08 December, 2012

Извештај од КМ#7 - 28.11.2012

Кој би претпоставил -  повеќе учесници на Критична маса во ноември отколку во октомври?! 100-тина скопски велосипедисти им ја дадоа недолжната чест на старо-новите скопски булевари и улици: Илинденска, Климент Охридски, Мито Хаџивасилев Јасмин (по ново Кирил и Методиј), Митрополит Теодосиј Гологанов и Манапо.

Кога би возеле по новите т.н. велосипедски патеки, тоа би изгледало некако вака . Ги покануваме оние кои тврдат дека тука постојат (добри) велосипедски патеки лично да ги испробаат или барем да го погледнат видеото.

Многу често како одговор на било каква критика од нашите сограѓани слушаме „Е добро де, тоа не е ништо страшно“. „Е добро де“ не гради подобар град. Мораме да ја менуваме свеста за нештата пред се. Прво самите ние под сообраќај мора да подразбираме и пешачки и велосипедски, а под улици, улици пријателски за сите, а не само коловози за брзо возење автомобили!

Во тоа име ја возевме Критична маса #7, во име на улици и за точаци!
А зголемената бројка на присутни и покрај континуираното заладување на времето во овој период потврдува дека граѓаните на Скопје имаат потреба од промена на третманот кон велосипедскиот сообраќај. Токму затоа завршивме со подигнување на точаците во раце баш пред објектите на администрацијата на град Скопје. Симболично покажувајќи дека велосипедот е моќно средство за трансформирање на градот, а не „пропратна содржина“. 

А овој пат, на целта во Градски парк освен кревањето точаци, не` чекаше и топло чајче и убави моменти на дружба.

Како изгледаше возењето можете да погледнете од следните фотографии.

Додека се собираме спроти парк
Мене не ми студеше. Вам?
Од позитивната атмосфера пред тргање
Имав време и малку да дремнам.
Стартот го проследи ТВ екипа




Мир, љубов, разбирање


привремено трансформиран простор...


..со поинакви активности и искуства
Како изгледавме од повисоко - Skopje City Mall




Кревањето на точаците на целта
Во отсуство на паркиралишта, мора да се импровизира
Чај за крај.
На целта направивме мини интервју со гостин од Германија. Зборува за КМ7 и за искуството со возењето точак во Македонија.



На крајот од возењето во кутијата за донации беа собрани 1667 денари. Трошоците за ноември беа 800 денари печатење постери и флаери, и 560 денари за чаевите. Заедно со донациите од претходно, моментално имаме 2067 денари.

Благодарност до сите со кои ја креираме Критична маса заедно. Се гледаме на крајот на декември на предновогодишната! Накитете ги точаците!

26 November, 2012

Критична Маса #7 - Улици и за точаци

Датум: 28.11.2012
Место: Паркингот карши Фонтана Парк
Време: 17.30

Кога ќе се спомне булевар, помислуваме на широки автомобилски ленти, но не и на велосипедски патеки. А булеварот треба да е спој од повеќе видови сообраќај и зеленило! 

Кога ќе се спомне проширување на улици, никој не помислувa на проширување на делот за велосипеди. А патеките за велосипеди се суштински дел од решението на сообраќајните проблеми!

Кога се реконструираат/обновуваат улици, додека автомобилските ленти се квалитетно израмнети, велосипедските евентуално се поплочуваат. А велосипедот со тесните гуми е најчувствителното превозно средство на површината по која се движи!

Се зборува за проточност на возилата, но не и на велосипедите.

Бандери, билборди, канти за ѓубре и знаци на сред велосипедска патека, потскокнување на павер-елементи, сливници, дупки и високи тротоари, акробатски движења за да се остане на патеката се дел од нашето секојдневие... Многу навидум мали, но за велосипедистот големи пречки. Како што е нелогично да се појават на коловоз, нелогично е што се појавуваат и на велосипедските патеки.

Патеките треба да бидат соодветно обележани и доволно широки, изработени од соодветен материјал, да овозможат континуиран и природен тек на движењето.

Удобноста во возењето не е важна само за возачите на моторни возила!

Сите ние може да се најдеме во една од двете улоги, во зависност од ситуацијата и сакаме подобри услови за сите видови сообраќај.

Во идните планови на градот и програми на политичарите, кога се мисли на улици, да не се мисли само на автомобили, да се мисли и на точаци! Комплетни улици за сите видови сообраќај!

Секоја урбана визија која ги третира велосипедските патеки како пропратна содржина, а не како подеднакво важен дел од сообраќајот треба да припаѓа на минатото.
Да ја смениме претставата за тоа што е улица, да го направиме Скопје подобар вело-град!


УЛИЦИ И ЗА ТОЧАЦИ!

Во тоа име ќе ја возиме КМ-7 во најголем дел по новореновираните булевари и улици: бул. Илинден, бул. Климент Охридски, бул. Теодосиј Гологанов и ул. Манапо.


View Критична маса - Скопје на точак #7 in a larger map


Минатата недела неколкумина што возеле на претходните критични маси ја пробаа рутата возејќи по местата обележани со знак за велосипедска патека. Нивното искуство го документираа во видео и фотографии. „Уживајте“!

Видео:


 Фотографии, тука.

E добро де!

Фотогалерија - дијалог од истото искуство при возењето по новите скопски булевари. Фотографиите се направени во истото возење како и претходното видео. Илинденска, бул. Климент Охридски и бул. Митрополит Теодосиј Гологанов. 

Дијалог со градот и останатите учесници во сообраќајот.

Е добро де, не мислевме дека по тротоар и велосипедска патека може да се движат и инвалиди, колички со бебиња и велосипеди. Кога ќе речеме дека прошируваме и подобруваме улици подразбираме улици за коли.

Е добро де, малку ја скративме шипката од знакот.

Е добро де, ја преполовивме велосипедската патека, ама затоа ептен ве осигуравме.

Е добро де,  ви помагаме да најдете каде е средината на велопатеката . Држачот за корпа го оставивме за подобро да се наденете.

Е добро де, треба ли луѓето да јадат?

Е добро де, малку атмосферската канализација не ја направивме добро. Ама затоа си имате кабаници.

Е добро де, ви ставивме знаци, тамам ве раздвојуваат со пешаците, за секого по 40 cm.

Е добро де, имаше простор на широкиот тротоар, па освен за пешаци и точаци, оставаме и коли.

Е добро де, брзам!  Да не сакаш да почитувам предност?

Е добро де,  високи ви се гумите.

Е добро де, само да завршам работа. Да тркнам до онде.

Е добро де, малку го сронав тротоарот, малку немаш каде да поминеш, ама види - и други има паркирано. Што не им викаш и ним?

Е добро де, ни пропаднал тротоарот, а контејнерите си ги чуваме тука зошто лесно ни е да ги подигнеме кога се на главни булевари.

Е добро де, дупка, се сронал цементот. Со следното проширување  и неа ќе ја асфалтираме.

Е добро де, штедевме боја.

Е добро де, можеш да поминеш под неа? Епа не се жали.

Е добро де, не можеш да ме заобиколиш?

Е добро де, си беа тука дрвjата. Ни беше жал да ги исечеме. А да ја поместиме патеката не ни текна.

Е добро де, за едно капаче?! Цепидлаки!

Е добро де, да не сакате и живата ограда да ја кастриме?

Е добро де, чадор. Епа каде да го ставам?

Е добро де, се видов со пријателот, застанав да си помуабетиме.

Е добро де, си се шетаме со внуката. Црвениве линии ми помагаат да држам правец.

Е добро де, малку ја стеснивме патеката.

Е добро де, не можете цик-цак да возите?

Е добро де, каллива вода се слеала на новиот тротоар. Што да правиме?

Е добро де, семафор! Мораше некаде да го ставиме семафорот. Ни остана малку кабел, па да не го сечеме.  А ѕитчето ни беше жал да го турнеме.

Е добро де, се изгуби патеката. Не знаете каде да возите?

Е добро де, столпче ставивме. Ама затоа го обоивме жолто.

Е добро де, се зазборев на телефон.

Е добро де, спојката со стариот тротоар не беше дел од проектот. Тоа во фаза 3.

Е добро де, да не сакате да ги чистиме патеките?

Е добро де, бандери. Па мораше некаде да ги ставиме.

Е добро де, високи тркала - високи рабници. Зошто тогаш возиш Mountain bike?

Е добро де, овде порано имаше велосипедска патека, ама мислевме дека не ви треба.

Е добро де, копавме.

Е добро де, малку се стеснува патеката, ама не е страшно.

25 November, 2012

Промотивни материјали КМ#7

Промотивни материјали за КМ#7 - Улици и за точаци!

Плакати

pdf - за печатење (кликни ме)


jpg - со целосно инфо




















jpg - само дизајн


















Флаери

pdf - црно-бел за печатење (кликни ме)


Банери

900х800 пиксели


















980х100 пиксели