26 July, 2015

Критична маса #39: Безбедни брзини за пулсот на градот

Датум: среда, 29.07.2015
Почеток19:00 (летно сметање на КМ), Школка, Градски Парк

Крај: Парк на езерата, Аеродром
---------------------------------------------------------------------
Facebook настанлинк
Промотивни материјалилинк
Руталинк
---------------------------------------------------------------------

постерот за КМ 39

Речиси никој не седнува зад воланот со намера да изгази некого, но факт е дека тоа се случува секој ден. Дел од судирите се и со трагични последици. Факт е и дека не сите се свесни за брзината како фактор.
И највештиот возач не може да избегне непредвидлива ситуација доколку вози пребрзо. Шансата за непредвидливи ситуации е многу поголема во населените места отколку на автопатите и на рекламите со празни предели. Во населените места живеат луѓе, вклучително и постари лица и деца и миленичиња, луѓе со ослабени сетила или намалени моторни способности, луѓе кои се нефокусирани во моментот, луѓе кои се движат пешки, со инвалидска количка или точак и немаат соодветни инфраструктурни услови, па прават непредвидени маневри. Ниедна од наведените причини не е доволна некој да го изгуби животот. Дури и Уставот го става правото на живот пред било кој закон.
Сите треба да се трудиме да ги почитуваме максимално правилата, но и да сме спремни за човечка грешка.
Најбезбедните места на светот имаат едно заедничко: тежнеат кон зголемување на свесноста на возачите за непредвидените ситуации и кон мерки кои ќе придонесат евентуалните судири да бидат со помали последици.

Степенот на последиците директно зависи од брзината:

извор: Copenhagenize
Исто така, прилагодената брзина нема да влијае само на помали последици, туку и на помалку судири, поради подобрата видливост и спремност за реагирање и кочење.
извор: Сектор за сообраќај - Чикаго

Затоа многу градови, држави, па и Европската унија тежнеат кон намалување на брзините во населените места.
  • Њујорк во 2014-та го намали дифолтното ограничување од 30 mph на 25mph (од ~50km/h на ~40 km/h) и започна да спроведува Визија Нула, визија за нула жртви во сообраќајот (линк)
  • Париз постепено воведува „зони 30“ (т.н. зони на смирен сообраќај) на целата територија, исклучок се булеварите. (линк)
  • Европскиот парламент во 2011 усвои резолуција со која силно им препорачува на одговорните власти да ги намалат ограничувањата на брзините до 30 км/ч во сите станбени населби и на сите улици каде нема издвоена инфраструктура за велосипеди. 
    30 км/ч е правилото за цел град, а 50 км/ч е исклучокот за булевари кои имаат издвоена инфраструктура за коли, пешаци, точаци...
    Дури 78 % од возачите во ЕУ поддржуваат ваква мерка, која според истражувањата ќе ги намали повредите во сообраќај за 25 % (линк)
  • Доколку се усвои предлогот на РСБСП, досегашното 60 km/h ќе се замени со 50 km/h максимално ограничување во населени места во Република Македонија. НаТочак го поддржа тој предлог и предлогот за воведување на „Зона 30“ во Дебар Маало.
Кога се дизајнира со безбедноста во прв план, не се добиваат само побезбедни улици, туку и подобар квалитет на живот (никој не ужива кога покрај него профучуваат со 100 на саат), повеќе луѓе на улиците, економски поживи соседства, повеќе луѓе кои се чувствуваат безбедно и пријатно да пешачат или возат точак. Воведувањето на зони 30 има големи предности (повеќе прочитајте тука), но сепак да се зборува за ограничување на брзината во време кога брзината е на цена, свесни сме дека е крајно непопуларно. Брзината продава, брзината е улично мерило за испитување на вештината на возачот, како и силна идентификација со моќ 
Но брзината е и прва причина за смрт во сообраќајот и во Македонија и во светот. После повеќе тешки сооообраќајни несреќи на скопските улици во кои ранливите учесници настрадаа од превисоки брзини, чувствуваме обврска да ја ставиме брзината на дневен ред и да ја популаризиме и темната страна.
Страдаат возачите, физички или психолошки, но пред се' страдаат ранливите учесници во сообраќајот: мотоциклистите, велосипедистите и пешаците, а од нив велосипедистите и пешаците можат само да претрпат, но не и да нанесат штета. Во Македонија, според статистиката за првата половина на 2014-та, возачите на моторни возила се виновни за 94 % од сообраќајните несреќи, а настрадуваат во 1/3 од случаите (загинале: 21 возач, 21 сопатник и 29 ранливи учесници во сообраќајот),
Да се вози возило со брзини над 50 км/ч е многу ризична активност особено кога тоа се прави во град и затоа тие брзини не се препорачани.
Брзината е убиец број еден на патиштата во светот, а сообраќајот е поле на најголем број убиства во голем број држави, со повеќе жртви отколку од „регуларни“ убиства и од некои чести болести.
Човечкиот живот нема цена, но покрај загубата на животи, грешките во сообраќајот носат лична загуба за блиските и финансиски загуби за општеството. Годишно се смета дека се трошат 518 милјарди долари во светот поради сообраќајни незгоди, што значи и значителна ставка за буџетот на секоја држава која не работи на безбедноста во сообраќајот.

Во 2014-та медиумите презентираа дека најчеста причина за сообраќајни незгоди во Македонија е преголемата брзина: 689 од 1894 случаи во првата половина на 2014.
Поради сето ова, сметаме дека постои голем простор да и посветиме внимание како општество: 
Што можеме и мораме да направиме? 

Лично секој:
  • Апелираме секој во рамки на своите надлежности, знаења и лична совест да помогне да го намалиме бројот на жртви во сообраќајот. Кога возиме возило, да возиме во рамки на ограничувањата дури и кога улицата ни дозволува повеќе. Да посочуваме кога други возат пребрзо. Добри возачи се оние кои со своето однесување прават останатите учесници во сообраќајот да се чувствуваат безбедно, а не оние кои тестираат вештини.
  • Без разлика дали возите точак или не, доколку поддржувате зголемување на безбедноста преку намалување на брзините, да го споделите напишаново и да зборувате барем со блиските за важноста на ова прашање. Ве повикуваме да ни се придружите со сопствени транспаренти и пораки на оваа тема на 39-тата Критична маса. Промената почнува од нас! 
напишете што ви лежи на оваа тема...


Полиција, локални и законодавни власти
Ги повикуваме носителите на политиките да дадат поддршка за намалување на брзините и спасување на животи, со тоа и да ја паднат „цената“ на брзото возење. Но не само да се намалат брзините на хартија и со знаци, туку и: 
1. Да се санкционира соодветно и редовно брзото возење. Како причина број 1 за трагично последици во сообраќајот, санкционирањето на брзото возење треба да биде приоритет на полицијата во одреден подолг период. 
2. Да се размисли за правно редефинирање на сообраќајните несреќи во случаи кога пребрзо и опасно се вози. Знаејќи дека брзината буквално убива, резултатите на таквото однесување се предвидливи тешки последици, а не несреќни случаи.
3. Да се пријде кон современи сообраќајни концепти кои се свесни дека поширока лента значи побрзо возење, а не поголема безбедност, сообраќајни концепти кои се занимаваат со безбедноста и протокот на луѓе без оглед на нивниот превоз: пешачење. велосипед, јавен транспорт, возила (линк) а не само брзото поминување на возила. Кога се дизајнираат улици кои потсеќаат на автопати, луѓето се однесуваат како да се на автопат (линк)
4. Да се воведе 50 km/h како максимално ограничување во било кое населено место во Република Македонија, а 30 km/h како стандардно кое ќе важи за сите улици од понизок ранг, т.е улици каде нема одделна инфраструктура за различните корисници па тие се во директна интеракција споделувајќи го коловозот. Повисоки ограничувања од 30 km/h, 40 и 50 km/h смеат да имаат улиците кои имаат издвоена пешачка и велосипедска инфраструктура.
Брзините над 100 се поопасни од 60 km/h и оние кои дивеат по скопските улици треба да се казнат, но тоа не значи дека не треба да ги намалиме дополнително ограничувањата. За секои зголемени 5km/h ризикот од тешки последици по пешаците расте двојно.
Безбедна брзина за интеракција пешак (или велосипедист) со возило е 30 km/h, а за возило со возило - 50 km/h. Оттаму потекнуваат ограничувањата 30, 40 и 50 km/h за различните типови улици.

извор: Влада на Јужна Австралија
Кога би ве прашале со каква брзина би сакале да се движат возилата пред вашата зграда, сигурно би преферирале со помала, поради помала бука, помалку испуштени штетни гасови, побезбедна околина за вашите деца, внуци, миленичиња. 

Секоја улица е нечија улица. 
Несебично да поддржиме безбедни брзини насекаде! 
Безбедни и пријатни за живеење улици треба да бидат правило и право.
Сакаме улици на кои ќе може да се пешачи, вози точак, да се игра безгрижно и град во кој ќе уживаме, кој ќе пулсира од живот и во кој животот на ранливите ќе биде заштитен.
Дизајн и брзини со животот на ум.
30 - 40 - 50 km/h.
Безбедни брзини за пулсот на градот.


Дојди на Критична маса #39.
Ќе возиме по следнава рута:



Ѕрн ѕрн! 

*** Секој учесник вози на своја одговорност. 
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 38 пати возеа масовно по скопските улици, на 38 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 39-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца! Приклучи се! Ангажирај се! Може да нé има повеќе! И Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

24 July, 2015

Промотивни материјали КМ #39: Безбедни брзини за пулсот на градот


Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #39. 
А на Никола му благодариме за прецизното дизајнерско возење низ скопски улици :)

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ 
  • постери
-Постер (А3, во боја) верзија за печатење: линк (pdf)

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • постер


  • банери

300x250

500x500
980x100
990x80
Facebook cover

20 June, 2015

Критична маса #38: Саглам паркинг, раат кафе!

Датум: среда, 24.06.2015
Почеток19:00 (летно сметање на КМ), Парк на Франкофонијата

Крај: пред Кинотека
---------------------------------------------------------------------
Facebook настанлинк

Промотивни материјалилинк
Руталинк

---------------------------------------------------------------------
Закон за паркинг за велосипеди: линк
Велосипедски приказни: линк
Албум со паркинзи за точаци во Скопје: линк

---------------------------------------------------------------------

постерот за КМ #38
Ние, кои возиме точак во градов, често се соочуваме со вакви приказни

Кога конечно некако ќе успееме да стигнеме до нашата посакувана дестинација речиси секогаш се среќаваме со проблемот: „Каде ли сега да паркирам?“. Паркинзи за велосипеди скоро и да нема, а онаму каде што ги има се несоодветни... Затоа сме приморани постојано да се снаоѓаме и да импровизираме. Дрвја, огради, сообраќајни знаци, бандери... сето ова ни служи како паркинг. Можноста да паркираме секаде е и голема предност, но често, паркирајќи си го велосипедот на тој начин, и самите им пречиме на останатите. Така, понекогаш нам ни се лутат пешаците бидејќи им го блокираме патот.

Порано паркинзите за велосипеди стандардно се изработувале така што за нив можете да врзете само едно тркало. Токму вакви се најголемиот дел од паркинзите во Скопје (оние малку кои сепак постојат). Нивниот дизајн е непрактичен. Точаците врзани за нив се небезбедни, а да не говориме за тоа дека често настануваат и оштетувања на тркалата. Плус мора да се наведнете, што не е секогаш пријатно. Самото заклучување на точакот на нив е тешко, често едвај дофатно, ако се наместени покрај ѕид и посебно навечер. Прописните паркинзи треба да се високи, а велосипедот да се врзува за рамката. Само го потпирате, без клекнување, го врзувате за рамот и чао. Многу полесно за користење. Денешните тркала се вадат со еден потег за помалку од минута и затоа врзувањето за рамот е многу побезбедно.


Точакот веќе на многумина ни е основно превозно средство. Со него одиме на работа, на кафе, да пазаруваме, на натпревар, во музеј... Затоа е исклучително важно да постојат соодветни места каде што ќе можеме да го оставиме и да не се грижиме за неговата безбедност. Токму јавните институции треба да го предводат овој процес. Министерствата, театрите, музеите треба да покажат дека се отворени за велосипедистите и дека сакаат поубав и почист град. Нивниот позитивен пример несомнено ќе го следат и приватните компании. Кафулињата, рестораните, продавниците и трговските центри ќе добијат многу доколку имаат саглам паркинзи за велосипеди. Нивните посетители и муштерии ќе бидат среќни и поопуштeни и ќе го разнесат добриот глас наоколу. Со насмевка ќе го испијат најубавото кафе во животот под сенката на скопските липи кои мирисаат прекрасно во јуни...
несаглам VS. саглам паркинг

Од август, минатата година, сите јавни институции законски се обврзани да обезбедат паркинг за велосипеди. За оние кои што допрва ќе се градат, обезбедувањето на простор за велосипеди ќе биде услов да добијат дозвола за градба,  а оние кои се веќе изградени, имаат рок до 1.08.2015 да обезбедат. Повеќе за Законот прочитајте тука.
Нашето искуство низ градов ни кажува дека не сите јавни институции ја имаат исполнето таа обврска.
Со оваа Критична маса сакаме да ги потсетиме да го направат тоа, но не само да го направат „реда ради“, туку да обезбедат и: 

-безбедна локација под визуелна контрола (визуелната контрола може да се обезбеди со: чувар, камера или едноставно прометно место каде поминуваат многу минувачи, а не некое затскриено)
-пристапна локација за тркала (да нема скали и физички пречки до местото каде треба да се однесе точакот)
-лесна забележливост (видливост) на паркингот од страната од каде што најчесто пристапуваат луѓето 
-локација во близина на влезот од објектот. Колку помало е растојанието од паркингот до влезот, толку е поголема веројатноста луѓето кои што го посетуваат објектот да доаѓаат на точак или пак луѓето кои веќе се на точак, да застанат токму кај вашиот објект
-осветлена локација и по можност заштитена од атмосферски влијанија
-држачи за велосипеди кои ќе бидат изработени од цврст материјал, заштитен од оштетување, добро прицврстени за подлогата 
-држачи кои ќе овозможат врзување на велосипедот за што повеќе точки (рам, предно и задно тркало, седиште), но најважно од сè, за рамот
-визуелната препознатливост и интересниот дизајн се предност

Погледнете некои од паркинзите за точаци во Скопје и нашите оцени на некои од споменатите аспекти во следниот албум.
Законот сè уште не предвидува ваква обврска за објектите за домување и за објектите со комерцијално-деловна намена, но додека не се донесе таква обврска во некој следен чекор, очекуваме дека тие ќе ги обезбедат паркинзите за велосипеди на своја иницијатива. Објектите за повеќесемејно домување (станбените згради) на иницијатива на жителите, компаниите на иницијатива на вработените, а угостителските, трговски и слични објекти на иницијатива на менаџерите за да покажат дека кај нив се добредојдени луѓето кои се превезуваат на точак. Можеби не можат директно да влијаат на инфраструктурата за движење, но со инфраструктурата за паркирање можат да пратат силна порака како вело-пријателска дестинација!

За повеќе места каде сме добредојдени и на точак!
За повеќе саглам паркинзи за точаци!
Саглам паркинг за раат завршена работа, раат шопинг, раат кафе..
Повеќе паркинзи, поголем поттик за повеќе точаци по улиците.
Повеќе точаци за почисто, поведро, поздраво, поопуштено, по-раат Скопје.

Оваа 38-ма последна среда возиме со таа порака.
Бидете во 19:00 во Паркот на Франкофонијата.
Ја возиме раат Критична маса #38 по следнава рута:



Ѕрн ѕрн! 

*** Секој учесник вози на своја одговорност. 
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 37 пати возеа масовно по скопските улици, на 37 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 38-ми пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца! Приклучи се! Ангажирај се! Може да нé има повеќе! И Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

Промотивни материјали КМ #38: Саглам паркинг - раат кафе!

[дизајн: Вања Штркова]
Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за  Критична маса #38. А на Вања Штркова ѝ благодариме за раат дизајнот и раат комуникацијата :)

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ 
  • постери
-Постер (А3, во боја) верзија за печатење: линк (pdf)

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • постер
  • банери
300x250
300x250 
500x500
500x500
500x500
980x100
980x100
980x100
990x80


990x80
Facebook cover
Twitter cover

Паркирајќи го точакот. Неколку слики од велосипедското секојдневие.

Слика 1
Прекрасен јунски ден. Времето е сончево и дувка пријатно летно ветре. Додека возиш велосипед го вдишуваш мирисот на тукушто расцветаните липи. Одиш на закажаното кафе со пријателите, но некако не ти се брза и сакаш да уживаш во вртењето на педалите. Конечно стигнуваш пред кафулето. Друштвото е веќе собрано и сите се убаво расположени. Им мавнуваш за поздрав и им довикуваш дека веднаш ќе им се придружиш. „Само да го заврзам точакот“, им велиш. Но гледај беља, пред кафулето воопшто нема паркинг за велосипеди. Почнуваш да се туфкаш и да разгледуваш наоколу. Мора да најдеш некое соодветно место каде што би го врзал точакот. Пробуваш да го врзеш за блиската канделабра, но широка е, ланецот ти е краток. Се врткаш уште неколку минути слушајќи го веселиот џагор од кафулето. Во меѓувреме твоето друштво прекрасно си поминува, а ти го пропушташ сето тоа. Пробуваш да го заврзеш точакот за едно дрво отспротива, но повторно не ти успева. Веќе си нервозен бидејќи поминале петнаесетина минути и кафето веќе се изладило. Мораш да го избуткаш едно педесетина метри оттаму и да го заврзеш на еден сообраќаен знак. Со видно расипано расположение конечно седнуваш во кафулето и сркнуваш од ладното еспресо. Веќе ниту смеата на твоите пријатели не може да те развесели...
Слика 2
Денес те чека важна работа. Мора да извадиш цел куп документи и потврди од Министерството. Знаеш дека пред тебе е долг ден. Ќе изгубиш многу време пред шалтерите, но не е важно, битно да завршиш работа. Зеде дури и слободен ден од работа. Сега иташ на својот велосипед среќен што така ќе го избегнеш сообраќајниот метеж. Времето е многу топло, но барем тебе ти е пријатно додека другите се варат во своите автомобили. Стигнуваш пред Министерството. Има некаков паркинг за велосипеди, но не е соодветен: на него можеш да врзеш единствено едно тркало. Неволја, си помислуваш, точакот ми е нов, го купив пред неколку недели и воопшто не беше евтин. Не е безбедно да го оставам врзан само за тркалото, си велиш. Но работата мора да се заврши. Потоа воопшто не се изненадуваш кога службеничката на шалтерот во лице ти ги фрла документите и те праќа на друг шалтер, бидејќи умот ти е кај точакот. Не ни трепнуваш кога нејзината колешка со викање ти вели дека ти фалат уште неколку изводи зашто ти во тој момент се прашуваш дали ќе треба пеш да се враќаш дома. На крајот дури чувствуваш среќа и олеснување кога нивната шефица ти соопштува дека не можеш да завршиш работа и дека треба да се вратиш за три недели. Се стрчуваш низ долгите ходници на Министерството кон излезот и „паркингот“...

Слика 3
Излегуваш од салата по натпреварот. Лут си, но тоа не е чудно: твојот тим загуби. Кога доаѓаше го врза точакот за оградата пред салата, исто како и стотина други луѓе бидејќи, едноставно, немаше каде на друго место. Но сега гледаш дека врз твојот точак има врзано друг и ти не можеш да го извлечеш својот и да си појдеш дома. Заробен си додека не дојде неговиот сопственик. Твојата лутина уште повеќе се зголемува. Нервозно се вртиш наоколу додека останатите навивачи си ги земаат точаците и си одат. На крајот остануваат само твојот и натрапникот. Од лутина ти врие во главата. На секои десет секунди погледнуваш во часовникот. Сите веќе си заминаа. Почна да помислуваш да го оставиш точакот и да си заминеш. Одеднаш здогледуваш еден човек кој се приближува кон тебе. Тој се движи бавно, со безгрижен чекор. Рацете му се во џебовите додека си ја свирка мелодијата која највеќе ја мразиш. На себе има маица од противничкиот тим...


Кога конечно некако ќе успееме да стигнеме до нашата посакувана дестинација речиси секогаш се среќаваме со проблемот: „Каде ли сега да паркирам?“. Паркинзи за велосипеди скоро и да нема, а онаму каде што ги има се несоодветни... Затоа сме приморани постојано да се снаоѓаме и да импровизираме. Дрвја, огради, сообраќајни знаци, бандери... сето ова ни служи како паркинг. Можноста да паркираме секаде е и предност, но често, паркирајќи си го велосипедот на тој начин, и самите им пречиме на останатите. Така, нам ни се лутат пешаците бидејќи им го блокираме патот.

Порано паркинзите за велосипеди стандардно се изработувале така што за нив да можете да врзете само едно тркало. Токму вакви се најголемиот дел од паркинзите во Скопје (оние малку кои сепак постојат). Нивниот дизајн е непрактичен. Точаците врзани за нив се небезбедни, а да не говориме за тоа дека често настануваат и оштетувања на тркалата. Плус мора да се наведнете, што не е секогаш пријатно. Самото заклучување на точакот на нив е тешко, често едвај дофатно, ако се наместени покрај ѕид и посебно навечер. Прописните паркинзи треба да се високи, а велосипедот да се врзува за рамката. Само го потпирате, без клекнување, го врзувате за рамот и чао. Многу полесно за користење. Денешните тркала се вадат со еден потег за помалку од минута и затоа врзувањето за рамот е многу побезбедно.

Точакот веќе на многумина ни е основно превозно средство. Со него одиме на работа, на кафе, да пазаруваме, на натпревар, во музеј... Затоа е исклучително важно да постојат соодветни места каде што ќе можеме да го оставиме и да не се грижиме за неговата безбедност. Токму јавните институции треба да го предводат овој процес. Министерствата, театрите, музеите треба да покажат дека се отворени за велосипедистите и дека сакаат поубав и почист град. Нивниот позитивен пример несомнено ќе го следат и приватните компании. Кафулињата, рестораните, продавниците и трговските центри ќе добијат многу доколку имаат саглам паркинзи за велосипеди. Нивните посетители и муштерии ќе бидат среќни и поопуштeни и ќе го разнесат добриот глас наоколу. Со насмевка ќе го испијат најубавото кафе во животот под сенката на скопските липи кои мирисаат прекрасно во јуни...

Критична маса #38: Саглам паркинг - раат кафе

19 June, 2015

Мислење од НаТочак за проектот Скопје вело-град 2017

Денес, на 19.06.2015 НаТочак испрати мислење до Град Скопје во врска со презентираниот проект „Скопје вело-град 2017“.
Дописот е достапен на следниот линк, како и во продолжение.
Штом имаме можност да го погледнеме и акцискиот план, ќе можеме да оформиме поконкретно мислење за проектот, поточно да одговориме дали ги решава проблемите на кои посочуваме во текот на изминатите години. 

Самата идеја за посеопфатно третирање на велосипедскиот сообраќај е позитивен исчекор, кој го поздравуваме. 
--------------------------------------------------------

Предмет: Мислење на неформалната група “НаТочак” во врска со најавата на новиот капитален проект на Град Скопје, Скопје Велоград до 2017 година 
Датум​: 19 јуни 2015 година 

На 15 јуни 2015 година, Град Скопје го претстави пред јавноста својот проект за унапредување на велосипедската инфраструктура во Скопје и за зголемување на безбедноста во велосипедскиот сообраќај, насловен „Скопје Велоград 2017“. НаТочак ја поддржува секоја активност која е во насока на развој на урбаниот велосипедизам во Скопје и Македонија. Во продолжение НаТочак споделува свое мислење за промовираниот проект. 

Генерален прв впечаток е дека значително е подобрен речникот и терминологијата на надлежните кој се користи при комуницирање на активностите кои се однесуваат на урбаниот велосипедизам. Конкретно, прифаќањето дека градскиот велосипедизам не е спорт, туку секојдневно превозно средство. Навидум можеби незначајна промена, но суштински ги менува погледите на планерите на Градот. 

Потреба од јавно споделување на проектниот документ со цел детално информирање на јавноста за процесот на имплементација 

Град Скопје пред јавноста го претстави својот крупен проект преку видео проекција и извадоци од мапи на кои се прикажани рутите од вело-мрежата. Проектот визуелно делува солидно, но сметаме дека недостасуваат споделени информации околу стандардите при реализација кои ќе го следат проектот. Во таа насока, бараме од Градот, да го приложи јавно проектниот документ, доколку документот е од јавен карактер, за да се запознае јавноста со конкретните решенија. 

Така ќе се согледа дали проектот ги решава конфликтните ситуации кои досега беа посочувани како проблеми од велосипедистите. Со увидот во планот, ќе се одговорат многу прашања: кои стандарди ќе се користат при изградба, каков вид подлога ќе се користи, степенот на нивелираност на самата подлога, висина на слеаност на рабниците, сигнализација на патеки, поставување на црвените линии на премините преку коловоз, ширина на вело патеките и ред други параметри кои се основа при градење/реконструкција на велосипедска патека. 

Отсуство на методологија и статистички податоци за утврдување на резултатите од проектот 

Евидентно е и отсуството на методологија и статистички податоци за утврдување на резултатите од проектот. Според она што можевме да го добиеме како информација од сајтот на Град Скопје и подготвениот видео спот, е дека очекуваните резултати споделени во соопштението и видеото се релативно општи и тешко мерливи. Постои отсуство на конкретни бројки за очекуваните резултати, како и информации за тековната состојба во велосипедскиот сообраќај. 

Следење на напредокот на имплементацијата на проектот 

НаТочак како и досега, будно ќе го следи напредувањето на имплементацијата на презентираниот план, ќе го поздравува секое добро велосипедско решение, кое е функционално и употребливо за велосипедистите, истовремено ќе реагира на секоја воочена недоследност на терен. По континуираната двогодишна комуникација со надлежните институции и понатаму остануваме достапни и расположени за заедничка соработка со цел надминување на проблемите со кои се соочуваат велосипедистите во Скопје и развој на градот во пријателско место за велосипедистите. 

Со почит, 

Неформална група велосипедисти ­ НаТочак 

http://natochak.blogspot.com