25 February, 2021

Коментари за Програма за урбана опрема - Општина Центар

Документ со следната содржина беше испратен до сите советници на Општина Центар по повод донесувањето на Програмата за урбана опрема на 25.02.2021.

23 February, 2021

Барање за повлекување на регулациски план СЗ 19 - Влае 2


Документ со следната содржина денес беше испратен до Градоначалникот на Град скопје, Градоначалникот на Општина Карпош, советниците на Град Скопје и координативното тело за велосипедски сообраќај.

Потегот за кој станува збор се наоѓа во Влае, меѓу бул. Партизански одреди и Васил Чакаларов, покрај основното училиште Димо Хаџи Димов.



--------------------------------------------------------------------------------------------------------------


Скопје, 23.02.2021

До: Град Скопје

Координативно тело за велосипедски сообраќај

Сектор за уредување и просторно планирање

Градоначалник на Град Скопје
Советници на Град Скопје

Градоначалник на Општина Карпош


Предмет: Барање за повлекување на регулациски план СЗ 19

Почитуван Градоначалник Петре Шилегов, почитувани советници и членови на Координативното тело за велосипедски сообраќај, Остро реагираме во однос на регулацискиот план за Градска четврт СЗ 19 - Влае 2 кој треба да се разгледува и донесе на денешната седница (23.02.2021 г.) на Советот на Град Скопје и Ве замолуваме да сторите сè што е во Ваша моќ да го спречите неговото донесување и да го вратите на доработка. Сегментот за кој реагираме бил тема на наши нацрти за велосипедската мрежа на Град Скопје кои за жал не се доработени и споделени со јавноста и овој план нè најде затекнати и шокирани. Поради ова, би сакале да ги добиваме навремено следните регулациски планови на кои работи Градот за заеднички да ги извлечеме потенцијалите за квалитетно живеење.

Нашите заложби за сеопфатна велосипедска мрежа ги знаете (1: пример од Делфт, 2: наше барање до општините), а веруваме и дека ги делите со нас, после Вашето споделување (кое го поздравивме) за оформениот блок од Градски Ѕид со Соборен Храм, 200 x 300 метри, опкружен од сите 4 страни со велосипедски патеки.

Слика 1: Блок обиколен со велосипедски патеки на 200 x 300 метри, промовиран од Град Скопје

Во случајот со овој блок на сликата (меѓу бул.Климент Охридски, бул. Партизански Одреди, бул. ВМРО и бул. Илинден), улиците од примарната мрежа се доволно блиску за да се оформи такво прифатливо поле на велосипедската мрежа од 200 - 300 метри (поточно на 100-150 метри од сечиј дом да има велосипедска патека/лента, според препораките за велосипедски мрежи во урбана средина), но во повеќето случаи свесни сме дека велосипедските врски ќе мора да се обезбедат на секундарната мрежа, бидејќи булеварите се подалеку едни од други. 

Улиците од секундарната мрежа во случајот на Скопје се надлежност на општините и Градот би требало да воспостави соработка со нив заеднички да се сработи план за велосипедска мрежа.
Но кога се работи за регулациски планови, Градот го одредува профилот барем на дел од улиците од секундарната мрежа, имено на сервисните улици.
Така со овој регулациски план, сервисната улица Ангел Динев во Влае 2, Општина Карпош (С4, С3 и С2 на Слика 5а и 5б) го намалува својот профил во споредба со ДУП-от за Влае 2 од 25.6 метри на 11.5 метри! 

Слика 2: Улица Ангел Динев во ДУП за Влае 2 достапен на ГИС-порталот на
Општина Карпош, широка 11.5 + 14.1 = 25.6 метри

Претходно останатите 14.1 метри (појасот државно земјиште вдолж улицата, пред куќите, а спроти школото) биле предвидени за сервисна улица и паркирање. (видливо од Слика 2) 
Со овој регулациски план тие се предвидени за домување (видливо од слика 3), наместо да останат како јавно земјиште, но со намени според потребите на денешното време.

Слика 3: Државното земјиште источно од ул.Ангел Динев (КП 7938/1) - десно, станува зона за

домување - А според регулацискиот план за СЗ 19 (лево)


Имено, тие 14.1 метри можеле да станат велосипедска патека во 2 насоки (3 метри) и линеарен парк (широк 11.1 метри) со различни содржини за граѓаните и учениците на основното училиште Димо Хаџи Димов, кое се наоѓа од другата страна на улицата.

Улицата покрај школото можела да се доближи до објектите или да меандрира (за да се смири природно сообраќајот, наместо со грпки на коловозот) и да се претопи во зеленилото, да се добие убава локална улица по најсовремени стандарди.

Исто така, на јужниот крај на Ангел Динев, државното земјиште спроти маркетите кое моментално се користи како нелегален паркинг можело да стане локален парк, наместо зона за домување.

Слика 4: Државното земјиште на крајот на Ангел Динев кое може да стане локален парк и
да се спои со линеарниот парк покрај Ангел Динев

Слика 5а: Извадок од сообраќајниот план на кој се гледа новопроектираната

димензија на сервисната улица Ангел Динев

Слика 5б: Извадок од сообраќајниот план на кој се гледа новопроектираната димензија на

сервисната улица Ангел Динев (С2, С3 и С4)


За оваа локација, НаТочак веќе размислуваше да поднесе иницијатива до Општина Карпош на отворениот дел за предлози на веб-страница. 
Со додавањето на тие 14.1 метри кон зоната за домување ја оневозможувате шансата за создавање на велосипедска мрежа, но и за подобрување на квалитетот на жителите во Влае. 

Слика 6: Скица за велосипедската мрежа:

Полна црвена линија - постоечки велосипедски патеки на примарна мрежа
Испрекинаа црвена линија - идни велосипедски патеки на примарна мрежа
Жолта линија - попречна врска на секундарна мрежа, оддалечена 550 метри на запад и
350 метри на исток до примарната мрежа 


Оваа улица се наоѓа на 550 метри од најблиската велосипедска патека на запад (бул. Ѓорче Петров) и на 350 метри од кејот на Вардар на кој би требало да се уреди велосипедска патека и во овој сегмент во иднина. 
Практично најблиските шанси за велосипедскo движење тука се оддалечени на дури 900 метри меѓу себе, растојание неприфатливо за една велосипедска мрежа да функционира успешно. Единствена шанса за попречна велосипедска врска низ Влае е оваа улица, Ангел Динев. 
Голема олеснителна околност е постоењето на државно земјиште (КП 7938/1), тоа што не мора да се одзема од автомобилите, да се прават еднонасочни улици итн, за да се добие велосипедско решение. 
Единствено треба овој регулациски план да води сметка за јавниот интерес.
Поради тоа Ве замолуваме да направите сè што е во Ваша моќ да го повлечете планот, а НаТочак стои на располагање за разработката на современо решение за улицата, зелен Карпош и зелено и велосипедско Скопје.

Со почит,
НаТочак
неформално здружение за урбан велосипедизам
За подобро вело - Скопје

e-mail: natochak@gmail.com
blog: natochak.blogspot.com
FB: facebook.com/NaTochak
TW : twitter.com/NaTochak




02 February, 2021

Одговор на Анкетен лист за ДУП Ц 06 - Стара Железничка станица

Добивме одговор од Општина Центар на нашиот Анкетен лист за Деталниот урбанистички план за Стара железничка станица (ДУП Ц 06) испратен преку системот е-урбанизам. 
За пофалба е ажурната комуникација на Општина Центар по електронски пат и користењето на е-урбанизам за јавна анкета, споредено со другите општини, но за пофалба не е содржината на одговорот.

  • Содржината на нашиот анкетен лист во текст и слики ја има на овој линк
  • Одговорот на анкетниот лист во текст го има во продолжение (да, го прекуцавме, за да може да се пребарува).
  • На крајот го има нашето толкување.

Одговор од Стручната комисија на Општина Центар: 

Забелешката делумно се прифаќа. 

Согласно Член 11 став (6) од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ број 199/14, 44/15, 193/15, 31/16, 163/16, 64/18 и 168/18), деталниот урбанистички план како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план. 

Улицата „Јордан Мијалков“ (ул.Железничка) е улица од примарната улична мрежа со регулационен профил (широчина) дефиниран во Генералниот урбанистички план на Град Скопје (2012-2022). За предметната сообраќајница изработен е и „Проект за инфраструктура за линиска инфраструктурна градба за улица „Јордан Мијалков“ од улица „Мајка Тереза“ до улица „Павел Шатев“ Општина Центар-Скопје“, со заверка бр. 13-2015/1 од 20.03.2014 година. Улиците од примарната мрежа не можат да бидат предмет на промена во Детален урбанистички план. Следствено, предметната улица во Предлог-Детален урбанистички план Градска четврт Ц 06- Стара Железничка станица, Општина Центар - Скопје, плански период 2019-2024 е во целост преземена од горенаведениот Проект за инфраструктура за линиска инфраструктурна градба. 

Барањето за предвидување на велосипедска патека преку ГУП 01.01 не се прифаќа земено предвид правните последици кои се предизвикани со оттуѓување на земјиштето од страна на Министерството за транспорт и врски бр. 22УП-392/3 од 12.03.2012 година.

Согласно точка 4. Општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите кои важат за целата површина на планскиот опфат под поглавје Уредување на јавен простор во точка 4.6 е наведено дека: „При изработка на проектна документација за уредување на земјиштето за општа употреба задолжително да се обезбеди паркинг простор за велосипеди“.

Накратко објаснето: 

1. Забелешката 1 за ПРЕКИН НА ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ ПО ПРИМАРНА МРЕЖА не ни се прифаќа зашто е надлежност на Град Скопје. 
Град Скопје во 2014 одобрил „Проект за инфраструктура за линиска инфраструктурна градба за улица „Јордан Мијалков“ од улица „Мајка Тереза“ до улица „Павел Шатев“ Општина Центар-Скопје“, со заверка бр. 13-2015/1 од 20.03.2014 година, со кој обезбедил велосипедска патека само од едната страна и не во цела должина иако профилот можел тоа да го дозволи. Зошто? Веројатно за да обезбеди еднонасочна улица со 2 ленти пред хотелите од овој ДУП, односно да им обезбеди паркирање надвор од нивна парцела! 

Заклучок: Треба да се преиспита како воопшто е одобрен ваков инфраструктирен проект! По кои правила и прописи? И истиот треба да се ревидира и преработи во име на јавниот интерес. 

2. Забелешката 2 за ВЕЛОСИПЕДСКА МРЕЖА НИЗ БЛОКОТ, oдносно за попречни ЈАВНИ ПЕШАЧКИ И ВЕЛОСИПЕДСКИ ВРСКИ низ блокот не ни се прифаќа зашто е повторно Општина Центар ненадлежна. Министерството за транспорт и врски го оттуѓило земјиштето во 2012 година (веројатно договор? бр. 22УП-392/3 од 12.03.2012 година) односно дало слобода да се гради без да даде никакви обврски кон купувачот дека во блок долг 900 метри треба да остави пешачки/велосипедски пролази. Се ствара огромен ѕид (Лимак) кој вработените во Клиника и жителите на овој дел од Водно ќе треба да го забиколуваат по 2 пати за да стигнат до центарот на градот. И обратно. Тотално нехуман простор. 

Заклучок: Треба да се поставуваат услови кога се продаваат големи парцели: да се формираат пасажи, пролази, јавни патеки, за да не ствараат непробивни ѕидови во градот. 


3. Забелешката 3 за  ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАРКИНГ исто така не ни е прифатена, односно останува обврската за обезбедување паркинзи за велосипеди на јавните простори која веќе ја имаше и ја пофаливме во анкетниот лист, но не се прифаќа обврската за објектите и проектните документации која ја побаравме.

Се поставува прашањето како ЗАБЕЛЕШКАТА ДЕЛУМНО Е ПРИФАТЕНА, кога на 3 барања е одговорено негативно? Без оглед чија е надлежноста.

25 December, 2020

Пешачки, велосипедски и безбедни општини 2021

Денес испративме допис до сите општински градоначалници во Скопје, сите претседатели на Совет, сите советници и раководители на релевантните сектори во општинитеод кои најдовме е-контакти.

Во него разработуваме 3 главни цели за општината за новата 2021 година, а со тоа и за градот Скопје. 

Се надеваме дека визијата ја споделуваат и значителен дел од предлог-мерките ќе бидат прифатени и вградени во политиките, одлуките за буџетот и секторските програми на општините при ова донесување или при следните измени.
Дописот е достапен како pdf на линкот, а како текст во продолжение.


велосипедска лента во спротивна насока и споделување на лента со автомобили во другата насока - решение за станбена улица од Целје, Словенија

Фотографии за предлог 1: линк
Фотогтафии за предлог 2: линк
Фотографии за предлог 3: линк
------------------------

До:  

Сите 10 скопски општини 
Сите 10 скопски градоначалници
Претседатели на Совет
Советници чии e-адреси се достапни на интернет 
Сектори за уредување на градежно земјиште и заштита на животна средина 
Сектори за урбанизам 
Сектори за јавни дејности
Сектори за финансии 


Почитувани,  

Велосипедот добива поголема популарност како превозно средство и во Скопје.
За време на корона-кризата бројот на граѓани кои користат велосипед и како превоз и како рекреација уште повеќе порасна. Тоа е потенцијал на кој треба му се посвети внимание и да му се даде уште поголем поттик. Најголем поттик за зголемената употреба сепак се реконструираните патеки на дел од градските булевари. И додека реконструкцијата и изградбата на велосипедските патеки по булеварите мора да продолжи, и со зголемено темпо, од друга страна мора конечно да започне воведување на велосипедски решенија (патеки, ленти или улици) и на општинските улици.

Некои од скопските општини изминатите годинии субвенционираа купување точаци, но редно време е да се инвестира и во инфраструктура по која би се возеле точаците.  Ви се обраќаме со овој допис, свесни дека во овој период се носат годишни програми и буџет за следната година. Очекуваме како советници кои нѐ претставувате нас како граѓани да ги разработите темите во соодветни амандмани, а вработените во Секторите да ги вклопат предлозите во своите програми и начин на работа. 

За некои од наведените предлози е потребно издвојување на специјални буџетски средства, а за некои само волја работите кои и онака се прават, да се прават на друг начин и да се донесат соодветни одлуки.  

Придобивки од пешачењето и возењето велосипед - јавен интерес 

Индивидуалните придобивки од користење на велосипедот како рекреација или превоз се општо познати: умерена физичка активност која влијае позитивно на менталната, кардиоваскуларната и општата здравствена состојба на конкретната личност. Но постојат и општествени придобивки кои се занемарени и вреди да ги истакнеме.  

Поголем број луѓе кои го користат велосипедот како превозно средство би значело: 

  • Подобрено јавно здравје и благосостојба на населението, намален стрес, продолжен животен век, помалку отсуства од работа, поголема продуктивност кај вработените, а подобрено учење и задоволство кај децата. 
  • Зголемување на безбедноста во сообраќајот, како и решавање на најгорливите проблеми во локалните средини поврзани со сообраќајниот метеж и недостатокот на паркинг места.
  • Намалување на загадувањето (на воздухот и во облик на бучава) кое доаѓа од прекумерната употреба на моторни возила во населените места.
  • Економски придобивки преку заштеди во буџетите за јавното здравство, животна средина, транспорт и буџетите на локалните самоуправи.
  • Намален ефект врз климатските промени и постигнување на целите од потпишаните конвенции за намалена емисија на CO2
  • Заживување на градскиот живот преку отворање на јавниот простор за граѓаните и креирање пријатни јавни простори каде луѓето се на прво место, а не автомобилите.
  • Позитивни ефекти за локалните бизниси (најуспешни се оние кои имаат убави пешачки простори пред себе) и развојот на туризмот со зголемување на понудата за начини на патување и активни искуства (велосипедот е совршена алатка за искусување на нови места). 

Надлежности на општините 

Општините самостојно во рамки на Законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење. Тие се надлежни за урбанистичкото планирање, уредување на просторот, заштита на животна средина, заштита од бучава, локален економски развој, комунални дејности како изградба, реконструкција на улици и регулирање на режимот на сообраќајот, справување со проблемот со непрописно паркирање, унапредување на здравјето и превентивни активности итн. (Член 22 од Законот за локална самоуправа)  Сведоци сме дека овие надлежности не се практикуваат во својата суштина. Имено, иако безбедноста во сообраќајот, заштита на животната средина, намалување на бучавата, превентивни активности за унапредување на здравјето се она што е ЈАВЕН ИНТЕРЕС, општините наместо да: ослободуваат тротоари, да поттикнуваат пешачење и возење велосипед, смирување на сообраќајот, тие најмногу се грижат за приватниот интерес, поточно за складирање на моторните возила. 
Во однос на паркирањето, Општините единствено треба:
-да ги проверуваат проектите и објектите дали обезбедиле соодветен број на паркинг места според прописите
-да воведуваат политики на паркирање со кои ќе го регулираат и најчесто и наплаќаат паркирањето на јавни паркиралишта, за оние кои не се погрижиле за место за складирање на личното возило или имаат повеќе возила. Но НИКАКО уредувањето на паркинг места не смее да се прави врз пешачки патеки на штета на безбедноста и правото на мобилност. Тоа е антицивилизациско. 

Почеток на промена која треба да се надгради

Во изминатите години сведоци сме како Град Скопје ослободи и уреди многу од пешачките и велосипедските патеки на примарната мрежа.  Но општинските улици премногу заостануваат во тој поглед.  За да биде пешачењето и возењето велосипед безбедно и удобно, предлагаме општините самостојно, во меѓусебна соработка и соработка со Град Скопје да почнат да работат на следните 3 основни и 2 дополнителни теми:  

                             


1. Слободни тротоари - За пешачко, демократско и здраво Скопје

Предлагаме Општината во следната година да работи на акција на ослободување на тротоарите од узурпацијата со возила, дислоцирање на лошо поставена урбана опрема и правење на тротоарите и целиот јавен простор квалитетни, лесно достапни и пристапни за сите.

Предлогот од НаТочак е:

1.1. Општината да разработи и усвои политики за паркирање со кои ќе го организира и означи јавното паркирање на простор кој не е пешачки и ќе одреди цена доколку е потребно во согласност со побарувачката (да ја дестимулира доколку е преголема), а со донесувањето на такви политики да обезбеди средства за развој на активниот транспорт: пешачењето и возењето велосипед .
1.2. Општината да разработи и усвои политики и правила за поставување на урбана опрема со кои ќе се гарантира прооден пешачки коридор за разминување на 2 лица меѓу кои едното со посебни потреби (минимум 1.7м) на секој тротоар и јавен простор, па секоја урбана опрема (од светилки до отворени тераси од угостителските објекти) да се поставува во согласност со пешачките движења. Големите контејнери е пожелно да се поставуваат на коловозот во линија со паркираните возила.
1.3. Општината да постави физичка заштита од паркирање врз јавните пешачки, велосипедски и зелени површини во облик на столпчиња, жардиниери и слично и да ангажира комунални редари.
1.4. Да ги направи тротоарите пристапни за тркалата на лицата со посебни потреби, помагалата на повозрасните лица, бебешките колички, велосипедите и тротинетите, преку изградба на континуирани тротоари (возилата да се тие кои ќе се качуваат и спуштаат при вкрстување на улици, а не пешаците) или преку спуштање на рабниците според правилата за пристапност дефинирани во член 188-194 од Правилник за урбанистичко планирање (Службен весник на РСМ 225/2020).
1.5. Да работи на квантитативно и квалитативно подобрување на пешачките простори: да се прошират тротоарите секаде каде што се тесни и има можност за проширување, да се реконструираат и уредуваат и тротоарите, а не само коловозите, да се воведат пешачки зони, да се користат квалитетни материјали кои се удобни за пешачење и не ги зголемуваат температурите (да не се користи асфалт за пешачки патеки), да се воведуваат дрвореди секаде каде што не пречат на пешачкото движење и да се зголемува застапеноста на јавни чешми за вода и места за јавно некомерцијално седење и дружење.  

Слободниот и пристапен пешачки простор е базична мерка која треба да покаже дека Општината е место каде жители со права се луѓето, а не автомобилите.  Не секој граѓанин е возач, но секој граѓанин е пешак, дури и возачите на автомобили и велосипеди и корисниците на јавен превоз во првиот и последниот дел од секое патување се пешаци. 
(Не)слободните тротоари се показател на основна (не)цивилизираност бидејќи на луѓето им го одземаат правото да се движат безбедно и удобно со сопственото тело. Ова право им е нарушено особено на најранливите: децата, повозрасните, лицата со посебни потреби.

Во прилог на овој предлог се:

-Уставот на Република С. Македонија каде се гарантира слободно движење на сите граѓани
-Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата кој гарантира безбедно движење за сите и ги штити ранливите учесници во сообраќајот
-Правилникот за урбанистичко планирање кој ја гарантира пристапноста на јавните простори и минималната широчина на пешачкиот коридор
-Статистиките од здравство кои покажуваат висока стапка на лица со незаразни хронични заболувања кои се должат на непостоење на умерена физичка активност во секојдневието 



2. Велосипедска мрежа - За вело-поврзано Скопје

Предлагаме Општината да издвои буџет за: План за пешачка и велосипедска мрежа кој ќе ги истражи можностите за спроведување на велосипедски патеки и ленти, како и велосипедски улици (улици со мешан сообраќај, но со приоритет на велосипеди). 

Пешачки патеки мора да има на секоја улица, дури и треба по должина да ја надминуваат должината на тротоарите и коловозите, да се појавуваат меѓу блокови итн.
Пешачката мрежа мора да биде подолга од автомобилската.
А велосипедско решение доволно е да има на некои од улиците, на max 125 метри од сечиј дом, според препораките од водичите на Европската унија, т.е. да се оформи мрежа со полиња 250 x 250 метри, за да може луѓето да се ослонат на неа и да ја користат.
Според ова, велосипедските патеки од булеварите ни малку не се доволни за создавање на сигурна и достапна мрежа. 

Предлогот од НаТочак е:

2.1. Општината да направи студија / план за спроведување на велосипедска мрежа на општинските улици.
2.2. Во секој Детален урбанистички план каде што е возможно да ги проширува регулационите линии на улиците кон блоковите со цел да се овозможи создавање на пошироки тротоари и улици со велосипедски патеки/ленти.
2.3. Онаму каде што претходното не е возможно, да се овозможат велосипедски патеки или ленти преку поинакво сообраќајно решение: на пример преку стеснување на коловозни ленти, преку еднонасочен сообраќај за автомобили и ленти за велосипеди во спротивна насока на самиот коловоз.
2.4. Онаму каде што ни претходното не е возможно, да се овозоможи безбедно велосипедско движење преку воведување велосипедски улици, т.е. улици каде велосипедите може да се движат на средина на сообраќајната лента и имаат предност пред автомобилите, а го споделуваат истиот простор.
2.5. Да донесе правило за праведен буџет, имено минимум 15% од буџетот за патна инфраструктура да го користи за пешачки патеки и минимум 15% да го користи за велосипедски патеки, по примерот на Ирска каде овој минимум е одреден на 10%+10% за националниот буџет. Бидејќи општинските улици се со помал коловоз и пропорционално поголем дел припаѓа на тротоарите отколку на булеварите, овој процент може и да расте.

Велосипедските решенија (патеки, ленти или улици) достапни и на општинските, не само на градските улици, блиску до сечиј дом, ќе создадат доволно густа, кохезивна и достапна мрежа која е клучниот фактор според сите истражувања за граѓаните да го користат велосипедот како превозно средство. Доколку мора да патуваат долго време низ хаотични улици кои немаат велосипедско решение за да стигнат до булевар кој има, веројатноста дека ќе користат велосипед е премногу мала, без оглед колку и убави кампањи да се направат или субвенции да се доделат. 

Во прилог на овој предлог се:
-Водичот PRESTO од Европската унија каде се даваат препораки за развој на велосипедска мрежа
-Водичи од други држави: Холандија, Германија, Словенија
-Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај на Град Скопје каде се предвидува и соработка на Град Скопје со општините на тема услови за велосипедски сообраќај 



3. Визија нула и Зона 30 - За безбедно Скопје со нула жртви во сообраќај

Предлагаме целата територија на општината (освен булеварите со повеќе сообраќајни ленти за возила и издвоени пешачки и велосипедски патеки) Советот да ја прогласи одеднаш за Зона 30. 

Овa прогласување може да го направи во координација со другите општини и Градот Скопје за да се однесува на целата територија на Град Скопје, доколку има волја од сите страни. Доколку не, Општината може да покаже лидерство во овој поглед и да ги следи примерите на најпрогресивните градови: Хелсинки, градовите во Холандија, Брисел, Гренобл, Нант, Париз каде 30 km/h е нормата, а 50 km/h е исклучокот, за главните улици. 

Предлогот од НаТочак е:

3.1. Да се донесе одлука на Совет за ограничување 30 km/h за најголем дел од мрежата (претежно станбени улици) која има издвоена пешачка инфраструктура (тротоари), но нема простор за посебни велосипедски патеки и ленти, па граѓаните кои користат велосипед се принудени да го споделуваат коловозот со моторни возила
3.2. 20 km/h да биде ограничување за оние улици кои немаат издвоена ниту велосипедскa, но ниту пешачка инфраструктура, па и пешаците и велосипедите се принудени да го споделуваат просторот со автомобилите. 
3.3. Ова прогласување мора да биде проследено со соодветен дизајн на улиците кој ќе поттикне побезбедно однесување на возачите и ќе спаси човечки животи (подигнати пешачки премини, подигнати крстосници, микро-кружни текови, шикани, стеснети ленти за возила, означување на паркирање на коловоз итн.) 

Намалувањето на брзинското ограничување ќе го намали времето за реакција, дистанцата на кочење, а ќе ја зголеми шансата за преживување кај сите ранливи учесници во сообраќајот при евентуален судир, а значајно и ќе ја намали веројатноста за судир. 

Во прилог на овој предлог се одлуки на светско и европско ниво:
-од Светската здравствена организација која со цел намалување на жртвите од сообраќај ја усвои Стокхолмската декларација со која препорачува “максимално брзинско ограничување од 30 km/h секогаш кога се мешаат ранливи учесници и моторни возила“. 
-од Генералното собрание на Обединетите нации кои ја усвоија Стокхолмската декларација
-од Европската комисија која ја одобри декларацијата во склад со целта “Визија нула“, т.е. Нула смртни случаи во ЕУ до 2050 година.
-како и од градови - предводници од Европа.  
 

Дополнителни мерки: 

4. Паркинзи за велосипеди

Предлагаме Општината да ги искористи своите надлежности од областа на урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот и да го направи паркирањето велосипеди возможно, практично и безбедно. 

Една од главните пречки поради кои граѓаните не користат велосипед е непрактичноста на неговото користење, мораат да го носат во лифтови, да го креваат по скали, да го оставаат по ходници од згради, по станови или на тераси. Тоа создава пречки, нехигиена и нелагодност, а дополнително, само најагилните можат да го прават сето тоа кревање на дневна основа и тоа спречува користењето велосипед како превозно средство да се рашири меѓу сите демографски групи. 

Затоа, барем новите објекти кои ќе се градат мора да предвидат задолжителен паркинг за велосипеди. Колку порано се донесе ова во вид на одлука на Советот на општината, толку подобро. Според член 134 од Правилник за урбанистичко планирање (Службен весник на РСМ 225/2020) препорачано е најмалку едно паркинг место за велосипеди по станбена единица (стан), но потребниот број на паркинг места се уредува во урбанистички план во зависност од локалните услови, обичаи, степен на велосипедска мобилизација, како и потребите за градбата и специфичните услови кои произлегуваат од нејзината намена и програмските барања.  

Предлогот од НаТочак е: 

4.1. Општината да донесе Одлука на Совет за задолжително вградување на обврска за велосипедски паркинг во секој урбанистички план кој го работи општината во Општи и посебни услови за сите нови објекти. Стандардот да го одреди сама и како скопска општина во град кој претендира да стане велосипедски, да ги надмине препораките од Правилникот. На пример, наместо 1 паркинг место за велосипеди по стан да усвои 2 паркинг места за велосипеди по стан итн.  Според Правилникот 50% од овие места треба да бидат физички заштитени (во подрум, на приземје или во монтажен објект во парцела). Овој простор ќе може да се користи и за складирање на тротинети, бебешки колички, играчки за деца, други реквизити. Забелешка: 1 паркинг место за автомобил = 10-12 паркинг места за велосипеди, потребниот простор за паркирање на велосипед е многу помал, а ќе го направи живеењето во зградите многу поквалитетно.
4.2. Задолжително да се планира соодветен велосипедски паркинг (Шефилд тип, П држачи, за заклучување на рамот на велосипедот, не тркалата) при уредувањето на сите јавни простори и дворови на јавни објекти.
4.3. За станбените и комерцијални објекти кои се веќе изградени без велосипедски паркинг Општината да понуди иновативни решенија за да се надомести недостатокот (на пример замена на паркинг места за автомобили со 10 места за велосипеди, мини вело-гаражи итн). 

5. Субвенции за велосипеди Предлагаме Општината да воведе субвенции доколку досега немало и да направи диверзификација на она што се субвенционира, доколку имало. 
Многу земји за време на корона-кризата, гледајќи го потенцијалот на велосипедот како здрава и еколошки чиста алтернатива на јавниот превоз (на кој му се намали користеноста поради стравот од зараза) за првпат понудија субвенции за купување и поправка на велосипеди.

Во тој поглед, скопските општини дури и предничеле со доделувањето субвенции за купување велосипеди и пред европските градови.
Меѓутоа после толку години еднолични субвенции чиј ефект не е реално измерен (и кој се сомневаме дека е заситен и поттикнува купување на втор, трет спортски велосипед кај лица кои веќе имаат), сметаме дека е дојдено време за промена на моделот и диверзификација на субвенциите со цел продор до повеќе демографски групи и поголема искористеност на велосипедот како средство за превоз и завршување на секојдневните обврски, отколку само средство за рекреација.
Дополнително, за време на корона-кризата беше дури и невозможно да се набави велосипед од преголема побарувачка, а ова поттикна решенија низ светот од типот: поттикнување на реставрација на стари велосипеди и со тоа на циркуларната економија и уште подобар еколошки отпечаток.

Предлогот од НаТочак е:

5.1. Општината да понуди субвенции за купување на нов велосипед за економски и социјално загрозени групи, доделувајќи повисоки субвенции, но за велосипеди по пристапни цени. На пример 6000 денари субвенција за велосипеди до 15 илјади денари. Нашата анкета покажува дека дел од граѓаните не можат да си допуштат ни поседување на велосипед и за нив треба да се овозможат поголеми субвенции под одредени критериуми за да не можат да се искористат за купување на поскапи велосипеди и велосипедите навистина да завршат онаму каде што се најнеопходни.
5.2. Општината да понуди субвенции за поправка, комплетен сервис или доопремување на стари велосипеди за сите граѓани до одреден износ (на пример, 1000, 2000 или 3000 денари) со поднесена сметка од велосипедски сервис/продавница. Опремувањето да биде само во смисла на зголемување на неговата употребливост како превозно (а не спортско) средство: задолжителните предно, задно светло и ѕвонче, корпа или приколка за пазарење и превоз на товар, седишта и приколки за деца.
5.3. Општината да понуди субвенции за специјални велосипеди во поголема вредност од стандардните субвенции (слично како за е-тротинетите), како на пример велосипеди за лица со посебни потреби (електрични велосипеди, трицикли, четирицикли, велосипеди на рачен погон итн) и карго велосипеди за мали бизниси (за директна продажба од нив или за достава на роба во последниот километар во рамки на пешачки зони, наместо со возила) 
5.4. Сите овие субвенции да бидат придружени со соодветна кампања и сооодветни мерки во просторот за да имаат поголем ефект. 
На пример, предлогот од 5.2 може да биде придружен со кампања за едукација за користење на велосипедот како превозно средство со задолжителната опрема и правила, предлогот 5.3 може да биде придружен со правење на некој јавен простор пристапен за лицата со посебни потреби или пак прогласување на пешачка зона во која вон термините за достава со автомобили, ќе може да се носи роба, но само со карго велосипед итн.   



Се надеваме дека сите овие предлози ќе бидат сериозни разгледани.

Со почит,

НаТочак,

25.12.2020, Скопје 

10 December, 2020

Превоз за време на корона - инфографик

Скопје (можеби) нема најчист воздух, најбезбедни улици и микро клима, ама има граѓани кои веруваат во ЕКОЛОШКАТА, СООБРАЌАЈНАТА И АНТИ-ПАНДЕМИОЛОШКАТА моќ на велосипедот. 

Преку онлајн анкета, прашавме 1615 учесници во градскиот сообраќај како се движеле низ Скопје пред корона и за време на корона кризата и што мислат за велосипедот, и еве што ни рекоа:

80.2% имаат велосипед. Од испитаниците, пред кризата дури 26.5% користеле велосипед покрај друго превозно средство, а 20% од сите користеле САМО И САМО велосипед. Амин! За време на кризата процентот се зголемил за 20.88%. ЗОШТО? Почувствувале потреба од физичка активност и се уплашиле од короната. А 91.67% ќе продолжат да возат и после кризата. Со одлуката да го заменат автомобилот или автобусот со велосипед, овие луѓе директно придонеле да се подобри нашата животна средина и квалитетни навики. ФАЛА ИМ и на нив и на сите што педлаат и сакаат да педлаат.

Но, за жал има и сограѓани кои не користат велосипед, и тоа оправдано. Ги анализиравме како посебна група. Над 75% од оние кои воопшто не користат велосипед би сакале да возат и би возеле кога би имало подобра инфраструктура, безбеден сообраај, безбеден паркинг.  

Но, возеле или не, учесниците во Скопскиот сообраќај се ЕДНОГЛАСНИ:
  • Велосипедот има ОГРОМНА/ГОЛЕМА ВАЖНОСТ: дури и граѓаните кои воопшто не користат велосипед (61,89%) сметаат дека велосипедот има огромно или големо значење во сообраќајот.
  • Велосипедот треба да заземе поактивно учество во сообраќајот. Дури и да ги исклучиме ентузијастите кои возат постојано, дури 97.62% од луѓето кои возат повремено и  90.1% од луѓето кои не користат воопшто велосипед, сметаат дека велосипедот треба да заземе поактивно учество во градскиот сообраќај и дека за тоа треба да се создадат услови. 100% од луѓето кои го смениле превозното средство за време на кризата го делат тоа мислење.
  • Корона-кризата е одлична можност да се воведат нови велосипедски ленти, да се ослободат тротоарите и да се донесат политики за јавниот простор кои ќе овозможат зголемено учество на велосипедот, за сите учесници во сообраќајот, дури и кога ќе ги поделиме по категории. На пример, дури 72.32% од оние на кои примарно превозно средство им е автомобилот се согласни за поинакви политики за јавниот простор.
  • Велосипедот е најсоодветна анти-корона мерка во сообраќајот за 70% од сите испитаници, но и за 63% од оние кои користат автомобил и за 61% од оние кои користат автобус.
  • Зголемената употреба на велосипеди е втора најостварлива анти-корона мерка после зголемениот број автобуски линии.

Уште за време на корона-кризата голем број граѓани го променија превозното средство. Според нашата анкета, 28.5% од испитаниците. За да се добијат релевантни резултати, ги поделивме по групи според превозно средство.
Промената од автобус кон велосипед и од споделен превоз кон велосипед е мотивирана од стравот од зараза со корона-вирусот, а промената од автомобил кон велосипед е мотивирана од потребата за физичка активност.
Но има и граѓани кои јавниот превоз или споделениот превоз го замениле со сопствен автомобил (90% од нив го направиле тоа поради страв од зараза).
Во моментов севкупно сообраќајот е намален (помалку се оди на работа и голем број активности се извршуваат на интернет) и ефектот сè уште не се приметува, но бројот на индивидуални корисници на автомобилот пораснал за 21.56% за време на кризата, а бројот на корисници на јавниот превоз се намалил за 55.43%. Може да се очекува дека значаен дел од овие лица кои смениле претходно превозно средство со автомобил (според одговорите минимум 34.78% од нив) ќе продолжат со сегастекнатите транспортни навики и после кризата, а тоа долгоорочно значи повеќе моторни возила на улиците на Скопје, односно поголеми сообраќајни гужви, повеќе емисии на ЦО2, зголемено негативно влијание кон климата, повеќе загаденост, и сите проблеми кои следат со овој тренд. Затоа е потребна брза реакција за да се променат овие тенденции за да придонесеме кон подобар живот во градот и да се намалат негативните влијанија кон климата.
Соодветна инфраструктурна промена би ги спречила негативните тенденции од корона-кризата (како зголемен автомобилски сообраќај) да продолжат и ескалираат после кризата, а би ги поддржала позитивните тенденции (порастот на одржливиот активен сообраќај: пешачење и возење велосипед на кои сме сведоци и покрај севкупно намаленото движење).
За време на кризата се зголемил бројот на луѓето кои пешачат за 22.47%, а на луѓето кои возат велосипед како превоз за 20.88% споредено со оној претходно. А 60% од оние испитаници кои почнале да користат велосипед се од општините со некакви услови за велосипеди (Карпош и Аеродром), иако од таму се помалку, 47% од испитаниците.

И што научивме од одговорите? Скопјани, велосипедисти или не, се свесни за значењето на велосипедот, повеќето имаат велосипеди, сакаат да ги возат, ама со право очекуваат подобри услови, пред сè инфраструктурни, безбедносни и културни.
Затоа…

Локалните и државни власти мора итно да делуваат и да го искористат намалениот моторен сообраќај за похрабри мерки во јавниот простор, за негова поправедна и поодговорна распределба.
Не само како мерка за здравје и анти корона, туку и како силно оружје во борба против климатската криза.

А вие запамтете! Од точакот има САМО една штета, што не го возите почесто.

****

Анкетата “Превоз за време на корона“ беше спроведена од НаТочак и Центар за одржливи иницијативи. Нејзината обработка беше поддржана од страна на проектот „Да зборуваме за климатските промени“, спроведуван од Еко Свест, ЦНВП Македонија и ДЕМ, а финансиски поддржан од Европската Унија. Во продолжение е инфографикот составен од 12 слики на кои се прикажани основните податоци за испитаниците и некои од заклучоците од анкетата.



Корисни линкови:


03 December, 2020

4 приоритетни предлози од НаТочак за Буџет на Град Скопје 2021

Минатата седмица на покана на претставниците од Град Скопје, после подолга пауза беа обновени состаноците на претставници на НаТочак со Координативното тело за велосипедски сообраќај на Град Скопје.

На средбата претставниците на Град Скопје информираа за тековните проекти и за идните планови (главно за нови велосипедски конекции, проблеми со постоечките изведби, поставување велосипедски паркинзи, поврзување на кејот со рампи, отстранување на билборди итн.), претставниците на НаТочак дадоа свои забелешки и усно, а и писмено после состанокот. 

Како надоврзување на разговараното беше пратен и дописот во продолжение кој се однесува на Буџетот на Град Скопје за 2021 година.



------------------------

Почитувани,


Задоволни сме што се обновија состаноците и што нè информиравте за тековните проекти. 

Во овој допис би сакале да ве потсетиме на некои работи кои не ги разговаравме на состанокот, но се дел од големата слика, дел се од нашите заложби, дел се од Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај (2019-2021) усвоен од Советот на Град Скопје во септември 2019, а дел се и од Меморандумот потпишан меѓу НаТочак и градоначалникот Петре Шилегов на 13.10.2017.

Интересна коинциденција е што и периодот од Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај завршува за 1 година, а исто така и мандатот на градоначалникот Шилегов.

Затоа сметаме дека следната година е многу битна за да се завршат предвидените работи со тие документи во што поголема мера. И очекуваме да биде вело-година. 
Не е доволно велосипедскиот сообраќај да се гледа како приврзок на сообраќајниците и да се спроведе само каде што е лесно, туку како стратешка определба, како задолжителен дел од сообраќајот, а не алтернативен, а за тоа да се покаже, мора да биде и буџетот повизионерски во однос на велосипедскиот сообраќај.

  • На овој линк се предлозите на НаТочак за буџетот на Град Скопје за 2021 (во понатамошниот текст: Предлозите за буџет) http://natochak.blogspot.com/2020/09/2021.html

Во овој допис се фокусираме на само неколку од точките за кои воопшто не е направено во последните години, а е дојдено времето за тоа и сметаме дека мора да се направи поместување во следната година. 
За секој од 4-те приоритети најдовме точки кои се преклопуваат во 3-те споменати документи.

Приоритет 

Предлози за буџет на Град Скопје од Наточак, доставени на 23.09.2020

План за велосипедски сообраќај 2019-2021, усвоен од Советот, септември 2019

Меморандум меѓу НаТочак и Петре Шилегов,
13.10.2017

1.     Правило за буџет за велосипедска инфраструктура

-Буџет за велосипедска и пешачка инфраструктура да е минимум 30% од вкупниот буџет за патна инфраструктура“ (по 15% од тип) - непозната е вкупната сума на буџетот за 2021 г. за патна инфраструктура.

1.1.1 Обезбедување на буџет за унапредување на велосипедската инфраструктура во Скопје 

13. Новата градска администрација се обврзува на создавање на посебен буџет за вело-инфраструктура

2.     Кеј на реката Вардар

„Продолжување на рекреативната патека на Вардар до Сарај на запад и најисточните граници на градот на исток“ - 20.000.000,00 денари.

2.2.2. Изработка на план за унапредување и проширување на велосипедската мрежа во Скопје за периодот 2020 – 2021 кој ќе опфати (меѓу другото и, н.з.):
- интегрирање на патеката по должината на реката Вардар преку рампи и мостови

7. Итно деблокирање на постоечките велосипедски патеки кај плоштад Македонија, патеката на кејот на Вардар и Стоковна Куќа Мост, создавање на повеќе рампи за приклучување кон патеката на кејот како и нејзино продолжување накај Сарај и Јурумлери.


3.     Визија за нула жртви и Зона 30

Стратешки документ за безбедност во сообраќајот - Визија нула - Визија за Скопје без жртви (Vision zero) со буџет од 600.000 денари.

1.3.1. Воведување на „зона 30“ или „зона на смирен сообраќај“ на улици во надлежност на Град Скопје во зона на образовни установи 

4. Новата градска администрација се обврзува секоја идна реконструкција на булевар или поважна улица да вклучува и велосипедско решение во просторот. Потесните улици да имаат решение за успорување на возилата за безбедно заедничко споделување на просторот (Зони 30).
10. Новата градска администрација се обврзува да постави цели за намалување на бројот на  жртви од сообраќај на скопските улици преку соодветни инфраструктурни мерки и соработка со други институции (МВР, РСБСП, ЈСП, МЖ...) за зголемување на безбедноста на велосипедскиот сообраќај.

4.     Бројачи за велосипеди 

„5 бројачи на велосипеди“ со буџет од 4.500.000,00 денари

3.2.3 Воведување на опрема за детекција и броење на велосипеди 

2. Новата градска администрација ќе ја напушти автоцентричноста како принцип во сообраќајот и ќе работи на постепено приоритизирање на пешачењето, велосипедскиот сообраќај и јавниот превоз како и поставување на велосипедска инфраструктура во сите делови од градот во соработка со останатите градоначалници. Ќе тежнее процентуалниот удел на овие типови сообраќај да расте од година во година, а на автомобилот да опаѓа

 

Коментар:

  1. И во Меморандумот и во Планот, Градоначалникот и Градот се обврзуваат на посебна ставка во буџетот за велосипедската инфраструктура. Таа ставка е важна за да се следи соодносот меѓу вложувањата во различните инфраструктури и различните типови сообраќај. Само на овој начин би можеле да се прават анализи за соодносот на придобивките vs. вложувањата. Очекуваме тоа да го видиме премиерно во буџетот за 2021, за првпат по 3 години од Меморандумот и 1 година и пол од донесувањето на Планот каде ова е предвидено.
    Во Предлозите за буџетот НаТочак предложи буџетот за велосипедска инфраструктура да е барем 15% од вкупниот буџет за патна инфраструктура како некакво мерило. 
  2. Деблокирањето на патеката на кејот, поврзувањето на уличната мрежа со патеките на кејот преку возливи рампи и продолжувањето на патеката покрај Вардар и кон запад (од Влае до Сарај) и кон исток (кон Јурумлери) е дел и од Меморандумот и од Предлозите за буџет. И во Планот за велосипедски сообраќај е констатирана потребата од интегрирање на мрежата со рампи и мостови, но после изградбата на рампата кај Холидеј Ин 2014/2015 во последните 6 години не е изградена ниту една возлива рампа која ги поврзува нивоата.
    НаТочак предлага во 2021 да се изработи проект за продолжување на патеката кон исток и запад (и доуредување на кејот), а да се изведат рампи на повеќе места. Капитални проекти не смеат да бидат само поврзувања за автомобили. Град кој се стреми да стане Зелен град мора да стави фокус и на т.н. Зелени поврзувања или greenways, како тие покрај Серава и Лепенец, така и ова покрај Вардар
  3. Посветување внимание на безбедност и воведување Зона 30 се дел и од Меморандумот и од Планот, но само за улици во градска надлежност во зоните околу школите. Немаме информација дали ова е направено. Како и да е, НаТочак смета дека Град Скопје треба да донесе Визија Нула - стратешки документ за нула жртви во сообраќајот и да издвои буџет за негова изработка за следната година, а во соработка со општините во 2021 да прогласи Зона 30 на сите небулеварски улици, според принципите од овој допис (точка 3) и следствено да почнат да се уредуваат соодветно за таа брзина.
  4. Во Меморандумот ја има заложбата за пораст на процентуалниот удел на велосипедскиот сообраќај, кој не може да се констатира без мерење (броење).
    Во Планот е предвидено поставување на опрема за детекција и броење велосипеди, а во Предлозите за буџетот НаТочак предлага одвојување на буџет за поставување на бројачи. Град кој се стреми да стане одржлив не смее да ги брои само автомобилите. Предлагаме поставување на 5 бројачи за почеток.

Во однос на останатите точки од меморандумот или има некаков напредок (велосипедски паркинзи, справување со бесправно паркираните автомобили) или пак е потребно поголемо истражување и поголем развој на велосипедската мрежа низ градот и пешачката зона во центарот за да дојдат на дневен ред (како за системот за изнајмување на велосипеди, оптимизирање на светлосните сигнали за велосипеди итн.).
Приоритизацијата на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај, пак, е нешто што најмногу очекуваме да го видиме во принципите на новиот ГУП и СУМП. Слично и задолжителноста на велосипедски решенија за сообраќајниците.

Во Планот има и многу добри точки кои се однесуваат на донесување правилници, водичи и иницирање на законски измени, обврски за задолжителен велосипедски паркинг за нови објекти во Скопје при изработката на ГУП и планови за четврт итн. кои не се предмет на буџетот, туку на политики на локално и државно ниво во рамки на тековната работа и би ги адресирале во следна прилика. 


Овој допис има намера да обрне внимание на
Предлозите кои НаТочак ги поднесе до Град Скопје за буџетот за 2021 и да направи корелација меѓу 4 од нив и претходно усвоен документ (Планот) и потпишан документ (Меморандумот). 

Се надеваме дека сите 9 предлози ќе бидат прифатени, а на овие 4 ќе се обрне особено внимание, бидејќи според нашите информации, досега не е сработено ништо на нивен план.


Со почит,
НаТочак

Неформална група на велосипедисти

natochak@gmail.com

03.  3.12.2020, Скопје


 С

*Овој документ е испратен во електронска форма до членови на Координативното тело за велосипедски сообраќај од Град Скопје и ЈП Улици и патишта.