07 November, 2014

Ветеруваме на точак! (фото-преглед)

Училница на отворено за основни сообраќајни правила при возењето точак, проверка на исправноста на точакот и првата Детска Критична Маса заедно со игри за загревање и ориентација во простор - во здружен настан на Ветерница и НаТочак.
(линк од најавата на настанот)
Едно есенско пладне на 26.10.2014-та ветерувавме и се дружевме во парк деца од различни возрасти и нашите пријатели - точачињата :)
Нека е за многу вакви дружби, живи јавни простори во градот и многу дечиња на точачиња!
Проследете го фото-прегледот.

Истите фотографии ги има и во Facebook-албум



Сообраќајните знаци се спремни


За ветерничките користевме дрвца најдени во паркот...
 


Поставуваме ветернички



Точачињата спремни да ветеруваат



Мало загревање и вежби за ориентација во простор



Училница на отворен простор 



Децата знаеја многу повеќе за сообраќајните правила отколку што можевме да замислиме 
Знаеја дека не е во ред чиковците и тетките да паркираат на велосипедски патеки, на пример  И дека во зони на смирен сообраќај децата имаат предност! Возрасните треба да учат од нив.
 



Им правиме „М“ проверка на точаците дали се' им е исправно пред да тргнеме...



Јухууу!
Првата Детска Критична Маса започна!



И сонцето е на наша страна 
Дека сонца од дечиња 
 






Секаков транспорт на свој погон е за поздрав 



Стоп. Погледни лево и десно пред да се вклучиш во главната „сообраќајница“  





Во десно 



Во круг! 
„Кружниов тек“ го свртивме неколку пати 
 



Прекрасно есенско пладне за во парк.




Се ближиме кон крајот, но уште ни се вози  




Кога се' поминало добро и сме задоволни од доброто возење, на крај ги подигнуваме точаците, како што доликува за една Критична маса! Браво дечиња!  



И уште по некоја игра пред да си одиме дома... 
 

28 October, 2014

Работилница за градски велосипедизам „Зошто точак?“ - Ралф Ван Дер Зејден

Холандска амбасада, НаТочак и ЕУ инфо центар ве покануваат на Работилница за градски велосипедизам на 30 октомври од 10:00 до 12:00 во ЕУ Инфо Центар.

Локацијата на ЕУ Инфо Центарот е на улица Мито Хаџивасилев Јасмин 52в, 1000 Скопје (локација на линкот) Држачи за велосипеди има поставено во задниот двор на објектот (не кон улицата).



Програма на настанот:

  1. Воведно предавање на тема градски велосипедизам - Ралф Ван Дер Зејден, директор на "I Bike Belgrad" и поранешен советник во Општина Хаг.

    Темата на предавањето ќе биде "Why bike?" или „Зошто точак?“ и ќе ги обработи следните поттеми:
    -Возење велосипед во Холандија (краток преглед со податоци околу велосипедизмот во Холандија и опис на нормален велосипедски ден)
    -Возење велосипед во Белград (каква е ситуацијата и што е направено за нејзино подобрување)
    -Возење велосипед во други градови од Југоисточна Европа (некои добри и лоши примери)
    -Причини да се сфати возењето велосипед сериозно
    -Како да се подобрат градовите?
    Последната тема ќе отвори простор за дискусијата.
  2. Дискусија на тема: предности и предизвици на градскиот велосипедизам во Град Скопје.  Како да се подобри градот Скопје?
Ќе биде обезбеден симултан превод од англиски на македонски јазик, како и кафе и чај за време на паузата.
Доколку нема доволно места за велосипеди на држачите во задниот двор на објектот, домаќинот се обврза да го ангажира обезбедувањето за надгледување на велосипедите. Слободно врзете ги само едни за други ако нема место на држачите!


Поканети се претставници од сите општини во Град Скопје и Град Скопје, Републички совет за безбедност во сообраќајот, ЈП Улици и патишта, Агенција за млади и спорт, Велосипедска Федерација на Македонија, преставници од еко-здруженија, невладини организации, претставници од иницијативите „на точак“ од другите градови.

Поканети сте и сите точакољупци!

Работилницата е отворена. Повелете, се разбира #НаТочак!
Линк до Facebook-настанот.

Одговор од МВР на коментарите од НаТочак на предлог-Законот за безбедност

Неформалната група велосипедисти НаТочак, испрати неколку коментари и предложи измени на некои членови и ставови по електронска пошта до одговорното лице од МВР, исто така и на сајтот на https://ener.gov.mk/ (достапни на линкот) за предлог-Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кои се однесуваат на велосипедистите. Во тоа групата НаТочак беше поддржана со идеи и сугестии од: Тетово на точак, Гостивар на точак, Битола на точак, Прилеп на точак, со совети од неколку правници како и со поддршка, совети и споделувања од пошироката велосипедска заедница, за што искрено ви благодариме на сите!

Коментарите за сите спорни членови ги има во блог-постот: http://www.natochak.blogspot.com/2014/10/blog-post_9.html

Од Министерството за внатрешни работи добивме одговор кој вели дека предлозите за изменување и дополнување на членовите 183 и 230 (кои се однесуваат на пренесувањето на лица на велосипед и возрасното ограничување за возење велосипед) се ПРИФАТЕНИ и истите ќе бидат вградени во предлогот на Законот кој ќе биде доставен до Владата.
Тоа значи дека овие членови уште не се изгласани, но сме чекор понапред во однос на нивно менување.
Накратко: измената на членот 183 (доколку се изгласа) значи дека деца ќе смеат да се пренесуваат и на задно седиште на велосипедот, не само на предно.
А измената на членот 230 (повторно доколку се изгласа) значи дека деца до 10-годишна возраст ќе смеат да возат на улица. Во рамки на станбени улици и зони на смирен сообраќај ќе смеат да возат и самостојно, додека пак на сите улици од повисок ранг каде е дозволено возење велосипед, ќе смеат да возат во придружба на лице кои ги познава сообраќајните правила, т.е. лица кое навршило барем 16 години. Овој предлог- член вклучува и дозвола деца до 12 години да смеат да возат велосипед и на пешачки патеки.


Предлогот за отстранување на задолжителноста на кацигата од Законот е делумно прифатен, т.е. задолжителноста останува, само нема да има парична глоба доколку не се почитува. Бидејќи ваквиот член се' уште може да има правни реперкусии по велосипедистите во случај на евентуална сообраќајна незгода (да се намали одговорноста на возачот на моторното возило кој учествувал во неа или да има проблеми со осигурување), а отвора и простор за толкување на формулацијата „треба“ и додавање на казнена одредба при собраниското автентично толкување на законот, нашиот предлог е да смени формулацијата „треба“ со „препорачливо е“ за да се избегнат двојни толкувања, штом предлагачот на Законот веќе има цврст став да не воведува казни за непочитување на оваа одредба и штом изрази разбирање за ставовите на Европската велосипедска федерација (линк од писмото кое ЕВФ го испрати и до МВР).


 
Во целост коментарите и предлозите кои ги даде НаТочак за сите членови може да ги прочитате на линкот.

Благодарност до МВР што најде разбирање за овие два члена (183 и 230), многу важни за воведување на велосипедот во животот на децата од мала возраст.
Сепак битката не е завршена!
Овие членови треба да бидат изгласани од пратениците до целосно усвојување, а останува и понатаму да реагираме за останатите спорни членови кои се засега одбиени, преку контакти со пратеници, преку јавни реакции. 


Точакољупска заедницо, само храбро, барај си ги своите права!

Во прилог, во целост одговорот од МВР.
 

 


25 October, 2014

Промотивни материјали #КМ30

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #30, а на Стефан му благодариме што преку неговиот дизајн ја отслика приказната за „добрите навики кои се учат на помошни“ (како што вели тој) и остануваат за цел живот.
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • постери и флаери 
-Постер (А3, во боја) верзија за печатење: линк.
-Флаер (4 на А4, црно-бело) верзија за печатење: предна страна - линк, задна страна - линк.
   Постерот за КМ 30 - верзија за веб и печатење 
       
флаерот за КМ 30, предна страна, верзија за веб

флаерот за КМ 30, задна страна, верзија за веб

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • банери Подолу следува преглед на банерите.
веб-банер 300x250

веб-банер 300x250
веб-банер 500x500

веб-банер 980x100

веб-банер 990x80

веб-банер 851x315 (Facebook cover)

веб-банер 3125x1042 (Twitter cover)


Критична маса #30: Од мали на точак!

ДатумСреда, 29.10.2014
Почеток17:30, Плоштад Македонија
Крај: Детска улица "Тоше Проески" (Ново Лисиче)
---------------------------------------------------------------------
Facebook настанлинк

Промотивни материјалилинк
Рута: http://goo.gl/yVx4Fu

---------------------------------------------------------------------

Постерот за КМ#30: „Од мали на точак!“

Во услови на глобален подем на технологијата, која ги одвраќа дечињата од детските игри, точакот е едно од ретките добра кој сè уште ги мами надвор.
Детската игра е суштински дел од развојот на децата, а користењето на јавните простори за игра е богатство кое нашите градови и села не треба да го изгубат.

Затоа: Бараме да се овозможат услови за смирување на сообраќајот во станбените зони и околини на основни и средни училишта. Зони со ограничување на брзината до 30 km/h и 20 km/h ја зголемуваат не само безбедноста, туку и квалитетот на живот и се воведуваат насекаде низ светот. Бараме задолжително да се спроведуваат сообраќајни едукативни програми во основното и средно образование со кои ќе се зголемат вештините за управување велосипед и познавањето на сообраќајните правила и прописи.

Да ги возиме децата на точаци и да ги учиме од мали да возат! Точакот е нивното прво превозно средство. Да им обезбедиме најбезбедни можни услови од мали да го почувствуваат ветерот во косите, од мали да му се радуваат на градот или селото во кое живеат и неговите улици! Да се расонуваат за на школо и да сонуваат за животот!

Во среда ја возиме 30-тата по ред Критична маса! Во 17.30 часот се чекаме на Плоштад Македонија. Дојдете во поддршка на идејата дека на децата треба да им се овозможи од мали да бидат на точак! Не само со измена на проблематичниот член во Законот, туку и со реални чекори за подобрување на безбедноста во сообраќајот во инфраструктурата и образованието.
Се учиме на 5, возиме низ цел свет. :)

Возиме по следнава рута:

 
Погледни ја рутата на Критична Маса 30 на поголема мапа


Рутата за Критична маса #30 вклучува 3 од елементите за кои дадовме коментари за измена на Законот за безбедност:

1. Возиме низ Плоштад Македонија, Паркот Жена Борец и низ Детската улица (Парк на Тоше Проески) во Ново Лисиче. Овие три зони се пешачки и низ нив треба да може да се возат детски точаци.
Возрасните велосипедисти во пешачки зони треба да се прилагодат на брзината на пешаците.
2. Возиме низ булеварите: бул. Јане Сандански и бул. Србија каде малите деца би требало да смеат да возат, се разбира во придружба на некој кој ги познава сообраќајните правила т.е. има наполнети 16 години.
3. Возиме низ споредни улички во Општина Аеродром каде не е зона 30, а треба да биде. На некои места на улиците има поставени легнати полицајци без да стои означување дека е Зона 30 км/ч. (зона на смирен сообраќај)

Рутата е 7.32 км, пократка и погодна за деца.

Времето е поладно, облечете се потопло.
Почнуваме и завршуваме во темница, па задолжително носете светла на точакот. Други светлечки и звучни помагала се бонус :)

Се гледаме!
Ѕрн ѕрн.
--------------------------------------------------------------
*** Секој учесник вози на своја одговорност.

Ветеруваме на точак! (час за велосипеди за најмалите + детска Критична маса)

Датумнедела, 26.10.2014
Почеток12:00, Влезот на Луна паркот (спроти паркот за кучиња во Градски Парк)
Facebook настанлинк

----------------------------------------
дизајн на банер: Ангела Маневска
Акцијата за улични средби со Ветерница ја заокружуваме онаму каде што ја почнавме, во Градскиот парк, но овој пат не доаѓаме сами туку со својот пријател велосипед, нагалено точак!

Колективот Ветерница во соработка со иницијативата НаТочак организира ДЕТСКА КРИТИЧНА МАСА со цел да ги возиме децата на точаци и да ги учиме од мали да возат.

Поводот е значењето на слободната улична детска игра која е особено загрозена од современото општество, но и последниот предлог - Закон за безбедност во сообраќајот каде се предвидуваат строги возрасни ограничувања и строга парична казна за родителите.
Веруваме дека со тоа се ускратува основното право на слободна детска игра и децата се оттуѓуваат од сопствениот град кој всушност е нивен дом, исто како и оној со покрив над главата. Со оваа иницијатива преземаме одговорност да продолжиме да ги учиме децата на вистински вредности на социјализација, чиста околина, здрав живот, па и големи предизвици за пат околу светот!
На точак велат: „Точакот не е обично превозно средство туку и вештино-учечко, социјализирачко, здраво, незагадувачко, расонувачко за на школо и сонувачко за животот“ 
Колективот Ветерница додава: „Точакот може да биде и најдобар другар ако знаеш да се грижиш за него...и исто како змејовите знае да чува тајни и исполнува желби...само ти посакај каде сакаш, веднаш ќе те однесе!“

Според истражувањата, возењето точак е индивидуална работа и зависи од способностите на детето, но повеќето деца се спремни да возат точак на 5 години, односно 3-4 години е период на развој на позначајните моторни вештини и во овој период децата можат да ги вртат педалите и да возат точак со помошни тркала, додека веќе откако ќе наполнат 5 години тие веќе имаат развиено чувство за баланс и координација и во зависност од времето кое им се посветува можат лесно да научат да возат точак без помошни тркала. Затоа Ветерница ги подржува коментарите за предлог законот за безбедност на сообраќајот на патиштата особено во делот за возрасно управување со велосипед каде се предвидува дете до 7 години смее да биде превезувано на велосипед, а дете над 10 години смее да вози велосипед на пат. 
Законот во ваква форма целосно ги исклучува од допир со велосипедот децата од 7 до 10 години. 
Исто така им оневозможува на децата до 10 години (возраст која е најсоодветна) да научат да возат велосипед. Повеќе можете да прочитате овде: http://natochak.blogspot.com/2014/10/blog-post_9.html
Предлози и коментари се добредојдени! 

А ние во меѓувреме, го користиме есенското сонце и преубавиот Градски Парк да другаруваме и ветеруваме, заедно со најмалите, на точак! 
Јавнете ги точаците и возрасните за раче :)) и се гледаме во 12:00 во недела на влезот од Луна Паркот.

Ќе учиме за деловите на точакот, како да му направиме брза проверка, ќе учиме за некои основни сообраќајни правила и знаци при возењето точак и ќе си ја извозиме првата детска Критична маса во Скопје :)
Ѕрн-ѕрн!

Со почит, 
Колектив Ветерница и НаТочак

21 October, 2014

Задолжителна опрема за велосипеди

Бидејќи кружат најразлични информации по медиумите во врска со задолжителната опрема за велосипедисти, решивме да ги истражиме досегашните законски прописи кои ја регулираат. 

Тоа се пред сè:

1. Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата: важечки пропис: линк, предложени измени: линк;
2. Законот за возила: линк
и неговиот поблизок пропис:
3. Правилникот за задолжителна опрема на возилото, велосипедот и запрежното возило: линк.

---------------------------------------------------

1. ЗАКОН ЗА БЕЗБЕДНОТ НА СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА

Во Законот за безбедност на сообраќајот (важечки пречистен текст од септември 2010) не е регулирана употребата на светла специјално за велосипеди, туку општо за возила и се бара да ги користат и дење и ноќе.
Во
новите предложени измени на овој закон само светлата и катадиоптрите се задолжителна опрема за велосипедИсто така, стои дека велосипедистите немаат обврска да имаат запалени светла дење, за разлика од другите возила. Ѕвонче и сопирачки не се спомнуваат во овој закон, но се спомнуваат во други прописи. Во продолжение извадокот од предлог Законот за безбедност кој се однесува на употреба на светла во сообраќајот.

14. Употреба на светла во сообраќајот

Член 86
(1) Во сообраќај на пат, дење и ноќе, за време на управување со возилото, возачот на возилото задолжително треба да ги има запалено најмалку соборените светла за осветлување на патот(2) Обврската од ставот (1) на овој член, не се однесува за возачите на запрежни возила и велосипедистите кога запрежното возило односно велосипедот го управуваат дење, освен во услови на намалена видливост. 
(5) На велосипедот задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна, како и катадиоптeр со црвена боја или рефлектирачка лента на задната страна и по еден катадиоптер со жолта или портокалова боја на секоја страна.
(9) Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на велосипедист кој постапува спротивно на одредбата од ставот (5) на овој член.
2. ЗАКОН ЗА ВОЗИЛА

Во друг закон, Законот за возила (Службен весник на РМ, бр.140, 6.11.2008) стои дека со посебни прописи ќе се регулира задолжителната опрема:

        Член 48
Прописи на министерот за внатрешни работи
(1) Министерот за внатрешни работи ќе донесе поблиски прописи за:
задолжителна опремам на возилото, велосипедот и запрежното возило за безбедно учество во сообраќајот на патиштата, како и на трактори за безбедно извршување на земјоделски односно шумски работи, согласно со членовите 46 и 47 од овој закон
А во член 46 има глоба за таа задолжителна опрема (регулирана со правилникот) која ако не ја почитува од велосипедистот - изнесува 100 евра:

Член 46
Велосипеди и запрежни возила
(1) Велосипед, велосипед со помошен мотор и запрежно возило, во сообраќајот на патиштата треба да имаат исправни пропишани делови и опрема согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
(2) Глоба во износ од 100 евра во денарска противввредност ќе му се изрече за прекршок на возач што постапува спротивно на одредбите од ставот (1) на овој член.

Тој пропис е:


3. ПРАВИЛНИК ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛНА ОПРЕМА НА ВОЗИЛОТО, ВЕЛОСИПЕДОТ И ЗАПРЕЖНОТО ВОЗИЛО ЗА БЕЗБЕДНО УЧЕСТВО ВО СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА, КАКО И НА ТРАКТОРИ ЗА БЕЗБЕДНО ИЗВРШУВАЊЕ НА ЗЕМЈОДЕЛСКИ, ОДНОСНО ШУМСКИ РАБОТИ
(Службен весник на РМ, бр. 31 од 03.03.2010) донесен од МИНИСТЕРСТВО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ врз основа на член 48 став 1 алинеја 1 од Законот за возила (Службен весник на РМ, бр. 140 од 6.11.2008)

Во
Правилникот за задолжителна опрема стои дека на велосипедот треба да се вградат: светла, катадиоптри, ѕвонче и сопирачки и набројана е т.н. друга опрема.

III. ОПРЕМА ЗА ВЕЛОСИПЕД, ВЕЛОСИПЕД СО ПОМОШЕН МОТОР

Светло за осветлување на патот и обележување на возилото
Член 18
(1) Едно светло за осветлување на патот на велосипеди и на велосипеди со
помошен мотор треба да биде поставено и прицврстено на предната страна на
возилото.
(2) Светлината што ја дава светлото од став 1 на овој член треба да биде во бела
боја, а оддалеченоста на светлечката површина на тоа светло од површината на
патот не треба да биде помала од 40 cm ниту поголема од 120 cm.
(3) Едно задно позиционо светло во црвена боја на велосипедите и на
велосипедите со помошен мотор треба да биде поставено и прицврстено на
задната страна на возилото.
(4) Оддалеченоста на светлечката површина на светлото од став 3 на овој член по
површината на патот не треба да биде помала од 25 cm ниту поголема од 90 cm.
(5) Светлото од став 3 на овој член може да биде поставено со катадиоптер.

Катадиоптери на велосипеди и велосипеди со помошен мотор
Член 19
(1) Еден катадиоптер во црвена боја на велосипедите и на велосипедите со
помошен мотор треба да биде вграден и поставен на задната страна на возилото,
а по еден катадиоптер во жолта или портокалова боја - на секоја страна на
педалот (од предната и задната страна).
(2) Оддалеченоста на рефлектирачката површина на катадиопетерот со црвена
боја на задната страна на возилото од површината на патот не треба да биде
помала од 25 cm ниту поголема од 90 cm.
(3) Рефлектирачката површина на катадиоптерот во црвена боја на задната
страна на возилото треба да биде најмалку осум cm.
(4) На бочните страни на предното и задното тркало на велосипедот и
велосипедот со помошен мотор треба да има рефлектирачки тела што
рефлектираат светлина во бела или жолта боја.

Сопирачки на велосипед и велосипед со помошен мотор
Член 20
Сопирачките на велосипеди и велосипеди со помошен мотор треба да бидат
вградени и поставени за секое тркало, и тоа најмалку по една сопирачка така што
да се меѓусебно независни, со тоа што сопирачката на предното тркало треба да
биде рачна.

Механичко или електрично ѕвонче
Член 21
Механичкото или електричното ѕвонче на велосипедите и велосипедите со
помошен мотор служи за давање звучни знаци и треба да биде вградено така за
да дава едноличен звук со непроменлив интензитет.

IV. ДРУГА ОПРЕМА ЗА ВЕЛОСИПЕДИ И ВЕЛОСИПЕДИ СО ПОМОШЕН МОТОР
Член 22
Друга опрема за велосипеди и велосипеди со помошен мотор со која се опремени
овие возилата е:
- брзиномер;
- циклокомпјутер и пулсметар;
- носач или ногарки за потпирање;
- пумпа, алат и прибор;
- калници;
- бидони и држач за бидони;
- багажник;
- кошница;
- клучалка, сајла со катинар;
- торбичка за ставање на резервен алат и
- седиште за деца.

---------------------------------------------------
Заклучок: Според предложениот Закон за безбедност  (октомври, 2014) задолжителна опрема за велосипеди се: предно, задно светло или катадиоптер и катадиоптри на страните и пропишаната глоба за нивно некористење ќе изнесува 50 евра.
Според важечкиот Правилник (март, 2010) кој е поблизок пропис на Законот за возила, задолжителна опрема за велосипеди се: предно светло, задно светло или катадиоптер и катадиоптри на педалите, ѕвонче и сопирачки и пропишаната глоба за нивно некористење изнесува 100 евра (задолжителната опрема дефинирана е во Правилникот со „треба“, а Законот за возила ја дефинира нејзината задолжителност и пропишува глоба).
 Другата опрема (брзинометри, кошници, калници, седиште за деца итн.) е само додатна, дозволена опрема за на велосипед, не е употребена формулацијата „треба“ во правилникот и следствено за неа не важат казнените одредби.
Овие одредби се стари и кај нив нема измени (со мала новост дека употребата на светла покрај во правилник се појавува и во закон). Апелираме велосипедистите да ги почитуваат за сопствена безбедност.

Клучните измени кои се подготвуваат во Законот за безбедност и за кои реагиравме во повеќе наврати до надлежните се однесуваат на регулирањето на употребата на заштитен шлем (кацига) и рефлектирачко елече.
Во предлог-Законот за безбедност за нивното користење е употребена формулацијата „треба“, но не се пропишани парични глоби. Сметаме дека тоа остава простор за натамошна измена од препорачливост во задолжителност и нивно толкување на штета на велосипедистите и со тоа нивното место не е во Законот, туку во Правилникот во Член 22 заедно со другата додатна опрема за велосипеди, т.е. за доброволно користење.
За штетноста од овие законски измени во однос на задолжителната употреба на кацигата прочитајте во блог-постовите на таа тема на линкот. Употребата на рефлектирачко елече доколку остане регулирана со законот сметаме дека има смисла да се препорачува надвор од населени места.
---------------------------------------------------
Ако имате да додадете нешто кон Точкарските закони во Република Македонија (листа на
линкот), пишете ни на: natochak@gmail.com или како коментар на овој блог-пост.