22 May, 2013

Извештај од Критична маса #12

Велосипедот покрај тоа што е играчка за најмалите, средство за рекреација и спортување за рекреативците и спортистите, мора да почне да се третира и како превозно средство и да си го добие заслуженото место во градските политики, урбанизмот, инфраструктурните проекти. И пред се' или паралелно на тоа- и во свеста кај граѓаните. Впрочем, тоа е една и од поентите на Критична маса.

На еден или друг начин, тоа постојано го потенцираме. Но решивме Критична маса #12  да ја посветиме баш на врската меѓу точакот и градот. Преку работилница го запознававме точакот, а преку уште една Критична маса го до/ ре /пре-запознававме градот. Точакот е средство не само за превоз низ градот, но и за негово запознавање одблизу. И на КМ #12 отидовме во делови од Скопје во кои досега не сме биле.



View Критична маса - Скопје на точак #12 in a larger map


Критична маса #12 помина низ помалку и повеќе населени места, 
индустриска зона, дел од  културно-историско значење, низ зелени и низ сиви делови, низ одржувани и неодржувани, низ рамни и низ стрмни. Сите прекрасни за на точак и скоро сите без велосипедски патеки! Центар, Чаир, до Бутел на север и назад кон југ низ Топанско Поле по ридот на Кале до паркингот пред влезот во тврдината каде не' чекаше прекрасно зајдисонце и 2 мали изненадувања.

Највозрасниот и најмладиот учесник на Критична маса си добија подароци од Dragon Custom: кожни рачки за точак и тетоважа. А луѓето од СкопјеСончоГлед делеа зрна сончоглед за герила садење. Благодарност до нив што ја направија Критична маса #12 поинтересна :)


Во кутијата за донации завршија 2048 денари, а за постерите и флаерите за КМ #12 се потрошија вкупно 1010 денари. Благодарност до сите кои помагаат да биде Критична маса самоодржлива!
Благодарност и до Игор Делов кој ги дизајнираше промотивните материјали за оваа Критична маса. 

постерот за КМ #12
И секако до сите 320 граѓани (можеби и повеќе) кои ја извозеа оваа интересна рута, го запознаваат Скопје и му помагаат на Скопје да го запознае точакот.

Еве како изгледаше возењето на 12-тата критична маса низ Чаир. Многу среќни лица на точак и многу весели лица кои ни мафтаа од страните. Скопје тој ден беше поубав град.




Уште едно видео од КМ 12, некаде пред целта, на удолницата пред Кале, фиууу!


Кревањето на точаците на една од поинтересните завршни точки за КМ досега, на Кале, со поглед кон зајдисонцето. Малку не' измори рутата, ама беше ново и прекрасно искуство!


И избор фотографии од возењето:
Се собираме на плоштад
И се собираме..
Не' има многу!
Мајки, татковци, ќерки...
Дедовци и внуци... Не' има од сите возрасти!
Позирање 1
Позирање 2
Тргнуваме!
Меѓу тарабите по пешачката улица претворена во улица за моторен сообраќај!  Чекор назад :(
Малку се развлековме пред Битпазар во 3 ленти...
Ама брзо си се собравме во една :)
Прекрасните дрвореди во Чаир
И прекрасните девојки на точак :)
Ни се придружија локални дечиња кои си играа на улица. Извозеа до крај!
Низ Бутел
Поминавме и низ ненаселени зони кои ги двојат населбите..
Топанско Поле па пак Чаир

На раскрсницата спроти Американска амбасада

Долга, долга колона...

Влегуваме во Топаана
Расположени возачи! Такви ги сакаме :)
И ова е Скопје
Контрасти
И локалците на точак!
Срдечен пречек
Топаана е дефинитивно една од погостопримливите населби во Скопје
Не е во добра состојба, ама овде дефинитивно се цени и користи јавниот простор
Последната угорница...
                     
Occupy тревник за поубава позиција кон сонцето
И уште точакољупци пристигаат...
Bike power!
Подигнувањето на точаците на целта

Не ги собираше сите во обична фотографија, па мораше панорама :)
На крај: уживанции во едно магично скопско катче.
Прашајте било кој кој вози точак и ќе ви потврди. 
Точакот не само што е ефикасен, економичен и здрав за градот (=луѓето кои живеат во него), туку е и средство за негово истражување, зближување со него и уживање :)

Скопје, те сакаме!
Се гледаме на Критична маса #13!
 

15 May, 2013

Извештај од работилницата: Запознај го точакот! Сподели- научи- поправи!


Точакот е едноставна машина, генијална зашто е едноставен склоп од мал број делови. Но сепак е машина, возило, превозно средство.
Треба да се познава и одржува за да не' служи добро и долго и да немаме проблеми.
Треба да биде здрав! :)


Едноставноста, пак, овозможува некои ситни поправки да ги направиме сами, без некое големо знаење или труд.
Сервисите за велосипеди некогаш се далеку или затворени и некогаш едноставно може да ви се случи дефект кога најмалку очекувате. 


Зошто да си скратите од задоволството да се довозите со точакот до саканата дестинација само поради една обична дупната гума кога може сами за 10-ина минути да ја залепите?

Некои точакољупци знаат како да ги направат овие поправки и што е уште поважно беа расположени да го споделат своето знаење и се одзваа на нашиот повик. 

Им покажаа и објаснија на присутните како да се справат во одредени ситуации и им направија основен „преглед на точаците“, интервенирајќи онаму каде што можеа. Во ретките случаи каде што се работеше за покрупни дефекти, ги упатија кон професионална работилница. 

На 14.04.2013 во периодот од 11:00 докај 15:30 се подруживме во парк и научивме да вадиме тркало и лепиме гума, да го враќаме назад тркалото :) Оваа операција делува многу сложено, но само додека не ја направите првиот пат. А после неколку пати веќе сте и спремни да подучувате други!
Научивме да одмастуваме и подмачкуваме ланец, да штелуваме брзини и кочници и поправивме по некое седиште, ѕвонче и педали.

Еве мал фото-преглед од работилницата:
DIY реклама на платото кај Фонтана
DIY реклама на прометно место на кеј
Се чекаше и ред за поправките
Но никој не остана неуслужен :)

Идеи вредни за споделување. Дефинитивно!                              
                                   
И девојки и момци засукаа ракави тој ден, тотално нешмизловски
За една ваква работилница пред се' се потребни луѓе со желба за споделување, но и некој основен алат :)

Го заштитивме платото со картони
И тркалата со весник кога подмачкувавме...
Учевме да се грижиме за синџирот
                                      
Прво одмастување на ѕвездите, па подмачкување на ланецот
Добар е, добар, не чкрипи веќе!
                         
Свети! :)
Ја вадиме гумата од тркалото со многу едноставен алат
Учиме да лепиме скинати гуми
Го местиме назад тркалото
Учиме да штелуваме кочници
Оваа беше проблематична! :)
Паралелизација- 3 тима работат истовремено :)
Поправено и седиштето на едно мало точаче
На децата им беше најинтересно сред точаците
Но и повозрасните кога се на свој погон се подмладуваат :)
И ние сме заљубени во нашите точаци :)
Белешки, некаде во втората половина од денот. Докрај бројките пораснаа уште малку.
Но не поправме само. Игравме и фризби и имавме кооперативно шанкче под сенка ;)
Се дружевме и поминавме прекрасно и корисно попладне.
Беше интервенирано врз 20-ина точаци, а на настанот не' посетија 50-ина граѓани со или без точаци, со потреба од интервенција или само од љубопитност.

Сакаме точаци и сакаме да споделуваме. 
Па веројатно во иднина ќе има и други слични дружби.
Во меѓувреме, доколку не сте го направиле пролетниот ремонт, време е да го однесете точакот на мајстор! За да имате поглатка и побезбедна возна сезона.
Се гледаме на скопските улици со синџири кои не чкрипат, кочници кои кочат и ѕвончиња кои ѕвонат!

Ѕрн- ѕрн!

10 May, 2013

Извештај од Критична маса #11

Пролетта е во полн ек и улиците се полнат со точаци и повеќе од лани.
А ситуацијата со окупираните велосипедски патеки воопшто не се подобрува.


Во пресрет на „сезоната“, со Критична маса #11 на 27.03 и активностите околу неа го посочивме овој проблем: апсурдноста и опасноста на ситуацијата во која се доведени велосипедистите (исто и пешаците). 

Илустрирање на апсурдната ситуација, кога ќе се постави vice versa
Ни од властите, ни од своите сограѓани кои се движат со автомобил, тие не се третирани како учесници во сообраќајот, па патеките наменети за нивно движење се се' почесто претворани во легални или нелегални паркинзи, сеедно.


Credits to @medodimoski
Како една од најодговорните институции за ова прашање, ги исконтактиравме надлежните од МВР преку писмо во кое побаравме да помогнат да се почитуваат законите, а со тоа да се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

За да го популаризираме проблемот меѓу нашите сограѓани, направивме повик за собирање фотографии од непрописно паркирани возила. Албумот: За чие движење се предвидени велосипедските патеки? и покрај тоа што Критична маса #11 помина, е се' уште отворен за дополнување, како што и проблемот е се' уште актуелен.


Дополнително, преку флаери кои ги поставувавме на бришачите од лошо паркираните возила се обративме со пријателски тон кон возачите. Можеби и не знаеја овојпат, па да ги информираме :) 

Останатите пораки, тука. Благодарност до Горан Костовски- Индог за дизајнот на промотивните материјали за КМ 11!
постерот за КМ 11
Кога и ќе помислиме подобро, голем број од велосипедските патеки не се ни означени и дел од граѓаните не се свесни дека соодветната патека е велосипедска, а не пешачка. Што секако не ги ослободува од одговорност таму паркираните возачи.

Баш тој проблем со непостоењето на ознаки бил инспирација за група активисти со точаци со обичен стенсил и спреј да ги обележат патеките на некои од најгорливите локации во градот. Одговорните служби не треба многу да се потрудат и потрошат. 
Лесно е, ако се сака.


И конечно, и самото возење на Критична маса 11 беше посветена на тој проблем.
Околу 220-250 луѓе извозеа симболично по едни од најкритичните и најнебезбедни улици во Скопје за возење велосипед барајќи рамноправен третман во сообраќајот.

Временските услови беа одлични, а ние бевме погласни од било кога!
Од некаде се појави полиција, но присуството на нивните возила (за жал не со велосипеди!) не влијаеше воопшто негативно на атмосферата. Напротив, бевме погласни од било кога!
Ечеше Скопје од свирки, вувузели и слеано завивање :)
Погледнете во видеата:






Почнавме од паркингот спроти Влада за кој дознавме дека се наплаќа и покрај тоа што окупира јавна површина- велосипедска патека:

Што се случува со пешачкото и велосипедското движење тука? Не постојат?
Немаше доволно место да не' собере на „паркингот“
Едно куче во корпа и едно што трчкаше не' дружеа на оваа КМ
И неколку мали дечиња со своите родители
Многу насмеани точакољупки
Ја окупираме Партизанска
Колони од точаци го пресекуваат бул. Климент Охридски. 
Интересно беше кога колоната се пресретна во двете насоки после Кружниот тек кај Католичка црква, на ул. Митрополит Теодосиј Гологанов.


Завршивме со подигнување на точаците во паркот Јане Сандански во Аеродром.
На крајната дестинација во кутијата за донации завршија ~2537 денари од учесниците.
Точакољупци и пол! :)
Трошоците за оваа Критична маса беа вкупно1450 денари за печатењето на постерите и флаерите.


******Случувања по Критична маса #11******

На 10-ти април, пријатели на Facebook профилот на НаТочак не' информираа дека на Партизанска полицијата опоменувала непрописно паркирани возила. 
Звучеше предобро за да потрае, и за жал оттогаш речиси ништо не се променило.

Во програмите за избори почна срамежливо да се појавува зборот велосипед.
Чекаме промените да се појават и во стварноста :)

И продолжуваме да возиме и да посочуваме на проблемите!
Зашто веруваме дека добрите услови за возење точак, значат подобри услови за живеење во градот за сите!