27 January, 2015

Пристапност на објекти - ГТЦ - крај на Критична маса #33

Јануарската Критична маса, 33-та по ред, ќе почне од Плоштадот Македонија во среда 17.30 часот, а ќе заврши на првиот кат од ГТЦ.
Секојпат одбираме карактеристичен крај со кој сакаме да ја одбележиме темата. Но овој пат е малку поинаку. Зошто токму првиот кат на ГТЦ? Затоа што сакаме да покажеме дека треба да се обрне внимание на рампите во Скопје.
Пристапноста е многу важна тема при креирањето на инклузивен град во кој сите граѓани ќе се чувствуваат како дома, без оглед на нивните можности и способности или избор. 
 
 

Одамна ја имавме оваа идеја за крајна точка, а во неколку наврати беше предлагана од учесници на Критична маса, па сега искористивме тема која не бара специфичен крај :) Темата на КМ 33 е: „Не, не ми студи!“, поттикнати од вечното прашање: „Па добро бе, не ти е ладно НаТочак?!?“ и истовремено со цел да поттикнеме и оние кои не возат точак во зима, да пробаат.
Скопје знае да биде неподносливо жешко, но не и неподносливо ладно. Врз нашето субјективно чувство повеќе влијаат драматичните најави за поларна зима и претставата за јануари, а не дека е надвор навистина толку студено. Повеќе за темата прочитајте тука.
Не ни студи да возиме точак, не ни студи ни во отворениот и пристапен ГТЦ, пријателски за точаци, во кој често сме се засолниле од дожд со нашите љубимци, точаците, низ кој слободно може да се скрати пат (со туркање) од Жена Парк до Кеј, во кој има какви-такви паркинзи за точаци и кој, најинтерeсно за нас, ги има веројатно најмаркантните пристапни рампи во градот. Не само по изглед и израз, туку и по висината до која овозможуваат пристапност. Не те подигнуваат некои си 50-ина cm до 1 метар како што обично бидува, туку те подигнуваат цели 2 ката, еден под земја и еден над земја и тие катови, како ретко каде, се пристапни и со инвалидска количка и со бебешка и со точак!
Пристапноста е тема која дополнително ќе мора да ја обработиме, но овојпат сакавме да го привлечеме вниманието на напредноста на проектот на ГТЦ и важноста на тие рампи како визуелен белег и силна визуелна порака дека треба да се мисли на сите корисници на просторот.
Не само објектите, туку уште повеќе и улиците, тротоарите, плоштадите, јавниот простор треба да бидат пристапни за луѓето на тркала на сопствен погон: луѓето во инвалидски колички, луѓето со бебешки колички, луѓето кои се превезуваат на точак, па и луѓето кои пазарат со рачни колички. Треба наместо рабници, да се поставуваат рампи на поврзувањата/денивелациите и треба пред сè патеките да се ослободат од нелегално паркираните возила.
Градот треба да ги поддржи сите овие начини на транспорт со тркала, не само поради потребите на тие луѓе, туку и за доброто на сите останати. Град кој е пријателски спрема одредена група (во случајов учесниците во сообраќај на немоторизирани тркала) е подобро место за живеење за сите, место во кое и учесниците на немоторизирани тркала може да се реализираат и придонесат, а дополнително и не загадуваат, зашто се движат со сопствена сила. Градот треба да овозможи простор и услови за нашето движење зашто е природно и незагадувачко, место со постоечките услови да нè поттикнува да се движиме со кола (само тоа движење може непречено да се одвива моментално во него).

Да се вратиме на Критична маса 33. Бујрум на Плоштад Македонија во среда 17.30 часот.
Бидејќи ќе бидеме многу, ги туркаме точаците по рампите на ГТЦ и завршуваме на првиот кат каде нè очекува чајче :)

24 January, 2015

Критична маса #33: Не, не ми студи!

ДатумСреда, 28.01.2015
Почеток17:30, Плоштад Македонија

Крај: ГТЦ
---------------------------------------------------------------------
Facebook настанлинк

Промотивни материјалилинк
Рута: линк

---------------------------------------------------------------------
Facebook cover за КМ 33
Секој месец е за на точак. Јануари, исто така.

Скопје знае да биде неподносливо жешко, но не и неподносливо ладно. Врз нашето субјективно чувство повеќе влијаат драматичните најави за поларна зима и претставата за јануари, а не дека е надвор навистина толку студено.

Не е!

Точак се вози и на многу пониски температури, на -10, на -20! Во северните земји како што се Холандија, Данска, Германија, Финска, сосем е вообичаено секојдневните обврски да се завршуваат на точак, без оглед на времето, без разлика дали врне снег, или дува ветер и е студено – таму точакот се користи во текот на целата година. Нормално е да се вози на тие температури, а особено не студи на температури околу нулата, како во Скопје.

Греењето почнува да работи веднаш штом ќе с
е качите на точак! Ако не сте пробале да возите точак во зима, пробајте барем еден ден, направете промена во своето секојдневие и наместо со кола, автобус или пеш, појдете со точак по работа, и уживајте во возењето.

Преминот од ладното надвор во топло внатре е прекрасно доживување што ја забрзува циркулацијата и, заедно со целокупното искуство, го подобрува и имунитетот.

Не, не настинувам оти возам точак и во зима! Напротив, станав поздрав.
Не, не сум поизложен на штетните гасови! Возам бавно и по потреба носам заштитна маска. Воздухот е ист и во кола, а јас барем не придонесувам кон загадувањето.

И не, не ми е ладно!

Зошто да дозволите студот да ве спречи да се превезувате на точак низ Скопје? Исто како што се облекуваме потопло во зима, така и за на точак ќе се облечеме потопло. Облека која топли и те штити од ветер, само тоа ни е потребно. 

Напред Скопјани, нека не ве симнува зимата од точакот!

Се гледаме на Критична маса #33 на 28. јануари со почеток од 17:30 часот од Плоштад Македонија, да се грееме движејќи се на точак, и да го славиме заедно возењето точак и во малку поладни услови.
 
Ѕрн ѕрн!
 
*** Секој учесник вози на своја одговорност. 
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.
Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата.
До овој момент, скопјани 32 пати возеа масовно по скопските улици, на 32 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 33-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца! Приклучи се! Ангажирај се! Може да нé има повеќе! И Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

Промотивни материјали КМ #33

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за  #Критична маса #33. Огромна благодарност до Коста Стаматовски за зимскиот дизајн на КМ33. Во зима не е ладно да возиш точак ако си добро облечен, со капа, шал, ракавици, чизми, а и еден термос со топол чај не е на одмет :)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • постери и флаери 
-Постер (А3, во боја) верзија за печатење: линк.
-Флаер (4 на А4, црно-бело) верзија за печатење: линк.



постер за КМ 33, верзија за веб

флаерот за КМ 33, предна страна, верзија за веб
 
флаерот за КМ 33, задна страна, верзија за веб

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • банери Подолу следува преглед на банерите.

веб-банер 300x250
веб-банер 300x250

веб-банер 980x100
 
веб-банер 990x80
 
веб-банер 851x315 (Facebook cover)

веб-банер 1500x421 (Twitter cover)
 

 

09 January, 2015

Новoгодишен допис до градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски

Испратен новогодишен допис од НаТочак до градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски. Го споделуваме во целост.

Објава на нашиот Facebook профил.


До

Градоначалникот на град Скопје
г. Коце Трајановски


Почитуван градоначалнику,


Неформалното здружение НаТочак од Скопје Ви ја честита новата година и Ви посакува многу успеси во 2015-та, бидејќи Вашите успеси влијаат директно на нашите животи.

Како група која делува на полето урбан велосипедизам, во продолжение ќе наведеме сублимиран неопходен минимум на услови кои еден град треба да ги обезбеди за да биде минимално достоен за користење велосипеди, особено ако има амбиции на одреден рок да прерасне и во велосипедски град. Имено, ги поздравуваме Вашите јавни декларативни заложби за развој на урбаниот велосипедизам и за прераснување на Скопје во велосипедски град. Во оваа заложба сме едногласни со Вас. Но, сакаме да укажеме дека велосипедски град е многу поамбициозен концепт кој подразбира приоритизирање на велосипедот како превозно средство, а во Скопје моментално не се задоволени ни минимални услови за негово користење.

Сакаме уште еднаш да ги повториме работите кои треба да се почитуваат за да имаме некаков базичен почеток во планот за прераснување на Скопје во велосипедски град. Не е доволно само да се асфалтира одредена површина за да се нарече велосипедска патека. Потребно е да се задоволат и следните услови на велосипедските патеки:

  • Подлогата да биде добро набиена, а асфалтот нивелиран (не брановиден)
  • Да имаат стандардна широчина и боја
  • Да имаат (не само на хартија) стандардна раздалеченост во однос на коловоз и јасна недвосмислена одделеност од пешачка патека
  • Стандардна, јасна, видлива хоризонтална и вертикална сигнализација
  • Да не се поставуваат автобуски постојки на велосипедска патека (ниту на пешачка,поради прелевање на проблемот)
  • Да нема пречки на патеката (билборди, жардињери, контејнери, канти, сообраќајни и останати знаци, сообраќајни уреди, бандери, такси станици)
  • Да се реши проблемот со нелегално паркирани возила на патеките
  • Слеани рабници, поточно рампи, при влез/излез во/од секоја велосипедска патека
  • Непрекинатост на велосипедските патеки

Како илустрација, во продолжение приложуваме неколку слики кои ја доловуваат состојбата со која секојдневно се соочуваме, кога се обидуваме да стигнеме од точка А до точка Б, во Скопје, на велосипед.
Пречки на сред велосипедска патека (знак, бандера)

Руинирана подлога на велосипедска патека
Паркирани возила на велосипедска патека (полициско комбе и такси возило)

Пречки на велосипедска патека (електронски уред, автобуска постојка)

Како аналогија на овие велосипедски недоследности во нашиот град, повторно ќе се обидеме со слика да ви ја доловиме обратната ситуација, односно, како би изгледало кога велосипедистите би им го попречувале нормалното и континуирано движење на автомобилите, поточно кога би се паркирале на нивна коловозна лента.

(Фото од 31.12.2014г. 22.00ч. Рекорд, Центар, Скопје)

Недопустливо, ќе се согласите?! Со ова секојдневно се соочуваат велосипедистите и го ризикуваат својот живот избегнувајќи ги овие неизбежни и насилно поставени пречки. Свесни сме дека промената нема да е едноставна и брза, но сакаме да нагласиме дека е неминовна и колку поскоро ја отпочнеме, толку порано ќе ги уживаме нејзините благодети.
Развој на велосипедскиот сообраќај мора да се случи, ако сакаме незагаден град, со здрави граѓани, без сообраќаен метеж и бучава, побезбедно и поквалитетно место за живот. За велосипедски град, потребна е стратегија која ќе овозможи да се стигне безбедно на велосипед од било која до било која точка во градот. За да стигнеме до таа цел во догледен рок, треба поинтензивно да работиме на подобрување на постоечката инфраструктура.

Пречките на постоечките велосипедски патеки кои ги набројуваме погоре можат и треба да се надминат во период од една година, а паралелно на тоа да се работи поширока велосипедска стратегија за Скопје, која ќе овозможи:

  • Планирање на велосипедска мрежа од издвоени патеки и ленти на коловоз која ќе го опфати целиот град
  • Воведување на зони 30 секаде каде што нема услови да се направат издвоени велосипедски патеки (во станбените населби)
  • Продолжување на рекреативните патеки на Вардар и нивно интегрирање во велосипедската сообраќајна мрежа со поставување на повеќе пристапни рампи за влез/излез во/од нив, повеќе пешачко-велосипедски мостови и нивно поврзување со краци со останатите патеки
  • Поставување на паркинзи за велосипеди пред сите јавни институции
  • Отворање на нови станици за изнајмување велосипеди и одржување на постоечките станици со функционални велосипеди
  • Мерки за стимулација на граѓаните да користат велосипед

Урбаниот велосипедизам не е рекреација, а уште помалку спорт. Кога ќе почнеме да го перцепираме како рамноправен на останатите видови сообраќај, тогаш промената коренито ќе отпочне. Во меѓувреме, разговараме само за техничко, краткорочно закрпување на дупки, отстранување на контејнери и сезонско поправање на неисправни велосипеди на малкуте станици за изнајмување.

Веруваме во Вашите искрени заложби за долгорочен развој на урбаниот велосипедизам и Ве повикуваме слободно да ни се обратите доколку почувствувате потреба за реална повратна информација од терен. Ние сме секојдневно на нашите превозни средства и ги чувствуваме на своја кожа несоодветните и нефункционални услови. Не се откажуваме од овој вид сообраќај и покрај лошите актуелни услови, бидејќи сметаме дека е најсоодветниот за нас и за нашиот град.

Ви благодариме на вниманието, очекуваме и заслужуваме одговор и се надеваме дека наредната година ќе разговараме за многу посуштински и детални аспекти на урбаниот велосипедизам, наместо овие иницијални, примитивни проблеми кои конечно ќе ги оставиме во историјата.

Со почит,

НаТочак,
За подобро вело Скопје

29 December, 2014

Критична маса #32: За уште многу булевари без велосипедски патеки!

ДатумСреда, 31.12.2014
Почеток21:00, Плоштад Македонија

Крај: Мојот Калеидоскоп (зад ТЦ Буњаковец)
---------------------------------------------------------------------
Facebook настанлинк

Промотивни материјалилинк
Рута: линк (има само почетна и крајна точка)

---------------------------------------------------------------------
Банер за КМ 32
За уште нови булевари без велосипедски патеки!
За уште паркирани возила на пешачки и велосипедски патеки!
За уште нови автобуски постојки кои се на средина на патеките за движење! 
За уште школи и институции без паркинзи за точаци.
За уште расипани точаци за изнајмување!
За уште високи рабници и непристапни тротоари за незагадувачки тркала!
За уште сообраќајни решенија кои поттикнуваат возење коли и демотивираат возење точаци.
За уште позагаден град! 

 
Не знаеме чии се желбиве, но се остваруваат.
Можеби никој не го посакува горенаведеното, но сепак ни е стварност зашто и никој не се охрабрил да го промени. 
Ајде да го смениме заедно во наредната година! 
Да делуваме поцврсто и институциите да се променат и да почнат да го менуваат градот.
Не е доволно да посакаме, поважно е да делуваме да се направи.
Не се доволни декларативни заложби на институциите, поважно е да почувствуваме реална промена

Придружи се на Критична маса, придружи се во НаТочак.
Да делуваме заедно за подобар вело-град, за Скопје достојно за возење точак!

Тоа би била нашата најголема Новогодишна желба, на ироничен начин претставена преку материјалите за Критична маса 32.
--------------------------------------------------------------

 
А терминот за Критична маса 32 (последна среда во декември) се паѓа токму на 31-ви.

Дојди на Новогодишното возење, на една од поинтересните критични маси во годината. Овојпат посебно необично е тоа што немаме предвидена рута и на лице место ќе одлучуваме каде ќе возиме, во зависност од новогодишните дразби :)
Во некои градови во светот КМ така функционира редовно, сега за првпат ќе пробаме и ние.

Си возиме како и секогаш, само сега на крајот нé очекува забава.

Со точакољупци и точаци, јадење, пиење, музика, балони и сé што сами ќе си спремиме.
За Критична маса се разбира дека не е потребно пријавување, но потребно е за забавата која после возењето ќе продолжи во Мојот Калеидоскоп, за да си резервирате место.
Заинтересираните пишете ни на:
natochak@gmail.com.

Времето е поладно, облечете се во повеќе слоеви.
Почнуваме и завршуваме во темница, па задолжително носете светла на точакот. Други светлечки и звучни помагала се бонус :) Новогодишни декорации за точаците, Дедомразовски капи и костими, балони и испишани желби, исто така.

Се гледаме!
Нека ни биде Новата година поуспешна на вело-план за Скопје!
Ѕрн ѕрн!

--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата.
До овој момент, скопјани 31 пат возеа масовно по скопските улици, на 31 различна тема поврзана со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 32-ри пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца! Приклучи се! Може да нé има повеќе! И Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

*** Секој учесник вози на своја одговорност. 

Промотивни материјали #КМ32 (Новогодишна)

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #32. И особена благодарност до Иван за дизајнот и реализацијата на материјалите за оваа КМ во малку поинакво светло од досегашните. :)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • постер и флаер
Постерот за КМ 32 (А3)

-Постер (А3, во боја, pdf) верзија за печатење: линк.

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • банери
Подолу следува преглед на банерите.


веб-банер 300x250
 

веб-банер 980x100
 

веб-банер 990x80


веб-банер 851x315 (Facebook cover)
 

веб-банер 3125x1042 (Twitter cover)
 
ПОРАКИ

Нема толеранција за велосипедисти
 
Во Новата година сите пешаци да пешачат по велосипедска патека
 
Повеќе високи рабници! - За уште расипани точаци за изнајмување
 
За уште позагаден град!

 

17 December, 2014

Најреволуционерен блог на годината

Минатава сабота се одржаа третите по ред Блогираме и Твитер награди. НаТочак беше избран за најреволуционерен блог на годината.



Им благодариме на сите што гласаа за нас, на сите што педлаат со нас, не само секоја последна среда во месецот туку секој ден низ магли, ветришта, смогови, низ невозможни велосипедски услови со неслеани рабници и нереновирани патеки. Борбата за подобро Вело-Скопје е наша, заедничка. И заслугите за секоја минимална интервенција се исто така наши, заеднички.

Блогот и НаТочак постојат за Скопје, за велосипедистите, за тие што мислат дека точакот не е алтернативно превозно средство, туку примарно. А за оние кои не мислат така, тука сме да ги разубедиме, мотивираме и охрабриме :) Заедно покажавме дека нè има и дека веруваме и работиме кон подобро вело-Скопје!  Блогот и борбата немаше да постојат без сите вас.

Продолжете да возите велосипед и понатаму, борбата за подборо Вело-Скопје допрва ќе трае.
Sрн-ѕрн.