12 November, 2013

Пријава на инфраструктурен проблем: тараби на плоштад Македонија, 25.10.2013

Во врска со проблемот кој го предизвикуваат поставените тараби на плоштад Македонија, НаТочак достави дописи до Општина Центар и Град Скопје.

-----------------------------------------------------



До:  Градоначалник на град Скопје
бул. “Илинден“ бр. 82

1000 Скопје



Пријава


Почитуван г-не Трајановски,
На северозападниот крај на плоштадот Македонија се поставени тараби кои го попречуваат движењето на велосипедистите, луѓето во инвалидски колички, бебешки колички, ролеристи и останати учесници во немоторниот сообраќај на тркала.
Тарабите се поставени врз рампата за совладување на висинската разлика, која е и дел од велосипедската патека. Со тоа граѓаните кои се движат од кејот на Вардар до плоштадот Македонија (и обратно) се принудени да го прекинат своето природно движење и поради користење на скалите да ја подигнат количката или велосипедот, а на инвалидизираните лица, пак, целосно им е попречена слободата на движење во овој јавен простор.



Ве молиме да се преземат мерки за дислокација на тарабите или правење на алтернативна патека, како би се овозможило непречено сообраќање, во најкраток можен временски рок.



Со почит,
Неформална група на велосипедисти - НаТочак
25.10.2013



*Истава пријава е поднесена и по електронски пат и доставена е и до Општина Центар и Градоначалникот Андреј Жерновски.

06 November, 2013

Трансформацијата на Љубљана во точакољупски град - лекции за Скопје - предавање на Андреј Клеменц

Овој четврток, со почеток од 19:00 часот во салата на Советот на Град Скопје ќе се одржи предавање за развојот на велосипедизмот и одржливата мобилност на градот Љубљана, Словенија. Предавањето за трансформацијата на Љубљана во точакољупски град ќе го води Андреј Клеменц, проектен менаџер за европски проекти за одржлива потрошна енергија и мобилност, кој ќе го пренесе искуството од Љубљана каде значително се подобрени условите во последните 6 години. 



Андреј Клеменц возеше со нас по Скопје. Вели дека Скопје е град на Балканот со најголем потенцијал за добра вело-инфраструктура, подобар од Нови Сад или Белград. "Со мала инвестиција, Скопје може да биде многу подобар за на точак!"

Aндреј вози точак од мал, педали вртел во Њујорк, Амстердам, Копенхаген, Будимпешта, Ротердам, Берлин и многу други градови. Учествува во трансформацијата на Љубљана во точакољупски град.

Андреј не’ кани сите на неговото предавање:




А после предавањето, со задоволство ќе ги одговори сите наши прашања!

Како што доликува, на предавањево ќе одиме со точаци :) 
Се собираме во 18:20 на плоштад Македонија, на страната до Камен Мост и ќе извозиме една мала рута:



View Возење до предавањето на Андреј Клеменц in a larger map


до Советот на Град Скопје во Градски парк каде ќе биде предавањето.

Се гледаме во четврток, на точак!


Линк до Facebook настанот.


-------------------------------------------------------------------------------------------------------
Настанот е организиран од Град Скопје, Регионалниот центар за животна средина (РЕЦ) и неформалната група на велосипедисти На Точак.


27 October, 2013

Критична маса #18: И во есен точакот ми е бесен!

Датум: 30.10.2013
Тргнување17:30, Паркинг пред базен Карпош
Крај (подигнување на точаците): пред МКЦ

--------------------------------------------------------------
Промотивни материјалилинк.
Facebook настанлинк.
Руталинк.
Известување до медиуми: линк.

--------------------------------------------------------------

постерот за КМ 18
Заврши летната и веќе започна есенската сезона, но не завршува сезоната за возење точак, ни па за возење на Критична маса :)

Еве пар совети за возење на ладно време. Слободно во коментари дополнете ваши совети и искуства.
Точак не е само рекреативно средство за во лето, точак е превозно средство за сите сезони.


  • Најважно е добро да ги заштитиш екстремитетите: раце со ракавици, стапала со топли обувки, глава со волнена капа... Најголем дел од топлината се губи преку нив.
  • Марама, шал, баклава, покривки за уши, очила за очи... користи додатна опрема според твоите потреби. 
  • Забележувај го редовно термометарот и која облека е соодветна за која температура. 
  • Носи повеќе слоеви за лесно да може да додаваш и одземаш при менување на температурите.
  • Додај си екстра минути до планираната дестинација, ќе ти требаат за менување слоеви :)
  • Облечи се топло, но не претерувај! По некое време, телото се загрева. најдобро си облечен кога чувствуваш дека ти е малку ладно при тргнување.
  • Ако стане ладно, вози побрзо, ако ти стане претопло, успори.
  • Возењето точак е аеробна активност и произведува топлина, Ќе се изненадиш колку не е ладно да возиш точак нa ладно време како што се мисли! 
  • Користи ветроотпорни и водоотпорни материјали за завршни слоеви и материјали кои не задржуваат влага за прв слој до телото. Времето во есен не е лошо. Ни треба само соодветна облека и опрема.
  • Имај бело светло за напред и црвено за назад цело време со себе. Помалку дневна светлина значи повеќе (не)предвидени возења во темница. Користи батерии на полнење за заштеда.
  • Вози по осветлени улици и пријавувај до одговорните доколку некаде има проблем.
  • Користи рефлектирачки ленти за подобра видливост.
  • За ладни услови, користи гуми со крампони и со поднамален притисок, особено при снег и мраз.
  • Постави си добри калници за заштита. Проблемот не доаѓа од дождот колку од водата по улиците. 

Лесно е еден велосипедист да се спреми за есенски услови, потешко е да се спреми градот.

Дојди на Критична маса 18, да покажеме дека не' има. И да се згрееме заедно.
Ќе возиме по следнава рута:

View Рута КМ18 in a larger map

Градот се сака, се дише и доживува преку цела година.
Исто и се вози точак. 


И во есен точакот ми е бесен!



паркингот пред базенот Карпош, местото на собирање

платото пред МКЦ, местото каде
ги подигнуваме точаците после пристигнувањето

--------------------------------
*** После возењето продолжуваме на велосипедскиот дел од Ехо - фестивалот.
*** Секој учесник вози на своја одговорност.

25 October, 2013

Промотивни материјали #КМ18

[дизајн: Fitz Feetz]


МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
(постери и флаери)


постер, А3, верзија за веб и печатење (jpg)
Флаери во боја, предна страна, 4 на А4, верзија за веб и печатење (jpg)
Флаери во боја, задна страна, 4 на А4, верзија за веб и печатење (jpg)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
(банери)
аватар, 180x180
веб-банер, 851 x 315 (FB cover)

Промотивните материјали од овој блог- пост може слободно да се споделуваат и печатат, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #18 и му благодариме на Fitz Feetz за дизајнот.

19 September, 2013

Критична маса #17: Ние сме сообраќај

Датум: 25.09.2013
Тргнување17:30, Парк на езерата, Аеродром

Крај (подигнување на точаците): плоштад Карпошово востание

Проекција: 20:00, Ла Кања, Стара Чаршија
--------------------------------------------------------------
Промотивни материјалилинк.
Facebook настанлинк.
Руталинк.

Известување до медиуми: линк.

--------------------------------------------------------------
постерот за КМ 17

Иако повеќето од нас се пораснати во средина каде велосипедот се користи претежно за забава или спортување, со тек на време научивме дека велосипедот е и транспортно средство, високо-ефикасно, урбано, нештетно по околината, а корисно по здравјето, лично и на градот. 
Ние сме сообраќај и имаме право на добри сообраќајни услови! 
Имаме право на издвоени велосипедски патеки во склоп на сите булевари.
Имаме право на велосипедска мрежа….на велосипедски паркинзи...
Имаме право на „зони 30“ за споделување на улиците со моторен сообраќај, во случај на неможност за изградба на велосипедски патеки или ленти на потесни улици.
Имаме право да стигнеме безбедно до било која точка во градов! 
Внимавајте на луѓето на точак и земете не' предвид!
Точак е возило, а на точак сме сообраќај!

Со Критична маса 17 ќе поврземе делови од градот во кои исто така живеат и работат наши сограѓани и имаат право да сообраќаат на точак, но не се поврзани со велосипедска инфраструктура. Затоа оваа рута ја нарековме херојска. Оние сограѓани од Маџари, Ченто и Автокоманда кои возат точак се секојдневно изложени на ризик поради небезбедните улици за други начини на сообраќај освен моторен.
Дури и во оние делови низ кои поминуваме каде постои велосипедска инфраструктура, таа е руинирана. 
Возиме во група да бидеме побезбедни и да покажеме видливост. Возачите да станат свесни дека велосипедистите се учесници во сообраќајот и нормално е да ги има и на улица во случај кога нема велосипедски патеки или се окупирани или па се во лоша состојба.
Апелираме на опременост со предно и задно светло и мачкини светла и големо внимавање едни на други.

Придружи ни се да бидеме побројни и повидливи.
Да инспирираме возењето точак како превозно средство да дојде на дневен ред во животите на нашите сограѓани и во сликата за Скопје на одговорните! 

Ќе се движиме по следнава рута:


View Критична маса #17 in a larger map

Точаците ги подигнуваме на плоштадот Карпошово востание по што продолжуваме туркајќи ги низ чаршија до платото помеѓу Ла Кања и Чифте Амам каде ќе се проектира документарниот филм „We are traffic“ за почетокот на движењето Критична маса во Сан Франциско пред 20-ина години.
Паркот на езерата, Аеродром, местото на собирање
Ширинката на поштадот Карпошово востание
каде ги подигнуваме точаците после пристигнувањето

Се гледаме во среда!
Ѕрн- ѕрн! 
-------------------------------------------------------------- Секој учесник вози на своја одговорност.

Промотивни материјали #КМ17

[дизајн: Ива Димовска]

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
(постери и флаери)
постер, А3, верзија за веб и печатење (jpg)
Флаери во боја, предна страна, 4 на А4, верзија за веб и печатење (jpg)
Флаери во црно-бело, предна страна, 4 на А4, верзија за печатење (jpg)
Флаери во боја, задна страна, 4 на А4, верзија за веб и печатење (jpg)
Флаери во црно-бело, задна страна, 4 на А4, верзија за печатење (jpg)

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
(банери)

веб-банер 300x250
веб-банер 980x750
веб-банер 900x800
веб-банер 980x100
аватар, 180x180
веб-банер, 851 x 315 (FB cover)

Промотивните материјали од овој блог- пост може слободно да се споделуваат и печатат, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #17 и и' благодариме на Ива Димовска за дизајнот.

04 September, 2013

Интервју со Димче Димески за неговата инсталација Критична Маса - Првиот бран


Критична маса е инспирација сама по себе. Секое возење до сега успеало да створи некоја приказна. Дали ќе остане момент кој некој си го фатил само за себе додека возел или ќе биде муабет со некого кој ќе доведе до нешто трето... Некои приказни си остануваат лични, но секогаш има по некоја за која дознаваме. 
Во случајов, збирот на повеќе лични размислувања на еден уметник го интегрираа проектот „Критична маса ~ Првиот бран“, како концепт од циклусот „Критична маса“, инициран од лична рефлексија, поттикната од урбан настан, проследен со велосипедско движење, како дел од поголемо глобално движење во главниот град Скопје. 
На КМ 11 имавме среќа да дознаеме за работата на Димче Димески. Во неврзан муабет ни раскажа дека подготвува изложба со инсталации инспирирани директно од првата Критична Маса, мај 2012. Самиот проект претставува дел од поголем проект, од циклус концепциски поставен, планиран да се реализира во повеќе фази и правци, со што би се довело до негово целосно заокружување.
Непосредно пред изложбата која ќе се отвори на 4-ти септември во Чифте Амам седнавме на краток разговор со Димче. (линк до настанот)

1. Што беше толку посебно во настанот што те инспирираше да му посветиш изложба?

Што беше посебно? Да речеме дека беше спонтано - не беше спонтано, туку беше со намера. Но некако како да имаше ефект на спонтаност, на нешто без задни намери. Кога го видов тој евент што ми го прати еден другар јас искрено не очекував многу, бидејќи живееме во едно индолентно, незаинтересирано и летаргично општество, сите се скроз незаинтересирани, и не може да се покрене никаква критичност, критична маса на народ за да се мрднат работите. И кога дојдов на настанот кога видов толку собрани луѓе, се воодушевив. Кога видов група на луѓе кои што во друга прилика би се исколеле меѓу себе, бидејќи едни со други не се трпат, различни групи на луѓе, стари и млади, различна старосна група, расна поделба, политичка... на секаков начин разделеност, овојпат преку овој настан сите беа заедно. Сите го возеа патот.


2. Те инспирира ли возењето точак? И возењето точак во Скопје?

Па нормално дека ме инспирира, па јас сум постојано на точак.

3. Мислиш ли дека има простор за повеќе уметност во вело-културата во Скопје? 

Има мислам доста простор, само што треба да се покаже иницијатива. Има доволно критична маса за да се покрене иницијатива, ама сепак оние кои се дел од критичната маса, што возат точаци низ градот, што ја почитуваат вело-културата, тие немаат доволно моќ да ги покренат работите бидејќи самите моќници знаеме какви се и како се движат.

4. Може ли да ни кажеш некои детали за инсталациите: какви материјали користиш, какви композиции, зошто се одлучи за вакви техники?

Пред се јас многу ја истражувам линијата и експерименталниот цртеж, тоа моментално ми е приоритет. Меѓу другото, кога се вратив од првата критична маса во Скопје бев воодушевен, едноставно седнав и не можев да се воздржам ни 5 минути, сакав штом стигнам дома одма да направам скици на целиот настан, бидејќи јас немав време да сликам и се нервирав зашто не земав ни апарат ни камера ... ништо. Крајот беше врвот и меѓу другото тоа е она што најмногу ми остави впечаток и тоа и го исцртав. Видов дека самиот експериментален цртеж всушност испадна многу добро. Почнав уште еден и уште еден и уште еден, направив цела низа на експериментални цртежи и едноставно се решив и си реков зошто всушност да не ја опфатам оваа тема. Оваа тема отвара доста простори, доста големи хоризонти. Прво самото тоа што ние се движиме со сопствена енергија, со тоа имаме и повеќе енергии кои ги придвижуваме и заедно обединети... тие придвижуваат уште поголема енергија. А крајот никогаш не се знае дали ќе биде позитивен или негативен, дали ќе има исход, дали ќе нема исход.
За материјалите - кога почнав да употребувам молив и хартија, експериментирав исто така и со потег на жица, која исто така е буквално линијата, цртежот. И почнав да виткам жици. Јас и претходно имав разработено други актови со жица, и си реков ајде да ги поставам во позиција со жица актовите во позиција на возење на точаци. Но тоа е всушност доста комплицирано и доста тешко бидејќи бара други движења друга поставеност, статика и сето тоа... Исто така користев и жица и плексиглас, чиста и едноставна реализација. Почнав да користам и конектори бидејќи самиот момент критична маса Скопје и урбаниот момент што таа го доловува, бидејќи во големите градови се случуваат големите нешта, почнав конекторите да ги користам со илузија на сенки од згради, односно како ние сме конектирани со градот, сите ние зависиме од градот и колку може да влијаеме ние на градот, и колку градот зависи од нас но исто така и колку ние можеме да бидеме независни од градот.

5. Што значи првиот бран?

Јас мислам дека тоа што се случи беше прва иницијална каписла за нешто многу поголемо. Ги преземав точаците, тркалата и спиралата, а претходно имав интересирање за енергијата, за различните аспекти на животот. Ова ми поттикна уште поголеми размислувања и меѓудругото јас го најавувам првиот бран како нешто многу поголемо од ова со точаците. Дали самата свест на луѓето ќе се зголеми и ова со точакот ќе предизвика поголеми нешта не знам, но ова е за мене иницијалната каписла на позитивни промени.
6. Што е неопходно за да започне бранот на позитивни промени? Како да се поттикнат луѓето на поактивен однос кон стварноста? 

Некои работи не можеме преку ноќ да ги создадеме или предизвикаме. Едноставно треба ние да се вложиме самите во себе колку можеме и умееме.

7. Дали мислиш дека чиста иницијатива и искрена намера е приоритет број еден за некоја ваква акција од урбан тип да успее? 

Да и не само од урбан тип туку општо. Никогаш не се знае крајниот резултат, ние можеме само да претпоставуваме и да се надеваме. Но главната работа е што се поттикнува нешто и со тоа ние си ја завршуваме својата работа и својата желба. Тоа покажува што сакаме да постигнеме. Поточно ефектот на пеперутката. Значи ако негде на другата страна од светот замавне пеперутката, на другата страна од светот има ураган. Така да ние ова што го правиме тука, сигурно ќе има некој импакт. Може нема да се случи одма, нема да даде резултати одма, ќе очекуваме брзи резултати, но тие не доаѓаат така лесно. Но јас сум оптимист и верувам.
8. Дали би сакал утре да видиш што поголем број луѓе кои ќе дојдат на твојата изложба да дојдат со точаци ?

- Да, да како не! И би им порачал што повеќе да конзумираат уметност, современа ликовна уметност, и да видат еден интересен и поинаков субјективен пристап на доживување на нештата, меѓу кои и овој урбан настан. Се надевам дека преку мојата инсталација ќе успеам да ја пренесам енергијата што ја доживеав јас на тој настан и врз луѓето што се дојдени на изложбата. 

9. Дали доаѓаат луѓе на изложби со точаци?

До сега ретко, можеби двајца, тројца поединци, некои ептен љубители на точаци, но не сум видел поголема група на точаци на изложба. А ова мислам дека би било баш интересно, надоврзување на концептот, кое ќе ги иницира да доаѓаат. Има минијатура или дело кое ќе ги презентира нив, меѓу другото самата критична маса, како и луѓето воопшто, а исто има и луѓе кои се дел од целиот концепт кои доаѓаат на самата изложба и тоа со намера, со некоја мала рута, вонредна рута и нешто слично. Да, а баш би било интересно на ликовен настан да се дојде со точаци, односно да има критична маса или еден вид поврзување на повеќе светови.