Ги издвојуваме следните 5 поволности од еден добар (развиен и проширен низ целата територија на градот) систем за изнајмување велосипеди. Ако имате нешто да додадете или да споделите некое искуство, слободно пишете ни. Албумот го има и на Facebook.
Во контекст на потребата од проширување на системот во Скопје, го испративме и следното барање до ЈП Градски Паркинг.
1. ПОПУЛАРИЗАЦИЈА НА ВОЗЕЊЕТО ВЕЛОСИПЕД
„Еј, штом го има насекаде, оти да не пробам? А можеби точак е и ок бе?“
Кај нас го нема насекаде, не се видливи станиците, ги нема ни во сите општини, а не па по повеќе во една. Треба системот да се шири, да го има во секој четврт, луѓето да не може да го избегнат. Така велосипед во претставата на граѓаните ќе стане нешто што е прифатливо (како автомобилите кои ги гледаат на секој чекор), ќе стане превозно средство кое е ок сите да го возат, а не е резервирано за сиромашни и за по некоја супкултурна група.
Според истражување направено во Монтреал, кај граѓаните изложени на системот за изнајмување во споредба со оние кои не гледаат таков во околина, привлечноста за избирање на велосипедот како превозно средство е 3 пати поголема.
2. ПРАКТИЧЕН И ЕФИКАСЕН ПРЕВОЗ
Секаде можам да стигнам, станиците ги има насекаде. Ако процедурата е едноставна и станиците достапни: ги има пред мојот факс, во моето маало, со членската карта ќе си се качам, ќе си стигнам кај што планирам, па после може целосно да сменам план, ќе го оставам на друга станица, па ќе продолжам пешки, па ќе продолжам со автобус, нема да бидам врзан(а) како што би бил(а) со мојот точак. Вака ми стануваат достапни и можности и комбинации на кои не сум помислил(а) и нема да се решавам за кола или такси во комплицирани денови. Ако сакам да патувам со воз до Велес да имам опција да отидам со изнајмен точак на Железничка до Rent-a-bike станицата таму, не да се плашам дали ќе го украдат мојот точак во меѓувреме.
Совршенa опција за луѓе од блиските градови и населби кои работат и студираат во Скопје. Совршена опција и за помалку гужви од дневните миграции на граѓаните.
Стокхолм, на пример, е град не многу поголем од Скопје, а погледнете колку станици има.
3. ДОСТАПНОСТ И СОЦИЈАЛНА ЕДНАКВОСТ
„Во центарот на овие движења се луѓето, не велосипедите“.
Потребно е градот да се размислува не како повеќе простор за автомобили или точаци, туку како шанса за повеќе луѓе да се мобилни!
Во Македонија повеќе од било каде во развиените земји би имал значење еден добар систем за изнајмување на велосипеди, поради неможноста кај дел од граѓаните да поседуваатни точак. Цената на изнајмување во Скопје моментално е сосем прифатлива, но поради сите други неповолности, системот не служи многу да се заврши некоја работа, освен за ефтина рекреација. Точаците се во лоша состојба, нередовно се одржуваат и ги нема доволно и на доволно локации.
Градските велосипеди се јавно добро и треба да се третирани како такво, исто како јавниот превоз. Па ако има и дневни, неделни, месечни, годишни, поповолни карти за студенти и социјално загрозени граѓани , системот ќе биде уште подостапен, попрактичен и попривлечен за сите.
Се сеќавате на примерот од Бостон?
4. ТУРИЗАМ
Кога како туристи луѓето посетуваат еден град, сакаат да го доживеат одблизу. Со туристички автобус не можеш да застанеш „каде ќе ти прдне“, а пешки не можеш да постигнеш многу, особено ако си на пократко време. Точак е идеален за туристи! Плус и одржлив туризам е, им овозможува превоз на луѓето без да загадуваат.
Скопје треба да го има предвид тоа. А пред се' треба да обезбеди инфраструктура за да има каде да возат туристите и станици за изнајмување точаци пред сите клучни места за туристи: транспортни центри, плоштади, туристички дестинации.
Скопје треба да го има предвид тоа. А пред се' треба да обезбеди инфраструктура за да има каде да возат туристите и станици за изнајмување точаци пред сите клучни места за туристи: транспортни центри, плоштади, туристички дестинации.
Интересен момент последнава деценија е дека системите за изнајмување: точаците и станиците стануваат туристички атракции и сами по себе. На пример, Велиб е веќе заштитен симбол на Париз и скоро и не постои турист кој не сака да го испроба
5. СИТЕ ПРИДОБИВКИ ОД ИНДИВИДУАЛНИОТ ВЕЛОСИПЕД ЗГОЛЕМЕНИ
Намалување на загаденоста, гужвата, буката, решавање на проблемот со недостиг од паркинг места (поради одлуката луѓето да се движат со точак), поволности за здравјето и добрата физичка кондиција, повеќе насмевки на улиците, итн, итн...