Showing posts with label барања. Show all posts
Showing posts with label барања. Show all posts

05 August, 2014

Мислење за задолжител​на употреба на заштитен шлем (кацига) при возење на велосипед

НаТочак, заедно со уште 11 организации кои застанаа зад ставот против воведувањето на задолжителна употреба на заштитен шлем (кацига) при возење на велосипед, испрати допис до надлежните институции.

Текстот од дописот е целосно пренесен во овој блог- пост, а како документ е достапен на следниов
линк.

Дописот е испратен до:

1. Министерство за транспорт и врски: Сектор за нормативно-правни работи, Сектор за Европска Унија, Сектор за уредување на просторот; 
2. Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата;
3. Министерство за внатрешни работи;
4. Сектор за сообраќај на Град Скопје.

-------------------------------------------------------
 
Почитувани,
 
Би сакале да ви се обратиме во врска со најавената измена на постоечката легислатива и потенцијалното воведување на задолжителна употреба на заштитен шлем (кацига) за велосипедисти за кое дознавме преку медиумите.
 
Како што прочитавме во статијата на порталот www.denesen.mk:  http://denesen.mk/web/?p=261319 * предложени се измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, каде се предлага задолжително носење заштитен шлем (кацига) и опремување на велосипедите со рефлектирачка опрема.
 
Иницијативата НаТочак ги поздравува сите мерки кои се во прилог на зголемување на безбедноста на велосипедистите, но паралелно и зголемување на атрактивноста на велосипедот како превозно средство за нови корисници.

          Сметаме дека воведувањето на заштитен шлем (кацига) како задолжителна опрема при користење на велосипедот како превозно средство е спротивно на заложбите за развој на велосипедскиот сообраќај.

          Истражувајќи за темата, наидовме на многу податоци и научни студии, како и ставови од релевантни институции и организации за урбаниот велосипедизам кои не се во прилог на донесувањето обврзувачки прописи за користењето на заштитен шлем (кацига).
 
Со цел да се задржи и поттикне позитивната тенденција на пораст на бројот на урбани велосипедисти во градовите низ Македонија не треба да се создава атмосфера на страв и слика дека велосипедот е небезбедно превозно средство, а градовите не се безбедни за велосипедисти.
 
·         Задолжително носење на заштитен шлем (кацига) придонесува за намалување на бројот на активни велосипедисти и креира слика меѓу потенцијалните идни велосипедисти дека возењето велосипед е опасно.
http://www.ecf.com/wp-content/uploads/2011/09/090430Helmet_brochure_for_Velo-city_093.pdf
 
·        Велосипедистите не се поголеми жртви на повреди на главата од возачите на автомобили и пешаците, но не постои задолжително користење на заштитен шлем (кацига) за нив.
http://www.howiechong.com/journal/2014/2/bike-helmets?fb_action_ids=10152475821825864&fb_action_types=og.likes#.U9Dd5ZSSyLh h
 
·         Заклучокот од студијата во прилог е дека еден од поефективните начини да се подобри безбедноста на пешаците и велосипедистите е да се зголеми нивниот број. Задолжително носење на заштитен шлем (кацига) би делувало во спротивна насока.
http://injuryprevention.bmj.com/content/9/3/205.abstrac
t
 
·         Задолжително носење на заштитен шлем (кацига) го комплицира јавниот систем за изнајмување на велосипеди. Управувачот на системот ќе мора да обезбедува и кациги за изнајмувачите и нивно соодветно складирање и контрола.
 
Кон овој наш став во прилог се и ставовите на две европски релевантни институции:
 
1.       Европската велосипедска федерација, најголемиот авторитет за урбан велосипедизам во Европа и светот, базирано на многу истражувања препорачува да не се воведува задолжителна употреба на заштитен шлем (кацига):
http://www.ecf.com/advocary/road-safety/helmets-and-reflective-vests/
2.       Во земјите од Европската унија не е задолжително носењето на кацига за велосипедисти. На следниов линк: http://ec.europa.eu/transport/road_safety/going_abroad/netherlands/safety_helmet_en.htm
може
да се прегледа европската легислативата по земја членка, а овде и на мапа:
http://helmetfreedom.org/847/bicycle-helmet-law-map/
 
Наместо да ги ублажуваме ефектите од евентуални сообраќајни незгоди со минимални заштитни мерки како што е заштитен шлем (кацига) притоа правејќи штета на други полиња, треба со соодветни мерки да оневозможиме тие судири да се случат:
 
1.  Со вложување во соодветна издвоена велосипедска инфраструктура на која движењето со велосипед е проточно, безбедно и нема судир со моторен сообраќај од кој теоретски би требало да штити заштитниот шлем и намалување на максималните дозволени брзини за моторните возила во делови од градот каде нема услови да се раздвои велосипедскиот сообраќај од моторниот; 
 
2.  Со подобрување на сообраќајната едукација за сите учесници во сообраќајот, во формалното образование, но и преку кампањи. 
 
Тоа се мерките кои покажуваат резултати во земјите со највисока безбедност на велосипедистите: Холандија и Данска. Таму велосипедската кацига не е задолжителна.
 
Во следната студија јасно може да се прочита дека земјите кои вовеле задолжително носење на заштитен шлем (кацига) направиле поголема штета во развојот на велосипедскиот сообраќај и безбедноста:
http://www.cyclehelmets.org/papers/c2034.pdf
 
Кога конечно имаме благ пораст на интересот кај нашите сограѓани за користење на велосипедот како превозно средство, да не одиме чекор назад со отежнување на легислативата за жртвите, туку напред, преку константно подобрување на условите за возење велосипед.
 
Се надеваме ќе го земете предвид мислењето од овој документ зад кое застанаа следните организации:
 
1. НаТочак (Скопје)
2. Велосипедска федерација на Македонија
3. То4ак
4. Коалиција за одржлив развој
5. Гоу Грин
6. Еко-свест
7. Милиеуконтакт Македонија
8. Еко Логик
9. Тетово на точак
10. Гостивар на точак
11. Битола на точак
12. Прилеп на точак
-------------------------------------------------------------------
 *„Денешен Весник - Велосипедистите меѓу најранливите учесници во сообраќајот, вторник, 6 Мај 2014, 13:29

07 May, 2014

Предлог до ЈП Градски Паркинг за нови локации за рент-станици и држачи-паркинзи за велосипеди

Со цел подобро да се запознаеме со јавниот систем за изнајмување на велосипеди и да ги пренесеме нашите согледувања во врска со него, упативме барање за состанок до ЈП Градски Паркинг во чија надлежност е системот.

Средбата се одржа на 23-ти април 2014 г. во просториите на ЈП Градски Паркинг. 
Беа присутни претставници од НаТочак, Град Скопје и ЈП Градски Паркинг. 

На средбата ги претставивме нашите сознанија и искуства во врска со системот за изнајмување велосипеди.
Како предност ги истакнавме: достапната цена и релативно лесната процедура, а како најголем недостаток: нередовното одржување и малиот број на станици, односно бавниот развој на системот кој функционира од 2009-та година. 
Исто така, беше спомната можноста за воведувањето на автоматизиран систем во иднина.

На состанокот е договорено: врз база на дадениот список од паркинзи во владение на Градски Паркинг, НаТочак да издвои (предложи) приоритетни локации за поставување на нови станици за изнајмување на велосипеди, а ЈП Градски Паркинг да најде решение за поефикасно одржување на велосипедите.

Попатно, се дискутираше и за проблемот со непрописно паркираните возила на велосипедските патеки во Скопје.
ЈП Градски Паркинг треба да ги испита можностите за решавање на проблемот.

Подолу е предлогот за нови локации за станици за изнајмување, во целост како текст, а како документ е достапен на следниот линк

Предложивме и поставување на држачи и за индивидуални велосипеди (кои не се изнајмени), во склоп на станиците за градските велосипеди, како и подобрување на информираноста на граѓаните за системот за изнајмување преку соодветни материјали.
------------------------------------------------------------------------------------------------


До
ЈП Градски Паркинг
Скопје

Предмет: Предлог за нови локации за рент-станици и држачи-паркинзи за
Велосипеди

Почитувани,

Во врска со состанокот одржан во просториите на ЈП Градски Паркинг од 23.04.2014, со претставници од Град Скопје и преставници од неформалната група велосипедисти НаТочак, доставуваме предлози за:

1. Локации за нови станици за изнајмување, број на велосипеди и работно време
2. Локации за поставување на држачи за велосипеди во склоп на постоечките паркинзи од Градски Паркинг



1.    Локации за нови станици за изнајмување велосипеди (примарни и секундарни, подредени по приоритет, од најголем кон најмал)

· Примарни (онаму каде Градски Паркинг има свои паркинзи за автомобили)
1.1 Транспортен центар
- локација зона Ц33, ул. Никола Карев (фреквенција на патници)
1.2 Плоштад Македонија
- локација зона А5 или А9, ул. Орце Николов или пред Пошта (поврзаност)
1.3 Клинички центар “Мајка Тереза”
- локација ул. Мајка Тереза (фреквентна релација,Транспортен - Клинички
Центар)
1.4 Комплекс објекти (МАНУ, МТВ, Судска палата)
- локација зона Ц45, бул. Гоце Делчев (фреквенција / поставеност)
1.5 Зоолошка градина Скопје
- локација зона Ц80, бул. Илинден (добра поставеност, поврзува многу релации)

· Секундарни (потреба заради поврзување на различни делови од градот)
2.1 Во близина на објектите на општините Кисела Вода, Ѓорче Петров, Гази Баба, Чаир, Бутел (извршуваат јавни функции)
2.2 Во близина на студентските домови: Гоце Делчев, Стив Наумов, Кузман
Јосифовски Питу, Пелагонија, Медицинар

За секоја станица сметаме дека е потребно да има по 30 велосипеди и работното време да е 07.00 - 23.00 секој ден

2. Локации за поставување на држачи за велосипеди во склоп на постоечките паркинзи од Градски Паркинг

Идеја: Во склоп на локациите за станици за изнајмување да има по правило и
дополнителни држачи за приватни велосипеди (можеби во различна боја за
препознатливост итн.) Да стои напишано: изнајми /паркирај велосипед
Барање: Градски Паркинг да се грижи за безбедноста на паркираните индивидуални велосипеди на паркингот од Градски Паркинг

Дополнително предлагаме рент-станиците и паркинзите за велосипеди што се во владение на Градски Паркинг да се означат на мапа, како електронска така и испечатена и поставена на клучни локации низ градот.

Со почит,

НаТочак

26 February, 2014

Предлог до ДЗС за вклучување на велосипедскиот сообраќај во извештаите за транспорт

Согледувајќи ја потребата за поголемо и поквалитетно вклучување на велосипедскиот сообраќај во извештаите за транспорт на Државниот завод за статистика (ДЗС)се обративме до нив со конкретни предлози.

Подолу може да ги погледнете двата документи кои им ги испративме:

1. Предлог (линк) Во овој документ се наведени конкретните предлози кои ги направивме по прегледот на достапните документи од ДЗС и мало истражување на странски примери.



2. Прилог (линк)
Во овој документ е претставен краток осврт за состојбата во други земји и важноста од мерењето на велосипедскиот сообраќај.



Се надеваме на позитивен одговор по овие предлози. За причините и предностите на воспоставување на вакво статистичко мерење прочитајте во погорните линкови.
Иницијативата ја направи НаТочак, а ја поддржуваат повеќе наши сограѓани, се надеваме ќе ја поддржите и вие.

Денес ја возиме Критична маса #22 со тема: „Преброј се“, токму во контекст на вреднувањето и мерењето на велосипедскиот сообраќај.
Придружете се!

27 August, 2013

Извештај од средбата со Град Скопје

После упатените барања за подобрување на постоечката велосипедска инфраструктура до сите скопски општини и Градот Скопје, првиот одговор го добивме од администрацијата на Град Скопје после што беше договорена средба. 

Средбата се оствари на 20.08 од 10:00 до 11:00 часот во просториите на Град Скопје каде присуствуваа претставници од На Точак и претставници од Секторот за планирање и уредување на просторот и од Одделението за спорт. За 
жал, на средбата немаше претставник од Секторот за сообраќај, но присутните ветија дека ќе им ги пренесат заклучоците на своите колеги.

На средбата подетално им ги презентиравме веќе упатените барања и целата наша заложба за промовирање на велосипедот како транспортно средство и за подобрување на условите за негово користење. 

Вработените од Град Скопје, од кои сите (помалку или повеќе) корисници на велосипедот, беа согласни дека се работи за реални проблеми со кои се соочуваат велосипедистите и за реално остварливи барања, кои ќе може постапно да се решаваат. 

Најмногу се задржаа околу првото барање: Подобрување на состојбата на постоечките велосипедски патеки кое е најдиректно во надлежност на Град Скопје и е поле на кое веќе работат со заменување на високите рабници со ниски. Ние им укажавме дека ниските рабници се во секој случај подобри од високите, но најдобро решение се рампи, и за велосипедските патеки и за пешачките кои треба да бидат пристапни и за лица во инвалидски колички. Состојбата со одржувањето на асфалтот на патеките им е јасна, но досега приоритетите биле насочени кон реконструкција на коловозите за моторен сообраќај.


Во врска со второто барање: Овозможување на континуирано движење по велосипедските патеки ни беше објаснето дека во некои случаи е невозможно да се дислоцираат веќе поставени објекти како семафори и сл. поради инфраструктурните поврзувања, но секако дека во иднина може да се планира подобро. Проблемот со автобуските постојки и судирот на велосипедскиот со пешачкиот сообраќај им е јасен и ќе мора да се пристапи кон нови сообраќајни решенија кои ќе ги издвојат овие 2 типа сообраќај, како и соодветно обележување на патеките и поставување на сообраќајни знаци кои ќе ја подигнат свеста на граѓаните за постоењето на велосипедските патеки. Проблемот со паркирани возила е во надлежност на МВР и најмногу што може да направи Град Скопје е да постави столпчиња, онаму каде што е можно, кои ќе спречат нерегуларно паркирање на возила на велосипедски и пешачки патеки, како и да го искомуницираат проблемот на повисоко ниво. 


Третото барање за Зголемување на бројот на паркинг места за велосипеди, им го претставивме како задолжителен потег на сите јавни институции со кој ќе изразат поддршка кон сите вработени и посетители кои го користат велосипедот како превозно средство. Од Град Скопје рекоа дека ќе преземат иницијатива оние институции кои се во нивна надлежност (беа спомнати средните училишта како пример) да се снабдат со ваков вид паркинзи. Стана збор и за издвојување на едно до две паркинг места за автомобили на секој јавен паркинг и нивно пренаменување во паркинг места за велосипеди. Така тие места ќе добијат и соодветен надзор и заштита од крадење.


Им ги понудивме резултатите од нашите мапирања и од претходно спроведени акции (претставени и на средбата со ЈП Улици и патишта) како база за согледување на проблемите. Ветија дека ќе пратат екипи кои ќе направат увид на терен и во зависност од буџетот ќе одредат приоритети за решавање.

За дел од проблемите им доставивме позитивни примери од светот како можен начин на решавање, а за останатите проблеми стоиме на располагање за консулатација како секојдневни корисници на велосипедот како превозно средство.


Град Скопје веќе работи на некои проекти за спортски велосипедизам, но урбаниот велосипедизам, велосипедот како начин на транспорт низ градот, заклучивме дека е запоставен и долго време се нема направено ништо во Скопје на таа тема. Добивме уверување дека постоењето на ваква иницијатива сигурно ќе направи мало поместување на приоритетите. Постои волја за подобрување, но бидејќи и решенијата треба да се долгорочно применливи, не треба да очекуваме резултати веднаш.  


Може да сметаме дека Град Скопје е известен со какви проблеми се соочуваме при секојдневното сообраќање низ градот. Наше е да очекуваме конкретни мерки за нивно решавање и да реагираме секогаш кога ќе забележиме дека нешто што не е во ред, како нашиов сограѓанин (или тука). 
Со зголемено комуницирање на одредена тема, надлежните ќе сфатат дека им е важна на навистина голем број граѓани. Да продолжиме да реагираме. Велосипедот како транспортно средство треба да го добие местото во градските политики кое го заслужува .

15 August, 2013

Барања за подобрување на постоечката инфраструктура за урбан велосипедизам во Град Скопје

Веќе 15 месеци возиме заедно по улиците на град Скопје и покажуваме дека во Скопје има многу граѓани кои се превезуваат на точак, дека велосипедскиот сообраќај е важен и перспективен дел од сообраќајот и дека за негово безбедно и удобно одвивање мора да се обезбедат соодветни услови.

Она што досега го имаме забележано како проблем со постоечката инфраструктура преку секојдневното возење велосипед низ Скопје, преку анкетата спроведена минатата година, преку искуствата споделени од наши сограѓани на профилите на НаТочак на социјалните мрежи и мини-истражувањето кое го направивме за средбата со ЈП Улици и патишта, го систематизиравме во неколку барања за подобрување на условите.

Неколку активисти со своите велосипеди минатите денови ги обиколија сите скопски општини и градот Скопје и го доставија документот со барањата во печатена верзија. Единствено во општина Шуто Оризари поради годишните одмори не можеа да добијат печат, па писмото е доставено преку пошта. 
Исто така, документот е доставен до сите општини и во електронска форма.
Во прилог се линкови до писмото со заверен архивски печат доставени до општините:


Целосна верзија на писмото може да се погледне во текстот подолу или во верзија на документ на следниот линк.
Се надеваме на позитивен одговор од страна на надлежните институции преку конкретни мерки.



До:
Општина _____________,
г/г-ѓа _____________, Градоначалник на општина _____________
Предмет:
Предлог за подобрување на постоечката инфраструктура за урбан велосипедизам во Град Скопје


Почитуван/а г/г-ѓа _____________,

Велосипедскиот сообраќај претставува високо-ефикасен начин на урбан транспорт. Тенденцијата на раст на велосипедски сообраќај долгорочно придонесува за зголемена економска, здравствена и еколошка корист. Бројот на велосипедисти во Скопје континуирано расте, а со тоа се зголемуваат и потребите за подобра инфраструктура.

Од месец мај 2012 година, секој месец се одржува настанот „Критична маса“ каде ние, група велосипедисти, возиме заедно по скопските улици со цел актуализација на проблеми со кои секојдневно се среќаваме. Вкупно околу 3700 велосипедисти или во просек по 245 велосипедисти месечно возиме на секоја „Kритична маса“.

Граѓаните кои возат велосипед се учесници во сообраќајот. Како такви имаат потреба за соодветен простор во рамки на улиците. Градот Скопје веќе располага со одредена велосипедска инфраструктура. Со нејзиното подобрување и оспособување за користење ќе се зголеми безбедноста и удобноста во движењето на активните корисници и ќе се мотивираат нови корисници на велосипедот како превозно средство.
Врз основа на претходни анализи, воочени се проблеми во велосипедскиот сообраќај за кои сметаме дека постои можност за нивно решавање.

Бараме да се подобрат условите за возење велосипед во град Скопје преку:

1.    Подобрување на состојбата на постоечките велосипедски патеки
Редовно одржување на велосипедските патеки во поглед на санација на дупки, пукнатини и нерамнини на патеките. Систематско нивелирање на патеките преку порамнување на рабници, шахти и одводни канали (сливници) со цел овозможување глатко движење. Обновување на хоризонтална и вертикална сигнализација и поставување нова каде што отсуствува, со конзистентен изглед. Обележувањето на патеките треба да го следи природниот тек на движење и да се избегнуваат нагли свртувања, особено на крстосниците.

2.    Овозможување на континуирано движење по велосипедските патеки
Дислоцирање или заобиколување на мобилни и фиксни пречки од патеките како што се: паркирани возила, контејнери, билборди, семафори, сообраќајни знаци и автобуски постојки. Потребно е редовно чистење на патеките од отпад, стакло, трње, мраз, снег, трева и виснати гранки. Справување со проблемот каде пешаците ги користат велосипедските патеки.

3.    Зголемување на бројот на паркинг места за велосипеди
Обезбедување видливи и функционални паркинг места за велосипеди под надзор пред јавни институции и на јавни простори.

Сметаме дека подобрувањето на постоечката инфраструктура е неопходна основа за понатамошен развој на велосипедскиот сообраќај.

Во перспектива на долгорочен и одржлив развој на велосипедскиот сообраќај, би можеле да се следат позитивните практики од развиените градови:

     проширување на велосипедската мрежа преку градење нови велосипедски патеки, следејќи ги стандардите за изградба на истите
     воведување зони на намалена брзина на движење на моторните возила, онаму каде што нема просторни услови за нови велосипедски патеки,  со цел безбедно заедничко сообраќање на возачите на моторните возила и велосипедите
     континуирано одржување, подобрување и проширување на јавниот систем за изнајмување велосипеди
     интегрираност на велосипедскиот со јавниот транспорт за овозможување на комбинирани патувања што ќе го зголеми користењето и на велосипедот и на јавниот транспорт за патувања за кои вообичаено не би се користеле
     воведување статистика за следење на учеството на велосипедскиот во вкупниот сообраќај во градот итн.

Постоечката велосипедска инфраструктура во Скопје не е доволно искористена поради состојбата во која се наоѓа. Нејзиното подобрување треба да биде приоритет. Развојот на велосипедскиот сообраќај креира многубројни позитивни ефекти кои имаат влијание врз целокупното урбано живеење.

Неформалната група „НаТочак” се залага за подобрување на условите во велосипедскиот транспорт во град Скопје. Ги идентификуваме конкретните проблеми со кои се среќаваме и укажуваме на истите со цел нивно надминување. Од општ интерес е да се пресретнат потребите на учесниците во велосипедскиот сообраќај.

Благодариме на вниманието. Се надеваме на позитивен одговор на барањата преку конкретни мерки.


Со почит,
Неформална група велосипедисти - наТочак


*Овој документ е испратен во печатена и електронска форма до општина Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир, Шуто Оризари и до Град Скопје.