Showing posts with label пријава. Show all posts
Showing posts with label пријава. Show all posts

25 August, 2015

Пријава на инфраструктурен проблем - прекин на велосипедска патека - Плоштад Македонија

Изминатите години на различни места во градот се појавуваат прекини на велосипедски (и пешачки) сообраќај поради изведба на градежни работи. Сметаме дека треба да биде правило (особено на многу фреквентни локации) да се обезбедат привремени алтернативни патеки / мостови /премини за да се овозможи безбедно сообраќање додека траат градежните работи. 
Во очи на Критична маса #40 која е посветена на пристапноста на Кејот на Вардар за велосипеди, испративме две пријави до Град Скопје. 


-------------------------------
До: Град Скопје
Сектор за уредување и просторно планирање
Предмет: Пријава на инфраструктурен проблем: прекин на патека од пешачка зона на Кеј до Плоштад Македонија


ПРИЈАВА

Почитувани,

На ден 23.08.2015 забележан е прекин на немоторизираниот сообраќај на источниот дел од плоштадот кон Каруселот. Пријавуваме непостоење на велосипедско и пешачко поврзување меѓу плоштад Македонија и пешачката зона, на една од најфреквентните локации за овој тип сообраќај во градот.
Поради извршувањето на градежните работи со години е прекината патеката во долното корито на Вардар и патеката врз горното корито, поточно пешачката зона покрај ГТЦ во целиот овој период се користеше како алтернативна патека.
Со новопоставените огради целосно се прекинува немоторизираниот сообраќај, а особено оној на тркала: луѓето на велосипеди и со детски колички се принудени количките и велосипедите да ги носат во раце по скали, а лицата со хендикеп воопшто не можат да поминат тука.
Имајте предвид дека ова е центар на градот, една од нејфреквентните локации, каде поминуваат многу граѓани со цел: сообраќај, рекреација или туризам. Не сите граѓани имаат исти физички способности и можат да креваат колички со деца и велосипеди, а имаат еднакво право да ги користат. Не би сакале да се случи некој немил настан.




Доколку не постои можност за ослободување на простор за поминување од самото градилиште, бараме поставување на привремена монтажна конструкција врз скалите - патека на која ќе биде возможно да се движат тркала, слично на привремениот мост кој беше поставен минатата година на западниот дел од плоштадот.
Ве молиме за најитно решавање на овој проблем за да се овозможи безбедно сообраќање во најкраток можен временски рок.
Апелираме на местата на кои се прекинуваат велосипедските и пешачките патеки поради изведба на градежни работи да се обезбедува алтернативна патека. Апелираме со соодветни правила за обезбедување алтернативен пристап да се оневозможи да се повторува проблемот во иднина.

Со почит,
Неформална група на велосипедисти – НаТочак
natochak@gmail.com
25.08.2014
Скопје
-------------------------------

Документот кој е испратен до град Скопје е достапен на линкот.

24 March, 2015

Пријава на инфраструктурен проблем - Поставување на автобуски постојки и семафори на велосипедски патеки

Кон средината на март група активисти на НаТочак забележаа дека се појавуваат пречки на новоизградената мешана пешачко-велосипедска патека на булеварот Теодосиј Гологанов.

Покрај тоа што на овој потег се користат високи рабници место рампи и отсуствува секакво заштитно зеленило за пешаците и велосипедистите, на овој потег воопшто не е размислено сообраќајното решение, па нормална опрема како автобуски постојки место да биде во функција на сообраќајот и да не пречи никому, се појавува како пречка за друг вид на сообраќај.


Апелираме кога се планира сообраќајот, да се предвиди посебен простор за чекање на автобус - автобуска постојка и простор за приод кон неа, различен од оној за движење на велосипедистите и пешаците (т.е. различен од патеките) и притоа да се избегнат непријатните вкрстувања. На овој булевар се знаело дека поминуваат автобуси и не смее да се нудат решенија кои го немаат решено прашањето на чекање автобус. Автобуските постојки не смее да се насадуваат отпосле врз патеки предвидени за движење (велосипедски и пешачки), туку мора да се испланираат однапред. Со вакви половични решенија, се ствара судир меѓу различните учесници во сообраќајот (оние кои чекаат автобус, оние кои се симнуваат од автобус, и оние кои се на поминување: пешаците и велосипедистите), ситуации на кои сме секојдневно сведоци и кои не се резултат толку на културата, колку што се на лошо испланираната инфраструктура. Притоа, непријатноста и нервозите се само дел од проблемот. Небезбедноста е уште поголем проблем. Поради недостаток на простор, често велосипедистите (па и пешаците) се приморани да се симнат на булеварот каде е небезбедно за нив.
Исто така, и поставувањето на сообраќајни знаци (во случајов семафор) треба да се предвиди однапред, така што нема да одзема од потребниот профил за минување и разминување на пешаци и велосипедисти.
Сметаме дека задача на сообраќајните проекти е да ги предвидат овие ситуации и да понудат соодветни решенија добри за сите. Никој не насадува автобуски постојки на автомобилски ленти, нелогично е, нели? Сообраќајните решенија за нашиот град
како што подразбираат дека не треба да има пречки на автомобилските ленти, така треба да ги апсолвираат и пешачкиот и велосипедскиот сообраќај како дел од сообраќајот.

Интегралниот текст од дописот го има во продолжение, а пријавата која ја испрати НаТочак до релевантните тела на Град Скопје, достапна е на линкот.

--------------------------------------------------------------------


До: Град Скопје
 
 
Г. Коце Трајановски, Градоначалник на Град Скопје

 

Предмет: Пријава на инфраструктурен проблем: Поставување на автобуска постојка и семафор на патеката на бул. М.Т. Гологанов

 

 

ПРИЈАВА

Почитуван г. Коце Трајановски,

 

На ден 11.03.2015 год. пријавуваме поставување на објекти на мешаната пешачко-велосипедска патека долж проширениот бул. М.Т. Гологанов, спроти студентскиот дом Гоце Делчев.

Објектите претставуваат пречка за движењето на велосипедистите и пешаците.

Автобуската постојка, онака како што е почната да се гради, не остава простор за движење ни на велосипедистите, ни на пешаците. Растојанијата кои остануваат за нивно движење кон булеварот и кон зеленилото се вон секакви стандарди. Ќе се створи судир помеѓу различните учесници во сообраќајот, а поради недостаток на простор, ќе бидат приморани да се симнуваат на коловоз каде е небезбедно за нив.
И поставувањето на сообраќајниот знак (веројатно семафор) одзема од потребниот профил за минување и разминување на пешаци и велосипедисти.


Фотографии во прилог
(страна 1 и 2).

 



 
 
 
 


Ве молиме за најитно спречување на поставувањето на овие пречки, за да се овозможи безбедно сообраќање во иднина.  

Ја користиме оваа пријава да потсетиме  дека со донесување на Правилникот за стандардизација при изработка на велосипедски патеки би се спречило поставување на вакви фиксни пречки и апелираме на негово побрзо донесување.

 

Со почит,  

НаТочак
-неформална група на велосипедисти
 
natochak@gmail.com

12.03.2015,Скопје
 

*Овој документ е испратен во печатена форма до Град Скопје

17 February, 2015

Пријава на инфраструктурен проблем - Поставување на билборди на велосипедски патеки

Од јануари 2015 год, активисти на групата НаТочак забележаа масовно поставување на нови билборди на неколку локации низ градот Скопје, позиционирани на дел од велосипедските патеки. 
Со дописот во прилог реагираме на оваа појава која го води градот чекор назад во неговите заложби да прерасне во велосипедски град. Секоја пречка на велосипедските патеки го стеснува и онака малиот и нестандарден простор за непречено движење со велосипед. 
 
Проблемот се појавува и кога пречката (во случајов билборд) е поставена на пешачка патека, бидејќи проблемот се прелева, пешаците избегнувајќи ја истата, се движат по велосипедската патека и доаѓа до конфликт во движењето меѓу пешаци и велосипедисти.
 
Бараме отстранување на поставените постаменти од вело- патеките и изнаоѓање трајно решение за истите. Во оваа насока, повторно потсетуваме за донесување на Правилникот за стандардизација при изработка на велосипедски патеки, со кој засекогаш ќе се реши овој проблем.
Како и досега, очекуваме конструктивност и изнаоѓање прифатливо решение.
 
Интегралниот текст од допсиот го има во продолжение, а пријавата која ја испрати НаТочак до релевантните тела на Град Скопје, достапна е на линкот.
----------------------------------------------------
 

       До: Град Скопје
Сектор за сообраќај
Сектор за планирање и уредување на просторот

Предмет: Допис

Почитувани,
Сакаме да Ве известиме за појавата на нови недоследности на велосипедските и пешачките патеки на повеќе локации низ градот Скопје. Имено, во јануари 2015 год. забележавме поставување на нови билборди на велосипедските и пешачките патеки. Конкретно, во продолжение приложуваме слики од локации од неколку булевари.
   Партизански Одреди / Никола Парапунов     М. Теодосиј Гологанов / Веро 2 (прв)
  М. Теодосиј Гологанов / Католичка Црква      М. Теодосиј Гологанов / Веро 2 (втор)
 
Како што се гледа од сликите, оние билборди кои се поставуваат на велосипедските патеки, го попречуваат нормалното движење на велосипедистите, а оние билборди кои се поставуваат на пешачките патеки, им попречуваат на пешаците и ги принудуваат да се движат на велосипедските патеки. Во секој случај, се појавува проблем во нормалното движење на велосипедистите и пешаците со нивното мешање и со дополнителното стеснување на веќе тесниот простор оставен за нивно движење.

Пред една година се соочувавме со сличен проблем. Поставеноста на контејнерите на велосипедските патеки го попречуваа движењето на велосипедистите. НаТочак, овој проблем го пријави на надлежните во градот, на што наидовме на разбирање. За кратко, контејнерите беа отстранети од велосипедските патеки. Го поздравуваме тој потег.

Се надеваме дека и со оваа пријава, проблемот со билбордите ќе биде решен. На поставувањето на билборди и слични фиксни објекти треба да се посвети особено внимание. Со нивното поставување речиси трајно се узурпира јавниот простор и затоа треба трајно да се заштити просторот за движење на граѓаните. Долгорочно решение за овој и сличните проблеми, НаТочак предложи пред околу една година, со тоа што иницираше изработка на Правилник за стандардизација при изработка на велосипедски патеки. Во Правилникот се уредени сите аспекти при планирањето и изведбата на велосипедските патеки, по утврдени стандарди со што ваквиот тип на проблеми долгорочно би се спречил.
Според нашите сознанија, Правилникот за планирање и изведба на велосипедски патеки, моментално е во процедура на донесување, чека потпис во Министерството за транспорт и врски, каде што се наоѓа закочен повеќе од една година. Со дописов, освен што известуваме за билбордите, апелираме за откочување на процесот и за што поскоро донесување и имплементирање на терен на Правилникот, со што ќе се спречат овие недоследности во иднина.
Очекуваме одговор и се надеваме на разбирање.
Со почит,
НаТочак - За подобро вело Скопје, до подобар град!
17.02.2015, Скопје

20 August, 2014

Пријава на инфраструктурен проблем - високи рабници на пешачко-велосипедска патека, 20.08.2014


Во врска со инфраструктурниот проблем: неслеани рабници, забележан на мешаната велосипедско - пешачка патека на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов во Скопје, на потегот кој се проширува, НаТочак достави дописи до Град Скопје и ЈП Улици и патишта.
Се надеваме на што поскора интервенција.
Линк до испратениот документ.


--------------------------------------------------------

До:                     Град Скопје 
                            Г. Коце Трајановски, Градоначалник на Град Скопје
Предмет:           Пријава на инфраструктурен проблем НЕСЛЕАНИ РАБНИЦИ  вдолж бул. Митрополит Теодосиј Гологанов (на потегот кој се проширува)

 
ПРИЈАВА
 

Почитувани, 

На ден 20.08.2014 год. пријавуваме несоодветно слеани рабници кои се наоѓаат долж М.Т.Гологанов, од раскрсницата со бул. 8ми Септември до раскрсницата со ул. Московска, ул. Миле Поп Јорданов и ул. Јуриј Гагарин (на потегот на булеварот кој се проширува). 

Булеварот моментално е во изградба и дел од рабниците се неколку сантиметри повисоки од коловозт (можеби при завршувањето на улицата таа ќе биде повисока за уште неколку сантиметри и со тоа ќе се израмни со рабникот), а дел од нив (претежно на ул. Миле Поп Јорданов и ул. Јуриј Гагарин) не се слеани со што се попречува качувањето на нив на велосипедистите, пешаците, луѓето во инвалидски колички, со бебешки колички и останати учесници во сообраќајот кои се движат по оваа патека. 

Висината и аголот на поставеност на рабниците по текот на самата патека, се особено проблематични за совладување од страна на учесниците во сообраќајот на тркала зашто им создаваат неудобност во движењето (треснувања), а може да бидат и опасни по безбедноста. 

Фотографии во прилог.



 

  
Ве молиме за најитно решавање на овој проблем уште додека се во тек работите на проширување на булеварот, за да се овозможи безбедно сообраќање во најкраток можен временски рок.
Апелираме на местата на кои е предвидено спуштање на пешаците/велосипедистите од велосипедско-пешачката патека на коловоз (на допирот со пешачко-велосипедски премини), да се користат благи спуштања во облик на рампи кои ќе овозможат глатко спуштање/качување, а не рабници со вертикални или коси површини. Апелираме со соодветни правила за поставување на рабници да се оневозможи да се повторува проблемот во иднина.

Со почит,

НаТочак
Неформална група на велосипедисти

natochak@gmail.com
20.08.2014
Скопје

*Овој документ е испратен во печатена форма до Град Скопје и електронска форма до ЈП Улици и Патишта.

07 August, 2014

Пријава на инфраструктурен проблем - билборд на велосипедска патека, 7.08.2014

Во врска со инфраструктурниот проблем забележан на мешаната велосипедско - пешачка патека на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов во Скопје, НаТочак достави дописи до Град Скопје и ЈП Улици и патишта.
Се надеваме на што поскора интервенција.
Линк до испратениот документ.

--------------------------------------------------------

До:                     Град Скопје 
                            Г. Коце Трајановски, Градоначалник на Град Скопје
Предмет:         Пријава на инфраструктурен проблем – билборд на патека на бул. Метрополит Теодосиј Гологанов (кај пералните кај ТЦ Беверли Хилс)


ПРИЈАВА

Почитуван г. Трајановски,

На датум 07.08.2014 на патеката за пешаци и велосипедисти на булевар Метрополит Теодосиј Гологанов е забележен билборд со димензии на столб 0,5 м х 0.2м, на средината на патеката – оддалечен 0,8м од зеленилото, што претставува опасност за велосипедистите, пешаците, луѓето во инвалидски колички, со бебешки колички и останати учесници во сообраќајот кои се движат по оваа патека. Поради поставеноста на столбот од билбордот во профилот на самата патека, профилот за движење се намалува и со тоа е неупотреблив за планираната намена: паралелно движење на пешаци и велосипедисти. Остатокот од патеката не е доволен да се разминат 2 лица на велосипед и пеш.
                               


Ве молиме за санација на овој проблем за да се овозможи непречено сообраќање, во најкус можен временски рок.
Апелираме со соодветни правила за поставување на билборди да се оневозможи да се повторува проблемот во иднина.

Со почит,
Неформална група на велосипедисти – НаТочак
natochak@gmail.com
07.08.2014
Скопје


*Овој документ е испратен во печатена форма до Град Скопје и електронска форма до ЈП Улици и Патишта.

07 April, 2014

Пријава на инфраструктурен проблем - слегнат асфалт на бул.Ј.Сандански, 07.04.2014

Во врска со инфраструктурниот проблем забележан на велосипедскаа патека на бул. Јане Сандански во Аеродром, НаТочак достави дописи до Град Скопје, ЈП Улици и патишта и Општина Аеродром.
Се надеваме на што поскора интервенција.

--------------------------------------------------------

До:                            Град Скопје, ЈП Улици и Патишта, Општина Аеродром 
Предмет:                 Пријава на инфраструктурен проблем: слегнат асфалт на бул. Јане Сандански


ПРИЈАВА

Почитувани,


На ден 03.04.2014 на велосипедската патека на јужната страна на бул. Јане Сандански во општина Аеродром во делот спроти ТЦ Скопјанка забележана е дупка, поточно слегнат асфалт од приближно 1 м2 што претставува опасност за велосипедистите кои се движат по оваа патека.



Истовремено, забележано е дека хоризонталната сигнализација на патеката е обновена (полни и испрекинати линии без симболи) и прекинува токму кај оваа пречка.
Сигнализацијата со конзистентен изглед е многу важна за препознавање на просторот наменет за велосипедисти од страна на сите учесници во сообраќајот. Но пред да се пристапи кон обновување на сигнализацијата сметаме дека треба да се пристапи кон санирање на дупките, пукнатините, нерамнините, високите рабници и било какви пречки на патеките. 
Ве молиме да се направи налог за санација на овој проблем за да се овозможи непречено сообраќање на конкретната локација, во најкус можен временски рок.
Исто така, Ве молиме да се запази редоследот на активности: санирање па сигнализација, како правило при секоја идна ситуација. Прво патеката да се доведе во добра возна состојба, па потоа преку симболи да се поканат соодветните учесници безбедно и непречено да ја користат.



Со почит,
Неформална група велосипедисти - НаТочак                       
natochak@gmail.com

07.04.2014
Скопје



*Овој документ е испратен во печатена форма до град Скопје и во електронска форма до одговорните лица од Град Скопје, од ЈП Улици и патишта и до општина Аеродром и е објавен на блогот на НаТочак: www.natochak.blogspot.com.

10 March, 2014

Пријава на инфраструктурен проблем: пречка на велосипедска патека, 10.03.2014

Во врска со инфраструктурниот проблем појавен на велосипедската патека на бул. Теодосиј Гологанов, НаТочак достави допис до Град Скопје.
Print-screen од пријавата е објавен на Facebook и на Twitter профилите на НаТочак.

------------------------------------------------ 

ПРИЈАВА

Почитувани,

На ден 10.04.2014 год. пријавуваме пречки бетонирани во велосипедските патеки кои се наоѓаат на двете страни долж бул. Метрополит Теодосиј Гологанов кај пешачкиот кај Млечен ресторан. Слики во прилог.





Ве молиме за најитно решавање на овој проблем како што би се овозможило непречено сообраќање, во најкус можен временски рок.


Со почит,
Неформална група на велосипедисти - НаТочак,
natochak@gmail.com


15 November, 2013

Пријава на инфраструктурен проблем: столбови на велосипедски патеки, 15.11.2013

Во врска со инфраструктурниот проблем појавен на велосипедската патека на бул. Партизански одреди, но и други локации, НаТочак достави дописи до Град Скопје и Општина Карпош.
------------------------------------------------

До: .....    

ПРИЈАВА
Почитувани,
На јужната страна на булеварот Партизански одреди, во близина на крстосницата со ул. Рузвелтова, пред автобуската постојка (спроти „Симпо“), деновиве се појави пречка на велосипедската патека.
Станува збор за метален столб со екран, зацементиран во самата велосипедска патека.



Имаме информации дека метални шипки за втемелување на вакви столбови се појавуваат и на други места во градот, токму врз велосипедските патеки.
Заинтересирани сме да дознаеме која е нивната намена и кој е надлежен за нивното поставување. Бараме градските институции да го искомуницираат меѓусебно проблемот, зашто поставените метални столбови по средината на патеките го поделуваат профилот на велосипедската патека на два дела кои не ги исполнуваат важечките стандарди. 
Во конкретниот случај, со својата поставеност и димензии (ширина 0.2 м) столбот го преполовува профилот на велосипедската патека на 2 потесни патеки: една со ширина од 1.36 м до работ на коловозот и една со ширина од 0.94 м до жардињерата кон внатрешната страна од велосипедската патека.
Според:  ПРАВИЛНИК ЗА СТАНДАРДИ И НОРМАТИВИ ЗА ПЛАНИРАЊЕ НА ПРОСТОРОТ вкупната широчина за еден ред велосипеди покрај сообраќајница со моторен сообраќај изнесува 2.00 м од кои: широчината за велосипедите изнесува 1.00м, заштитната широчина кон внатрешната страна изнесува 0.25м, а истата кон ивицата на возната лента изнесува 0.75м.
Бараме да се најде соодветно решение за поставување на овие (претпоставуваме) информативни знаци, кое нема да го попречи движењето на велосипедистите, т.е. ќе је овозможи планираната сообраќајна намена на патеката. Веруваме дека такво решение е можно.  
Дополнително, поради неутралната боја, столбот е незабележлив, особено навечер, а со тоа е и опасен. Во ситуациите каде поставувањето на ваквите столбови ги почитува стандардите, предлагаме да се обојат во впечатливи бои до соодветна висина.
Ве молиме за што поскора реакција во врска со појавениот проблем за да се оневозможи да се повтори и на други локации.


Со почит,
Неформална група на велосипедисти - На Точак                        natochak@gmail.com

15.11.2013
Скопје


*Овој документ е испратен во печатена и електронска форма до град Скопје и во електронска до општина Карпош и е објавен на блогот на На Точак: www.natochak.blogspot.com

Пријава на инфраструктурен проблем: дупка на мост Обединети Нации, 15.11.2013 [дополнето]

Во врска со инфраструктурниот проблем појавен на мостот Обединети нации, НаТочак достави дописи до Град Скопје, Општина Карпош и ЈП Улици и патишта.
Се надеваме на што поскора интервенција.
--------------------------------------------------------


До: ......


ПРИЈАВА
Почитувани,
На јужната страна на мостот Обединети Нации на бул. Партизански Одреди појавена е дупка на асфалтот по целата ширина на тротоарот со димензии 85 x 190 cm. Нејзината длабочина (во четвртина од површината на  оштетувањето е целосно отворена кон реката) претставува опасност по безбедноста на сите учесници во сообраќајот кои го користат тротоарот за да ја преминат реката во овој дел од градот: пешаци, велосипедисти, ролеристи, луѓе со детски колички, а особено луѓе кои се движат со помош на инвалидски колички.


Дупката е тешко забележлива, особено во ноќните часови. Исто така, и невозможно е да се избегне, поради тоа што е во целата ширина на тротоарот, а овој мост (заедно со Железничкиот) е единствената врска на луѓето кои се движат од западниот дел на градот кон централниот и обратно со велосипед или пешки. Поради сето ова сметаме дека потребно е итно да се санира.                
Ве молиме да се направи налог за санација на дупката за да се овозможи непречено сообраќање, во најкус можен временски рок.

Со почит,

Неформална група на велосипедисти - На Точак  
15.11.2013
Скопје



*Овој документ е испратен во печатена и електронска форма до град Скопје и во електронска форма до општина Карпош и ЈП Улици и Патишта и е објавен на блогот на На Точак: www.natochak.blogspot.com

--------------------------------------------------------

Епилог:



Проблемот е целосно решен на 18.11.2013, а интервенцијата е фотографирана на 19.11.2013, утрото. Новиот асфалт е солидно нивелиран со остатокот од патеката.