВТОМОБИЛ!
    Нудиме ново системско, функционално, еколошко и модерно решение за јавниот градски превоз. Јавниот велосипедски превоз, исто така, ќе биде дел од овој систем. Ќе ги ревитализираме оние неколку запоставени железнички станици во Драчево, Транспортен центар, Маџари, Скопје-Север, Волково, Ѓорче Петров.
    Градиме рампи за велосипеди и нови велосипедски патеки до овие железнички станици. Олеснуваме, за мобилност со еколошки јавен превоз.

7. Промотивни мерки за користење велосипед
  • За граѓаните, ќе продолжиме со субвенции за купување велосипеди
Б. Коментари на предложените политики во однос на: приоритен сообраќај, безбедност во сообраќајот, загадување кое потекнува од сообраќајот и автоцентрични vs. мултимодални решенија

+ има заложба профилот на идните улици да биде во функција да ги заштити децата и родителите на тротоарите и пешачките премини.
+ постои согледување дека јавните простори се несоодветни за ранливите категории граѓани и заложба да станат поинклузивни и пристапни
+/- постои согледување дека градот не е безбеден за пешаци и велосипедисти, но но не и лоцирање на причината и предлог-решенија
+ постои заложба за Скопје – европска зелена престолнина во 2021 година (очекувано е ова да се однесува и на сообраќајната структура)
+/- постои заложба за одржлив развој и планирање за здравјето на граѓаните, но не и експлицитно заложба за промена на сообраќајната структура (намалување на автомобилски, зголемување на пешачки и велосипедски сообраќај)
+/- постои заложба за безбеден и растеретен сообраќај, но не и лоцирање на причината за небезбедноста и предлог-решенија
+ постои заложба за воспоставување ред во мобилноста и креирање централен интегрален сервис за брзо решавање комунални проблеми (претпоставуваме вклучително и на велосипедските патеки)
+ постои заложба за намалување на автомобилскиот сообраќај кој потекнува од дневните миграции кон градот и негова замена со јавен превоз (по принципот паркирај и вози)
+ има позитивен третман на велосипедот како основно превозно средство
- постои согледување на проблемот со сообраќајниот метеж, но не и заложба за негово решавање преку промена на сообраќајната структура, туку преку креирање нови сообраќајни врски за автомобили, проектирани во минатиот век
- се констатира растечка моторизација како неизбежен факт без да се согледа дека таа се должи на непостоењето квалитетна инфраструктура за алтернативите на колата и на досегашните автоцентрични политики
- сообраќајот се согледува како проток на возила, а не проток на луѓе
- се согледува проблемот со загадување од празниот од на моторниот сообраќај, но не и од структурата на сообраќајот (доминантно автомобилски)
+ ќе се воведе термопластична рефлексивна и нелизгава трајна хоризонтална сигнализација
- постои заложба градската администрација да води со пример во изборот на транспорт, но само преку промена на погонот на возилата (електрични и хибридни место на фосилни горива), но не и преку промена на начинот на транспорт
+ постои мерка за издвојување на посебни ленти за јавен превоз (автобуси и такси), позитивен чекор кон мултимодални решенија
+ постои заложба за временско регулирање на дотурот на роба
+ мерка за вонреден сообраќаен режим за Водно за растоварување од моторни возила
+ постои заложба за заедничка работа со општините за решавање на сообраќајот
- Се предлагаат натпатници кај Алкалоид на булевар на кој се вози пребрзо, а е дозволена брзина од 50 km/h, а не се согледува прекумерната брзина како проблем
- релаксирањето на сообраќајниот метеж се решава единствено преку нови врски за автомобили, а не преку промена на сообраќајната структура
+ затворање на кејот кај ГТЦ за моторен сообраќај
+/- проширување на пешачката зона во Мал Ринг, но условена со пробивањето на нови булевари
- не постои визија за промена на структурата на соообраќајот и согледување на нејзиното влијание врз безбедноста, загадувањето, метежот и здравјето


------------------------------------------------------------------------------------------------------ 
5. НАИМ БАЈРАМИ, АЛИЈАНСА НА АЛБАНЦИТЕ Не е достапна електронска верзија од програмата ------------------------------------------------------------------------------------------------------ 6. НАФИЕ СЕЛМАНИ, БЕСА
Не е достапна електронска верзија од програмата
------------------------------------------------------------------------------------------------------  
7. БЕКИМ ФАЗЛИУ, ДПА 
Не е достапна електронска верзија од програмата
------------------------------------------------------------------------------------------------------
8. ВАНЧО ШЕХТАНСКИ, ТМРО
Не е достапна електронска верзија од програмата

Продолжува во Дел 2, тука.

0 comments:

Post a Comment