13 March, 2022

Прашања за основниот проект за редизајнирање на коридорот на кејот на реката Вардар

По повод добиената покана на 11.03.2022 година за учество на онлајн консултативен состанок на 14.03.2022 година - „Основен проект за редизајнирање на коридорот на кејот на реката Вардар“ од страна на УНДП кои заедно со Град Скопје го имплементираат проектот „Отпорно Скопје“, го испративме следниот е-mail во знак на благодарност за поканата и како придонес кон подобра презентација и поквалитетен процес на спроведување на проектот.

Фотографија од герила акцијата „Црвен тепих за точаци“,
од која 4-тиот дел беше посветен на кејот на реката Вардар 
Повеќе: https://natochak.blogspot.com/2019/04/blog-post.html

Почитувани,

Благодариме многу за поканата.

Ја поздравуваме оваа иницијатива за консултативна средба за овој проект за коритото на Вардар, бидејќи се работи за клучно градско прашање од многу аспекти (животна средина, одржлив транспорт, рекреација, справување со поплави итн.)

Дополнително се радуваме за неа, зашто е целосно во насока на нашите заложби кои ги изразуваме со години наназад кога се работи за Вардар, а последно ги изразивме преку предлогoт бр.7 за буџетот на Град Скопје за 2022 година со овој допис.
Би сакале да потсетиме дека и во Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај на Град Скопје има точка:

2.2.2. Изработка на план за унапредување и проширување на велосипедската мрежа во Скопје за периодот 2020 – 2021 кој ќе опфати (меѓу другото и, н.з.):
- интегрирање на патеката по должината на реката Вардар преку рампи и мостови

Сите експерти кои го посетиле Скопје, без оглед дали за велосипедски сообраќај, за одржлива мобилност или за урбанизам, искоментирале дека треба да сме среќни што имаме велосипедски автопат во срцето на градот!

Бидејќи не сме сигурни дали некој наш претставник ќе може во тој термин да ја проследи презентацијата и/или да постави прашања, ги упатуваме следните прашања на кои се надеваме ќе биде даден одговор во текот на самата презентација и/или писмено. 

Нè интересира: 
  • Од каде до каде во Скопје е опфатот на проектирање, односно кои се најзападната и најисточната точка?
  • Дали по цела должина на коритото и од двете страни на Вардар е предвидена велосипедска патека и со кој стандард, дали е единствен по целиот тек или се менува (стеснува/проширува)? 
  • Дали се планира проширување на постоечката патека, особено во деловите (пр. Општина Карпош, десен брег) каде нема доволна широчина за да биде двонасочна?
  • Дали се планирани содржини за заживување на левиот брег на Вардар?
  • Дали се планирани пристапни возливи рампи кон мостовите: на булеварските мостови (на кои потребни се по 4 рампи, по 2 на секој брег за секоја страна од мостот, за да не преминуваат луѓето коловоз на мостот) и на пешачко-велосипедските мостови (на кои доволни се по 2 рампи, една на лев, една на десен брег), но и измеѓу мостовите, на места каде треба да се направат конектори кон останатата мрежа.
  • Доколку го добиеме проектот на увид, би можеле да сугерираме локации според наши анализи каде се најнеопходни возливи пристапни рампи (не за туркање велосипед). 
  • Дали се предвидени нови пешачко-велосипедски мостови (на пример имаше најава за таков од Градски Парк кон река Серава/Аквадукт) итн. 
  • Што ќе се случува со кејот на Вардар во деловите каде не е регулиран (на пример во Општина Ѓорче Петров, од фабриката Купрум кон запад), дали ќе има доволна широчина, за да има и пешачка и велосипедска патека, да не биде тесен како во Влае итн. 
  • Бидејќи се спомнува рехабилитација на велосипедската патека, дали е размислувано за поврзување со рута 11 од Еуро вело мрежата која минува од Норвешка до Грција и низ Македонија речиси целосно го следи течението на Вардар и има можност да се поврзе со Скопје (точната траса во нашата држава не е дефинирана). Ако да, потребнa e употреба на соодветни стандарди и сигнализација при изведбата на патеката.
  • Дали покрај експертско, ќе има и граѓанско вклучување во овој процес? Во најмала рака преку анкета за корисничкото искуство од досегашното користење на кејот и неговите содржини, недостатоците итн. и преку јавно изложување на дел од документацијата. 
Сметаме, поради огромната важност на проектот за Скопје и неговите граѓани, дека треба дел од документацијата да се сподели со јавноста.
Се надеваме дека ќе има и дополнителна презентација кога проектот ќе биде во завршна фаза.

Со почит,
НаТочак 
12.03.2022

21 February, 2022

Промотивни материјали за КМ #89: Колку жртви се доволно?

[дизајн: Теано Кардула]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #89.
Голема благодарност до Теано за моќниот дизајн кој е поттикнат, за жал, и од лично искуство, кое го пренесовме тука.
И двете варијанти ни беа еднакво добри, па и двете ги споделуваме во продолжение.
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија 1 за печатење: линк (.pdf)
  • Постер, верзија 2 за печатење: линк (.pdf)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ

Facebook cover, верзија 1

Facebook cover, верзија 2

Facebook event cover, верзија 1

Facebook event cover, верзија 2

Twitter cover, верзија 1

Twitter cover, верзија 2

Instagram банер, верзија 1

Instagram банер, верзија 2

Критична маса #89: Колку жртви се доволно?

Датум: среда, 23.02.2022
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: 18:30, Полициска станица, Пролет
----------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали: линк
----------------------------------
Постерот за КМ #89, дизајн: Теано Кардула

Поминаа скоро 20 дена како нашата безбедност како пешаци и велосипедисти е игнорирана од градоначалниците на Град Скопје и скопските општини. Никаков одговор!

Пред скоро 20 дена од нив побаравме да споделат информација на кој начин, во рамките на нивната надлежност, планираат да ја зголемат безбедноста на улиците за сите учесници во сообраќајот, а примарно за пешаците и велосипедистите. За жал, до моментот на објавување на настанот (петок, 18.02.2022), нема ниту еден повратен одговор од ниту еден од нив. Дали ова значи дека безбедноста на граѓаните не е високо на нивните приоритети, или можеби немаат никакви планови за донесување мерки за подобрување на состојбата на улиците или причината е нешто трето?
Познавате ли некој што настрадал во сообраќаен удар?
Како да дојдовме во ситуација кaде што секој од нас веќе познава некој кој смртно настрадал, кој има трајни телесни последици или долго време носел психолошки последици.
Ова создава атмосфера како да живееме во епидемија на сообраќајно насилство, во војна која се одвива на нашите улици, војна во која е нормално луѓе да бидат убивани и повредувани.
Не, не е нормално!
Не смееме тоа да го прифатиме!
Не е нормално човек да се плаши за детето кога е излезено надвор!
Не е нормално и покрај вакви приказни, политичарите уште да сонуваат за автоцентрични булевари, писти насред населени места, наместо хумани услови за немоторизираните учесници и смирено однесување на моторизираните учесници во сообраќајот. Не е нормално да ги сожалуваат оние кои паркираат по тротоари и да ги толерираат, наместо да ги заштитат оние кои гинат од нечие непочитување на правилата.
Институциите мора да стават акцент на превентива!
„Правењето на улиците побезбедни за луѓето е толку едноставно, што треба да биде казниво дело ако вашиот град не го прави тоа!“ Концептот Визија нула подразбира дека една човечка жртва во сообраќај е премногу. Колку жртви и одземени животи се потребни/доволни/премногу за нашите власти конечно да се заангажираат да направат промена?
Што нашите 10 скопски општини и Град Скопје планираат после црниот месец на сообраќајни удари и одземени животи?
Секој тешко повреден ранлив учесник во сообраќајот треба да го пали алармот на Град Скопје за предизајнирање на улицата/крстосницата.
Секој тип на сообраќаен удар со тешки последици треба да го пали алармот на МВР да се посвети на тие прекршоци кои носат последици и да се насочи кон сторителите, не жртвите.
Продолжувањето на оваа епидемија треба да го запали алармот и кај Обвинителстово и Судовите. Несериозното третирање на убиствата во сообраќајот праќа многу лоша порака за (не)почитување на правилата.
Законот за безбедност постои за да спречи убиства во сообраќајот. Непочитувањето на правилата при управување со 2-тонско возило може да доведе до убиство и така треба да се третира, не како обичен прекршок.
Од друга страна, концептот Визија нула подразбира дека една човечка жртва во сообраќај е премногу. 
Колку жртви и одземени животи се потребни за нашите власти конечно да се заангажираат да направат промена?
Работите мора да почнат да се менуваат!
----------------------------------
Ќе возиме по следнава рута:

<iframe src="https://www.google.com/maps/d/embed?mid=1UNwYjVjtX4VhKi1uFlnphvEYnvy5rom0&ehbc=2E312F" width="640" height="480"></iframe>


*Секој учесник вози на своја одговорност.

31 January, 2022

Што планираат да преземат за безбедноста во сообраќајот 10-те скопски општини и Град Скопје?

За безбедноста во сообраќајот има многу фактори (едукација, инфраструктура, полиција, казнена политика судство итн.), но најважно е да не дојде до судар, најважна е превентивата и тоа онаа превентива која не зависи од тоа дали е совесен учесникот, дали има полицаец или дали работи камерата. Онаа превентива која работи во 100 % од времето - ИНФРАСТРУКТУРАТА. Токму затоа, од сите можни фактори, НаТочак ја има избрано за фокус на своето делување. Има многу мала поента да се прават кампањи и да се врши едукација за предност на пешаците, или за внимателно однесување на возачите во сообраќај, или за еднаква одговорност на сите учесници, кога општините и Град Скопје не го планирале внимателно просторот за ранливите учесници, кога тие ги оставаат на маргините. Затоа после редица сообраќајни судири и удари, денес се обративме до градоначалниците на 10-те скопски општини и на Град Скопје со прашање: Какви активности планираат за зголемување на безбедноста? ------------------------------

Почитуван(a) г. _____________,


Во контекст на трагичните настани кои се случија изминатиот месец на улиците во градот и резултираа со човечки жртви и кои ја кренаа и јавноста по прашањето за кое ние како иницијатива алармираме години наназад - (не)безбедноста на скопските улици и булевари за најранливите учесници, би сакале да Ве потсетиме дека локалната власт има голема моќ и улога да превенира и овозможи високо ниво на безбедност на граѓаните кои се дел од сообраќајниот систем.


Имено, општините и Градот Скопје самостојно во рамки на законите, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење.
Безбедноста во сообраќајот, заштита на животната средина, намалување на бучавата, превентивни активности за унапредување на здравјето се она што е јавен интерес и што треба да е видливо во сите: урбанистички планови, сообраќајни проекти, инспекциски активности кои се во надлежност на општините. За жал, безбедноста како цел досега не беше доволно третирана во тие документи и активности, за да ги стави животите и безбедноста на граѓаните како приоритет.
Општините имаат речиси полна одговорност за превентивата во безбедноста во сообраќајот. Спротивно на популарното мислење дека едукацијата е врвот во превентивата, истражувањата покажуваат дека ниедна теорија не може да едуцира подобро од состојбата на терен. Иако теоријата (едукацијата) кажува дека пешаците имаат предност, кога општините ги третираат пешаците за најмалку важни при планирањето на улиците, логично така ќе ги третираат и возачите и со тоа безбедносниот систем е нарушен и теоријата го губи значењето. Состојбата на нашите улици праќа многу поголема порака од било какво убаво срочено правило и за жал, изминатиов месец тоа беше видливо на дело повеќе од кога било. 

Поради ова, дури и во најразвиените земји, за фактор број 1 за зголемување на безбедноста се смета подобрување на уличната околина и дизајнот на улиците.
Тие треба да бидат дизајнирани со луѓето и безбедноста во фокус, а не со големите брзини или бесплатното бесправно паркирање. Соочени со серија од сообраќајни судири кои резултираа и со одземени животи, би сакале да ве потсетиме на оваа ваша голема моќ и надлежност да влијаете на безбедноста на скопските улици. Поради тоа, како граѓанска иницијатива би сакале да добиеме информација дали општината ________ како еден од одговорните чинители има план на кој начин ќе го адресира овој проблем во најбрз можен рок и долгорочно, и дали во тој план се вклучени следните активности:

  • Ослободување, уредување и проширување на тротоари и воведување пешачки зони (Правото на слободно движење треба да биде гарантирано на сите. Не треба да се објаснува дека принудното движење на пешаците по коловоз ја загрозува нивната и безбедноста на сите);

  • Воведување велосипедски патеки/ленти (кое не е само добивање простор за велосипедски сообраќај, туку и смирување на брзините на возилата, скратени премини преку коловоз за пешаците итн., докажано влијае на безбедноста на сите, не само на велосипедистите);

  • Воведување на Зона 30, Зона 20 и физичко смирување на сообраќајот (со стеснување на ленти за автомобили, подигнати пешачки премини, шикани-искривувања на коловозот, микро-кружни текови и сл.).


Очекуваме да ни пратите информација затоа што сметаме дека е важно да учестувавме со мислење и предлози како иницијатива која веќе 10 години наназад предлага унапредувања во оваа сфера и алармира за небезбедноста на нашите улици.

Сметаме дека конечно треба да ја искористите и покажете својата моќ по ова прашање. Порадикални промени во тоа како го третирате и доделувате јавниот простор мора да се случат. Крајно време е да престанеме да чекаме магично да се крене свеста за безбедноста на улиците кај обичните граѓани и да почнете како институција со повисока свест да создавате поинакво однесување преку поинакви, побезбедни улици.

Знаејќи ги фактите како уличната околина влијае на безбедноста, задржувањето на статус квото и секоја автоцентрична реконструкција/проширување на сообраќајница, ќе биде предмет на силна критика.
Доволно предупредувања добивме во облик на човечки жртви. Имате одговорност и моќ и мора да направите промени. Повеќе за последните комуникации, можете да прочитате тука:
  1. Допис до општините: Пешачки, велосипедски и безбедни општини 2021 (25.12.2020 год.): Пешачки, велосипедски и безбедни општини 2021 ~ На Точак (natochak.blogspot.com)
  2. Допис до сите политички партии по повод локалните избори: 10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје 2025 (25.08.2021 год.) 10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје 2025 ~ На Точак (natochak.blogspot.com)
  3. Обраќање од НаТочак до градоначалниците на скопските општини и Град Скопје (19.11.2021 год) : Обраќање од НаТочак до градоначалниците на скопските општини и Град Скопје ~ На Точак (natochak.blogspot.com)

Со почит,

--
НаТочак
неформално здружение за урбан велосипедизам
 
За подобро вело - Скопје

blog: natochak.blogspot.com
FB: facebook.com/NaTochak
TW twitter.com/NaTochak

31.01.2022 година

26 December, 2021

Предлози за буџет на Град Скопје 2022 - НаТочак - потсетување до советниците и администрацијата

Во пресрет на седницата на која ќе се гласа Предлог Буџетот на Град Скопје за 2022 година, НаТочак се обрати преку службените mail-ови до советниците и стручните служби од администрацијата. 
Седницата е закажана за 29.12.2021 година, на истиот ден со Критична маса #88
Текстот на обраќањето го има во продолжение:
----------------

Почитувана Градоначалничка на Град Скопје, г-ѓа Арсовска,
Почитуван Претседател на Советот на Град Скопје, г-н Славески,
Почитувани вработени во администрацијата во Град Скопје,
Почитувани советници,


Би сакале да Ви се обратиме во пресрет на донесувањето на Буџетот на Град Скопје за 2022 година и да Ве потсетиме на претходните комуникации.

1. Во пресрет на локалните избори, на 28.08.2021 година, НаТочак со сите политички партии и независни кандидати за советници и градоначалници рамноправно ги искомуницира 10-те чекори до пешачко и велосипедско Скопје.
Истите се достапни во прилог, но и на линкот: 10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје 2025 ~ На Точак (natochak.blogspot.com)

За тие заложби добивме вербална поддршка од повеќето партии. Но за заложбите да станат стварност треба да се преточат во соодветен буџет. Како што вели познатиот канадски урбанист, Брент Тодериан „Вистината за аспирациите на еден град не може да ја најдете во неговата визија. Може да ја најдете во неговиот буџет.“ 



2. Поради тоа, во пресрет на донесувањето на Буџетот на Град Скопје, НаТочак учествуваше на Граѓанскиот буџетски форум организиран од Зелен хуман град на 13.11.2021 година. Тоа беше единствената отворена можност каде граѓанските организации можеа да ги презентираат своите заложби и предлози, да дискутираат и да ги достават до Советот преку советници.
Нашите предлози изнесени на тој форум беа доставени до Градоначалничката и Советот во месец ноември, доволно рано за да извршат влијание на измени на буџетот, но ги испраќаме повторно, во прилог на овој e-mail - НаТочак - предлози за Буџет на Град Скопје 2022, а достапни се и на линкот: Предлози од НаТочак за буџетот на Град Скопје за 2022 година ~ На Точак (natochak.blogspot.com)

Бидејќи предлозите се целосно во насока на справување со актуелната здравствена, климатска, економска, па и енергетска криза, очекуваме поддршка од сите советници. Го немаме веќе луксузот да проектираме автоцентрични буџети без грижа за квалитетот на живот во Скопје. 
Мораме да направиме промени. 

3. Овие 11 предлози се целосно во согласност со Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај на Град Скопје 2019-2021 кој го усвои Советот на Град Скопје во септември 2019 година, План кој има одлична структура и насоки, но кој има многу мала реализација, токму поради непредвидувањето соодветен буџет изминатите години. Таа грешка мора да се поправи. 
Планот е достапен на линкот: https://skopje.gov.mk/media/4370/predlog-plan-za-unapreduvanje-na-velosipedski-soobrakaj-2019-2021.pdf

4. НаТочак и претходните години ги комуницираше Советот и стручните служби, но без успех. 
Во 2020-та НаТочак достави 9 предлози за буџетот на Град Скопје за 2021-ва година со буџетска конструкција (достапни на линкот), а во 2019-та година достави предлози за измена на програмите и буџетот на Град Скопје за 2020-та година (достапни на линкот), без буџетска конструкција.
Ова е трет пат да комуницираме со Советот на Град Скопје и стручните служби во очи донесувањето на програмите и буџетот за наредна година и поради сето набројано очекуваме конечно прифаќање на најголем дел од нив. 

Се разбира предлозите за 2022 година можат да бидат соодветно модификувани и подобрени од стручните служби и советниците.

Со почит,

НаТочак

26.12.2021

21 December, 2021

Новогодишна Критична Маса #88: Милион желби, еден Велоград

Датум: среда, 29.12.2021
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: 18:30, Социјален центар Дуња
----------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали: линк
----------------------------------

Постер за КМ #88, дизајн: Коста Стаматовски

Последната среда од годината е резервирана за новогодишната Критична Маса. Да ја испратиме 2021 и да ја пречекаме 2022 онака како што ни е најудобно, на точак. :)


Во годинава која што беше неизвесна како и минатата, досега имавме две Критични Маси. Една роденденска која ја прославивме со првата Улица за луѓе и една летна на која баравме мерки против ноќните ѕверки и поставивме бел точак во спомен на Билаљ Љамалари. 


Крајот на годината е период во кој сите мечтаеме за подобро утре и во воздухот се чувствува надежта и вербата дека наредната година ќе ни донесе убави промени. Па така и ние си замислуваме едно подобро Скопје, одржливо, безбедно, хумано, во кое сите ќе можеме да дишиме чист воздух, да се движиме слободно и да се чувствуваме убаво во нашиот град. Ова се нашите желби за новата година.

Ние решивме да му ја олесниме работата на Дедо Мраз и направивме список со работите што треба да се направат за остварување на оваа визија.

Тоа се 10 чекори за кои не е потребна армија од џуџиња, туку волја за правење на работите на поинаков начин и менување на приоритетите.


  1. Слободни тротоари и квалитетен јавен простор

  2. Велосипедска мрежа

  3. Визија нула и Зона 30

  4. Паркинзи за велосипеди за секој нов објект и јавен простор

  5. Субвенции за велосипеди и велосипедска опрема

  6. Денови без автомобили / улици за луѓе

  7. Процедури, стандарди, транспарентност, партиципативност

  8. Систем за изнајмување велосипеди

  9. Вардарска зелена магистрала

  10. Промена на сообраќајниот систем на Скопје


Желбата останува само мечта ако не се каже гласно и ако не се работи на нејзино остварување. Затоа уште еднаш ги потсетуваме нашите нови градоначалници да ја проверат листата два пати! :)  Ние бевме многу добри. :) Педлавме неуморно, споделувавме позитивни примери од светот, укажувавме на грешки и пофалувавме квалитетни промени.


Во среда на 29-ти декември во 17:30ч се собираме на Плоштад Македонија, а завршуваме во Социјален центар Дуња на топол чај и вино. 


П.С. По желба украсете ги точаците.

П.П.С.  Ќе има и честитки со новогодишниот дизајн на крајот од рутата.




Промотивни материјали за Новогодишна КМ #88: Милион желби, еден Велоград!

[дизајн: Коста Стаматовски, stamatovski.com]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #88.
Голема благодарност до Коста за милионите желби вклопени во минимален дизајн.
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за печатење: линк (.pdf)
  • Честитка, верзија за печатење: линк (.pdf)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБЗА ВЕБ
Постер, верзија за веб

Facebook cover 

Twitter cover

Facebook event cover

Честитка, предна страна, верзија за веб

Честитка, задна страна, верзија за веб