08 November, 2014

Работилница за градски велосипедизам со Ралф Ван Дер Зејден (видео + фотографии)

Работилницата со Ралф Ван Дер Зејден „Зошто точак?“ во организација на Холандска Амбасада, НаТочак и ЕУ Инфо Центарот се одржа на 30.10.2014 во просториите на ЕУ Инфо Центарот. Се состоеше од презентација и дел за дискусија.
Со презентацијата Ралф, инаку моментално директор на компанијата I bike Belgrade и Beograd Velograd фестивалот, направи преглед на неговиот животен пат со велосипедите од Холандија до Белград, на состојбата со велосипедската инфраструктура и култура во Холандија и во земјите од Југоисточна Европа и презентацијата ја заврши со поенти и пораки зошто точакот треба да се сфати сериозно како придвижувач на позитивни промени во еден град.
Благодарност до Ралф за опсежната презентација и што ни беше гостин во Скопје, благодарност до сите кои ја проследија презентацијата и учествуваа во дискусијата и благодарност до Холандската амбасада и ЕУ инфо-центарот што го овозможија настанот.
Се надеваме дека сите присутни: велосипедистите и институциите кои имаат надлежности за подобрување на ситуацијата во Скопје, научивме по нешто.

Оние кои не беа во можност да присуствуваат, може да го погледнат видеото.
Подолу има и мал фото-преглед.






Најава на гостинот
 

Дел од публиката
 
 


Зошто точак? 
Ралф во неговата презентација имаше една добра поента дека возењето точак не е добро само за оние кои го практикуваат (нивното здравје, заштеда, мобилност), туку и за останатите учесници во сообраќајот: се намалуваат сообраќајните гужви за возила, се подобрува квалитетот на воздухот, се намалува буката, се ослободува простор за други содржини...се креира поквалитетен и поатрактивен град од што корист имаат сите!
 

Обичен ден во Холандија 
-број на патувања со велосипед од различни групи луѓе во различни делови од денот.
Во Холандија само 10 % од сите патувања со велосипед се спорт и рекреација. Се друго е транспорт.
 

5 милиони велосипедисти и 14 милиони патувања во текот на денот е проценката за нормален ден во Холандија. 
Еден од тие велосипедисти е и самиот Холандски премиер кој на фотографијата е прикажан како пристигнува на работа на точак.


Податоци за удел на велосипедскиот сообраќај во вкупниот во главни градови во регионот. Колкав е процентот моментално во Скопје, не знаеме.
 

10 причини да се сфати возењето точак сериозно. Cycling as a change maker. За повеќе од она на фотографиите, мора да ја гледате презентацијата ;)
 

И уште една причина да се сфати возењето точак сериозно. 
Луѓето секако ќе возат точак во поголем број! 
Забележлив е пораст на возењето на точак, насекаде низ светот! 
Задачата на властите е да го поттикнат тој раст со вложувања во инфраструктурата и зголемување на безбедноста на велосипедистите.
 

Каква треба да биде велосипедската инфраструктура? Да поврзува, да биде континуирана, да не прекинува, да биде препознатлива и обележана...
 


 
Дискусијата во најголем дел се фокусираше на најчестите проблеми кои граѓаните кои се превезуваат на велосипед во Скопје ги имаат. Проблемот на узурпирани велосипедски патеки од возила, како и ситни подобрувања кои многу ќе значат: заменување на рабниците со рампи и слично. Да се следи искуството на корисниците, а не само да се црта. Да се испробаат тие патеки после изведбата, да се увидат реалните проблеми. 
Се спомнаа и законските измени и проблематичноста на формулацијата за употреба на кацигата во новиот предлог-Закон и различните толкувања кои ги предизвикува.
Општините немаат надлежност на големите булевари каде најчесто се наоѓаат велосипедските патеки, но можат да ги направат внатрешните улици во соседствата по-велопријателски, да воведат зони 30, да го регулираат паркирањето на возила, да ги сменат високите рабници со рампи итн.
 

07 November, 2014

Ветеруваме на точак! (фото-преглед)

Училница на отворено за основни сообраќајни правила при возењето точак, проверка на исправноста на точакот и првата Детска Критична Маса заедно со игри за загревање и ориентација во простор - во здружен настан на Ветерница и НаТочак.
(линк од најавата на настанот)
Едно есенско пладне на 26.10.2014-та ветерувавме и се дружевме во парк деца од различни возрасти и нашите пријатели - точачињата :)
Нека е за многу вакви дружби, живи јавни простори во градот и многу дечиња на точачиња!
Проследете го фото-прегледот.

Истите фотографии ги има и во Facebook-албум



Сообраќајните знаци се спремни


За ветерничките користевме дрвца најдени во паркот...
 


Поставуваме ветернички



Точачињата спремни да ветеруваат



Мало загревање и вежби за ориентација во простор



Училница на отворен простор 



Децата знаеја многу повеќе за сообраќајните правила отколку што можевме да замислиме 
Знаеја дека не е во ред чиковците и тетките да паркираат на велосипедски патеки, на пример  И дека во зони на смирен сообраќај децата имаат предност! Возрасните треба да учат од нив.
 



Им правиме „М“ проверка на точаците дали се' им е исправно пред да тргнеме...



Јухууу!
Првата Детска Критична Маса започна!



И сонцето е на наша страна 
Дека сонца од дечиња 
 






Секаков транспорт на свој погон е за поздрав 



Стоп. Погледни лево и десно пред да се вклучиш во главната „сообраќајница“  





Во десно 



Во круг! 
„Кружниов тек“ го свртивме неколку пати 
 



Прекрасно есенско пладне за во парк.




Се ближиме кон крајот, но уште ни се вози  




Кога се' поминало добро и сме задоволни од доброто возење, на крај ги подигнуваме точаците, како што доликува за една Критична маса! Браво дечиња!  



И уште по некоја игра пред да си одиме дома... 
 

28 October, 2014

Работилница за градски велосипедизам „Зошто точак?“ - Ралф Ван Дер Зејден

Холандска амбасада, НаТочак и ЕУ инфо центар ве покануваат на Работилница за градски велосипедизам на 30 октомври од 10:00 до 12:00 во ЕУ Инфо Центар.

Локацијата на ЕУ Инфо Центарот е на улица Мито Хаџивасилев Јасмин 52в, 1000 Скопје (локација на линкот) Држачи за велосипеди има поставено во задниот двор на објектот (не кон улицата).



Програма на настанот:

  1. Воведно предавање на тема градски велосипедизам - Ралф Ван Дер Зејден, директор на "I Bike Belgrad" и поранешен советник во Општина Хаг.

    Темата на предавањето ќе биде "Why bike?" или „Зошто точак?“ и ќе ги обработи следните поттеми:
    -Возење велосипед во Холандија (краток преглед со податоци околу велосипедизмот во Холандија и опис на нормален велосипедски ден)
    -Возење велосипед во Белград (каква е ситуацијата и што е направено за нејзино подобрување)
    -Возење велосипед во други градови од Југоисточна Европа (некои добри и лоши примери)
    -Причини да се сфати возењето велосипед сериозно
    -Како да се подобрат градовите?
    Последната тема ќе отвори простор за дискусијата.
  2. Дискусија на тема: предности и предизвици на градскиот велосипедизам во Град Скопје.  Како да се подобри градот Скопје?
Ќе биде обезбеден симултан превод од англиски на македонски јазик, како и кафе и чај за време на паузата.
Доколку нема доволно места за велосипеди на држачите во задниот двор на објектот, домаќинот се обврза да го ангажира обезбедувањето за надгледување на велосипедите. Слободно врзете ги само едни за други ако нема место на држачите!


Поканети се претставници од сите општини во Град Скопје и Град Скопје, Републички совет за безбедност во сообраќајот, ЈП Улици и патишта, Агенција за млади и спорт, Велосипедска Федерација на Македонија, преставници од еко-здруженија, невладини организации, претставници од иницијативите „на точак“ од другите градови.

Поканети сте и сите точакољупци!

Работилницата е отворена. Повелете, се разбира #НаТочак!
Линк до Facebook-настанот.

Одговор од МВР на коментарите од НаТочак на предлог-Законот за безбедност

Неформалната група велосипедисти НаТочак, испрати неколку коментари и предложи измени на некои членови и ставови по електронска пошта до одговорното лице од МВР, исто така и на сајтот на https://ener.gov.mk/ (достапни на линкот) за предлог-Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кои се однесуваат на велосипедистите. Во тоа групата НаТочак беше поддржана со идеи и сугестии од: Тетово на точак, Гостивар на точак, Битола на точак, Прилеп на точак, со совети од неколку правници како и со поддршка, совети и споделувања од пошироката велосипедска заедница, за што искрено ви благодариме на сите!

Коментарите за сите спорни членови ги има во блог-постот: http://www.natochak.blogspot.com/2014/10/blog-post_9.html

Од Министерството за внатрешни работи добивме одговор кој вели дека предлозите за изменување и дополнување на членовите 183 и 230 (кои се однесуваат на пренесувањето на лица на велосипед и возрасното ограничување за возење велосипед) се ПРИФАТЕНИ и истите ќе бидат вградени во предлогот на Законот кој ќе биде доставен до Владата.
Тоа значи дека овие членови уште не се изгласани, но сме чекор понапред во однос на нивно менување.
Накратко: измената на членот 183 (доколку се изгласа) значи дека деца ќе смеат да се пренесуваат и на задно седиште на велосипедот, не само на предно.
А измената на членот 230 (повторно доколку се изгласа) значи дека деца до 10-годишна возраст ќе смеат да возат на улица. Во рамки на станбени улици и зони на смирен сообраќај ќе смеат да возат и самостојно, додека пак на сите улици од повисок ранг каде е дозволено возење велосипед, ќе смеат да возат во придружба на лице кои ги познава сообраќајните правила, т.е. лица кое навршило барем 16 години. Овој предлог- член вклучува и дозвола деца до 12 години да смеат да возат велосипед и на пешачки патеки.


Предлогот за отстранување на задолжителноста на кацигата од Законот е делумно прифатен, т.е. задолжителноста останува, само нема да има парична глоба доколку не се почитува. Бидејќи ваквиот член се' уште може да има правни реперкусии по велосипедистите во случај на евентуална сообраќајна незгода (да се намали одговорноста на возачот на моторното возило кој учествувал во неа или да има проблеми со осигурување), а отвора и простор за толкување на формулацијата „треба“ и додавање на казнена одредба при собраниското автентично толкување на законот, нашиот предлог е да смени формулацијата „треба“ со „препорачливо е“ за да се избегнат двојни толкувања, штом предлагачот на Законот веќе има цврст став да не воведува казни за непочитување на оваа одредба и штом изрази разбирање за ставовите на Европската велосипедска федерација (линк од писмото кое ЕВФ го испрати и до МВР).


 
Во целост коментарите и предлозите кои ги даде НаТочак за сите членови може да ги прочитате на линкот.

Благодарност до МВР што најде разбирање за овие два члена (183 и 230), многу важни за воведување на велосипедот во животот на децата од мала возраст.
Сепак битката не е завршена!
Овие членови треба да бидат изгласани од пратениците до целосно усвојување, а останува и понатаму да реагираме за останатите спорни членови кои се засега одбиени, преку контакти со пратеници, преку јавни реакции. 


Точакољупска заедницо, само храбро, барај си ги своите права!

Во прилог, во целост одговорот од МВР.