Showing posts with label акција. Show all posts
Showing posts with label акција. Show all posts

29 March, 2019

Приказна 1: Ни викаат: Нема место за велосипедски ленти!

1. Ни викаат: Нема место за велосипедски ленти!



Серија акции: Четири приказни кои можат да бидат велосипедски
За целата идеја: тука

Приказна 1: Ни викаат: Нема место за велосипедски ленти! 
Приказна 2: Ни викаат: Имате велосипедски патеки!
Приказна 3: Ни викаат дека Скопје ќе биде Велоград! 
Приказна 4: Ни викаат дека возењето велосипед е спорт. За нас е и транспорт!
-----------------

Зошто да нема место за велосипедски ленти, а низ градот има многу коловозни ленти кои секогаш се блокирани од коли со изговор “се враќам за 5 минути“, “само да завршам работа“, “чекам некого“?
Пред кафичи само да пијат кафе, пред трафики само да купат цигари, пред обложувалници само да уплатат ливче, пред банкомати само да извадат пари...

Како тоа градот секогаш има место за цели резервирани ленти кои се блокирани од паркирани коли, а нема место за велосипедски ленти на кои ќе се одвива велосипедски сообраќај?
Зелен сообраќај. Ведар сообраќај.
Луѓе со насмевки, луѓе што размислуваат за помал метеж, поевтин транспорт, почист град, подобро здравје...
Наместо МРТВИ ЛЕНТИ ни требаат ВЕЛОСИПЕДСКИ ЛЕНТИ на кои ќе се одвива ЖИВ велосипедски сообраќај!



Место има насекаде низ градот. Треба само поинаков поглед.












-----------------
Благодарност до:
📷 Vase Amanito за фотографиите од акцијата
🎀 UG Ulice za bicikliste за платното


-----------------
Објави на социјални медиуми за приказна 1:
Facebook пост: линк
Twitter: линк
Instagram: линк

28 April, 2018

Вело-инспекција на бул. Христијан Тодоровски - Карпош


Во недела, 29.април 2018 година ќе правиме мини-акција на ново-промовираното проширување на ул.Христијан Тодоровски Карпош. Според она што го видовме на објавите од Град Скопје и медиумите, убедени сме дека не се задоволени елементарни услови за пешачење и возење точак. 

Лево: Слалом за пешаци, нема патека за точаци. Средина: писти за автомобили
Се сеќавате на ова видео? 


На него во 2012-та година прикажавме како е да се движи човек на точак или пешки на таканаречените (тогаш новопроширени) булевари: Илинден, Климент Охридски, Теодосиј Гологанов...
Дефиницијата за булевар опфаќа соодветно решение и за пешачки и велосипедски сообраќај, не е доволно само да ставите 4 ленти за возила и да се фалите дека сте направиле булевар.
Ако не сте мислеле на пешачењето и возењето точак со барем еднакво, ако не и поголемо внимание од возилата, тогаш не сте направиле булевар, тогаш сте направиле автопат. 
Се сомневаме дека и при проширувањето на Христијан Тодоровски Карпош дури 5 и пол години после ова видео и 5 години дискусии со Град Скопје нема обезбедени соодветни услови за пешачење и возење точак, дека грешките се повторуваат, а лекциите не се научени, Скопје сè уште се планира и гради автоцентрично.
Затоа во недела на 29.април ќе направиме една вело-инспекција.
Се чекаме во 17:30 на Плоштад Македонија и заеднички се упатуваме кон бул. Х.Т.Карпош.
Резервирајте го терминот 17:30-19:30.

Ќе возиме по следнава рута:

Ќе возиме преку ул. Кирил и Методија и бул. Кочо Рацин бидејќи таму моментално се работи на вело-патеките, попатно и на тој дел да му направиме “инспекција“.
Кој што може нека земе: обично метро, пантлика (долго метро), камера за сликање и/или снимање, и други алатки за кои мислите дека се соодветни.
Доколку сте сигурни дека може да дојдете и да земете нешто, би било добро да ни пишете за да се организираме подобро.
И да не можете ништо да земете, доволно ќе биде и вашето присуство за дискусија и асистенција :)

12 March, 2018

Национален ден на немање безбедна патека при градба

Датум: среда, 14.03.2018
Време: 17:00 - 18:00
Локација: крстосница бул. Партизански Одреди со бул. 8-ми Септември (агол кај ГУЦ)
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Примери на безбедни патеки при градба: линк
--------------------------------------------------------------------


Во среда, 14-ти март, се слави националниот празник на немање безбедна патека при градба. 

По тој повод, ги повикуваме сите славеници: пешаци, велосипедисти, родители со детски колички, лица кои се движат со помош на колички да се собереме и заеднички да го одбележиме.

Нашата држава нема регулатива (правилници) за тоа како се обезбедуваат, пренасочуваат и означуваат пешачките и велосипедските патеки кога се зафатени со градежни работи, сеедно дали се работи заради изградба на објекти, заради промена на инсталации или заради дефект. 
Нема регулатива ни за насочување на автомобилскиот сообраќај во случај на градежни работи, но сепак во најголем број случаи се поставуваат барем знаци и насочувачи. Најверојатно бидејќи автомобилскиот сообраќај го сметаат за единствениот тип копнен сообраќај, за разлика од погоре набројаните (пешачки, велосипедски итн) кои веројатно ги сметаат за воздушен сообраќај.

Затоа, секогаш кога ненајавено ќе наидеме на прекопана патека преку која не може да се премине, ја имаме таа среќа да воскликнеме од изненадување. И да посакаме да имаме крилја!
Нашето движење низ градот е превозбудливо и преполно со вакви изненадувања. Нашиот град многу добро се грижи да не ни биде досадно, да мора цело време да бидеме на штрек и да ја преобмислуваме нашата патека. Да не знаеш дали да се враќаш назад до првата крстосница или да се симнуваш долу на коловоз каде се вози и со 100 на саат, изборот е навистина адреналински. Особено е интересно ако сте со некакви тркала, па треба да треснувате од рабникот врз небезбедниот коловоз, па по одминувањето на дупката да треба да се качувате горе преку висок рабник пак.

Во слава на овој голем празник, повелете на одбележување на 14-ти март на крстосницата бул. Партизански одреди - бул. 8-ми Септември, од страната на средното училиште ГУЦ.

Оваа дупка е избрана како место на славјето зашто и покрај сите пријави во последните 5 месеци да се обележи местото со соодветна сигнализација и навреме да се пренасочи велосипедскиот сообраќај, за да биде безбедно за сите, градските служби достоаја цврсто на своите заложби за Скопје адреналински вело-град исклучиво за највештите велосипедисти, а не за сите граѓани од сите генерации и можности.
Исто така, на просторот на велосипедската патека се поставуваат инсталации за некаков објект кој дополнително ќе ни го разигра движењето при свртувањето на кривината.
Едвај чекаме да си возиме слалом!

Слободно донесете и своја рачно напишана “честитка“ за овој празник.

--------------------------------------------------------------------
Планираната акција ќе изгледа отприлика вака:


Cyclists Become "Human Bollards" to Protect 2nd Ave Bike Lane from STREETFILMS on Vimeo.

Со тоа што ние нема да ја штитиме патеката од нелегално паркирање, туку ќе обезбедуваме алтернативна патека за време на градба како дел од коловозот.

Дел од елечињата ќе ги обезбедиме и ние, но доколку имате, понесете си свое флуоресцентно елече и за час престорете се во човечко столпче на еден час кое ќе ги заштити минувачките велосипедисти од моторниот сообраќај кога ќе треснуваат од рабникот во реката возила.
Ќе покажеме како треба да се обезбедуваат патеки за време на градба!
Доколку не можете да бидете столпче, а патеката на движење ви минува од овој дел од градот, слободно искористете го тајмингот 17:00-18:00 за безбедно да поминете на овој потег и да ја поздравите акцијата. 

27 June, 2017

Вело - експеримент за една поинаква ситуација

Пред ~ 1 седмица решивме да направиме мал експеримент за една поинаква ситуација... Да зафатиме место колку за 2 коли од една лента од булевар кој има 3 ленти во секоја насока...И тоа во ден и термин кога речиси и нема сообраќај...

На овој булевар во скоро време добивме велосипедски ленти, но многу повеќе се користат како паркинг, а полицијата ја нема да го заштити велосипедскиот простор.
Поентата ни беше да го свртиме вниманието на нефер третманот од институциите и да ја креираме обратната ситуација, лабаво да користиме автомобилска лента...
Во еден идеален град не би ни имало толку автомобилски ленти и луѓето би можеле да го користат јавниот простор на многу поинтересни начини...Ко групата на сликата :)

Знаете што се случи?
Ни ја потврдија поентата и потребата од акцијата! :)
Во рок од 7 минути откако се сместивме на коловозните ленти, поточно во моментот кога се раскревавме (акцијата траеше точно 7 минути, проценивме според времето од фотографиите)) пристигна полициско возило по пријава од граѓанин дека некој го попречувал сообраќајот.
Им објаснивме која ни е поентата на акцијата и полицајците беа многу коректни, но не се задржаа доволно долго да им кажеме дека истата ЕФИКАСНОСТ ја очекуваме и кога пријавуваме за блокирање ОД КОЛИ на ПЕШАЧКИ СООБРАЌАЈ, ВЕЛОСИПЕДСКИ СООБРАЌАЈ итн.

Патеките за овие типови немоторен сообраќај се помалку на број, потесни по димензии, нема алтернативи (за разлика од 3-те ленти за коли тука) и се предвидени за ранливите учесници во сообраќајот.
Сообраќај не се само коли!
И кога сме на точак сме сообраќај и градот е на сите!
Да се избориме за нашиот простор!
Да се избориме паркирањето врз пешачки и велосипедски патеки да се санкционира, како што е и пропишано во законите.
Дојдете на Критична маса и протестен пикник утре, во среда. Информации,
тука.

Линк до Facebook албумот од акцијата
Линк до Facebook албумот од секојдневното узурпирање на велосипедските ленти од возилата.







26 November, 2014

Во Скопје може и без кола!

Скопје е загаден град и тоа ни пречи на сите. Ни пречи кога шетаме, ни пречи кога возиме точак, ни пречи кога вежбаме на отворено, ни пречи секој пат кога ќе излеземе надвор, од која било причина. Не сме изолирани ни во нашите домови и коли, воздухот е насекаде ист!
Воздухот е за сите ист, но различни превозни средства различно влијаат.
Сите сме одговорни за загадувањето, но со менување на превозните навики можеме да го намалиме.
 
Автомобил не е единствен начин на превоз во Скопје.
На помали дестинации може и пеш, на средни со точак, на подолги со автобус!
Кога мора со автомобил, сподели превоз!
 
Група активисти #НаТочак се обидоа да ги поттикнат своите сограѓани да пробаат да ги променат навиките укажувајчи им на останатите опции за превоз.
 
Исфилтрирај ги превозните навики за почист град за мене, за тебе, за нашите деца.
*** Потсетување: попладнево, со почеток од 17:30 во Скопје ќе се вози 31-та Критчна маса со тема „Исфилтрирај ги навиките! Не чади, диши со полни гради“ (линк)