10 May, 2013

Извештај од Критична маса #11

Пролетта е во полн ек и улиците се полнат со точаци и повеќе од лани.
А ситуацијата со окупираните велосипедски патеки воопшто не се подобрува.


Во пресрет на „сезоната“, со Критична маса #11 на 27.03 и активностите околу неа го посочивме овој проблем: апсурдноста и опасноста на ситуацијата во која се доведени велосипедистите (исто и пешаците). 

Илустрирање на апсурдната ситуација, кога ќе се постави vice versa
Ни од властите, ни од своите сограѓани кои се движат со автомобил, тие не се третирани како учесници во сообраќајот, па патеките наменети за нивно движење се се' почесто претворани во легални или нелегални паркинзи, сеедно.


Credits to @medodimoski
Како една од најодговорните институции за ова прашање, ги исконтактиравме надлежните од МВР преку писмо во кое побаравме да помогнат да се почитуваат законите, а со тоа да се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

За да го популаризираме проблемот меѓу нашите сограѓани, направивме повик за собирање фотографии од непрописно паркирани возила. Албумот: За чие движење се предвидени велосипедските патеки? и покрај тоа што Критична маса #11 помина, е се' уште отворен за дополнување, како што и проблемот е се' уште актуелен.


Дополнително, преку флаери кои ги поставувавме на бришачите од лошо паркираните возила се обративме со пријателски тон кон возачите. Можеби и не знаеја овојпат, па да ги информираме :) 

Останатите пораки, тука. Благодарност до Горан Костовски- Индог за дизајнот на промотивните материјали за КМ 11!
постерот за КМ 11
Кога и ќе помислиме подобро, голем број од велосипедските патеки не се ни означени и дел од граѓаните не се свесни дека соодветната патека е велосипедска, а не пешачка. Што секако не ги ослободува од одговорност таму паркираните возачи.

Баш тој проблем со непостоењето на ознаки бил инспирација за група активисти со точаци со обичен стенсил и спреј да ги обележат патеките на некои од најгорливите локации во градот. Одговорните служби не треба многу да се потрудат и потрошат. 
Лесно е, ако се сака.


И конечно, и самото возење на Критична маса 11 беше посветена на тој проблем.
Околу 220-250 луѓе извозеа симболично по едни од најкритичните и најнебезбедни улици во Скопје за возење велосипед барајќи рамноправен третман во сообраќајот.

Временските услови беа одлични, а ние бевме погласни од било кога!
Од некаде се појави полиција, но присуството на нивните возила (за жал не со велосипеди!) не влијаеше воопшто негативно на атмосферата. Напротив, бевме погласни од било кога!
Ечеше Скопје од свирки, вувузели и слеано завивање :)
Погледнете во видеата:






Почнавме од паркингот спроти Влада за кој дознавме дека се наплаќа и покрај тоа што окупира јавна површина- велосипедска патека:

Што се случува со пешачкото и велосипедското движење тука? Не постојат?
Немаше доволно место да не' собере на „паркингот“
Едно куче во корпа и едно што трчкаше не' дружеа на оваа КМ
И неколку мали дечиња со своите родители
Многу насмеани точакољупки
Ја окупираме Партизанска
Колони од точаци го пресекуваат бул. Климент Охридски. 
Интересно беше кога колоната се пресретна во двете насоки после Кружниот тек кај Католичка црква, на ул. Митрополит Теодосиј Гологанов.


Завршивме со подигнување на точаците во паркот Јане Сандански во Аеродром.
На крајната дестинација во кутијата за донации завршија ~2537 денари од учесниците.
Точакољупци и пол! :)
Трошоците за оваа Критична маса беа вкупно1450 денари за печатењето на постерите и флаерите.


******Случувања по Критична маса #11******

На 10-ти април, пријатели на Facebook профилот на НаТочак не' информираа дека на Партизанска полицијата опоменувала непрописно паркирани возила. 
Звучеше предобро за да потрае, и за жал оттогаш речиси ништо не се променило.

Во програмите за избори почна срамежливо да се појавува зборот велосипед.
Чекаме промените да се појават и во стварноста :)

И продолжуваме да возиме и да посочуваме на проблемите!
Зашто веруваме дека добрите услови за возење точак, значат подобри услови за живеење во градот за сите!

30 April, 2013

Зелените транспаренти од Критична маса #9

На Критична маса #9 (линк) возевме со следните транспаренти закачени на нас или на нашите точаци. 
Загадувањето беше најстрашно во јануари, но пораките не губат од актуелност и во овој дел од годината:












22 April, 2013

Критична маса #12- Запознај го точакот, запознај го градот!

Датум: 24.04.2013
Време: 17:30
Место на чекање: плоштад Македонија

Промотивни материјали: линк.
Facebook настан: линк.
Рута: линк.


постерот за КМ 12

Ова е точак. Се знаете? 
Точакот е генијална машина. 
Точакот функционира на твој погон, енергијата му ја даваш ти. 
Точакот е едноставен склоп од мал број делови кој може да те одведе на многу интересни патувања на едноставен начин. 
Точакот е едноставно решение на многу од градските проблеми.
Точак значи среќа, здравје, чист воздух, помалку гужва, помалку бучава, поопуштен град, независност, слобода.

Ова околу тебе е Скопје. Се знаете?
Скопје е загаден, има гужва, Скопје бучи, Скопје е напнат и зависен од проавтомобилски политики и стереотипи.

Но Скопје има одлични предиспозиции за да може да стане добар вело-град.
Може да стане подобар град, воопшто.
И градот функционира на твој погон и енергијата му ја даваш ти!

Ајде на точак заедно низ Скопје, на резапознавање.
Од точак е секогаш поинаку, поинтимно, поблиско, позумирано, лице во лице.
Убавините и фалинките полесно се забележуваат и поинтензивно се чувствуваат.

Дојди на Критична маса 12 да заокружиме 12 возења љубов кон точакот и улиците на Скопје!

Во среда возиме по следната рута низ нов (за критична маса) дел од градот:



View Критична маса - Скопје на точак #12 in a larger map


*Бидете особено внимателни на угорниците/удолниците.
*Секој учесник вози на своја одговорност.

21 April, 2013

Промотивни материјали - #КМ12


[дизајн: Игор Делов]

постер, А3, верзија за веб (jpg), македонски
Постер, линк до верзија за печатење, македонски (pdf)

постер, А3, верзија за веб (jpg), албански
Постер, линк до верзија за печатење, албански (pdf)

флаер, А6, предна страна, верзија за веб (jpg), македонски
флаер, А6, задна страна, верзија за веб (jpg), македонски
Флаер, предна страна, линк до верзија за печатење, македонски (pdf)
Флаер, задна страна, линк до верзија за печатење, македонски (pdf)

флаер, А6, предна страна, верзија за веб (jpg), албански
флаер, А6, задна страна, верзија за веб (jpg), албански


Флаер, предна страна, линк до верзија за печатење, албански (pdf)
Флаер, задна страна, линк до верзија за печатење, албански (pdf)


Банери:
веб-банер 900x800


веб-банер 980x750
веб-банер 300x250
веб-банер 980x100
FB- cover 851x315
аватар 180x180

17 April, 2013

До Тетово, низ Тетово и назад. Како поминавме низ 3 видеа.

На повикот за возење заедно до Тетово каде ја поддржавме со присуство првата Критична маса на тетовчани, се одзваа триесетина скопјани. 
Се чекавме на 2 локации во Скопје и тргнавме по стариот пат Скопје- Тетово.
Патот воопшто не беше напорен. Имаше доста луѓе кои за првпат возеа на подолга рута или за првпат вон град и немаа апсолутно никаков проблем да ја извозат релацијата во еден ист ден во двете насоки!
Одлично искуство низ убави предели кое го препорачуваме! 


Еве како поминавме во насока од Скопје кон Тетово: 




Стигнавме во Тетово саат и пол пред почетокот на КМ, тамам малку да одмориме.
Временските услови беа идеални, сончево беше речиси цело време. Тетовчани- расположени за возење точак (дел и за ролерки :)). Дојдоа околу 70-ина. 
Состојбата на улиците, пак, далеку од идеална: автомобили паркирани насекаде, хаос поголем и од тој во Скопје. Не се почитуваат ни автомобилски ленти, а велосипедски се веројатно нешто на кое ретко кој помислил. Но мора од некаде да се почне. А се чини, Критична маса Тетово почна мноогу добро.
Погледнете го видеото од првата КМ во Тетово:




Извозевме полека и дисциплинирано, возачите на коли беа дури и потрпеливи од скопските, а граѓаните не' поздравуваа со аплауз.
Тетовчани одлично се снајдоа, секоја чест! Им посакуваме уште многу многу критични маси и уште многу нови граѓани на точак секој ден!
Ако сте од Тетово или се затекнете во Тетово (или намерно отидете ;-)) придружете се на  КМ Тетово втората сабота, секој месец.

После убавото искуство на КМ 1 Тетово и дружењето со тетовчани после тоа, точаците под нас и накај 17:00 полетавме за Скопје. Возењето во оваа насока беше доста побрзо од возењето кон Тетово заради удолниците. Сепак, малку не' задржаа дупнување на гума и слични мали проблемчиња, но лесно и солидарно ги решивме и стигнавме во Скопје пред да се стемни. 


Што повеќе да се каже, освен дека посакуваме повеќе вакви убави денови во годината, повеќе убави настани во секој град и повеќе градови со своја КМ.

До следниот ;) ...

12 April, 2013

Запознај го точакот! Сподели – научи – поправи!


Ви се случило ли некогаш да ви се дупне гума, а сервисите за велосипеди се или затворени или далеку? Со вакви или слични дефекти се среќаваме кога најмалку очекуваме. Би било одлично кога самите би знаеле како да ги направиме барем едноставните поправки.

Затоа одлучивме да направиме настан на кој сите ќе можат да го споделат своето знаење за поправка на нашите омилени превозни средства. Исто така, сите кои имаат потреба од поправка на барем еден од следните проблеми:
- дупната гума
- нештелувани кочници
- неподмачкан ланец
ќе може да добијат волонтерска помош.

Вака некако ќе изгледаме и ние
Мислиш дека знаеш како да го одржуваш својот точак? – Дојди, бидејќи твоето знаење некому ќе му биде од голема полза.

Мислиш дека знаеш да направиш само некои поправки? – Дојди, за да научиш повеќе и своето знаење да го пренесеш на други

Мислиш дека не те бива за сам(а) да го поправиш точакот? – Дојди, за да видиш дека и сам(а) ќе ја залепиш гумата за помалку од 30 минути.

Имаш некој од горните проблеми со точакот? – Дојди, ќе има некој што ќе знае да ги ги поправи.
Убаво време во недела на пладне? – Дојди на точак во парк за да се подружиме!

Недела, 14.04.2013, од 11 до 14 часот на платото кај Фонтаната во градски Парк.
Facebook настан: https://www.facebook.com/events/122313464630436/

Круг до Тетово, низ Тетово и назад. :) Да ја поддржиме КМ #1 во Тетово!

Не' радува што група граѓани во уште еден град започнуваат своја критична маса!
Тоа што Тетово е блиску до Скопје ни овозможува поддршката да ја изразиме и со учество.
Еве го нивниот настан: https://www.facebook.com/events/357763121008355/
И постерот:


Точакољупци од Скопје веќе почнаа да се организираат да одат со точаци до Тетово, па решивме да направиме настан за да се собереме заедно за возењето до таму и да ги поканиме скопјани да ни се приклучат.

Покрај учеството на Првата критична маса во Тетово, тоа ќе биде можност и за убаво меѓуградско возење и дружење. :)
Во некоја не толку далечна иднина се надеваме дека нашите градови ќе бидат поврзани и со велосипедска патека.
Дотогаш симболично ќе ја исцртуваме, возејќи по стариот пат Скопје- Тетово, каде фреквенцијата на движење на возила е мала и погодна за возење на велосипед. Сепак, како и секогаш, внимавајте на себе и на другите.

При умерено темпо на движење од центарот на Скопје до центарот на Тетово потребни се приближно 3 и пол саати сосе паузи.
Ќе тргнеме од 9:00 од плоштад Македонија, а втората точка на чекање ни е во 9:40 на бензинската пумпа на Макпетрол на излезот од Скопје кон Тетово. Еве го настанот за групното одење до Тетово:
https://www.facebook.com/events/355382744580847

Понесете си вода, малку храна за енергија и облека погодна и за потопли и за поладни временски услови.
За возење на отворен пат, препорачливо е да имате и заштитни кациги.
Проверете си ја исправноста на точаците.
Ако имате можност- понесете резервна гума и алат за поправки, па ќе си помагаме ако се дупне некоја гума или се случи некој друг дефект.
Би требало да се вратиме пред зајдисонце, но понесете си и светло за секој случај.
Ако некои од нас се уморат за враќањето назад кон Скопје, постои можност за ангажирање на превоз (за луѓето и точаците) на лице место во Тетово.

Се гледаме во сабота!
Ѕрн- ѕрн!