25 December, 2019

Предлози за програми и буџет на Општина Центар за 2020-та година - НаТочак

На крајот на месец декември, во очи носењето годишни програми и буџети на локалната самоуправа, НаТочак испрати допис до Град Скопје и до општините, до градоначалниците, до членовите на Советите, до раководителите на релевантни сектори во администрацијата.

На овој линк се наоѓа документот со предлози со кој се обративме до одговорните страни во Општина Центар, а тука се наоаѓа документот со предлози со кој се обративме до одговорните страни во Град Скопје.
Мејлот и документот до Општина Центар како текст го има и во продолжение.
Чекаме одговор дали се прифатени и вградени предлозите. 

------------------------- Почитувани, 
Ве контактираме со овој допис, свесни дека во овој период се носат годишни програми и буџет за следната година. Очекуваме како советници кои нѐ претставувате нас како граѓани да ги разработите темите во соодветни амандмани, а вработените во Секторите да ги вклопат предлозите во своите програми и начин на работа.

За некои од наведените предлози е потребно издвојување на специјални буџетски средства, а за некои само волја работите кои и онака се прават, да се прават на друг начин.
Ова се темите кои ги издвојуваме како суштински за велосипедскиот сообраќај и кај кои сакаме да видиме промена во 2020-та.

Се надеваме на позитивен одговор.

Со почит,
НаТочак
------------------------- 
До: 
Општина Центар Градоначалник на Општина Центар

Претседател на Совет на Општина Центар
Советници
Сектор за уредување на градежно земјиште и заштита на животна средина
Сектор за урбанизам
Сектор за јавни дејности

Почитувани,
Ве контактираме со овој допис, свесни дека во овој период се носат годишни програми и буџет за следната година. Очекуваме како советници кои не’ претставувате нас како граѓани да ги разработите темите во соодветни амандмани, а вработените во Секторите да ги вклопат предлозите во своите програми и начин на работа.

За некои од наведените предлози е потребно издвојување на специјални буџетски средства, а за некои само волја работите кои и онака се прават, да се прават на друг начин.
Ова се темите кои ги издвојуваме како суштински и кај кои сакаме да видиме промена во 2020-та.

А. До Градоначалник на Општина Центар и сите сектори

Град Скопје во Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021 (достапен на линкот: https://skopje.gov.mk/media/4370/predlog-plan-za-unapreduvanje-na-velosipedski-soobrakaj-2019-2021.pdf) има предвидено:

5.3.1. Организирање на работилници помеѓу претставници на Градот Скопје и општините во Градот Скопје со цел запознавање со активности, размена на искуства и знаења за велосипедскиот сообраќај.
Како и: Потпишување на декларација за хиерархијата на учесниците во сообраќајот од страна на Градоначалникот на Град Скопје и другите Градоначалници на Општините во Град Скопје.

Сметаме дека нема потреба да ги набројуваме придобивките од поголемото возење велосипед за граѓаните, здравјето, воздухот, метежот, живоста на јавните простори и општо квалитетот на живот во градот и искрено се надеваме дека Вашата општина е информирана за напорите кои Град Скопје ги прави на овој план и дека заеднички ги ускладувате политиките. Оттаму, главното барање на нас како организација НаТочак до Градоначалникот на Општина Центар би било:
  1. Придружување на Општина Центар кон проектот Скопје велоград. (нема буџетски импликации) 
  2. Потпишување договор за меѓуопштинска соработка со Градот Скопје и останатите општини во врска со овој план. (нема буџетски импликации) 
Б. До Сектор за уредување на градежно земјиште и заштита на животна средина
  1. Планирање на мрежа од велосипедски патеки и ленти на улици од секундарната мрежа. (има буџетски импликации)
  2. Поставување паркинг пред сите јавни институции и на сите јавни простори (има буџетски импликации)
  3. Поставување паркинг пред станбени, деловни, комерцијални објекти во договор со сопствениците и замена на 1 паркинг место за кола со 10 паркинг места за велосипеди. (има буџетски импликации)

  4. Ослободување на тротоарите за нивната примарна функција - простор за безбедно движење на пешаци (има позитивни буџетски импликации)
  5. Поставување столпчиња на сите клучни проблематични локации на секундарната мрежа (има буџетски импликации)
  6. Зголемена контрола на паркирање, и во неработни денови и на места каде не постои платен паркинг  (има позитивни буџетски импликации)
  7. Смирување на сообраќајот во маалата со физички мерки, во најбрз рок околу училиштата и градинките, а потоа и на цела секундарна мрежа преку: стеснување на ленти, искривување на коловоз, подигнати крстосници, подигнати пешачки премини. (има буџетски импликации)
  8. Онаму каде што нема велосипедски патеки и ленти, да се прогласат улиците за ЗОНА 30 и ЗОНА 20.
    -30 km/h да биде дифолтна брзина за најголем дел од мрежата (станбени улици) која има издвоена пешачка инфраструктура (тротоари), но нема простор за посебни велосипедски патеки и ленти. Се смета дека автомобилите и велосипедите може безбедно да коегзистираат во простор каде ограничувањето е 30 km/h. За оваа мрежа да е целосно безбедна, побаравме измени на законската регулатива со кои на станбени улици и улици од пониска категорија ќе се дозволи возење велосипед на средина на коловозната лента, за што се надеваме дека ќе добиеме и поддршка од Градот и општините. На тој начин би добиле стотици километри пријателска мрежа за велосипеди низ Градот само со соодветни означувања.
    -20 km/h да биде ограничување за оние улици кои немаат издвоена ниту велосипедскa, но ниту пешачка инфраструктура, па и пешаците и велосипедите се принудени да го споделуваат просторот со автомобилите. -50 km/h е брзина која е безбедна само кога се целосно физички издвоени пешачкиот, велосипедскиот и автомобилскиот сообраќај, што значи би била дозволена само на улици кои имаат издвоена и пешачка и велосипедска инфраструктура и не смее да е ограничување за улици од секундарната мрежа кои го немаат направено тоа издвојување

В. До Сектор за урбанизам ДЕТАЛНИ УРБАНИСТИЧКИ ПЛАНОВИ
  1. Пропишување на задолжителен паркинг за велосипеди во условите за градба за сите нови објекти во деталните планови (нема буџетски импликации)
  2. Планирање пошироки тротоари од 1,5 метри, минимум 2,5 метри за да може да се сместат светилки, столпчиња и минимум 3,5 метри за да може да се планираат дрвореди и поставување урбана опрема во иста линија со нив, како контејнери, клупи итн. (нема/има буџетски импликации)
  3. Планирање простор во деталните планови за улично зеленило, урбана опрема и велосипедски ленти секаде каде што има простор. Во секундарна мрежа нема потреба од 4 коловозни ленти. (нема/има буџетски импликации)
  4. Во Мерките за управување со отпад да се нагласува дека не смее поставувањето на контејнери да го наруши минималниот потребен профил за пешачко движење од 1.5 метри (нема буџетски импликации)
  5. Во Мерките за спасување од сообраќајни несреќи да се наведат реални мерки за безбедност (физички мерки кои мора да се применат во проектите), а не празни фрази (нема буџетски импликации)
  6. Во архитектонските проекти да не се дозволува режим на паркирање во рамки на парцела со кое секое возило има директен пристап од тротоар и ја пресекува пешачката/велосипедската патека, поточно се дозволуваат повеќе влезови во парцела наместо еден. (нема буџетски импликации) 
Г. До Сектор за јавни дејности ЕДУКАЦИЈА И ПРОМОЦИЈА
  1. Организирање на трајни или времени велосипедски едукативни полигони при училиштата или надвор од нив, на локација која ќе може да ја користат повеќе училишта од општината (има буџетски импликации)
  2. Организирање на Ден без автомобили - Car free Day на улици од секундарната мрежа повеќе пати во годината (има буџетски импликации) 
Д. Дополнително, бараме поддршка од општината во следните ИНИЦИЈАТИВИ:
  1.  Придружување кон иницијативата за промена на Правилникот за урбанистичко планирање со воведување задолжителен паркинг за велосипеди и стандарди за сите типови објекти (нема буџетски импликации)
  2. Придружување кон иницијативата за измена на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата за воведување contra flow ленти, важни за еднонасочните улици, со кои ленти ќе се овозможи возење во спротивна насока само за велосипеди онаму каде што има услови. (нема буџетски импликации)
  3. Придружување кон иницијативата за измена на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата за дозволување да се вози велосипед на средина на коловозна лента на станбените и пониски категории на улици каде нема услови да се спроведат издвоени велосипедски патеки/ленти.  (нема буџетски импликации)
    Очекуваме дека сте свесни за придобивките од вградување на овие предлози во вашата годишна програма и буџет и дека нема да ги гледате само низ призмата на буџетски импликации, туку и низ призмата на придобивките во здравје, почиста животна средина, помалку бучава, почист воздух, поубав град, кои на крајот можат да се преточат дури и во финансиски придобивки за сите. 
    Со почит,
    НаТочак
    неформално здружение за урбан велосипедизам  
    За подобро вело - Скопје  
    e-mail: natochak@gmail.com  
    -------------------------  *Сличен допис беше испратен и до одговорните страни при Град Скопје. Блог-постот за тој допис е достапен на линкот: https://natochak.blogspot.com/2020/01/2020.html

23 November, 2019

Промотивни материјали за КМ #82: Велоград во контејнер

[дизајн: Александар Савески]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #82.
Голема благодарност до дизајнерот за експедитивноста во дизајнот.

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за печатење: линк (.pdf)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ

постер, верзија за веб

300 x 250

500 x 500

980 x 100

990 x 80

Facebook event cover

Facebook  cover


22 November, 2019

Вонредна Критична Маса 82 - #ВелоградВоКонтејнер

Датум: среда, 27.11.2019
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали: линк

Пријава на инфраструктурен проблем: Локации на новите контејнери (30.10.2019): линк
Барање за дислокација на контејнерите од велосипедските патеки (6.11.2019): линк
Запознајте се подобро со проблемите преку ФБ албумот и други објави на социјалните медиуми.
 --------------------------------------------------------------------


постерот за КМ #82


На што спаднавме?
Да протестираме против поставување на контејнери на велосипедски патеки. Да се бавиме со работи кои мислевме дека не се воопшто прашање, да се бавиме со лекции кои мислевме дека се научени. Се сеќавате како патеките во 2014-та водеa право во билборди и сите се смеевме? Зошто се враќаме назад цели 5 години?

Треба да се бавиме со други работи.
- Да се продолжува патеката по кејот на Вардар на исток и запад и да се ослободи од коли и градби во строгиот центар
- Да се шири мрежата низ градот
- Да се градат велосипедски полигони за сообраќајно образование
- Да има задолжителен велосипедски паркинг во новите станбени објекти.
- Постоечките патеки веќе да се прошируваат и крстосниците да добијат целосно нов мултимодален, не-автоцентричен лик.
- Треба да добиеме автоматизиран систем за изнајмување велосипеди.
- Треба да можеме да ставиме велосипед на држачите на брзиот јавен превоз.
- Треба да има зелен бран за велосипеди и пешаци.

- Треба цел град каде нема велосипедска инфраструктура да се прогласи за Зона 30. 
-Треба да се одземаат ленти од автомобилите и да се враќа просторот на пешаците, велосипедите, зеленилото…

Треба повизионерски!
А не да се враќаме големи чекори назад со смешни импровизирани решенија!

На нашите коректни и логични прашања поврзани со локациите на контејнерите не беше одговорено после веќе 4 недели. Очекувавме барем одговор одоколу, но според молкот може да залучиме дека:

1. Не сакаат да се дознае кој човек/тело/сектор одлучиле за типот и локациите на контејнерите, бидејќи одлучиле несоодветни и нестручни лица или лица кои не сакаат да се носат со одговорност.
2. Локациите на контејнерите не се размислувани пред да се направи набавката. Како влезен критериум за избор на типот не се земани постоечките локации и услови на нив. Не е размислувано ни за нови локации, надвор од булеварите. Контејнерите се нарачани без да се води сметка како ќе влијаат на одвивањето на сообраќајот (пешачки и велосипедски).
Поставени се без елаборат за поставување на урбана опрема.
3. Не се почитувани стандардите за урбанистичко планирање и уредување на просторот. Уште помалку е направен напор за подобрување на тие стандарди.
4. Не се консултирани лица од Секторите за сообраќај, урбанизам, СВР Скопје, како ни Координативното тело за велосипедски сообраќај и луѓе кои работат на проектот “Скопје Велоград“.
5. Локациите каде се поставени и покрај сериозните реакции од јавноста, не се размислува во најскоро време да се променат, бидејќи би барало напор на планирање и координирање, чекор кој претходно бил прескокнат. Не се побарани измени на сообраќајни проекти од МВР.
Луѓето кои ги добиле контејнерите како „задача за справување“ направиле она што е во нивна можност, исцртале заобиколувања, се справиле ОТПОСЛЕ. Проблемот не е решен: па мора да се празнат од улица, ова е најлогичната позиција, ете имате заобиколување, зашто главниот проблем не начинот на справување отпосле (се снашле некако кутрите луѓе на кои им била тупната таа задача), главниот проблем е што не се планирало ОДНАПРЕД.

Ова се сериозни пропусти во работењето на една градска администрација. Иако проблемот делува банално во хаотичниот град, сметаме дека многу добро го илустрира еден од изворите на сите проблеми. На планирањето и анализите се гледа како на губење време и редовно се ЗАОБИКОЛУВААТ, а во меѓувреме од брзање да се покажат резултати на видик, само се претураат проблемите од едно на друго место.
Потребно е планирање ОДНАПРЕД, потребно е консултирање на засегнатите страни, потребно е да се мисли на се, со едно добро да не се уништува друго. Особено не сообраќајот кој си се заложил дека ќе го унапредуваш со ПЛАН.

Искрено, се надеваме дека е ова привремено решение и дека ваков непрофесионален пристап нема да се повтори. Се надеваме нема да има посериозни последици во меѓувреме како загрозување на животи, а штета во смисла на демотивирање на движењето пешки и со точак секако дека ќе има и за тоа некој треба да понесе одговорност.

Бараме доследно спроведување на заложбите за унапредување на велосипедскиот сообраќај.
И да се движиме напред, не чекор напред, чекор назад.
Град кој се стреми да биде вело-град не смее да си дозволи вакви импровизации.
Град кој се стреми да биде град за луѓе, не смее да си дозволи да ги третира патеките за пешаци и велосипеди како складиште за урбана опрема, туку треба да планира во своите планови посебен простор за неа, исто како што планира на пример за трафостаниците. Контејнерите се физички габаритни објекти кои зафаќаат голем простор. Недозволиво е да ги нема како локации во плановите.

Бараме сериозна ревизија на локациите за контејнерите и сериозно добри локации, поблиску до граѓаните, и не во нашите патеки на движење. Бараме градот да ги дислоцира новите контејнери од велосипедските и пешачките патеки.

Бараме да се вратиме на патеката за Скопје Велоград и да продолжиме со поголеми позитивни промени.
На таа патека нема место за пречки!
Она што треба да се фрли во контејнер е „Ми текна“ планирањето, а не концептот Скопје Велоград.

Затоа се чекаме на старо место, во старо време.
Земете ги светлата, ставете ги ѕвончињата и се гледаме последната среда од месецот.

Ќе возиме по оваа рута:



И попатно ќе застанеме да направиме протестна акција.
-----------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.
 
Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 81 пат возеа масовно по скопските улици, на 81 различна тема поврзани со урбаниот велосипедизам.Во просторот меѓу 80-тата и 82-та Критична маса (освен роденденската 81-ва) возеа неформално, секоја последна среда во месецот, од иста почетна точка, но без тема и предвидена рута. Повеќе информации, тука.
Да ги освоиме и овој ноември улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
-----------------------------------

09 November, 2019

Барање за дислокација на контејнерите од велосипедските патеки

Откако поднесовме Пријава на инфраструктурниот проблем: локации на новите контејнери на 30. октомври 2019 по e-mail, со 5 прашања и не добивме одговор, после една недела, на 6.ноември 2019 година поднесовме Барање за дислокација на контејнерите по писмен пат до Архивата на Град Скопје. 
Како додаток на Барањето ја има и претходната Пријава. 

Барањето со архивски број е достапно на следн
иот линк како документ, а во продолжение и како текст.

-----------------------------

Скопје, 06.11.2019
До:                         Град Скопје
Сектор за уредување и просторно планирање

Предмет: Барање за дислокација на контејнерите од велосипедските патеки

Почитувани,

Помина повеќе од една недела од поставувањето на новите контејнери на неколку велосипедски патеки во градот.
Сметаме дека ова решение значително ги враќа чекор назад нашите и ваши заложби, Скопје да добие велосипедска инфраструктура која на граѓаните ќе им овозможи ефикасно, брзо и пред сѐ безбедно да го користат велосипедот како превозно средство со кое ќе сообраќаат низ градот.


Со поставување на контејнери на велосипедските патеки во голема мера се нарушува прегледноста на движење, движењето се пренасочува преку рабникот кој ја одделува велосипедската патека од тротоарот, како и дополнително ги доведува во конфликтни ситуации велосипедистите со пешаците кои одлагаат отпад во контејнерите, што ја загрозува и нивната безбедност.


НаТочак јасно и недвосмислено ги поддржува сите заложби на Градот, кои предвидуваат подобрување на управувањето со отпад, разубавување на градот и подобрување на квалитетот на живеење, но бараме тоа да биде стручно и долгорочно планирано.


НаТочак нема апсолутно ништо против новите контејнери како унапредено решение за управување отпад, но има конкретна забелешка на узурпирањето на велосипедските патеки како локација за поставување на истите.

Поради тоа бараме да се дислоцираат овие контејнери од велосипедската патека, како и да престанат да се поставуваат врз друга велосипедска инфраструктура.


Затоа го повикуваме Град Скопје уште еднаш да ја преиспита својата одлука и да најде решение кое ќе биде на задоволство на сите свои граѓани, вклучувајќи ги и оние кои се решиле своите автомобили да ги заменат со точак, како превозно средство.


Се надеваме дека ова барање ќе биде испочитувано во набрз рок и нема да има потреба да помине уште една недела во која пешаците и велосипедистите ќе бидат во конфликт.

Во продолжение го прикачуваме документот пратен до Градоначалникот и членови на Кабинетот на Градоначалникот и Координативното тело на 30.10.2019 и потсетуваме дека сѐ уште не се одговорени прашањата кои веруваме дека се од јавен интерес.


*Известуваме дека овој допис ќе го објавиме јавно, исто така и вашите одговори штом ги добиеме.
Благодарност за соработката и развојот на концептот Скопје Велоград,
НаТочак
неформално здружение за урбан велосипедизам
За подобро вело - Скопје
e-mail: natochak@gmail.com
TW : twitter.com/NaTochak